Слично со некои од Тенисоновите претходни песни со тематизација на артуровски легенди („Сер Ланселот“, „Кралица Гиневра“ и „Галахад“), во „Дамата од Шалот“ наидуваме на фундаментално значајна екфрастичка димензија; според Ана Занзучи, „круната на прерафаелитската фасцинација одaртуровските мотиви е забележлива во делото на Тенисон“.
Феминистичките критичари ја анализираат оваа песна како израз на женската сексуалност и на фактичкото локализирање на прототипот на жената во викторијанската ера.
Л. Ормонд, пак, вели дека „Тенисон со оваа песна главно сакал да укаже на опасноста на самоизолацијата што еден врвен уметник си ја налага“, додека, пак, други упатуваат на неопходноста да се слави животот, односно да се ужива во неговиот свет преку нужно оптимистички оформен светоглед. Според трети, Тенисон низ оваа песна едноставно го приопштува својот светоглед за општествената поставеност на нештата, имплицитно сублимирајќи ја сопствената дистанцираност од општествените канони.
[pullquote align=”right”]Сите модуси на толкување на „Дамата од Шалот“ недвосмислено се согласуваат околу нејзината инспиративност во рамки на тогашната ликовна уметност во Англија, особено прерафаелитите[/pullquote] Сепак, сите модуси на толкување на „Дамата од Шалот“ недвосмислено се согласуваат околу нејзината инспиративност во рамки на тогашната ликовна уметност во Англија, особено прерафаелитите: 1) Вилијам Хант и Данте Габриел Росети во Моксоновото издание на избраните дела од Тенисон од 1857 г. ги илустрираат највлијателните мигови од оваа песна – Хант го слика мигот кога Дамата се свртува со цел да го здогледа Ланселот, а Росети – Ланселотовиот восхит од нејзиното „прекрасно лице“; 2) Џон Вилијам Вотерхаус ќе наслика три моменти од песната – моментот кога Дамата поаѓа за Камелот со своето бротче, моментот кога се свртува кон прозорецот за да го погледне Ланселот и моментот додека таа натажено седи и гледа во својот разбој.Хант, кој од наведената слика црпел многу инспирации за своето натамошно творештво, вели дека претставува таа обид да ја изрази целокупноста на песната, внесувајќи физички елементи/објекти што не се присутни во неа, на што ќе му замери Тенисон.
Со оглед на тоа дека главна инспирација при пишувањето на „Дамата од Шалот“ претставува артуровската легенда за Елејн од Астолат, сите попознати слики врзани за неа, како на пример ликовните дела на Луис Рид, Џ.В.Рид, Елеонор Брикдејл, Ланселот Спид, Боули, Ј. Камерон, Г. Доре итн., би можеле да се поврзат со оваа песна, синтетизирајќи ретко повеќеслоен и повеќенасочно структуриран екфразис за тие времиња.
Меѓутоа, пред да се навратиме на анализирање на екрастичните врски на „Дамата од Шалот“, заради вклопување со сижетните структури, накратко ќеја прераскажеме песната:
И до месечевата појава жетварот од умора свиснат
Трупајќи ведро јажници врз висот
Слушајќи, леко шепти „Во оваа вила
Е Дамата од Шалот“.
Во првиот дел е приопштена една пасторална секвенција во рамки на која потоа сме известени и за живеалиштето на оваа дама – замок утврден на некој речен остров. Овој мал речен остров по име Шалот неверојатно изобилува со флора од секаков вид, истовремено претставувајќи мрачен затвор за младата Дама; единствено еден стар жетвар е запознат со нејзината судбина. Реката што го опкружува овој остров тече до Камелот. Понатаму се говори за некакво проклетство, односно за клетва што ја ограничува Дамата од Шалот да го впери својот поглед во надворешниот свет. Затворена во пространата вила, таа единствено може да ја огледа динамиката на надворешниот свет, односно патниците што минуваат по недалечниот пат кон Камелот.
Таа не го знае својто ‘клетство
Та си ткае мирно
Безгрижно, со душа детска
Дамата од Шалот.
Долж небото сино, безоблачно
Камни скапоцени го светлеа седлото лачно,
Шлемот и перјето одгоре
Гореа јарко ко пламен единствен
Дур јаваше до Камелот.
Во мислите ѝ одекнува некое неодредено проклетство, кое би ја снашло во мигот кога ќе погледне накај Камелот. Затоа, за време на сиот свој заробенички престој во замокот, погледот не ѝ се одделува од необично шареноликото предиво.
За разлика од повеќето крајпатни минувачи, Сер Ланселот, кој по одредена случајност минува откај блиската патека што води до Камелот, го задржува нејзиниот поглед, испуштајќи ја и вечната клетва во која ѝ е заробен животот.
Во тој миг, Дамата од Шалот на својата душа си го фрла незнајното проклетство при забележувањето на „храбриот Ланселот“, надвор од светот на сенките генериран од огледалото, кога, прекинувајќи со предење, го упатува погледот кон Камелот. Мигот потоа, сета питорескност на сликата пред себе нагло се прелева во веќе спознатливото „клетство“ на темнината во која дотогаш била обвиена со едно единствено напукнување на огледалото.
Пајажина се разграни, низ ветрот расеа
Огледалото, потем, на две се скрши;
„’Клетството веќе ме снајде“, плачеше ко низ смеа
Дамата од Шалот.
„Кој е овој? Што има тука?“
И в палатата светла одблизу
Замре звукот на веселбата кралска;
И се прекрстија и без желба, страотно
Витезите во Камелот;
А Ланселот, замислен, рече:
„Лицето нејно во красота лечи;
Бог в милоста своја ја облече
Дамата од Шалот“.
(препев од англиски: Стефан Марковски)
Напуштајќи го замокот, среде тукушто надојдената бура, таа наоѓа бротче врз кое го испишува својот мистериозен назив – „Дама од Шалот“, пловејќи удолу до Камелот, при што пред пристигнувањето умира. За време на своето пловење, ја отпева песната со која си го предвидува крајот.
Меѓу многубројните витези што ја здогледуваат е и Ланселот, откривајќи ги своите впечатоци за нејзината божествена убавина.
Таа е облечена во снежнобела облека, со која ја „стопува“ единствено смртта, смрзнувајќи ја секоја педа од и онака оладеното тело.
Секое од четирите дела што го конституираат семантичкиот „органон“ на „Дамата од Шалот“ одразува безброј моменти чија комплексност од херменевтички аспект изискува исклучителни сликарски амбиции на препознавање на Тенисоновите намери и секако – претставување.
Полидимензионалната нота во толкувањата на оваа песна причинила огромна разнообразност во однос на нејзиното ликовно претставување – од претставувањето на „целата песна во еден миг“, како што се обидел да го направи тоа Хант, до претставата на нејзината ефемерност кај Џ. Вотерхаус.
Како што забележува Платон во „Федар“: „Кога песните и сликите се составени заедно, тие како да ти говорат, небаре располагаат со ум“… така исовремените толкувачи општо ја прифаќаат тезата дека синкретичната симболистика на самата песна на Тенисон со своите ликовни илустрации претставува говор што се одразува „самиот во однос на себеси“, налик на огледало.
Современите толкувања на симболизмот одразен во мноштвото првични слики инспирирани од „Дамата од Шалот“ впрочем ги наѕираат првите траги од симболистичкиот/ магичниот реализам како комплексно одвојување од импресионистичката поетика, настојувајќи да се потенцира инспиративноста во вид на универзално и на продуховувачко својство на предрафаелитското сликарство.
[pullquote align=”left”]Некои критичари посебно алудираат на женскиот принцип на емотивно страдање како примарен[/pullquote] Некои критичари посебно алудираат на женскиот принцип на емотивно страдање како примарен, кулминирајќи со сопствено кршење, со кршењето на огледалото што одразува сенки на реалноста што заробува.Лилијановиот цвет во раката на Дамата, симболот на невиноста и на доблеста, налик на чистотата на Дева Марија, но и на погребувањето и на духовната чистота при повторното раѓање, како и самата Дама при напуштањето на замокот, конечно се ослободува од неподносливиот стисок на смртта.
Во сликата на Џон В. Вотерхаус од 1888 г., посветена на првиот дел од оваа песна, како што сугерира Р. Кошка во својата студија „Офелија и Дамата од Шалот: визуализација на женскиот лик и глас како слика и текст“, токму скршеноста е „првата импресија што ја забележува окото на набљудувачот на овие платна“, гледајќи ги полињата со лилии.
Испуштањето на синџирот од чамецот врзан за брегот, би прогнозирал оној што би ја видел оваа слика, претставува прашање на време; мигот кога Дамата ќе го напушти оковот на своето сè уште живо тело Вотерхаус го претставил како наѕирлив во самиот нејзин стаклесто отсутен поглед, живо искрејќи вербална немост и тишина, противејќи се на смртта профетизирана од себе,на општествените окови, на прангите…
Сè уште бунејќи се на одразот на својот лик од првата половина во сега веќе искршеното, но благородно искршено огледало.
_____________
Библиографија:
1. „Офелија и Дамата од Шалот: визуализација на женскиот лик и глас како слика и текст“ – Рајна Кошка, Декември 2008 (http://www.mirage.com.mk/tekst.asp?lang=mac&tekst=170&str=5)
2. “SparkNotes: Tennyson’ss Poetry: The Lady of Shalott.” SparkNotes: Today’s Most Popular Study Guides. Web. 22 June 2011. <http://www.sparknotes.com/poetry/tennyson/section2.rhtml>.