Нова езотерија или причина за Ново постоење

Во првиот миг кога го „чувствуваш“ видеозаписот на „Стринг Форсис“, те води во една несвесна идеологија на создавање на Новиот човек.
String_Forces.preview
Стринг Форсис (фото: Теа Шалдева)

Во првиот миг кога го „чувствуваш“ видеозаписот на „Стринг Форсис“, те води во една несвесна идеологија на создавање на Новиот човек. Можеби на прв поглед ова звучи премногу езотерично и за „избраните“, но „Причина/Предумисла“ има сосема јасна порака – да ја почне основата со првиот чекор, од себеси кон Другиот.

Симболично, во текстот провејува дихотомијата на ирационалното пов(р)едување, чистината на духовното наспроти преполноста и манипулацијата на материјалното. Централниот лик е уморниот Прометеј, кој носејќи оган ја дава својата жртва (себеси) во еден тежок пат до вечното, до етеричното.

Да разбереш некого, а истовремено да го растуриш, како дланка земја, е реалната слика за она што Човештвото си прави само на себе. Во целосна форма, видеоспотот, песната и самиот текст звучат како извојувана тешка битка и, конечно, сите синџири се кршат, а заоѓа старата смисла. Се раѓа ново човештво во целост, но со себе ги носи сите прашања за причините за стравот. За болката, за патетиката, за глумењето себеси пред Другиот.

Пред-умислата е во првиот чекор во патувањето од другата страна. Распнувањето и одновото раѓање како референца кон месијанството, кон спасителството, ја охрабрува сликата за прочистената одново родена надеж, која го носи спокојот. Тој е иднината, а стравот е пред-умисла за создавање. Од грчот се случува раѓањето. Копирањето на свеста, кастрацијата, како антрополошки осведочен ритуал, канонот на поставувањето некаква археоснова и кодирањето како конечен отпечаток го прават овој концепт во најсвежа форма да звучи како враќање на себеси, а истовремено да го демистифицира митот на вечниот Човек. Секој е траен, има точка на постоење и на умирање, на меѓувремено раслојување. Во тој пат што го (в)одиме, препреките се истовремено и предизвици.

Интересно е што, во целост, приказната звучи љубовно. Отповикливо. Тера на нов инает, на врска со внатрешниот збир емоции што рудиментирано траат и чекаат да бидат зграбени од Другиот, оној наспроти нас, како набљудувач, кој ги има нашите движења. Мајсторски изиграно, целиот набој во лирична смисла, ги создава Песната и смислата. Пред-смислата или умислата. Во создавањето ново време, оваа песна ги прави мудрите чекори реферирајќи на себе како структура.

Потпевни ме, проштално продади ме – со самото извојување нови звучни простори, „Стринг Форсис“ ни ја (про)даваат својата енергија во полн состав и тоа изгледа и звучи навистина преродувачки!

Тагови од објавата
, ,
Напишано од
More from РЕПЕР
Од љубовта – љубов
Кај нас, во веќе познатата Стара скопска чаршија, има останато само уште...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *