Симболика

Сѐ во уметноста доаѓа само по себе, секогаш. Инспирацијата е околу нас и непрекинато треба да ја бараме околу себе.

troche1

Скопје, 2013, март.

Четврток, 8.00 часот наутро. Треба да почнам аналитички да работам над текстот ПОБЛИСКУ од Патрик Марбер. Тоа ќе биде следниот проект на ТЕАТАРОТ ОД 2-ИОТ КАТ. Станувам рано за да имам подолг ден во анализата на текстот и на улогите во него. Додека во кујната го варам кафето, насмевка се обликува на моето лице, сеќавајќи се на вчерашниот разговор со мајка ми, која ме искара кога ѝ соопштив дека ќе го работам ПОБЛИСКУ.

– Што убаво наоѓаш во тој текст, бе синко? – нервозно, но добронамерно подвикнуваше мајка ми.

Јас најдобронамерната реакција на мајка ми апсолутно ја разбрав, затоа и молчев кога ме „караше“. Единствено, добронамерно се смешкав, со до половина лице со затворена уста.

Кафето е готово. Го оставам да се излади во кујната. Одам во работната соба. Го отворам компјутерот. Таму, ме чека мејл.

From: HardToExplain@gmail.com – To: paktmdk@yahoo.com
Subject: Vazhno e!!!
Vojo, mi treba tekst za mojata modna revija. Sakam, da napravime teatarski akt na revijata.Koga ke se vidime ke ti raskazham vo detail. Baraj me, shtom go vidish mailov, da se dogovrivme da se vidiem, shto e mozhno pobrzo!!Inache, aren?
Pozdrav,
Kate.

From: paktmdk@yahoo.com – To: hardToExplain@gmail.com
Subject: Од Војо
Kate, mozheme da se vidime ushte denes. Vo 13.30 da se najdeme kaj spomenikot na Majka Tereze na Ul. Maedonija?Ke ruchame nekade, pa ke mi raskazhesh za shto se raboti?
Pozdrav,
Vojo

Подоцна, истиот ден.

13.30 часот. Кате Попева и Марија Дацевска, познати низ градов како HARD TO EXPLAIN, ме чекаат кај Мајка Тереза. Јас, невообичаено за мене, доцнам 3 минути. 13.33 е часот. Двете, нормално за нив, најавангардно облечени, како и секогаш. Не сме се виделе подолго време, па поздравувањето трае малку подолго од вообичаеното. Седнуваме во еден ресторан на Улица Македонија. Почетокот на разговорот е вообичаената конверзација: „Кај си, ш’о си? Старо – ново? Марио што прави?“ (Марио е син ми, за оние што не знаат). Порачуваме ручек. Мексиканска храна. Се здебелив од вкусови. По неколку интересни парчиња разговор, Кате почнува.

Кате: Ни треба текст за модната ревија за Skopje Fashion Week. Нашата ревија е на 5 април од 20 часот. Тоа е за 3 недели отсега. Сакам да напишеш текст на темата ГРАДИНА НА МЕЧТИТЕ. Идејата е дека треба да се опишат неколку цветови и нивната симболика. Ќе имаме неколку модели што ќе носат ваков вид гардероба, а и фризурите ќе им бидат со бубачки, со дрвца и … Сакам текстот да е што попоетичен за да се долови длабочината на приказната што сакаме да ја раскаже преку оваа ревија.

Јас: Во ред. Мислам дека разбрав. Ќе се потрудам што е можно побргу да бидам готов. Деновиве ќе гледам да ја поставам идејата и постепено да ѝ навлезам во детали. Како основа, ќе ја ставиме љубовта како вечна тема. Двајца на клупа во градина во која има цветови.

Марија: Одлично, ми се допаѓа. Почнувај што е можно побргу.

Кате: И мене ми се допаѓа. Се надевам дека ќе излезе убаво…

troche2

Ручекот и нашата пријателска средба завршија. Отидов во театарот да мислам на оваа тема. Вадам неколку листови, на кои цртам цветови. Низ главата ми се врти фактот што ми ја наложува поезијата како линија, а треба да е дијалог. Гледам во една точка и си го напнувам мозокот. Немам ниту една идеја како да започнам. Ништо, станувам, ги оставам листовите и одлучувам да ѝ се препуштам на ритмиката на животот, која сама ќе ми каже што треба да напишам.

Сѐ во уметноста доаѓа само по себе, секогаш. Уметникот/артистот никогаш не треба да го напушти обврската дека треба да создаде уметничко дело. Инспирацијата е околу нас и непрекинато треба да ја бараме околу себе. Таа сигурно е тука и чека на нас.

Во продолжение на неколку денови, мислам на темата. Постојано со велосипедот вртам низ градов и посетувам неколку „градини“ низ Скопје за да ја најдам вистинската формула. Наидов на неколку ситуации, но ништо целосно не ме допре за да седнам и да напишам.

И така, една неделна квечерина, додека ја слушав трагедијата на Џони Кеш во неговиот израз, како од ведро небо, наплива дожд од текстуална инспирација врз мене. Го отворам компјутерот и го запишувам насловот – ДВАЈЦАТА НИЕ – и потоа, за помалку од 90 минути, го пишувам целиот текст.
И така, одеднаш, напишан им го праќам на Кате и на Марија да го прочитаат.

From: paktmdk@yahoo.com – To: HardToExplain@gmail.com
Subject: tekstot!

(Целиот дијалог помеѓу ТОЈ и ТАА е снимен аудитивно. За време на дијалогот, двајцата не отвораат уста, заради симболичноста во нивниот разговор, т.е. разговорот на нивните срце, душа, тело, мозок.Говори само телото – синхронизирано со говорот.)

ДВАЈЦАТА НИЕ

(моден перфроманс)

(Тивка музика, која доаѓа од непознат правец. Градина. Клупа. Сонце. Покрај клупата, велосипед OLD TIMER, потпрен на клупата. На средината на сцената има тројца актери, кои со преплетени гранки на себе симболизираат дрво. Лежат на земјата. Низ целата сцена има расфрлано рози. ТАА седи на клупата. ТОЈ влегува на сцената со книга во раката. Застанува. Гледа во неа. ТАА станува од клупата и гледавтренчено во него. Снимен говор – како ТАА навистина да му се обраќа.)

ТАА:
Те барав. Насекаде те барав. Поминував одовде, ја здогледав празната клупа и знаев дека ќе дојдеш. Знаев дека тука ќе те најдам. Се прашуваш како знам? Ова е единственото место на кое мечтаеш да седиш и да размислуваш. Се прашувам за што ли размислуваш… Понекогаш се надевам дека размислуваш за нас двајцата?! Молчиш? (пауза) Зошто? (пауза,погледнува во книгата) Што е тоа?

ТОЈ:
(Оди до клупата. Седнува до неа. И ТАА седнува.)
Поезија.

ТАА:
Која?

ТОЈ:
Борис Пастернак.

ТАА:
Сигурно ја читаш поемата СРЕДБА?!

ТОЈ:
Прекрасна е. Во неа танцуваат непознатите зборови, кои во мојата глава создаваат сопствено значење и тежат повеќе отколку што навистина тежат. Сакам да сум поет. Сакам да сум поет и да напишам поезија за двајцата нас. Ќе ја насловам ДВАЈЦАТА НИЕ и ќе нѐ помножам и ќе нѐ поделам со сите симболики што ја красат оваа градина.

(Пауза. Музиката станува сѐ погласна. Дрвото почнува да се раѓа со ритамот на музиката. Дрвото пораснува целосно. Моделите почнуваат да излегуваат. Дијалошкиот говор и музиката се преплетуваат. Светлото станува црвено, портокалово – симболизира љубов и сонце)

troche3

ТАА:
Погледни го дрвово. Ајде да му смислиме име. Подоцна. Суштината на нашето постоење се крие во оваа целина. Има корен. Стебло. Гранки што на средината од стеблото се раздвојуваат секоја нa својата страна и што завршуваат во бесконечност. Коренот е мајчината утроба. Стеблото е созревањето. Раздвојувањето од стеблото е осамостојувањето. Вечноста на сите ни е ветена. Препознаваш?

ТОЈ:
Се разбира дека препознавам.

ТАА:
Колку цветови препознаваш во оваа градина?

Два, само два.

Јас и ти. ДВАЈЦАТА НИЕ.

Сѐ друго е љубовта и нашата симболика во неа, во цветовите, во солзите, трепетот, стравот, среќата…
Љубовта ќе ја оставам за крајот, затоа што ТИ си мојата прва и последна љубов. Вистинска. Единствена. Нашата љубовна сага ќе ја оставам последна да истанцува во оваа моја фантазија наречена ДВАЈЦАТА НИЕ.

(Го погледнува. Се насмевнува. Го гали по телото.)

ТИ. ТИ се викаш Јасмин. Прекрасно. Името ти е Јасмин. (се насмевнува) Убав си. Но не си елегантен. Стравувам од твојата убавина. Ме прави да се чувствувам вознемирено. Знам дека нема потреба да се вознемирувам, но ја говорам вистината.

(Пауза.)

Чудесно е тоа што името ти е Јасмин. Зар не? ТИ воопшто не си благороднички елегантен, иако твоето име во ботаничката симболика точно тоа го означува. (Се гледаат) Елегантен си? Не, не си. Јасминот е благороднички елегантен цвет. ТИ, ТИ си страст, љубов, сензуалност, горчина, суштина, но не и елегантен…

(Пауза, го гледаат цветот на страста.)

ТИ… си како овој цвет. Цветот на страста. Твојата страст е потресувачка. Безбојниот сок што потекува од твоите очи во оваа врела страст те прави да си посебено влијателен, како ова чудесно растение. Потта што го влажни моето тело ја исцедува целата твоја страст, која се насобрала во мојата суштина. Ние се спојуваме и стануваме целина. Создаваме. Создаваме живот. Создаваме цветови, кои ќе изникнат во нашата градина…

(Го погледнува.)

Трепериш? Немој да трепериш. Не вреди да трепериш. Треперењето е знак на откинување. Јас не сакам да си откинат. Ми требаш. Остани. Остани да ти кажам дека ТИ, за мене ТИ си како овој ирис. Ме плениш со сета своја инспиративност, со енергијата што ја даваш. Во миговите кога ме напушта инспирацијата, доволно е и само да помислам на тебе, на нас, веднаш станувам полна со желба и со потреба за создавање добри дела. ТИ, ТИ си како ирис, инспирираш и повеќе од сокот на инспирацијата што тече низ жилите на стеблото на овој ирис. Кога изгрева сонцето, ми се олеснува душата, со секој сончев зрак. Ми дава да дишам потполно и целосно ме насмевнува…

ТОЈ:
А месечината?

ТАА:
Месечината е како страста. Ја чекам да се наполни за да можам да ја предизвикам волчицата во себе. Да гледам бистро во темната ноќ и да ги измешам своите сокови со твоите.

(Станува. Доаѓа до ѓумбирот –до моделот што се движи.)

Погледни го овој ѓумбир. Целиот е горделив и зрачи со ентузијазам. Ме потсетува на тебе кога најмногу ми требаш. Кога на потребата ѝ е потребна твојата, нашата љубов. Во тие моменти, помислувам на главата крената и на горделивоста што ја носиме во нас. Твојата гордост, мојата гордост, гордоста дека сме заедно, е како овој ѓумбир.

(Се враќа на клупата. ТОЈ се смее, пријатно му е. Двајцата се гледаат во очи. Стануваат. Се прегрнуваат. Силно. Страсно. Моделот станува, заминува. Ревијата продолжува.)

Ах, еве го хибискусот. Погледни го како зрачи со својот стас, со својата убавина. Навистина, кога некои велат дека хибискусот има деликатна убавина, не грешат.

troche5

ТОЈ:
ТИ си како хибискусот, ТИ имаш деликатна убавина.

ТАА:
Те молам, немој да ме срамиш. Нели рековме дека јас ќе зборувам за тебе и за тоа на што личиш од оваа прекрасна ГРАДИНА НА МЕЧТИТЕ.

ТОЈ:
Не сакам никогаш да си заминеме одовде.

ТАА:
Кој рече дека ќе заминеме одовде?

ТОЈ:
ТИ си деликатна убавина.

(Хибискусот заминува.)

ТАА:
Навечер, кога легнувам и кога ги затворам очите, чувствувам како легнуваш покрај мене, иако телесно си отсутен. Твојата топлина зрачи во воздухот. Ја чувствувам. Ја чувствувам силата на твојот прекрасен дух, кој очекувано – спокојно ме поклопува во мојата смиреност. Ти го подарувам овој ларкспур како симбол што си успеал да го смириш со својата топла душа. Остани таков, не менувај се. Му требаш на денот. Му требаш да го смириш.

(Станува. Тргнува да ги собере розите што се расфрлани по сцената. Ги собира. Додека ги собира, оди говорот за лилијата и за љубовта.)

Сега – крајот. Всушност – почетокот.

Љубовта.

Нашата љубов.

Би било очекувано доколку како почеток на една ваква приказна ти ја откриев љубовта.

Но веќе не можам да додржам.

(Лилијата пристигнува до него. Клекнува пред него. ТОЈ гледа во лилијата без да трепне, а ТАА ги собира розите.)

Си чул дека лилијата е изгревот на првата – вистинска љубов? Еве го. Погледни го. Восхитувај му се, допри го со срцето, но не допирај го со рацете. Многу е чувствителен. Како и првата љубов. Погледни, застана до тебе. Уживај во друштвото на овој убавец. Навистина личите еден на друг. Си прилегате еден со друг. Како едно цело сте. ТИ, ЈАС, љубовта и оваа ГРАДИНА НА МЕЧТИТЕ. Задржи го во душата, таму треба да остане засекогаш, втемелен во нашата скапа приказна.

(Лилијата заминува. ТАА се враќа со розите претворени во букет. Му ги подарува.Седнува на клупата.)
Навистина сум фасцинирана што во оваа градина ги пронаоѓаме своите карактеристики во форма на цвет. ТИ си мојата форма на цвет. ЈАС сум твојата форма на цвет. Би сакала тебе да те замислам како цвет во оваа градина.

Да пораснеш и во себе да ги содржиш сите овие особини што досега ги наброив за тебе…

Ќе ме љубиш ли толку силно, обоен од сите овие сокови?

Тие можат да те земат и да те оддалечат од мене.

Да се плашам треба ли? Не, нема да се плашам, бидејки ТИ ќе си совршенството што ќе чекори по земјата. Јас ќе сум среќна дека те познавав. Но, знам, нема да ме оставиш. Нема. И јас ќе се потрудам да се обојам со овие сокови и конечно да наликуваме еден на друг.

И тогаш ќе дојдат нашите деца. И тие ќе се обојат со соковите што ќе им прилегаат. Нашиот дом ќе биде или оваа или некоја друга ГРАДИНА НА МЕЧТИТЕ.

Ние ќе сме спој од сокови, бои и цветови, од жили и трња што ќе симболизираат луѓе.

Ќе се сакаме и ќе му повлијаеме на светот да се престори во една ГРАДИНА НА МЕЧТИ.

И повторно ќе сакам како денес да ги вклопам обете раце во гранките, да ја почувствувам безбојната крв на растенијата и без болка да цветам и да венеам.

Дотогаш, продолжи да сонуваш и никогаш не престанувај да веруваш, бидејќи само така ќе ја заживееме ГРАДИНАТА НА МЕЧТИТЕ.

Ова не е поезија, но може да биде.

Сега морам да заминам, а ти помисли кога другпат ќе се сретнеме тука.

Во овој сон, кој сега е само наш, но за кратко ќе биде сечиј… Заминав.
И уште нешто пред заминување.

ТИ и ЈАС сраснавме како две растенија. Би се оштетиле кога би се одделиле. Жилите и гранките веќе ни се испреплетени.

Побарај ме повторно.

(Станува. Го зема велоспедот. Заминува од сцената.)

troche4

ТОЈ:
(Ја гледа како заминува. Станува.)

Па, ти ја раскажа целата поезија што јас сакав да ја напишам за нас, за ДВАЈЦАТА НИЕ. Почекај ме. Почекај ме да продолжиме заедно. Засекогаш.

(Тргнува по неа. Излегува од сцената. Дрвото постепено се симнува до нивото на земјата. Мрак.)

From: HardTiExplain@gmail.com – To: paktmdk@yahoo.com
Subject: :-)))
Vojo, tekstot e mnogu dobar. Mozhe da napravime sitni korekcii, vo smisol da go skratime bidejki ne sum sigurna za vremeto koe ke ni bide odobreno od organizatorite? Fala, mnogu. Super e ova!!!
Se slushame, Pozdrav, Kate.

Текстот претрпе промени, кратење заради времетраењето на ревијата. На тој 5 април во 20 часот, застанав на практикаблите каде што беа поставени камерите и фотоапаратите да ја гледам целата ревија. Започна. И одеднаш, сѐ тргна како подмачкано. Јас се препуштив и уживав во креациите што HARD TO EXPLAIN ги направиле. ГРАДИНА НА МЕЧТИТЕ, за мене, беше една од најневообичаените модни ревии што сум ги гледал. Ревијата заврши. HARD TO EXPLAIN беа презадоволни од она што се случи таму. Бев горд дека ние како театар бевме дел од оваа, од ваква ревија. Сите задоволни си отидовме оттаму, со желба пак да се вратиме догодина, уште подобри.

Она што вечерта пред да легнам ми помина низ главата е дека ни модата веќе не е само презентирање парчиња, туку како тие парчињада треба да се вклопат во еден вид перформанс и на таков начин да се презентираат нештата.

Веќе ништо не е едноставно како што било. Ние сме генерациите што се „жртва“ на поставувањето на стандардите воопшто во животот.

Заспав со еден товар помалку на грбот и на мозокот, но со мислите насоченикон утрешната прва читачка проба за ПОБЛИСКУ. Нов „товар“. Нов предизвик.

Авторот е театарски режисер

Цртежи: Троше

Напишано од
More from РЕПЕР
Луѓе-риби
Приказната лебди во главата долго после читањето, оставајќи го читателот во својата...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *