Меѓу најстарите занаети е и мутавџиството. Денес кај нас овој занает не само што е во изумирање туку е и речиси мртов. Долго трагавме по него, но секаде наидувавме на негативен одговор. Занаетчиите што ги прашувавме за него ги креваа рамената и ја движеа главата лево-десно. Меѓутоа, се случи нешто што мошне нè изненади и што ги промени гласините за занаетот. Додека ги слушавме „Сеќавањата на последниот опинчар“ во старата скопска чаршија, тој низ разговорот го спомена и овој занает. Не само што го спомена туку тој е и мајстор на мутваџиството. Така увидовме дека срцето на мутавџиството сè уште чука.
„Мутавџискиот занает постои од времето на Адама“, се пошегува мајстор Димче. Под овој занает се подразбира изработка на черги, патеки, дисаѓи, вреќи, торби (за овчари), мутави (за покривање на добитокот) и слично.
Името на занаетот доаѓа од поимот мутави, кој порано се користел за черги.
Мутавџилакот подразбира познавање од предење, кледисување, ткаење, сновење и од шиење, но и креативност… а процесот на изработка е доста макотрпен и долг.
Мајстор Димче го учел занаетот уште како дете под надзор на татка си. Татко му имал работилница во која изработувале черги, мутави, дисаѓи, вреќи, торби,а во Чаршијата се наоѓал дуќанот каде што ги изложувале своите производи и каде што ги продавале. „Овој занает морав да го учам во работилницата оти за да се направи една черга е потребен поголем простор, а тоа во дуќанот не беше возможно“,искоментира мајсторот. Од својата дванаесетта година, мајстор Димче посериозно почнал да се залага за занаетот. „Се случуваше татко ми да ме удри кога ќе згрешев, оти уште бев дете и умот ми беше во топката“, се смееше мајсторот. Татко му, освен мутавџија, бил и јужар, а тој го учел занаетот кај него оти бил мајстор на занаетот. Од потребата за опстанок на занаетот од страна на населението и од желбата на татко му да го остави мутавџиството во неговите раце, се раѓа и љубовта и желбата на мајстор Димче кон занаетот.
Мајстор Димче детално ни го објасни процесот на изработка. Постојано го прекинувавме и го прашувавме за значењето на употребените поими. Тој со насмевка и со трпение застануваше и ни дообјаснуваше. Мутавџиството, како еден од најстарите занаети кај нас, во себе вклучува процес на изработка што веќе не е познат за нас, во овој век на транзиција.
Основниот материјал за еден мутавџија е предената козина, која речиси наликува на коноп. Летно време, кога козите се стрижат како и овците, козината се собира и се носи кај мајсторитеза да им ги изработат потребните предмети на луѓето. Кога мајсторот ја има козината во рацете, најпрвин ја треби/прочистува (од разни инсекти, ѓубре и сл.), а потоа ја делиспоред бојата. Козината може да има повеќе видови боја – црвена, црна, бела и грао боја – но ако има потреба и желба за некоја друга боја за шарата да биде разновидна, тогаш самот конец се обојува (исто како предениот волнен конец). Откога козината ќе се истреби и ќе се одвои според бојата, оди на стивање, кое се повторува трипати, и на на крајот се прска со вода. Вака подготвената козина се замотува во кадела и се става во веќе изработен мешин. Каделата се закачува и се остава да се исцеди. Кога ќе се исцеди, мајсторот што треба да ја преде ја закачува на појасот (оти треба да ја носи со себе за да го олесни самиот процес на изработка). Има специјално коло на кое е врзана ортома во должина од триесетина метри. Целта на носењето на козината на себе е да се олесни процесот на предење.
Потоа, кога козината е подготвена за предење, се преминува на едно друго ниво на изработка. Кај колото има едно дрво од метро ипол и тука се наместени три чочиња. На тие чочиња, односно на првите две, има мамци што овозможуваат да се запре козината. Кога мајсторот ќе го помине патот од самото колце до крајот, таму веќе треба да има еден тег и тркалце зад кое двете жици,откога ќе ги извади од козината,ќе ги запреде и ќе ги закачи. Потоа мајсторот оди пак напред до колцето и започнува да ги преде другите две жици, а пак третата жица автоматски се врти и се создава конец во две жици. Кога ќе дојде до крајот, таа жица се вади и се зема првата, која е веќе испредена, и се кледисува.
Кога започнува процесот на кледисување, има две колца на кои треба да се закачи. Тоа се повторува сè додека не се испреде целата кадела. Во еден ден може да се направат до триста конци. Дури кога ќе заврши процесот на кледисување, започнува процесот на сушење, кој трае од еден до три дена. По сушењето, се собираат конците(или жиците) и се прават еден вид клопци. Ова е основнатаподготовка!
Тука веќе започнува процесот на предење. Првин се преде и се прави јатак (тој е погруб и подебел од основата). Сега веќе се користи еден вид машина – разбој што е висок околу два метра. На тој разбој се снове само основата. Кога таа ќе се наснове, но и за време на сновањето, се изработуваат шарите што треба да ги има. Процесот на шарење не се движи во некоја рамка или по шаблон, тој зависи од креативноста на самиот мајстор. Единствено треба да се знае колку конци се потребни за шарење. „На некои шари се става еден црн конец, на други половина бел,па излегуваат зубарчиња и окца, во зависност од шарата што ни е замислена“,раскажуваше мајсторот. Кога ќе се стигне до процесот на шарење, се зема едно шимшиле (долго тенко дрво), кое се внесува во самиот материјал, во конците,и се префрла од другата страна. Се става ѕребало (подебело дрво што конците ги дели на два дела) и се отвора „уста“ во материјалот. Потоа се зема едно дрво колку што е широк разбојот и се нити, па по нитењето следува процесот на ткаење. Откако ќе се отвори „уста“ во материјалот (со помош на ѕребалото), се оди горе-долу и шимшилето влегува од едната страна,а во шимшилето се протега џаот (намотан материјал). На крајот е процесот на удирање со помош на тарак, сè со цел да се набие и да изгледа фино материјалот. Овој процес се повторува неколкупати. Ако се ткаат вреќи и дисаѓи или мутави за покривање коњи, има плус уште еден процес, а тоа е шиењето.
Како што може да се забележи, мутавџиството е еден од занаетите што подразбираат доста познавање и практика. Денес овој занает не е застапен оти потребата од него не е толку голема како порано.
Меѓутоа, овој занает порано бил меѓу најценетите и најисплатливите што постоеле. „Нашите луѓе тогаш немаа автомобили, се служеа со коњ, со магаре. Патот траеше подолго поради превозните средстваи вреќите на трговците требаше да бидат издржливи. Да не препуштаат дожд, да не се скинат на среде пат. А коњите мораа да имаат колажи за да не паѓа самарот. Затоа овој занает беше еден од најпотребните и најраспространетите занаети кај нас“,се присетуваше мајсторот.
Со постоењето на овој занаетчија, сè уште чука срцето на мутавџиството како занает. Иако денес заинтересираноста кон овој занает како и да ја нема, не можеме да кажеме дека тој заслужува да биде мртов. Сè додека мајсторот ги полни градите со воздух, во Старата скопска чаршија ќе дише овој занает.
Warning: Trying to access array offset on value of type bool in /home/echqdumm/public_html/reper.net.mk/wp-content/themes/simplemag/inc/social-share.php on line 60
Pinterest