Се изјасни дека не е виновен. Силувал исклучиво невини

Реалната опсервација на афоризмите на Јанкуловски го покажуваат неговиот сенс за неправдите кои ги сретнува во своето секојдневие, подалечно или блиско опкружување, генерално или лично незадоволство.

StihovenKalibar

Изборите се чистилиште од кое ќе видиме дали ќе одиме во рајот или во пеколот.

Во Македонија нема потреба од нудистичка плажа. Многу луѓе по улица шетаат голи и боси!

Цел живот го помина по кафеаните, а умре духовно гладен.

Можеби немаме море, ама имаме пустина во која ајкулите гризат на суво.

Малиот број на децата во училиштата е најмалиот проблем. Поголем проблем е зголемениот број на деца во политиката!

Се збогати преку ноќ, ама на многумина им го зацрни денот.

Господ го создаде седмиот ден за одмор. Господата го претворија во работен ден.

Во Македонија најмногу работа имаат гинеколозите и поповите. Едните отвораат, а другите затвораат дупка.

Ако се тие седма сила, јас сум осмо светско чудо.

Во земјава имаме неколку здруженија за заштита на животните. Здружение за заштита на луѓето сè уште нема.

Македонија е независна. Од неа веќе ништо не зависи.

Медиумите се занимаваат со материјалното богатство на нашите богаташи. Барем некој од нив да се позанимаваше со нивното духовно богатство.

Македонија излезе од рецесија. Сега најверојатно влегува во депресија.

Се изјасни дека не е виновен. Силувал исклучиво невини.

На секоја свадба на која одам се чувствувам како поштар! Се отепав од носење пликоа.

Сечењето на дрвјата е за доброто на народот. За секого ќе има по еден просјачки стап.

Немаше лична карта, па му го сменија личниот опис.

Едношалтерски систем е оној каде што од десет работи само еден шалтер.

Се роди со царски рез, а животот го помина како шут.

Не е сè така црно. Косата почна да ни побелува.

Душата ја дадоа за Македонија. Потоа завршија во душевна болница.

Македонците никогаш нема да умрат од глад. Ќе се изедат живи меѓу себе.

За мртвите сè најдобро. За живите сè најлошо.

Покрај толку тапоглавци нормално е да бидам остар на јазик.

Секоја генерација има своја борба. Мојата генерација ја води борбата за гол живот.

Реалната опсервација на афоризмите на Горан Јанкуловски (или Стиховен Калибар, како што милува да се претставува) го покажуваат неговиот сенс за неправдите кои ги сретнува во своето секојдневие, подалечно или блиско опкружување, генерално или лично незадоволство. (Горан е дипломиран социолог, а мора да работи нешто за кое ни самиот не би сакал да му го препорача на друг. Но животот прави патишта и по трње, кои мораме да ги изодиме). Не навлегувајќи во мотивите на неговата борба со лицемерието, користољубието, полтронството, глупоста, парадерството, хипокризијата… се евидентираат стожерите на неговото творечко ангажирање. Без и малку респект кон чиновите, лицата и настаните, морално ги осудува и жигосува работите на свој дрзок и принципиелен начин. Културата на општење со работите ја сведува на едноставност, блиска до народот, во оригинална форма на конверзација со нештата.

(извадок од предговорот на Васил Толевски)

Изборот е направен од книгата „Стихија“, објавена во PDF формат како бесплатно интернет издание.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Динамизмот наспроти статичноста во уметноста
О, вистина е, динамичното го победува статичното.
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *