Препознатливиот седумосмински такт го имаме во крвта

Да ја насочиме својата енергија на конструктивната и на креативната страна. А знаете зошто? Затоа што малку нѐ има.

reper

На самиот почеток, благодарност до редакцијата на „Репер“, која ми даде можност да го кажам своето видување за уметноста, за културата во Македонија, која треба да биде претставник на една држава. Медиумите имаат големо влијание во промовирањето на уметноста, но и на здравата критика, која, на некој начин, е филтер за добрите проекти. За опстојувањето сме потребни ние, уметниците, да ја продолжиме традицијата на културата во Македонија. Иако сме држава со два милиони жители, имаме еден значаен број квалитетни уметници што потекнуваат од ова поднебје. И треба да има. Раритетот и препознатливиот седумосмински такт ги имаме во крвта. Ама треба да умееме како да го искористиме сето тоа.

Спојот на креативноста и еснафот е еднаков на мојата професија, оперското пеење. Професија во која нема средина, која те бара комплетен на сцената. Но каде се македонските оперски пејачи во морето од информации што нѐ бомбардираат секојдневно? Секоја чест на индивидуалците, но… операта е тимска работа. Барем јас така гледам на работите. За да се успее како целокупен производ, нам ни недостасуваат професионални менаџери со јасна визија за својата работа. Сега се поставува прашањето: каде е МОБ на светската мапа на театри? Тоа зависи од умешноста на менаџерскиот тим и од поддршката на власта за нивните планови и проекти, односно од поставувањето актуелни дела, кои ќе ги реализираат уметници од Македонија и од странство, сѐ со цел да се добие квалитетен производ што ќе може да се понуди на балканските и на светските сцени. Само тоа е начинот да се успее.

Кога станува збор за креативноста, операта е уметност преку која поединецот може целосно да го покаже својот уметнички израз, содржински и карактерно. Вложувањето во една оперска улога мене лично ме чини многу, но никогаш не постоела и не може да постои калкулација. Едноставно, сцената те бара.

Но не смееме да дозволиме уметноста да се преточи во каква било политичка креација. Во ова време, мораме да најдеме начин уметноста да ја канализираме чиста. Без какви било додворувања и убаво искажани зборови. Едноставно, да им ја оставиме политиката на политичарите. Тие тоа најдобро знаат да го прават. Да ја насочиме својата енергија на конструктивната и на креативната страна. А знаете зошто? Затоа што малку нѐ има. Да се потрудиме да произведеме уметници што ќе го одат патот понатаму…

И онака постои голема празнина од уметници и од пејачи што треба да застанат и да го носат железниот репертоар. Тие не доаѓаат преку ноќ, туку се создаваат. Каде? На сцената. И само таму. Мене ми е многу жал што не знаеме да го почитуваме своето. Затоа, да не дозволуваме сите нови генерации уметници својот леб да го бараат надвор. Овде е садницата на гласови и на квалитет, тука треба и да остане. Во оваа глобализација сѐ се зема некако генерално. Јас не го сакам тоа. Дајте акција, дејствување! Единственото нешто што ме охрабрува е идејата на актуелниот менаџер на театарот, која е идентична со моето размислување. За поздрав.

Авторката е оперска пејачка -сопран, првенец на Македонската опера и бает

Фотографија: Никола Матоски

Напишано од
More from РЕПЕР
Заминувањето/патувањето како тема во дел од помладата македонска поезија
(Ќе од Мане Манушев и куќичка за птици-преселници од Ѓоко Здравески)
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *