Ана Ростокина


Warning: Attempt to read property "post_excerpt" on null in /home/echqdumm/public_html/reper.net.mk/wp-content/themes/simplemag/formats/format-standard.php on line 28
Ана Ростокина е родена 1986 година во Москва. Дипломирала српски и англиски јазик во Москва и српска книжевност во Белград. Пишува поезија и кратка проза, преведува од и на руски, српски и македонски.

anarotАна Ростокина е родена во 1986 година во Москва. Дипломирала српски и англиски јазик во Москва и српска книжевност во Белград. Пишува поезија и кратка проза, преведува од и на руски, српски и македонски. Кога не патува, живее во Белград.

 

 

 

 

 

 

 

НИШТО НЕ ИСЧЕЗНУВА

 

***
На Никола Маџиров

Ништо не исчезнува:
сите патишта што сме ги поминале,
сите соѕвездија што сме ги разгледувале пред спиење,
сите траги што сме ги оставиле.

Авионите по кои сме гледале,
возовите за кои сме задоцниле,
сите капки дожд на стаклата од сите случајни автомобили,
цртите на патиштата што стануваат испрекинати линии
на нашите сопствени неми карти.

Некаде во кинотеката на нашите сништа
сѐ уште се чува птичјото перо
пронајдено во прво одделение,
и шеќерната волна,
и пуштениот балон.

Остануваат
играчки паднати зад мебелот,
лузни на колената,
дамки на фармерките од неовдешна трева.
Старите шпици пуштиле корења
во нашите тела
и брезов сок ни тече низ вените.

Ништо не исчезнува:
напролет татковината ќе испупи под кожата.
Летописите се напишани со ѓонови
на страниците на градовите
и зајдисонцето
секогаш се прелива во боите на нашето детство.

Ништо не исчезнува, ништо.
Морињата, кога испаруваат, им ја враќаат водата на изворите,
и ние, како и планетите, имаме свои орбити,
кои не ги насетуваме.

 

СКИТНИЧКА

Мојот родителски дом го проголта земјата
Татко ми замина во крајот на предците
и, се колнам, не се сврте назад
Мајка ми носеше ново бреме
Јас погледнав наоколу и видов пат
патот ме влечеше

И стапнав на таа патека
Одев со раскрвавени стапала
Одев губејќи ги работите една по една
додека не го исфрлив сиот товар

Лицата на градовите остануваа на мрежницата на моите очи
Срцето ми се полнеше со луѓе
луѓето ги подаваа рацете
И нигде не посакав да останам

Одев, сонцето изгреваше и заоѓаше
Ластовиците исцртуваа знаци по небесните белини
Ветрот шепотеше на својот јазик
Почнав да разбирам одделни зборови

Дојдов до брегот на една широка река
Се загледав во водата и не се препознав себеси
Се свртев и продолжив да одам

И одев низ населени места, но не зборував со луѓето
Децата викаа по мене и фрлаа камења
Возрасните ми го вртеа грбот
Одев не застанувајќи, не гледајќи го патот
Ветрот шепотеше, сфатив дека ми шепоти мене

И дојдов до брегот на една широка река
Се загледав во водата и не видов ништо

И со години веќе кружам во темнина
Напипувајќи ја оската на своето вртење
А моите мртви лежат којзнае каде
Моите мртви лежат и не стануваат
Моите мртви се претворија во камен
Моите мртви се претворија во прав
Моите мртви сосем исчезнаа

И ќе ги поминам сите земни патишта
Ќе ги соголам стапалата до коска
Ќе ги заборавам човечките зборови
Ќе дојдам до брегот на последната река
Ветрот ќе ме викне, јас ќе се одзвам

И ќе паднам како зрело семе од гранка
Водата ќе ме земе и ќе ме понесе
Ќе допливам до центарот на кругот
„Гледај, веќе стигнав“
И тој ќе се отвори и ќе ме прими во себе

Превод од руски: Ѓоко Здравески и Ана Ростокина

 

УТРЕ

Во меѓупросторот помеѓу сонот и јавето
продира треперлива светлост
помеѓу склопените трепки
помеѓу спуштените ролетни
Знам: тоа се прикрадува утре
Утре кон кое треба да се патува долго долго
низ утринската магла
низ смогот над Сава
Тоа е утре што те дочекува на пероните за доаѓање,
кај црвената говорница
со нападните таксисти Циганите арамиите
Утре зашеќерено со снег во прав
Тоа е утре полно јата птици и празни колосеци
Утре што секој своето го носи со себе
замотано во мрсна хартија од бурек
Тоа е утре во кое се фрлаат вчерашните карти за трамвај
и се полнат џебовите со нови надежи
Утре што нѐ поткрадува за еден ден
прикривајќи ја измамата на сончевите зраци
и свежиот ветар
Тоа е огромно утре со лажливи обриси
Тоа неумоливо
подмолно утре

Тоа утре во кое ти не постоиш

 

***

Многу е тажно сето тоа.
И само понекогаш ќе се запали
понекое светло во мракот.
Дали ме гледаш? Дали ме слушаш?
Кој е тој што гледа? Кој е тој што слуша?

Ноќта се спушта на градот
како мрачен молк.

Многу е тивок нашиот град
деновиве.
Само мирис на липи
се шири по улиците
како невидлив телеграф.

Придушен дамар во слепоочниците.
Светла во човечките мравјалници.
Слепи светларници.
Се развлекуваат преку покривите детските сништа
полни млеко и приспивни песнички.
Меките мачкини шепи на лимот
никого нема да разбудат.

Младата мајска ноќ
се спушта на младиот коријандер
во саксијата, на терасата.

Созрева тајна
во зрно грашок.

Само понекогаш ќе се запали
понекоја ѕвезда во Големата Кола.

Дали ме гледаш? Дали ме слушаш?
По небото се шири молк
и болно удира
во ушната школка.

Превод од српски: Ѓоко Здравески

Тагови од објавата
1
Напишано од
More from РЕПЕР
Обични приказни (За „Ге-дур“ на Тамара Јолевска-Попов)
Литературата создава светови. Тоа ѝ е работа. И секогаш две работи се...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *