Македонија има долгогодишно искуство во искористувањето на геотермалната енергија. Меѓутоа, последните 20 години за Македонија се период на стагнација на геотермалниот развој. Немаше инвестиции ниту во истражувања ниту во развој на нови проекти. Како резултат на тоа значително опадна искористувањето на геотермалната енергија во последните неколку години. Од 21 ktoe годишно во 2001 година се сведе на 9 ktoe (околу 400 TJ; 110 GWh) во 2006 година. Во вкупното искористување на примарна енергија, геотермалната учествува со околу 0,4% и во потрошувачката на финална енергија со 0,5%.
Територијата на Република Македонија припаѓа на Алпско-Хималајската зона, со субзони без никаква современа вулканска активност. Засега се познати 18 геотермални полиња, со повеќе од 50 геотермални извори и дупнатини. Вкупниот излив е некаде околу 1000 l/sek, со температури од 20-78 ºС. Топлите води се во главно од хидрокарбонатна природа, со оглед на нивната доминантна анионска и мешана со еднакво присуство на натриум, калциум и магнезиум структура. Растворените минерали се во граница од 0,5 до 3,7 g/l.
[pullquote align=”left”]Сите термални води во Македонија се со метеорско потекло[/pullquote] Сите термални води во Македонија се со метеорско потекло. Топлотниот извор е регионалниот проток на топлина, а тој во Вардарската зона е околу 100 mV/m2, при дебелина на земјината кора од околу 32 km. Користењето на термалните води во Македонија се состои од неколку геотермални проекти и повеќе бањи. Сите се комплетирани и работат од 1980- тите години на минатиот век.Искористувањето на овој потенцијал за енергетски потреби е на локално ниво. Со оглед на релативно ниската температура (највисоката е 78 ºС, во Кочанскиот регион) таа се користи исклучително за задоволување на потребите за греење. Основно (доминантно) се користи за затоплување на оранжериски комплекси. Во индустријата (во Кочани) се користеше за греење на административни објекти и за подготовка на топла вода во фабриката за хартија (која сега е сè уште надвор од погон подолг временски период).
За греење на објекти се користи минимална количина на енергија неколкуадминистративни објекти во Кочани, хотелскиот комплекс „Цар Самуил“ со сместувачките капацитети во околината, како и објектот во Негорски бањи). Досега истражениот геотермален потенцијал покажува дека во Македонија нема извори кои овозможуваат производство на електрична енергија. За таа намена потребна е температура на геотермалната вода од најмалку 120 оС, за проектот да биде економски исплатлив. Одредени студии индицираат дека на длабочини од околу 5000 m може да се најде пареа со температура повисока од 100 оС.
Меѓутоа, цената за бушење на длабоки бунари е поголема од милион долари по бунар. Оваа сума не може да се покрие со постоечките цени на произведената електрична енергија од евентуалната електрана.
[pullquote align=”right”]При сегашните капацитети на геотермалните извори не може да се очекува зголемување на користењето на геотермалната енергија за греење на згради[/pullquote] При сегашните капацитети на геотермалните извори не може да се очекува зголемување на користењето на геотермалната енергија за греење на згради во Кочани, затоа што и постоечкиот потенцијал е на граница назадоволување на приклучените оранжериски комплекси, а и подземниот капацитет (количина на вода која може/смее да се користи) е лимитиран. При доста пониски температури на надворешниот воздух, и во оранжериите мораат да ја догреваат водата, или да ја спуштат температурата во заштитениот простор на граница на преживување на растенијата, или да ја жртвуваат целата жетва.Во последно време има одредени активности за модернизација на геотермалниот систем „Геотерма“ во Кочани кои се реализираат преку финасиска билатерална помош од Владата на Австрија. Во Истибања кај Виница минатата година е избушен нов бунар. Во тек е изградба на нов експлоатациски бунар и нови истражни дупчења во локалитетот на Кочанско поле. Со вложување на дополнителни средства во истражувачки работи, се предвидуваат дополнителни капацитети и во Струмичката област. Се предвидува и делумно враќање на искористената геотермална вода назад (реињектирање), преку постоечките бунари во бањата Банско, со претходно елиминирање на колоидните материи, насобрани во водата.
Постојат и приватни иницијативи за нови бунари. Има активности и во Дојран. Се работи и Студија за дупчење на бунари за електрана од 5 MW во Кочани. Постои и студија за бинарна електрана со моќност од 750 kW. Започнувањето на активностите за истражување на нафта секако ќе придонесе и во изнаоѓање на нови извори со повисоки температури на водата.
Потенцијалот на користењето на геотермалната енергија за греење на оранжерии треба да се постави во корелација со развојот на земјоделството и потребата од оранжерии. За остварување на оваа цел, покрај веќе превземените активности, потребни се дополнителни акции и од страна на локалната самоуправа и од страна на Владата.
Текстот е преземен од пријателскиот портал energetskaefikasnost.info