(Елена Пренџова: Живот под ѕвездите, Скопје: Македонија презент, 2012)
„Живот под ѕвездите“ на Елена Пренџова е впечатливо поетско писмо, во кое авторката на умешен начин создава „ѕвездени“ пораки за внатрешниот и за надворешниот свет на женското битие. Поезијата за оваа млада поетеса е живот, а постојаното растење и созревање низ линијата на егзистенцијата е распостилање на мислата исткаена на „ѕвездениот јазик“ на поетската реч. За поетското „легло“ на Пренџова може да кажеме дека е интимистичко, длабоко емотивно, а формата е лапидарна, разиграна и модерна. Низ ѕидовите на кусите и сугестивни просторни песни провејува духот на женската душа, а патоказ е споделената интимност овде и сега. Низ стиховите-калиграми провејува духот на длабоката исповедност на чувствата што непресушно истекуваат од вулканот на копнежливото срце. Поетските пораки се создадени како сентенции на сензитивноста на внатрешното и на надворешното око. На оваа авторка ѝ се иманентни копнежот, како главен именител на женскоста, и женскиот треперлив глас, низ кои се слушаат темите за: љубовта, осамата, тагата, празнината, светот и егзистенцијата…
Книгата е структурирана во 2 циклуса: „Урбанки“ и „Наивки“. Во првиот циклус, „Урбанки“, во песните („Политика“, „Демократија“, „Филозофија на животот“, „Маркетинг“, „Барби“ и др.) провејува гласот на урбаните лирски субјекти што копнежливо трагаат по возвишеноста и по високите идеали во урбаната стварност што ги опкружува. „Урбанки(те)“ се дел од урбаниот простор, меѓутоа се гласни критичари на консумеризмот што ги уништува духовните вредности. Затоа, лирскиот субјект во песната „Демократија“ афирмативно ни вели: „Јас сум граѓанин на Светот / Светот е во мене“ („Демократија“). Да се биде „Урбанки“ значи да се носи светот со себе, но и тој свет да се движи и да се менува на подобро.
Во песните од вториот циклус, индикативно насловен како „Наивки“, авторката низ гласот на „наивното“ дете говори за љубовта доживеана и видена низ чистината на детските очи. Во песните („Горка љубов“, „Здравица“, „Љубовна“, „Јас и ти“, „Оргазмична“, „Мојот маж“ и др.), „Наивки(те)“ си поигруваат со љубовта и со интимноста, пакувајќи ги во детско невино пакување. „Наивки(те)“ веруваат во возвишената и чиста љубов, а на крајот љубовта е згасната ѕвезда, како во песната „Завист“ („Сонцето ме згасна со грст песок“).
Наградениот поетски ракопис на поетесата Елена Пренџова никнува од дилемите на животот, а љубовта кон Другиот, кон човекот, кон светот – создава поетско соѕвездие. Пренџова преку четвртата поетска објава потврдува дека „Живот(от) под ѕвездите“ е адут за ново издигнување во македонската поетска висорамнина.
Авторката е магистер по филолошки науки