Сакав да направам роман кој ќе урне некои конвенции на жанрот. – Јадранка Владова
Уште кога првпат го прочитав романот „Исток – Запад“, сакав да пишувам за него бидејќи ми се виде многу необичен. Најверојатно од недостиг на мотивација или од мрза, не напишав ништо, иако често размислував за него. Нашата критика и така нема пишувано ништо за романот (или јас не можев ништо да најдам), па еве, јас ќе се обидам да го скршам мразот. Мислам дека неправедно е премолчена вредноста на овој роман.
Романот (најверојатно прв епистоларен во македонската литература) изобилува со технички финти. Првото читање е доволно да се забележи необичноста на овој роман, но колку повеќе и повнимателно се чита, се откриваат многу интересни нешта: можноста за еден или за повеќе автори, најавите и плановите за романот, рамките на романот, игрите со имињата, насловите, датумите, загубените писма, видовите писма, вметнатите дискурси, намерните и ненамерните грешки и друго. Па, да почнеме.
1. Колку рамки има романот? Или: рамка во рамка во рамка во…
Мислам дека треба да направиме епистоларен роман со показна свест дека правиме роман. – Јадранка Владова
Најмалку три.
Првата рамка би била онаа рамка во која пишуваат Анастас Марков и Стефан Кралевски. Романот започнува со едно писмо(1) од Анастас до Стефан, кое хронолошки би требало да се најде неколку писма пред крајот. Писмото е датирано на 24 ноември 2002 година, а преписката помеѓу Анастас и Стефан започнува на 3 јануари 2001 година, речиси две години порано. Но, и ова почетно писмо може да биде рамка за себе или вовед во рамката во која пишуваат Анастас и Стефан. Во оваа рамка Анастас дава идеја да направат епистоларен роман, го именува романот, а подоцна паѓа и подетален договор:
„…Drugo, mislam deka treba da napravime epistolaren roman, so pokazna svest deka pravime roman (psоtmodernisticki finti dracevski!). Sakas da se obideme? Ke moras da mi odgovaras i ke bides prisilen na pisuvanjeto koe, mozebi, sega go odlozuvas. Prvata glava bi bila DOGOVOR ZA TEMATA.
I temite koi gi nafrli se odlicni. Ke go napravime li zaednickiot roman ISTOK – ZAPAD?“(2) (Исток – Запад, стр. 11).
[pullquote align=”right”]„Значи почнуваме! Ти го праќам првото писмо. Измислив дека обајцата сме мажи, а паричката треба да определи кој е женското![/pullquote]Тој заеднички роман што ќе го почнат Анастас и Стефан претставува нова рамка, втората голема рамка. Во оваа рамка или во овој роман во роман пишуваат ликовите А. и С. и сите нивни писма се напишани во курзив и со кирилица. Анастас претходно убаво ги смислува деталите околу романот:
„Значи почнуваме! Ти го праќам првото писмо. Измислив дека обајцата сме мажи, а паричката треба да определи кој е женското! (…) Ти си С. а јас А. (…) Еве ја ’рамката‘ во романот:
Мили С.,
Се сеќаваш ли дека од многу одамна се договараме да напишеме епистоларен роман?…“ (Исток – Запад, стр. 18, 19).
Одлично! Еден лик добива идеја да направи епистоларен роман со друг лик и во тој епистоларен роман ликовите се договараат да прават друг епистоларен роман. Само што е почната втората рамка во романот, најавена е и третата. Но, третата рамка не започнува веднаш, бидејќи сè уште се испреплетуваат првите две рамки. Анастас сè уште е моторот, смислува и спроведува:
„Имам издавач. МАГОР смета дека тоа влегува во нивната издавачка визија. И ќе биде ’откачен‘ роман, не грижи се“ (Исток – Запад, стр. 25).
Исто како и Анастас, и А. планира и е заслужен за романот, за третата рамка:
„Би било добро освен нараторите да ја мистифицираме и двополовоста на авторите. Но тоа подоцна. Едниот од нас ќе биде потпишан со женски псевдоним, зошто да не?“ (Исток – Запад, стр. 20).
Или:
„Ајде да го почнеме романот… Без да знаеш и јас свртев паричка. За полот на мојот наратор. (…) мене ми падна женскиот глас…“ (Исток – Запад, стр. 33).
За разлика од Анастас и од А., Стефан и С. не пишуваат редовно, пишуваат многу покусо и не внимаваат на инструкциите од партнерот:
„Напиши ми дека си фрлал паричка. И напиши ми каков ќе биде ТОЈ кого ќе го претставуваш со својот глас“ (Исток – Запад, стр. 34).
По разменети две-три писма меѓу А. и С., започнува и третата рамка меѓу Ана и С. Но, во оваа рамка С. праќа само едно писмо, додека Ана праќа прво пет, а потоа триесет (!) писма. Врската меѓу Истокот и Западот се губи. Сите овие ликови: Анастас и Стефан, А. и С. и Ана и С. се разделени. Анастас, А. и Ана го претставуваат Истокот, а Стефан, С. и С. – Западот. Како што вели Љупчо Магор на задната корица на книгата: „Истокот е упорен да ја воспостави комуникацијата, но како секогаш ’на Запад ништо ново‘“.
Кога завршуваат овие рамки, почнува нешто сосема ново и различно. Почнуваат неколку преписки меѓу издавачот МАГОР, поточно Љупчо Лазаревски, и еден од авторите, Небојша Кнежевиќ, потоа меѓу Љупчо Лазаревски и Мајкл Серафинов, повторно кратка преписка меѓу Анастас и Стефан, а во таа нивна преписка е вметната друга преписка меѓу Мајкл Серафинов и Јадранка Владова, следуваат неколку текстови од Мајкл Серафинов пренесени во оригинал, на англиски јазик, и нивниот превод на македонски јазик. Сите овие текстови Мајкл му ги праќа на Стефан за овој да му ги прати на Анастас, а Анастас треба да ја најде Јадранка и тие текстови да стигнат до неа. И кога е сè вака убаво сплеткано, се јавува уште една преписка меѓу Стефан и Мајкл, во која се наоѓа и една подолга официјална дискусија меѓу Мајкл и еден професор, Стив Мајер. По оваа збрка, следува преписка меѓу Љупчо и Јадранка и нивниот (не)договор за издавање на книгата „Исток – Запад“, повторно еден текст од Мајкл Серафинов на англиски и на македонски, па рецензиите од Елизабета Шелева и од Александар Прокопиев за романот „Исток – Запад“, кратка преписка со по едно писмо од Љупчо и од Јадранка и, на крајот, меѓу нив е последното писмо од Анастас и романот завршува со писмо од Стефан за Анастас, во кое Стефан се откажува од понатамошно учество во пишувањето на заедничкиот роман.
Според сето ова, постојат многу рамки, многу ликови, многу писма, а може да се каже и дека постојат повеќе автори. На корицата на „Исток – Запад“, слободно може да стои името на Љупчо Лазаревски или на Мајкл Серафинов.
2. За (не)намерните грешки
Нашиот роман нека се крене од загубените зборови, а не од нашиот талент. – Јадранка Владова
Додека го читав романот, често се прашував дали грешките во него се намерни или ненамерни. На 9-та страница се наоѓа писмото што Анастас му го праќа на Стефан како одговор на негово претходно писмо, во кое овој му го честита роденденот на Анастас:
„——- Original Message ——- From: Ansatas Markov <anastas@sonet.mk.com>
Sent: Friday, 20. April 2001 6:02 PM To: <stefan_k@yahoo.com>
Subject: RE: cestit rodenden“ (Исток – Запад, стр. 9)
Но, писмо со ваков наслов не постои. Писмото во кое Стефан му го честита роденденот на Анастас има друг наслов:
„——- Original Message ——- From: Stefan Kralevski <stefan_k@yahoo.com>
Sent: Friday, 20. April 2001 2:25 AM To: <anastas@sonet.mk.com>
Subject: Rodendenot, ne sum zaboravil!“ (Исток – Запад, стр. 8)
Добро, можеби оваа грешка не изгледа како намерна, туку како случајна, но што е со печатните грешки? Ќе издвојам неколку. На 11-та страница стои psotmodernisticki место postmodernisticki, на 49-та страница во едно писмо од Ана до С. стои изтакнуваат со з, а на 50-та страница има жрбет место ’рбет. Огромна е веројатноста, кога некој пишува писмо, да згреши барем една до две букви. Исто така, голема е веројатноста да се заменат с и з бидејќи на тастатурата се наоѓаат многу близу, но и да се заменат ж и `, бидејќи се наоѓаат на исто копче на тастатурата, но даваат различни знаци во различни фонтови, или левата рака да притисне копче побрзо од десната рака, па с да дојде пред о место обратно. Мојата дилема тука е: дали авторот или авторите намерно одлучиле да ги направат овие печатни грешки со цел да нè поштедат од печатната хиперкоректност, која и така е речиси невозможна, или пак грешките се навистина случајни грешки што би ги направил секој смртник при пишување на компјутер?
Дали е случајно тоа што последните писма на Анастас и на Стефан се испратени во ист ден, во исто време, четврток, 13 декември 2002 година, 7:15 часот? Писмото на Анастас е насловено: „Sreken rodenden“, а на Стефан: „Pomisli na mene? Poradi rodendenot, neli?“
Најинтересна грешка во романот за мене е букмаркерот(3) што се продаваше заедно со книгата. На овој букмаркер на врвот пишува: Изгубено писмо (страница 16) или НАМЕСТО ERRATA, а потоа на целиот букмаркер има едно писмо од Стефан до Анастас датирано на 30 април 2001 година. Писмото што е испечатено на букмаркерот навистина го нема во романот, навистина страница 16 е празна, навистина писмото е изгубено.
Пред некое време, во еден разговор за романот, од една драга пријателка, блиска до авторката, дознав дека оваа празна страница навистина била грешка при печатењето. Авторката се нервирала, издавачот се обидувал да го реши проблемот и по некое време ја добил идејата за букмаркерот на кој ќе биде испечатена страницата што по грешка недостасувала. Идејата била прифатена и проблемот решен.
Мене ми е многу поинтересно да си мислам дека оваа грешка била намерна, дека авторите и издавачот се договориле да остават една празна страница во романот, едно загубено писмо, и тоа да го испечатат како букмаркер, но да кажат дека е errata.
3. За видовите писма или вметнатите дискурси
Зборовите се важни за оние што се обележани од литературата. – Јадранка Владова
Во овој епистоларен роман, покрај електронските писма што ликовите си ги праќаат меѓу себе, има и други видови писма, кои функционираат како вметнати дискурси. Такви се: букмаркерот; писмата на Ана и на С., кои, иако се испратени електронски, претставуваат обични(4) писма напишани на старата добра хартија; стиховите од Хајне, песната од Јосип Ости и некои извадоци од древни мудрости што Ана ги запишува во некои свои писма до С.; на страница 82 се наоѓа едно писмо од Анастас напишано на салфетка на свадбата на еден негов пријател; неколкуте текста на Мајкл Серафинов пренесени на македонски и на англиски јазик; текстовите од Стив Мајер и од Вендел Бери, кои се исто така на англиски и на македонски; рецензијата на збирката кратки раскази „Промена на системот“ од Мајкл Серафинов, повторно на македонски и на англиски јазик; на крајот, двете рецензии за книгата, поточно една препорака од Елизабета Шелева и една рецензија од Александар Прокопиев и можеби има уште. Премногу за мојот вкус, затоа не би пишувала повеќе за ова. Сметам дека е набројувањето доволно, а освен тоа, нетрпелива сум да почнам со прашањето за тоа што е најинтересно за мене во врска со романот „Исток – Запад“.
4. Постои ли Небојша Кнежевиќ?
Би можеле сè да иссимулираме. – Јадранка Владова
Постои! Бил студент на Катедрата за македонска книжевност или на Катедрата за македонски јазик пред неколку генерации. Не зборувал многу. Бил тивок, кроток. Сега можеби е во Америка, на Западот. Ова исто така го дознав од онаа пријателка што ми кажа за букмаркерот.
Но, јас не го оспорувам идентитетот на Небојша. Моето прашање се однесува на Небојша Кнежевиќ како автор на романот „Исток – Запад“. Да видиме некои интересни цитати од романот во врска со ова прашање:
„Можеби ново би било да кажеме, на крајот, дека двојноста била измама и да ги збуниме читателите со тоа што ќе бидеме двајца автори на корицата?“ (Исток – Запад, стр. 14).
„Би било добро освен нараторите, да ја мистифицираме и двополовоста на авторите“ (Исток – Запад, стр. 20).
„Мислам дека нема да можам да ја поднесам таа двојна и тројна мимикрија – немам сила за толку ’гласови‘!“ (Исток – Запад, стр. 81).
„Ми требаше ’чист дијалог‘ за романот без наратор и сакав да биде навистина дијалошки. Само ќе беше посигурно ако едниот глас не беше заминат во Америка“ (Исток – Запад, стр. 144).
„Драги Љупчо, би можеле сè да иссимулираме. Дека Небојша е мистификација која ме мистифицирала мене, дека јас пишувам…“ (Исток – Запад, стр. 144).
[pullquote align=”right”]„Би било добро освен нараторите, да ја мистифицираме и двополовоста на авторите“ (Исток – Запад, стр. 20).[/pullquote]
Значи, според ова, постои можност Небојша Кнежевиќ да фигурира само како име на корицата, но поверојатна е можноста, како што се гледа во последните два извадока, Небојша да бил автор на дел од романот, но подоцна комуникацијата со него да е изгубена. Како што се случува и со некои ликови во романот. Се губи врската меѓу Истокот и Западот. Тука најверојатно се случува и пресвртот, т.е. промената во романот, тука се уфрлуваат Љупчо, Јадранка, Мајкл… Романот бил пред откажување, како што кажува Љупчо Магор на задната корица од книгата. Во едно од писмата, Јадранка се извинува поради тоа што нема да стигне да го „фати“ рокот и предложува да се откажат. Но, Љупчо е упорен, ги влече сите конци и, на крајот, каков-таков, романот излегува, а Небојша Кнежевиќ се наоѓа на корицата како коавтор. За крај на овој дел сакам да посочам на еден мал извадок од задната корица на романот напишан од Љупчо Магор:
„Роман, сепак, имаме. Имаме?
Се очекуваше Небојша Кнежевиќ да се јави пред книгата да влезе во печат. Тоа што неговото име, сепак, е на корицата, можете да го протолкувате на повеќе начини. Не навлегуваме во тој тип слобода која е само Ваша“ (Исток – Запад, задна корица).
5. За понатаму
И ќе биде „откачен“ роман, не грижи се. – Јадранка Владова
Според мене, ова е навистина откачен роман, иако не ве придобива лесно од прва. Треба многу внимателно да се чита, да се прочитува и да се исчитува.
Уште многу работи ќе останат недопишани, недокажани, зачнати. Може да се пишува и за двојноста, за односот на ликовите, за ликовите-референти, за метајазикот, за алузиите, за автореференцијалноста и за што ли уште не. Но, во овие страници доволно е и ова. Другото останува за понатаму.
___________________________
ФУСНОТИ:
[1] Во текстов ќе го употребувам терминот писмо, иако не станува збор за класично писмо, туку за електронска пошта. [2] Цитатите од романот ќе се трудам да ги пренесам со оригиналниот фонт (малку потешко) и поддршка. [3] Не ми звучи убаво обележувач на страници, па затоа одлучив да стои букмаркер. [4] Не обични како не вредат ништо посебно, туку како класични писма, неелектронски.
Користена литература:
1. Владова, Јадранка; Кнежевиќ, Небојша; Исток – Запад, Скопје, 2002
2. Eko, Umberto: Granice tumačenja, Beograd, 2001
3. Еко, Умберто; Шест прошетки низ наративните шуми; Скопје, 2005
4. Андоновски, Венко (приредувач); Судбината на значењето, Скопје, 2007
5. Chatman, Seymour; Story and Discourse, USA, 1989
6. Bal, Mike; Naratologija, Beograd, 2000
7. Вангелов, Атанас (приредувач); Теорија на прозата, Скопје, 1996
8. Принс, Џералд; Речник на наратологија, Скопје, 2001
9. Bray, Joe; The Epistolary Novel – Representations of Consciousness, UK, 2003 (електронско издание)