Во првиот миг кога го „чувствуваш“ видеозаписот на „Стринг Форсис“, те води во една несвесна идеологија на создавање на Новиот човек. Можеби на прв поглед ова звучи премногу езотерично и за „избраните“, но „Причина/Предумисла“ има сосема јасна порака – да ја почне основата со првиот чекор, од себеси кон Другиот.
Симболично, во текстот провејува дихотомијата на ирационалното пов(р)едување, чистината на духовното наспроти преполноста и манипулацијата на материјалното. Централниот лик е уморниот Прометеј, кој носејќи оган ја дава својата жртва (себеси) во еден тежок пат до вечното, до етеричното.
Да разбереш некого, а истовремено да го растуриш, како дланка земја, е реалната слика за она што Човештвото си прави само на себе. Во целосна форма, видеоспотот, песната и самиот текст звучат како извојувана тешка битка и, конечно, сите синџири се кршат, а заоѓа старата смисла. Се раѓа ново човештво во целост, но со себе ги носи сите прашања за причините за стравот. За болката, за патетиката, за глумењето себеси пред Другиот.
Пред-умислата е во првиот чекор во патувањето од другата страна. Распнувањето и одновото раѓање како референца кон месијанството, кон спасителството, ја охрабрува сликата за прочистената одново родена надеж, која го носи спокојот. Тој е иднината, а стравот е пред-умисла за создавање. Од грчот се случува раѓањето. Копирањето на свеста, кастрацијата, како антрополошки осведочен ритуал, канонот на поставувањето некаква археоснова и кодирањето како конечен отпечаток го прават овој концепт во најсвежа форма да звучи како враќање на себеси, а истовремено да го демистифицира митот на вечниот Човек. Секој е траен, има точка на постоење и на умирање, на меѓувремено раслојување. Во тој пат што го (в)одиме, препреките се истовремено и предизвици.
Интересно е што, во целост, приказната звучи љубовно. Отповикливо. Тера на нов инает, на врска со внатрешниот збир емоции што рудиментирано траат и чекаат да бидат зграбени од Другиот, оној наспроти нас, како набљудувач, кој ги има нашите движења. Мајсторски изиграно, целиот набој во лирична смисла, ги создава Песната и смислата. Пред-смислата или умислата. Во создавањето ново време, оваа песна ги прави мудрите чекори реферирајќи на себе како структура.
Потпевни ме, проштално продади ме – со самото извојување нови звучни простори, „Стринг Форсис“ ни ја (про)даваат својата енергија во полн состав и тоа изгледа и звучи навистина преродувачки!