Скопје во утринските часови

Одисејата започнува точно во десет минути пред шест часот наутро тргнувајќи од студентскиот дом „Стив Наумов“ во Автокоманда.

ZHfjas8

Илјада зборови – еден град

Одисејата започнува точно во десет минути пред шест часот наутро тргнувајќи од студентскиот дом „Стив Наумов“ во Автокоманда. Студентскиот за кој многупати пишував и за кој многупати останував со предупредувањето да не го правам тоа.

Белата порта од тој нечиј дом е веќе зад мене. Од страната се слуша како некој чекан ги крши веќе срушените покриви од некогашните бараки во кои минале многу генерации. Чудно е тоа што звукот доаѓаше, но личноста што го држеше чеканот беше невидлива, што ја правеше сцената доста морничава. Во тоа помогна сонцето што едвај се гледаше зад темните облаци.

Продолжив со надеж дека сонцето ќе ме фати, па нема да ми биде толку свежо, но сонцето го осветлуваше само страничниот дел од крстот на Водно. Тогаш крстот изгледаше толку близу. Не ми се веруваше во она што го сфатив. Наутро, кога се пешачи, е многу пострашно отколку навечер во доцните часови. Тоа што немаше ничие присуство по улиците и по клупите направи тоа утро да ми биде едно од најморничавите.

Стигнав до добропознатиот „подвожњак“. За него имав слушнато многу приказни што не завршиле среќно, поради кои на новодојдените во овој крај најчесто им се советува да не одат многу доцна без никаква придружба.

Следно што ми се заглави помеѓу белката и зеницата е малото игралиште што се наоѓаше пред факултетите, а е пред МРТВ. Имаше само еден човек, кој најверојатно си доаѓаше од трета смена на работа, додека на лулките од игралиштето се лулаше девојка/жена со здолниште до колената, со „шпицести“ чизми и со кармин што излегуваше од границите на нејзините нацрвенети усни. Му се насмевна на човекот што поминуваше и продолжи да си се лула, па и да си потпевнува на моменти. Единствено што се слушаше во тој момент беше чкрипењето од лулката и ритамот што таа го даваше со трошното свиркање што излегуваше од нејзините крвавоцрвени усни.

nt1IK24

Раскрсницата пред Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ беше сосема празна. Човек можеше слободно да си помине на црвено. Ниту имаше кола од која ќе се подадеше некој налутен чичко да ве опомене за тоа, ниту пак имаше закон што ќе ве натера да стоите во место и „да го чекате Годо“ како во апсурдната драма на Семјуел Бекет.

За помалку од половина час стигнувате до кејот на Вардар и до кафулињата што сè уште стојат „неотпакувани“. Само „тук-таму“ ќе се најде по некој чувар што внимава да не бидат мета на вандали.
Во 06.21 часот веќе сте на самиот плоштад. Статуата на Александар Македонски (Велики) е над вас, односно вие сте под неа. Меѓутоа, под неа е и тон ѓубре, кое останало од нечија забава од претходната вечер. Тоа чека некој да го собере, но како што градот спие во својот продолжен неделен сон, чистењето ќе почека.

Ни „Тренд“ не е тоа што е преку ден. Нема џагор од добро облечените скопјани и скопјанки и ниту мирис на кафе. Сè е пусто и мирно. Таа тишина може да исплаши секого. Нешто како она што често слушам дека го кажуваат – затишје пред бура. Да, токму така. Затишје пред големата бура на луѓе што за само неколку часа ќе седат во столиците заладени од утринската свежина.

Веќе е 06.29. На видик се појавува жолтата добропозната зграда за сите студенти од другите градови од Македонија – студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“. За него се вели дека е најдобриот студентски дом од сите. Воедно, тој е центарот на сите други домови, но од она што го имав слушнато од студентите, па и од она што самата го имав видено, не е нешто посебно (со исклучоци).
Случајно забележав дека веќе почна да се носи храната по пекарниците. Од едната страна беше нивниот мирис, кој ми ги превртуваше кревките црева, кои не се навиканти да бидат полни уште рано наутро. Од другата страна опиваше мирисот на контејнерите, нешто слично како мирисот мувлосан портокал помеша со оној на скиселен јогурт.

До него, речиси и надвор од тротоарот, лежеше мачка на која некој, поминувајќи со автомобилот, „ѝ ја здиплил“ главата. Не знам дали лежеше така со денови, но тоа утро додаваше дополнителна драма покрај припиеното светло од облаците. Светло што ни најдобриот кинематограф не може да го намести.

NCnDA6w

Семафорите и понатаму светеа напразно. Црвеното не важеше за луѓето, ниту пак за оние неколку автомобили што поминуваа на секој километар. Само автобусите беа редовни „муштерии“ на скопските улици. Можев да го слушнам крикот на „двојката“ кога нејзиниот возач насилно го вртеше воланот надесно кон „Партизанска“, притоа не вознемирувајќи го занесот на неколкуте луѓе внатре.

Не бев единствена налудничава што излегла во пет и нешто за да прави обиколка на Скопје. Во тоа ми се придружи и еден азиски пар, кој, замислете, немаше фотоапарат. Мажот напред, а жената само чекор зад него, и двајцата уживаа во свежиот воздух и во тишината што ја убиваше целата монотонија.
Велам дека ја убиваше бидејќи не само боите туку и секојдневните заморни звуци на возила може да го направат денот на еден скопјанец или скопјанка исполнет. Тоа го правеше и ветерот, кој не е карактеристичен за овој период.

Се виде и хотел „Карпош“, веќе беше 06.51. Трафиките спроти него сè уште не беа отворени. Не беше ниту лесковачката скара – „Кај Вили“. Во тие минути, не ги почувствував мирисите на скара и на помфрит помешани со кечап и со мајонез, а внатре, „меѓу редови“, пополнето со салата.

Во 07.05 часот веќе точно се најдов до хотелот „Александар Палас“. На периферијата од градот тој е како украс со своите златести букви. Тоа не е хотел со пет ѕвездички, но за град како Скопје е доволен. Застанав да земам воздух кога од страна ми „профучи“ еден дедо на велосипед. Не ме чудеше тоа што постар човек спортува во овој дел од денот. Веќе ништо не ме чудеше. Нему му се придружија и две момчиња задишани од трчањето по веригата што го поврзува „Палас“ со Скопје.

Поминуваа коли што со себе влечеа и велосипеди заедно со трски за ловење риби. Денес им беше денот. Тоа е можеби бидејќи не им кажав „Со с…“ (за малку). Рибите во Вардар ги чекаа своите црвчиња, додека домаќинките го чекаа својот ручек.

Крај.

Напишано од
More from РЕПЕР
Во одредена мера критиката го силува текстот
Сержио Сант’Ана (1941) спаѓа меѓу најпровокативните авторски имиња кои доаѓаат од Бразил....
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *