Хемингвеј препорачува: Читајте ги Толстој, Достоевски, Флобер…

Kнижевни дела што секој книжевен почетник би требало да ги прочита...

Книжевниот нобеловец и еден од најважните американски писатели на 20 век, Ернест Хемингвеј, во 1934 година составил попис од книжевни дела што секој книжевен почетник би требало да ги прочита, меѓу кои се романите на Толстој, Ман, Стендал и на други славни колеги.

Ernest-Hemingway-007Во пролетта 1934 година, 22-годишниот Арнолд Самуелсон, кој студирал новинарство на Универзитетот во Минесота, тргнал кон југот на САД, поточно на Флорида, каде што сакал да го пронајде својот книжевен идол, Ернест Хемингвеј. Идниот нобеловец тогаш живеел во Ки Вест, а Самуелсон го обожавал неговиот расказ „Едно патување напреку“ (One Trip Across), кој подоцна ќе стане дел од најпроблематичниот роман на писателот, „Да се има и да се нема“. Самуелсон на врвот на Големата депресија тргнал на неизвесен скитнички пат од едниот на другиот крај на Америка за од Хемингвеј да добие совети за тоа како да стане писател.

Кога стигнал во Ки Вест, Самуелсон морал да спие на улица, поради што наскоро бил уапсен, па секоја вечер спиел во локалниот затвор, од кој набргу потоа бил пуштен. Младиот студент тргнал во потрага по Хемингвеј, веројатно најпознатиот жител на Ки Вест, кој го повикал на разговор, по што сфатил дека пред себе има огромен обожавател.

Хемингвеј го советувал книжевниот почетник да се натпреварува со оние автори чии дела го преживеале тестот на времето, па му го испорачал и својот попис на книги што би требало да се прочитаат. На почетокот се наоѓаат два расказа од американскиот писател Стивен Крејн, „Синиот хотел“ (The Blue Hotel) и „Отворениот брод“ (The Open Boat), а потоа следуваат Флоберовата „Мадам Бовари“, збирката раскази „Даблинци“ од Џемс Џојс, Стендаловото „Црвено и црно“ и двата класика на Толстој – „Војна и мир“ и „Ана Каренина“.

joyceОчигледно дека Хемингвеј сепак не бил одвоен од модата, па на листата го ставил и романот „За човековото ропство“ од Сомерсет Могам, кој денес баш и не котира премногу добро, но ги препорачал и „Буденбркови“ од Томас Ман, „Браќа Карамазови“ од Фјодор Михајлович Достоевски, „Оркански висови“ од Емили Бронте, како и поетската антологија „Оксфордска книга за англискиот стих“ (The Oxford Book of English Verse). Од поезија ја предложил и збирката „Огромната соба“ (The Enormous Room) на Е. Е. Камингс, но и книгите „Здраво и збогум“ (Hail and Farewel) од Џорџ Мур, „Многу одамна“ (Far and Long Ago) од В. Х. Хадсон, а листата ја заклучува со романот на Хенри Џемс, „Американец“.

Хемингвеј на Самуелсон му го позајмил и својот роман „Збогум на оружјето“, замолувајќи го да му ја врати книгата затоа што тоа бил единствениот примерок од изданието што го имал. Младичот го направил тоа утредента и, кога се чинело дека понатаму секој ќе тргне по својот пат, Хемингвеј му понудил на Самуелсон да биде чувар на неговиот брод. Своето искуство со дружењето со Хемингвеј Самуелсон подоцна го опишал во интересната книга „Со Хемингвеј: една година во Ки Вест и во Куба“ (With Hemingway: A Year In Key West And Cuba).

Превод од хрватски: Ѓоко Здравески

Извор:  tportal.hr

Напишано од
More from РЕПЕР
Современичката на Елиот и Паунд
Превод на песни од поетесата која со своето пишување вовела поинаква перспектива...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *