„Подземна…“ небесна или овоземна живеачка

За гостувањето на струмичкиот театар со претставата „Подземна комедија“ во Битола.

Струмичките театарски посветеници со својот последен сценски проект „ПОДЗЕМНА КОМЕДИЈА“ (со кој деновиве гостуваа и на сцената на Народниот театар во Битола) – направија достоен и за секоја почит – творечки чин. Тоа го констатиравме и по проследувањето на премиерната претстава на почетокот на јули, на матичната сцена во Струмица (сцената на НУЦК „Антон Панов“) каде се играше „Подземна комедија“ на прославениот современ драматург Христо Бојчев (Р Бугарија).

podzemna

Респектабилниот уметнички потфат на Струмичани, на менаџментот на театарот, се состои во тоа што повлекува вистински репертоарски потег со дело/текст и автор од европски/светски формат – со кој нема промашување и неуспех. Самиот факт дека драмското (комедиографско) творештво на големиот бугарски писател од само десеттина текстови, му обезбедува за деценија и половина над стотина постановки ширум светските простори, говори за автор -ако не секогаш и во се за оригинален, тогаш апсолутно секогаш и во секое дело за неверојатно луциден, умен, вешт и превасходно безмерно даровит писател – голем мајстор на драматуршката магија, која во секоја (прилика) дело следи своја оригинална тема и драмски (реален, од суровото совремие даден или имагинарен, авторски/виртуелен ) – настан, редовно пак, следен од мајсторски дијалог – зачинет со неограничена количина црн хумор, превасходно оригинален, авторски – Бојчевски, балкански.

Оттаму и неслучајно, меѓу споменатите над 100 постановки низ театарските сцени на светот, незаобиколни се и македонските театролошки факти дека оваа поставување на дело од Христо Бојчев е дури седмо во Македонија. Така, кај нас, најмногу е игран „Оркестар Титаник“ (во МНТ Скопје, НТ -Прилеп и НТ -Куманово, сите поставени во сезоната 2005/2006 год.), а пред тоа како прво и второ поставување на Бојчев на македонските театарски сцени, се претставите на прочуената „Полковникот птица“ на театарот „Војдан Чернодрински“ (Прилеп 2002) и на Албанскиот театар (Скопје,2007). Вториот текст на Бојчев кој се игра во Македонија е “Жена за полковникот“ (варијацијата на „Полковникот птица“, исто така на прилепската сцена во сезоната 2002/03 г.) Последен кој се приклучи кон македонските театарски куќи кои одиграле текст од Бојчев, беше театарот од Куманово со “Околиска болница“, со која Кумановчани мошне успешно се претставија на минатогодишниот МТФ „Војдан Чернодрински“.

За жал НТБ, го нема на оваа листа, па така неодамнешното гостување на најновата премиера на „Подземна комедија“ на битолската театарска сцена, како да го искомпензира односот кон едно од најголемите имиња на современата драматургија – Христо Бојчев, а и со фактот дека како режисер на претставата се појавува, честиот гостин на струмичктата театарска сцена, битолчанецот Дејан Дамјановски, сега веќе припадник на средната генерација на македонската театарска школа.

Секако – за одбележување и како своевиден есклузивитет е дека на премиерата во Струмица на својот текст присуствуваше и авторот Христо Бојчев ( со кој не сврзува пријателство од МТФ, Прилеп), но и претходната подготовка ( прочитан текст, прибрани театролошки податоци…) ни се присторија за недоволни за рецензија, критичарски осврт на текст на автор од таков и толкав формат, како Бојчев, па така оваа рецензија е осврт и на двете претстави, премиерната и битолската(патем, Струмичани во Битола ја одиграа и дуодрамата „Каминот“ од исто така извонредниот бугарски драматург Маргарит Минков, за чија премиера пишувавме во „Репер“, “Плагијат“ ,“Его“ итн).

„ПОДЗЕМНА КОМЕДИЈА“ , која во театролошките и библиографски белешки знае да се појави и под други наслови/ варијации е покуса комедија (на апсурдот,нарекувајќи го „логичниот“ апсурд), која појдовно посегнува кон театролошкиот феномен на апсурдот, но потоа умно и вешто го трансферира во мисловната и традициска матрица на нашиве балкански простори, секој настан, лик, карактер.Преумниот Бојчев, искуствено се користи со сите наши религиски, фолклорни и други традиционални верувања и обичаи, за да создаде (севремена) приказна во 20-тина слики преку кои скоро ќе не убеди (низ постојана шегобијност) дека во „отаде“ и „одавде“ (живеачката) – како кај Петрета М.Андреевски – нема некоја голема разлика и ако веруваме во некој живот отаде (долу – во подземието или горе,во небесата) зошто да не веруваме исцело во тоа живеење,во тој друг свет. Во својата „трагикомична“ приказна Бојчев бравурозно наметнува логика со која низ смеа ги брише границите меѓу реалниот и долниот и горниот свет, меѓу мртвите и живите. Така преку истите и вечни човечки желби мечти за повеќе пари, лагоден живот – сите се вечно живи.

Режијата на Дејан Дамјановски,во голема мера следејќи го текстот прави претстава мошне прифатлива и гледлива.Режисерот Дамјановски, кој често се јавува и како автор на музичкиот елемент на своите претстави и во „Подземна комедија“ го ползува тоа во концептуалната дескрипција и оснажување и на текот и на самиот ритам на претставата.Во сценографската димензија на претставата – исто така е иста ситуацијата, па така останува дилемата дали само дотаму допирале барањата на режисерскиот концепт или тоа е компромис од порационален вид (со оглед дека не се работи за повисокобуџетна претстава). Сепак како мошне ефектна сцена останува оригиналното финално решение со „под/вижните гробови“.

Во доминантниот впечаток за претстава создадена со чувство на одмерено и инспиративно толкување на текстот на големиот Бојчев, најзаслужните партиципиенти, сепак се главните носители на проектот „Подземна комедија„ – актерите.Па така во нашата голема импресија остануваат да се уверливите,инспиративно остварени ролји – редум на сите актери, на овој толку ветувачки млад театарски ансамбл полн со љубов кон театарската уметност, воопшто.

Напишано од
More from РЕПЕР
5 причини да го погледнете „Види кој се врати“!
Да се потсетиме на Тимур Вермеш и на неговиот деби-роман во кој...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *