Лов

Последниот филм на Томас Винтерберг,„Лов“, кој беше номиниран за „Златна Палма” во Кан, е едно од поамбициозните изненадувањa кои ни доаѓаат од европската почва од минатата година.

The_Hunt_(2012_film)

Последниот филм на Томас Винтерберг (Thomas Vinterberg) „Лов“ (The Hunt), кој беше номиниран за „Златна Палма” во Кан, е едно од поамбициозните изненадувањa кои ни доаѓаат од европското тло од минатата година. Сепак не успеа да се закити со „Златна Палма” , но затоа, пак, освои три награди во Кан, меѓу кои едната беше за најдобра глума. Исто така ја доби наградата за најдобро сценарио на фестивалот „Европски филмски награди” кој го организира „Европската филмска академија”.

The Hunt e филм кој ни раскажува приказна за животот на еден воспитувач во градинка, кој се вика Лукас (Mads Mikkelsen), во едно приградско место кое се наоѓа во Данска. Тој е разведен, живее сам и има право да го посетува син му само четири дена во месецот. И покрај тоа, Лукас добро се соочува со таквата ситуација сè додека не биде затекнат со еден посложен проблем. Еден ден, пристигнувајќи на работа, Лукас ќе биде повикан од директорката на установата, во нејзината канцеларија, за да биде известен дека едно од децата во градинката се пожалило на сексуално злоставување од негова страна. Набрзо дознава дека детето кое се пожалило е всушност ќерката на неговиот најдобар пријател.

Филмот понатаму нè остава во дилема, поради елипсата во сценариото. Моментот на изоставување на најбитната ситуација која, условно кажано, треба континуирано да следи во нарацијата е многу вешто изведен. Приказната полека добива динамика, а неизвесноста е постојано присутна до крајот на филмот. Дали воспитувачот го извршил срамниот чин или, пак, малата Клара намерно лаже затоа што се почувствувала повредена поради невозвратеното внимание при еден пријателски гест од страна на Клара кон Лукас, кој се случува на почетокот на филмот. Моралната дилема се јавува кај повеќето од главните двигатели на приказната, нивните меѓусебни релации на моменти се разлабавуваат, на моменти се затегнуваат.

Медс Микелсен (Mads Mikkelsen), одлично си ја изработил улогата како протагонист во приказната, а од останатиот дел од екипата ниту еден не потфрлува. Во филмот речиси и воопшто да не е употребена филмска музика, но тоа не само што не пречи туку и одлично кореспондира со ладното и пусто место каде што се одвива филмот. Сепак The Hunt не е само обична психолошка драма која има за цел да разреши и прикаже судбини на неколку луѓе, туку допира и во подлабоките слоеви на човековата душа кои се отсликуваат преку колективното мнение, во овој случај, на тамошното население.

Преземено од filmskasekcija.blogspot.com

Напишано од
More from РЕПЕР
Сеќавањата на последниот опинчар
Постојат повеќе вида на опинци: македонски, српски, хрватски, турски, бугарски и грчки....
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *