На 24 и 25 мај во Пробиштип се одржа првиот Аква-парк фестивал во Македонија. Овој фестивал е замислен како помал брат-близнак (дури и астрално) на веќе успешниот средношколец и „одличен ученик“ Таксират, кој воедно оваа година слави мал јубилеј – 15 години на македонската сцена. Организаторот на фестивалот („Пасворд продукција“) се обиде и успеа да реализира навистина амбициозен проект, осмислувајќи го како традиционален open-air, истовремено надополнет со адреналинот кој го овозможуваат водените лудории.
Она кое што беше очебијно уште во првите најави на овој настан беше самиот избор на локацијата. Имено, одбирајќи го еден од помалите градови во источна Македонија – Пробиштип, кој досега беше познат најмногу и единствено како „рударски град“, конечно се направи нешто за да се рашири и сподели добриот звук и забава. Ваквата определба, иако со себе неспорно имплицираше значајна опасност (означуваше реално движење наспроти навиката сè да се случува на исто место – читај: Скопје), сепак суштински мора да се препознае како храбра одлука, како корисен пример и позитивен тренд. Дополнително, идејата за осмислување и овозможување на камп-простор во непосредна близина до фестивалската сцена уште повеќе ја вжешти и подгреа стимулацијата за посета на настанот. За оние поприбирливите, пак, се најдоа и (неспорно ограничените) сместувачки капацитети во и околу градот Пробиштип (во прв ред би можело да се издвои селото Лесново, но секако и останатите населени места во близина – Добрево, Древено, па и Кратово)… Интересно е да се воочи и тоа дека фестивалскиот период беше буквално надвјаснат со променливи временски околности и годишни времиња – од пролетен ветер, преку сончеви периоди, па сè до вистинска есенска атмосфера проследена со густи облаци и дожд, при што единствено беше изоставена зимата и нејзината главна одлика – снегот.
Осврнувајќи се на фестивалската програма – истата беше разложена на два дена, и дополнително, на две одвоени сцени – сина и зелена. Сината сцена беше поставена во рамките на самиот аква-парк (кој, воедно, ја отвори сезоната токму со овој настан) и истата беше предодредена за денската забава. На оваа сцена продефилираа неколку македонски диџеи – Rootboy, Cobe & Stefano, Ghetto Rudi, Branchez – кои се обидоа дополнително да ги „окуражат“ посетителите да ги искусат атракциите кои ги овозможува аква-паркот во Пробиштип.
Што се однесува до главната фестивалска сцена (или т.н. green stage), првиот фестивалски ден (на 24-ти мај) отсвиреа младите алтернативни групи Skyrise од Тетово и Anna O од Кочани, како и веќе етаблираните реге-поклоници Conquering Lion, по што (по мала измена во распоредот) настапи македонската инструментална банда – Суперхикс. Како и неретко досега, се покажаа во (дури исцрпувачко) весело издание, секако надополнето со пар скокотливи и досетливи изјави и дофрлувања. Кога веќе публиката беше раздразнета и поттурната од ваквиот впечатлив настап, се појавија S.A.R.S., кои на свој начин го манифестираа неспорно сличниот сензибилитет како и Суперхикс, претставувајќи го истовремено своето најново остварување – Kuća časti. По крајот на настапот на српскиот бенд, на сцената се појави можеби омилениот изведувач на присутната публика – македонскиот музичар и (многу повеќе од) диџеј, Кирил Џајковски. Водејќи го сопствениот препознатлив стил – мешавина од балкански звуци и „западњачко“ техно, истиот беше надополнет и со life-оркестар на џипси-музика и два препознатливи и маркантни вокали – на TK Wonder и Ghetto Priest. Конечно, Џајковски означуваше и вистински избор за преминот од „живи“ настапи кон настапите на неколкуте диџејски имиња од Македонија (Flooder) и надвор од неа – Mark Knight и дуото Sunnery James & Ryan Marciano. Knight претстави еден навистина фантастичен сет, воодушевувајќи ја македонската публика уште на првиот негов настап, од самиот почеток (со себе-промовирачкиот семпл Mark Knight is in the House!), преку неколку хаус-класици (од Booka Shade и Faithless), па сè до сопствените изданија – Man With the Red Face и она најпресното – Your Love, кое изгледа многу подобно да стане вистински хит – поседува умешна мешавина на мејнстрим звук и андерграунд влијанија, и е објавен под капата на Toolroom Records. Крајот на вечерта и почетокот на новиот ден беше одбележан со настапот на „најенергичното диџејско хаус-дуо на светот“, претставено преку Холанѓаните Sunnery James и Ryan Marciano, кои беа во состојба да ги веселат најиздржливите и најтврдокорните фанови и вљубеници во настани од ваков тип.
Втората фестивалска вечер на Аква парк фестивалот во Пробиштип започна со настапот на битолската треш-метал група Skullcrush и „домаќините“ Прв ред, кои себеси се декларираат како хулиган-rock’n’roll група и кои пред нецела година го издадоа деби албумот Само најсилните преживуваат. Некаде пред почетокот на рајот за вљубениците во главната споредна работа на светот – финалето на Лигата на шампионите, настапи и вистинскиот инструментален виртуоз, препознатлив вокалист и воопшто, еклектичен музичар, Сашко Костов, заедно со групата The Waiting Waits. Проследувајќи го настапот на Костов, кој инаку доаѓа од Велес, станува јасно зошто истиот здоби толку позитивни критики за албумот Silent in the Crowd, како во Македонија, така и надвор од неа. Овој албум, впрочем, беше надополнет и со едномесечна турнеја надвор од Македонија, односно практично низ цела Европа – а ваквиот потфат, ќе се сложите, им успева само на мал број бендови од Македонија, па и од Балканот. По Костов & TWW се појавија и Foolish Green и Smut кои се обидоа да се претстават во најдобро светло пред оние кои не заминаа во т.н. TV stage, обезбеден од страна на организаторот на фестивалот. По нивните настапи, следуваше можеби најавангардниот македонски бенд, кој поседува вистинска моќ да патува низ времето и просторот – Фолтин, кои се претставија примарно со сопствените постари теми, изоставувајќи ги песните од сопственото последно издание – Антитело. Вистински изблик на идеи, ентузијазам, енергија и емоции означува секој настап на македонскиот инди состав Bernays Propaganda, кои толку умешно успеваат да искобинираат звук кој е истовремено и post-punk и new-wave, но е подобен и за „џускање“, а сето тоа е во постојана придружба на моќниот женски вокал кој неретко се обидува да ја анимира и разбуди насобраната публика. Оваа група, која веќе има три изданија зад себе, сериозно може да се смета за најцврстата и најосвестената музичка група на овие простори. Ваквата трезвеност и разбуденост скопската четворка веќе ја презентираше и на сопствената неодамнешна двомесечна европска турнеја „од Солуна до Стокхолма “, по која директно слетаа во Пробиштип. Финалето на финалето (ова беше несомнено вечер со многу „финалиња“) на фестивалот беше означено со настапот на еден од најдобрите диџеи и продуценти на сите времиња – Пол ван Дајк, кој го претстави сопствениот арсенал на мелодии пред бесконечната маса насобрани млади луѓе кои скокаа и се восхитуваа (веќе) длабоко во утрото. Ван Дајк се претстави со сопствен три и пол часовен сет, пристигнат директно од „меката на клубската сцена – Ибица“, и веќе слободно може да му го прикачиме епитетот „миленик на македонската публика“. Меѓу останатото, тој го промовираше и сопствениот најнов албум Evolution, кој значи и негово големо враќање на сцената на електронската музика во светот.
Ваквата понуда на најразлични стилови и артисти кои се истовремено квалитетни, но и актуелни, а не во залез на сопствената кариера, слободно може да се посочи како нешто единствено и (во последно време) ретко видено на македонско тло. Единствено може да посакаме ваквиот фестивал да прерасне во традиционален настан, преку кој конечно ќе се анимира полукомираната фестивалска сцена кај нас.