Еден агријанско-пајонски град на Пчиња, Кумановско


Warning: Attempt to read property "post_excerpt" on null in /home/echqdumm/public_html/reper.net.mk/wp-content/themes/simplemag/formats/format-standard.php on line 28
Денес ве водам во дел од одамна исчезнатиот свет на Агријаните. Ќе видиме еден агријански град што цветал во раната антика на брегот на реката Пчиња...
Sl-2-MlNagoricGrPlanimetrij
Младо Нарогираче – планиметрија (изработил: В. Лилчиќ)

Археологот што ги допира предметите оформени во далечното минато е првиот што на тој начин контактира со умот и со мислите на луѓето што одамна ја напуштиле патеката под златножолтите сончеви зраци.

Историјата се труди да не манипулира со минатото, но бројни се примерите што нѐ уверуваат дека аналитичарот-историчар или ги фали прекумерно непостоечките подвизи на владетелот или, пак, ги искривува и ги ублажува фактите за неговите порази.

Токму затоа археолошките артефакти и недвижните археолошки творби ја нудат највистинската археолошка вистина за моментите низ кои чукале срцата на предците на современите народи на сите места од Земјината топка.

Денес ве водам во дел од одамна исчезнатиот свет на Агријаните. Ќе видиме еден агријански град од железното време што цветал во раната антика на брегот на реката Пчиња и исчезнал во виорот на келтско-галската инвазија на почетокот од III век пред н.е.

lilcik1
Акропола од исток
5 OdAkropolata kon Istok
Од акрополата кон исток

Кои биле Агријаните?

Најсеверниот народ на големата популација на Пајонците. Најверниот народ-сојузник на античките Македонци. Најсеверните чувари на раноантичката медитеранска балканска цивилизација. Најлојалните и најборбените воини-специјалци во македонската војска под Александар III Македонски, но и подоцна, во војските на македонските кралеви од втората династија на Антигонидите (1).

Историчарот Страбон во својата седма книга истакнува дека не само реката Стримон (Струма) туку и реката Аксиј (Вардар) извира од областа каде што живееле Агријаните (2). А тоа значи од Вруток во Гостиварско – низ Полог и низ Скопско.

Агријаните во архајскиот, во класичниот и во хеленистичкиот период населувале голема територија, која денес ја покриваат подрачјата на Полог, Скопско и Кумановско, Крива Паланка, Косово, Јужна Морава, Софиското Поле и на Ќустендилско (3).

6 Odbranbena fosa
Одбранбена фоса

И кога Александар III Македонски се враќал од походот на реката Истар (Дунав), во 335 година пред н.е., поминал низ земјите на Агријаните, потоа на Пајонците, за потоа по долината на реката Еригон (Црна Река) да дојде до градот Пелиј, јужно од Лихнидското (Охридското) Езеро(4).

Учените се обидуваат да ја дефинираат линијата на неговиот марш, но тешкотиите произлегуваат од драстично скусениот опис на Аријан, кој не изнесува речиси никакви детали освен поменот на агријанскиот крал Лангар. Имено, агријанскиот крал Лангар „…токму тогаш се погоди кај него со својата телесна стража, најдобрите и најдобро вооружените војски што ги имаше. Кога разбра дека Александар се распрашува за Автаријатите, кои се и колку се на број, велеше дека не се достојни ни за споменување, зашто се најневоинствени (απολεμωτατοι) од сите племиња што се наоѓаат таму; и самиот тој да беше навлегол во нивната земја, повеќе ќе се грижеа за сопствените работи“(5).

Фанула Папазоглу смета дека Александар Македонски се враќал преку Софија – Ќустендил – Стоби, а и Николас Хамонд слично ја предлага линијата Софија – Ќустендил, потоа, или преку Скопско или преку Штип, за Стоби кај утоката на Еригон (Црна Река) во Вардар (6). Тоа би значело дека Александар со војската секако поминал низ пределите на Крива Паланка и на Кумановско, та веројатно и покрај агријанскиот град на локалитетот Градиште на Пчиња.

7 Gradot od akropolata
Градот од акрополата

Каде била престолнината на агријанскиот крал Лангар?

Во науката, досега најголемо внимание на проблемот на простирањето на древните Агријани посветила Викторија Соколовска. Од нејзината студија за пајонското племе Агријани и за врските со Дамастион (7) можеме да научиме дека агријанската територија во архајскиот и во класичниот период поседувала околу осум цивилизациски јадра, и тоа: косовскиот регион, Јужна Морава, Полог, Скопско, Кумановско, Кривопаланечко, Софиското Поле и Ќустендилско. Во овој контекст, се прашуваме дали оваа состојба може да има релации со податокот на Аријан, според кој агријанскиот крал Лангар бил придружуван од своите најдобро вооружени војски, кои тој ги собрал од наведените осум агријански региони?!?

Поголемите агријански градови што археолозите ги истражувале се наоѓале на локалитетите: Кале кај село Кршевица близу Врање, Ораовица кај Прешево, Градиште кај Бразда, Исар кај Студеничани. На исток – градот на локалитетот Кракра кај Перник.

Ако ги имаме предвид регистрираните високи цивилизациски квалитети на фортификациските периметри околу споменатите агријански градови, потоа локалното производство на движни предмети, а особено квалтетниот луксузен увоз од јужните егејски производни центри, очигледно се издвојуваат градовите кај Кршевица (Врање), кај Бразда и кај Студеничани во Скопско (8).

Прашањето за престолнината на кралот Лангар сепак засега останува отворено, но веќе се наѕираат некои од кандидатите раноантички градови за неговата убикација. Градовите кај Кршевица, Бразда, Студеничани или кај Перник. Со археолошките истражувања на споменатите локалитети во последните децении, создадена е можност да се изработи пообемна елаборација на ова прашање, кое во моментов излегува од границите на овој прилог.

8 Akropola od zapad
Акрополата од запад

Јужно од кралството на Агријаните, во подрачјата на средното Повардарие и по долината на реката Астибо (Брегалница), во раната антика било оформено моќното кралство Пајонија, со кралската династија од Агис, Ликеј, Патрај, Авдоелон, Леон и од Дропион (9).

Овие пајонски кралеви ковале сопствени сребрени монети, а владееле од засега сѐ уште непознатата престолнина, која ќе се идентификува со археолошките истражувања во наредните децении, несомнено на еден од нивните поголеми градови: Билазора на Градиште кај селото Кнежје, Астибо на Исарот кај Штип или можеби Аударист на Градиште кај селото Дреново.

Историските и археолошките податоци говорат за големите моменти на експанзијата на кралството на Агријаните во VI, V и во IV век пред н.е. (10)

Кон крајот на IV век пред н.е., пајонската заедница на Агријаните, која веројатно останала без водство, ја анектирал пајонскиот крал Авдолеон (ок.. 315-ок. 285-4 г. пред н.е.).(11)

А потоа, во бурниот почеток на III век пред н.е., под влијание на инвазијата на Келтите и, веројатно уште повеќе, на инвазијата на Дарданците, Агријаните го губат егзистенцијалниот примат во матичните територии во Косово, Полог и во Скопско и Кумановско(12).

Имено, Агатархид од Книд наведува дека кај Дарданците имало луѓе што поседувале по илјада и повеќе робови (13).

Ф. Папазоглу се обидува детално да го објасни овој невообичаен феномен, меѓутоа не помислувајќи дека тешко е да се очекува некаков галопирачки наталитет на Дарданците, па за толку кусо време да ги населат големите новоосвоени пространства(14).

9 JuznaOdbranbTrasa
Јужна одбранбена траса

Дарданците тргнале од матичната земја западно од долината на реката Бел Дрим, за едно кусо време на почетокот на III век пред н.е., секако користејќи го демографското празнење од страна на младите Агријани, кои масовно заминале во походот на Александар III кон Азија и особено во келтската инвазија на Балканот во 280-279 година пред н.е. Тие, имено, ги освоиле подрачјата на Косово, на Јужна Морава, веројатно на Полог, потоа на Скопско и на Кумановско.

Во тој контекст, помислувам дека зад податокот на Агатархид од Книд, според кој некои Дарданци поседувале по илјада и повеќе робови (доулои), веројатно се кријат токму автохтоните агријански жители, кои на Дарданците им биле попотребни живи и покорни во нивните освојувачки стремежи кон пајонските и кон македонските цивилизациски центри. Бидејќи тешко е да се поверува дека едно релативно мало племе, со сѐ уште недоволно дефинирана железновременска култура, имајќи ја предвид матичната територија од приближно 80-90 х 60-70 километри, што значи на максималните 6300 километри квадратни (15), ќе си дозволи толкаво внатрешно класно диференцирање.

* * *

Во Кумановско меѓу раните агријански утврдени населби се истакнуваат повеќе гратчиња и тврдини. Некои од нив се наоѓаат на археолошките локалитети: Веља Глава (село Руѓинце), Липец (село Мургаш), Градишки Врх (село Градиште), Градиште (село Пелинце), Градиште (помеѓу селата Младо Нагоричане и Макреш), Костоперска Карпа / Жеглиговски Камен (кај Младо Нагоричане) и други помали утврдени населби.

Агријанската култура во Кумановско заживува особено во железното време, при што е забележливо оформувањето мали и големи утврдени населби, делумно покрај прастарите патишта по долините на реките, на пример на Пчиња (Пелинце и Младо Нагоричане), потоа на значајни крстопати, каква што била утврдената населба Каљиште – Спомен Костурница кај Куманово, но и на издвоени повисоки ридести платоа со широки визури (Костоперска Карпа кај Младо Нагоричане, Градиште, Мургаш и Веља Глава кај Руѓинце).

Меѓутоа, се забележува дека во класичниот период цивилизацискиот примат го понесуваат градовите покрај Пчиња. Во таа смисла особено се истакнува гратчето на Градиште кај Младо Нагоричане.

Првиот помен на стариот град на Пчиња во литературата со лаички опис го изнесува Јован Хаџи Васиљевиќ (16). Тој вели: „Каљиште во село Војник. На меѓата на селата Војник и Стрновец се наоѓаат остатоци од тврдина. Во преданието на околното население сочувано е сознанието дека тука во старо време биле касарни и воени логори. Многумина сакаат да знаат дека тука седел кралот-цар Стефан и дека ја учел војската на талимот. Многумина го толкуваат оттука и името на селото Војник“.

10 KoridorVokarpi
Коридор во карпи

Меѓутоа, м-р Зоран Георгиев е првиот сериозен истражувач на овој археолошки локалитет, кој ја снимил планиметријата на гратчето, ги опишал релјефот и недвижните археолошки остатоци и документирал и интерпретирал импресивен фонд од движни археолошки наоди, пред сѐ утилитарна и репрезентативна садова керамика од локално производство и од увоз, прв ја дефинирал хронологијата на културните хоризонти на овој град, и тоа од раното бронзено време, потоа од железното време, од класичниот и од раниот хеленистички период (17).

Моите истражувања спроведени на овој локалитет беа изведени во рамките на проектот „Археолошка топографија на старите градови и тврдини во Република Македонија“ на Филозофскиот факултет во Скопје во партнерска соработка со ЗГ Центар за археолошки истражувања „Скопје“, во текот на септември 2012 година и во февруари и март 2013 година (18).

Овие истражувања главно ги потврдија сознанијата и заклучоците на З. Георгиев. Меѓутоа, успеавме да откриеме и археолошки наоди што му фрлаат дополнителна светлина на градскиот карактер на Градиште од класичното време и од раниот хеленистички период.

11 BazaodHramDel
База од храм (дел)

Локалитетот, според катастарскиот лист „Страцин лист 7 Ј 12, бр. 62, КО Младо Нагоричане – 11“, и покрај тоа што се наоѓа на левиот брег на Пчиња, спроти селото, потполно припаѓа на атарот, т.е. на катастарската општина на Младо Нагоричане, а не на селото Маркеш, кое се наоѓа на брегот на соседната река, Петрошница.
Археолошкиот локалитет Градиште се наоѓа 4.4 километри источно с/и од Костоперска Карпа (Жеглиговски Камен), т.е. од централниот дел на Младо Нагоричане, и 1.9 километри северно од мостот преку реката Пчиња на магистралниот пат Куманово-Крива Паланка.

Тоа е низок рид, позициониран веднаш до самиот лев брег на реката Пчиња. Има издолжена форма во правец запад-исток ј/и. Највисоката кота се наоѓа во источниот акрополен дел, изнесува 383.4 метри над морето. Нивото на реката е 320 метри, што значи дека разликата изнесува точно 63.4 метри. Најниската кота на западната точка на периметралниот одбранбен ѕид над самата река изнесува приближно 360 метри, а нејзината височина над речното ниво изнесува 40 метри.

Највисокото плато на ридот на источната страна било посебно фортифицирано и ја претставувало акрополата. Таа има приближно трапезоидна форма со централно овално плато и вкупна површина од околу 0.35 хектари. Била голема околу 75/65 х 58 метри. На споменатото доминантно плато, големо приближно 50 х 30 метри, бил подигнат храмот на градското божество. Откривме мошне малку негови делови. Имено, на јужната падина регистриравме дел од една база за колона, истркалан надолу. Се работи за фрагмент од базата, изработен од црвеникав вулкански андезит, со профилација на торус и на трохилос. Нема плинта, а не е јасно дали над торусот има уште еден трохилос и втор горен торус. На самиот северен раб на акрополата откривме три мали бронзени штита – омфалоси, кои биле аплицирани како декорација на главната порта на храмот. Централните делови на два од нив се благо испакнато рамни, додека во центарот на третиот има додадено кус испакнат шилец.

12 OmfaliodPorta
Омфалоси од порта

Опис на градската површина западно од акрополата

Другиот дел од градот се шири на издолженото плато кон југ и особено кон запад. Теренот е наведнат кон југ и поблаго кон запад. Вкупната големина на градот изнесува 200 х 100/70 метри, а површината 1.4 хектари. Линијата на одбранбениот ѕид е видлива по должината на северната страна, каде што се гледа во вид на остар раб, девастиран на неколку места со рецентни укопи на воени единици, за кои подетално известува З. Геогриев во наведениот труд. Меѓутоа, одбранбениот ѕид на јужната страна бил речиси потполно девастиран под дејството на ерозијата што се одвивала во текот на повеќе од два милениума.

Најмногубројни движни археолошки наоди на локалитетот претставуваат фрагментите и особено деловите од садовата керамика. Регистрирани се мал број фрагменти од бронзеното време. Побројна е керамиката од железното време, а се препознаваат форми од архајскиот период, како што се раните форми на кантароси, рамни покривни тегули од лаконски тип, бојосани со црвеникаво кафеава боја.

21 Piksida1
Пиксида

Керамиката од класичниот период е исто така многубројна, застапена со леснопрепознатливите форми на амфори, кантароси, скифоси, чинии со заоблен раб, со прстенести дна и со колонетен кратер, хидрии, потоа разни форми на грниња. Сивата т.н. пајонска керамика е застапена со определен, не посебно голем процент. Откриениот дел од висококвалитетната пиксида, декорирана со орнаменти, ленти и со точки со густ црн фирнис, несомнено претставува увоз од југот, можеби од Коринт или од Атина.

Металните предмети се исто така застапени. Регистриравме 14 бронзени т.н. железновременски петлици со полукалотеста форма. Потоа, ѕвездеста декоративна апликација, делови од лентести белегзии, два бронзени предмета со непозната намена, можеби вид накит. Дел од рачка на мала ситула. Потоа, два поголеми (124.00 грама и 100.93 грама) и четири помали (25.28 грама, 25.17 грама, 18.55 грама и 16.40 грама) оловни тегови во форма на плочки. Повеќе аморфни оловни парчиња, како и лентести оловни сегменти што служеле за составување скршени керамички садови, во кои се чувало претежно зрнеста храна. Регистрирани се парчиња од испечен глинен леп со отисоци од трска, со кои биле градени куќите на предисториските, на протоисториските и на раноантичките жители на Градиште.

52 PiramidniTegoviRazboj
Пирамидални тегови

Единствено двата регистрирани пирамидални керамички тега, кои служеле во процесот на изработка на ткаенини, како и фрагментот на чинија од типот „tera sigilata“, се чинат подоцнежни и претставуваат наоди што сведочат за продолжетокот на егзистенцијата во гратчето во подоцнежно време.

Меѓутоа, посебно внимание привлекува малата оставина на пајонскиот крал Авдолеон, со 13 сребрени монети.

Уште З. Георгиев регистрирал една сребрена драхма на Авдолеон на Градиште. Тој уште во 1990 година ја забележал и силната ерозија што ги поткопува, ги развлекува и ги девастира културните хоризонти кон јужната падина. Имено, токму на ерозијата се должи невидливото откривање на старите станбени објекти до рамништето на нивните подови, што верувам и придонело да ја откриеме споменатата оставина. Оставината е откриена на околу 20 метри југозападно под акрополата.

Оваа оставина, впрочем како и драхмата на Авдолеон спомената кај З. Георгиев, ја потврдува претпоставката на В. Соколовска (19) дека пајонскиот крал Авдолеон ја приклучил територијата на Агријаните кон Пајонија.

Ваквата констатација понатаму ја потврдува, на пример, и наодот на една сребрена драхма на Авдолеон во остатоците на агријанскиот град на археолошкиот локалитет Исар – Кале кај скопското село Студеничани (20).

Оставината од Градиште, Младо Нагоричане, се состои од две тетрадрахми, една дидрахма и од десет драхми, сите на пајонскиот крал Авдолеон (21). На аверсите од сите монети го гледаме ликот на божицата Атина во круг со зрна. Единствено на дидрахмата е ликот на Атина во профил со подигнат коринтски шлем на главата, додека на другите монети ликот на божицата е претставен во анфас. На реверсите на сите монети гледаме фигура на пајонски коњ во зрнест круг во параден од кон десно. Коњот е зауздан, а делот од јажето најчесто е слободно виснат надолу. Единствено на едната тетрадрахма над коњот е претставена ѕвезда со осум зраци. Единствено оваа монета го нема монограмот „АУ“, додека на сите монети го гледаме името на кралот (ΑΥΔΩΛΕΟΝTOΣ), без титулата крал (ΒAΣIΛEΩΣ).

Sl 1 AgrijanskoKralstvo
Агријанско кралство

Како што е познато, Авдолеон, во периодот по смртта на Аександар Македонски, поточно околу 306-5 година пред н.е., по примерот на дијадосите, и самиот се прогласил за крал (22). Тој во 285-4 година пред н.е. од градот Атина добил титула почесен граѓанин затоа што ги снабдил атињаните со жито во моментите на опсадата на градот од страна на Деметриј I Полиоркет.

Во врска со времето на депонирање на оставината, сметам дека била скриена несомнено поради инвазијата на Келтите во 280 година пред н.е.

Претпоставувам дека токму при келтската инвазија можеби привремено згаснал животот во градот на Градиште кај Младо Нагоричане. Велам привремено затоа што во текот на површинските истражувања откривме еден фрагмент од квалитетно изработена чинија од т.н. самоски тип од подоцнежно, хеленистичко/римско време. Како животот да запрел во текот на III и на II век пред н.е. и потоа, некаде во I век пред н.е., некој повторно да се населил во урнатините на гратчето покрај Пчиња.

Според тоа, можеме да сметаме дека животот на Градиште се појавил во бронзеното време. Не знаеме дали имало континуитет кон железното време. Локалната заедница наеднаш се зголемила и оформила град што цветал во доцното железно време / архајскиот и класичниот период, сѐ до почетокот на III век пред н.е. Меѓутоа, истакнувам дека нашите истражувања беа површински. Верувам дека голем број од досега изречените дилеми и прашања ќе се решат доколку се преземат и се реализираат систематски археолошки ископувања на извонредно богатиот археолошко-културен трезор Градиште кај селото Младо Нагоричане, Кумановско.

Viktor

Авторот е археолог и универзитетски професор

 

_______________

ФУСНОТИ

1 N.G.L.Hammond & F. W. Walbank, A History of Macedonia, Oxford 1988, 32, 35, 38-40, 44m 46, 48, 50, 53, 61, 89, 105, 468, 515, 529, 542, 617; В. Соколовска МАА 11, 19, со цитирана литература во ф.н. 56-57.

2 Стр. VII. фрг. 36, според В. Соколовска, Пајонското племе Агријани и врските со Дамастион, Macedonia acta archaeologica, бр. 11, Скопје 1990, 18, ф.н.. 47.

3 В. Соколовска, о.ц., 18-20.

4 Arr. I. 4-5: Arijan, Aleksandrova Anabasa, Skopje 2000, превод на македонски: Маргарита Бузалкова-Алексова.

5 Arr. I. 5.

6 F.Papazoglu, Srednjobalkanska plemena u predrimsko doba, Sarajevo 1969, 79; N.G.L. Hammond & F.W.Walbank, о.ц., 40.

7 В. Соколовска, о.ц., 9-34.

8 В. Соколовска, о.ц., 19-20; Микулчиќ, Старо Скопје со околните тврдини, Скопје 1982.

9 Е. Петрова, Пајонија во II и I милениум пред н.е., Македонска цивилизација & Музеј на Македонија, Скопје 1999, 1-255; Е. Павловска, Монетите на Пајонија, Народна банка на Република Македонија, Скопје 2008, 1-104.

10 В. Соколовска о.ц., со цитирана литература.

11 В. Соколовска о.ц., 19.

12 В. Соколовска о.ц., 21.

13 F. Papazoglu, 1969, 368, ф.н. 157.

14 F.Papazoglu, о.ц., 368-372.

15 Види ја картата бр. 1 кај В. Соколовска, о.ц., карта бр. 1 по стр. 16. Инаку, Ф. Папазоглу, о.ц., 372, истакнува дека територијалната површина на Дарданците изнесува 25-30.000 км2, при што веројатно мисли на максималното дарданско протегање заедно со новоосвоените територии.

16 Ј. Х. Васиљвич, Кумановска област, Београд 1909, 414.

17 З. Георгиев, Три предримски населби крај Пчиња, Годишен зборник на Филозофскиот факултет во Скопје, бр. 17-18, Скопје 1990-1991, Градиште – Макреш, 94-97, План 2, сл. (табли со илустрации и технички цртежи) 4-6.

18 Во теренските истражувања учествуваа кандидат магистер Ѓорѓи Кипровски, кандидати студенти по археологија Стојан Стојков и Велко Ѓорѓоровски, потоа Јелена Маневска-Лилчиќ, Оља Стојкова и Ана Ѓорѓоровска. На ова место јас најтопло им заблагодарувам за сторените напори и за соработката во текот на истражувачките експедиции на локалитетот.

19 В. Соколовска 1990, 19.

20 Н. Шелдаров, Македонија и Пајонија, Колекција Шелдаров, Скопје 2003, 148-149, бр. 774.

21 Тежините на монетите изнесуваат: тетрадрахмите: бр. 1 – 12.56 г; бр. 2 – 12.58 г. дидрахмата: бр. 3 – 6.18 г. драхмите: бр. 4 – 3.01 г; бр. 5 – 2.98 г; бр. 6 – 3.01 г; бр. 7 – 2.90 г; бр. 8 – 2.99 г; бр. 9 – 3.02 г; бр. 10 – 3.00 г; бр. 11 – 3.07 г; бр. 12 – 3.11 г и бр. 13 – 3.07 г.

22 Е. Павловска, 22, ф.н. 82.

Галерија со наодите од локалитетот

1
Напишано од
More from РЕПЕР
Правилни и неправилни множински форми
Примерите со неправилни множински форми од ваков вид неретко ги среќаваме како...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *