Кич и маргиналци

Еден новокомпониран македонски пејач, давајќи изјава за еден наш телевизиски медиум, меѓу другото, со право, рече: „Ако сакате да продадете нешто – тоа мора барем малку да содржи кич“.

MorelDigitalIllustration3

1. Кич

Еден новокомпониран македонски пејач, давајќи изјава за еден наш телевизиски медиум, меѓу другото, со право, рече: „Ако сакате да продадете нешто – тоа мора барем малку да содржи кич“. Тоа, очигледно, значи дека произведувачите и продавачите на кичот веќе располагаат со повисоката свест дека кичот е неминовен, дека е тој бизнис и дека може од него да се заработи.

Значи, ако нема кич – тој треба да се измисли, да се практикува и да се дистрибуира. На човечкиот род и пород секојдневно им недостасува кичот, како леб и сол, па во низата од леб и игри – две од неодминливите и доминантни алки се токму кичот и шундот.

Денес, кичот е насекаде околу нас, сеедно дали како мит (не случајно еден колега напиша цел серијал од кичмитологии) или, пак, како практика во едно грдо и грубо време. Кичот е како плевел, таму каде што вирее тој – тешко се создава друг плод.

Па, попусти се трудот и ангажманот да создадете ремек-дело, кога за него нема соодветна заинтересираност и вистински консументи, т.е. не можете да го продадете, како што, со право, изјави пејачот на новокомпонирани фолк-ноти.

Спасот е во кичот, тој мора да се додаде како спасоносен лек, како зачин, и кичестиот производ сигурно ќе биде продаден! Затоа што има претходна подготовка, погодна почва, остварена едукација, поточно – отворени очи, уши и усти, кои одвај чекаат вкусен залак, препознатлива наслада и привлечна глетка.

[pullquote align=”left”]На душата и на срцето, колку и да звучи излитено и ветво оваа фраза, постојано им недостасува кичот, барем малку како декор или како гарнир[/pullquote] На душата и на срцето, колку и да звучи излитено и ветво оваа фраза, постојано им недостасува кичот, барем малку како декор или како гарнир, но во секој случај – кичот и во дваесет и првиот век е нешто без што не се може.

Во спротивно, зарем би имале огромни улици со пластични производи, кичести тезгиња со уште покичести дребулии, свадби со балони, со блицеви и со огномети, реклами што сте ги запаметиле само затоа што се вулгарни, невкусни и навредливи…?

Убавината веќе не се граничи со грдото, туку убавото сега може единствено да произлезе од грдото, да постои и да егзистира како негова противтежа, па и да опстојува (како зелената имела на исушеното стебло) само заедно со кичот.

Кичот е планетарен магнет, елементарна непогода и сила појака и од Земјината тежа, па непотребно ќе се обидувате да се воздигнете и да се возвишите, кога секогаш повторно кичот ќе ве врати назад, на самиот почеток, до дното. Се обидете ли да се спротивставите – вие не само што сте неразбрани и несфатени туку станувате и отфрлени и неприфатени.

Протагонистите на кичот постојано се најбројни, па не само што ќе го уценат и ќе го изнудат вашето присуство во своето огромно и, на прв поглед, несогледливо семејство туку и, за да станете дел од нивното стадо и од нивната непростлива империја, која царува и владее низ светот, (ќе) морате да бидете трајно определени за кичот и покичести дури и од самите нив!

Затоа, станете церемонијален мајстор на кичот, без никакво одложување, сега и овде, тука и веднаш, а сè друго (ќе) се случува само по себе, како река-понорница што бргу и лесно си го пронаоѓа новиот пат, заборавајќи го и сопственото корито, носејќи сè пред себе, правејќи пустош и оставајќи само кал и отпад…

MorelDigitalIllustration12

2. Маргиналци

Дека маргиналците избираат маргиналци, тоа е ноторен факт и практика што се случува и што се повторува речиси во сите сфери. Секако, имуни не се ни културно-уметничките маргиналци, кои ги репродуцираат (просто ги „штанцуваат“) новите и многу побројни маргиналци.

Ако е точен заклучокот дека со кого си – таков си, тогаш маргинално станува и целото географско и популистичко опкружување. Просто, едните се избираат од и со другите, се лепат како фластер на рана, па има толку многу маргиналци на сите страни – колку што има и конкурси, награди и признанија…

И, замислете, кога еднаш маргиналците ќе изберат маргиналец за славодобитник, тој веднаш потоа автоматски станува моќник и арбитер, кој регрутира нови идолопоклоници и ништо друго освен маргиналци. Така, според правилата на аритметичката или (уште полошо) на геометриската пропорција – се мултиплицираат маргиналците од секаков сој, премачкани со секакви бои и со најразлична, но маргинална носивост и габарит.

[pullquote align=”right”]Еднаш маргиналец – секогаш маргиналец[/pullquote] Еднаш маргиналец – секогаш маргиналец, како да гласи флоскулата во која тие се пронаоѓаат и се идентификуваат, па фанатички се обидуваат да си го продолжат родот и видот и одлучно да застанат на барикадите од другата страна против немаргиналците. Тие се со свои, дури и надворешни белези на припадност, ги мразат и им се спротивставуваат на сите што не се како нив, па единствениот и најголем успех го гледаат токму во можноста да изберат и да се определат за уште еден нов маргиналец, при што ќе елиминираат најмалкуеден вистински автор-капиталец.

Затоа, што поскоро треба да се прекине верижното правило: годинашниот маргинален добитник на наградата – веќе следната година да одлучува и да инаугурира исто така нов, можеби уште помаргинален автор. И така во недоглед и до бескрај – маргиналците ќе „лиферуваат“ маргиналци, а сите други ќе се чудат што ги снашло и како да го прекинат непрегледното поврзано коло.

Ќе се покаат дури и оние што маргиналците ги довеле на сцената исклучиво поради одмазда или во својата полза, зашто тие бргу ќе се свртат и против нив, заборавајќи на својот претходен идентитет, поради статусот стекнат со метеорска брзина. Тогаш маргиналците, лажно преоблечени во рувото на квазиинтелектуалци, за миг се обидуваат да го срушат, да го изместат и да го променат постоечкиот систем на вредности, веќе воспоставениот несовршен ред и да воспостават нови (читајте: свои) правила на однесување и анонимно-маргинален систем на вредности.

Од позицијата на човек што клечи, се разбира дека изостануваат сите други, па и глобални и птичји перспективи, а крајниот резултат е неоснован реванш, волча одмаздољубивост и деспотска неприкосновеност. Затоа, чувајте се од маргиналците, кои како комарци летаат и касаат од сите страни, се појавуваат и се присутни на речиси сите медиуми, обединети се и активни во најразноразни комисии, одбори и форуми, а сè со една цел: да се разгради и да се уништи сето она што е создавано со векови и со генерации, не почитувајќи и не признавајќи никакви свои претходници и современици, зашто ништо не е според нивниот новокомпониран квазивкус и според субверзивно-маргиналната мера…

Илустрации: Емил Морел

Напишано од
More from РЕПЕР
Геополитика на љубовта
Неодамна, во издание на ПНВ Публикации од Скопје, од печат излезе новата...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *