Денес светот брза, барем мене така ми се чини, со нови премини, со невидливи транзиции, односно со промени што – парадоксално – се случуваат за светот да остане ист или за да регресира во претходната состојба на доминација. Ние сега сме во таква „транзиција на глобализам“, која со логиката на мултинационалните здруженија и корпорации ги брише автентичните вредности. Со тие процеси, на малите и на автентичните им се одзема силата на постоењето. Сите ние сè повеќе мирисаме, јадеме, носиме – бренд.
Томислав Османли е истакнат македонски 57-годишен книжевник – прозаист, драмски писател, медиумски теоретичар, филмски и театарски критичар и сценарист, есеист, како и добитник на многу награди. Неодамна загрепскиот „Сандорф“ го објави неговиот роман „21-от“, кој е добитник на најзначајната македонска книжевна награда, што беше повод за разговор, во кој со авторот, освен за неговиот роман и за творештвото, поразговаравме и за македонската книжевна сцена, за положбата на писателите во Македонија, за односот на тамошните медиуми, но и на власта, кон културата и кон книжевноста итн.
Со оглед на тоа што во Хрватска е преведена само една Ваша книга, претставете се накратко себеси и својата библиографија.
За 57 години живот успеав да напишам и да објавам дваесетина книги од различни жанрови, кои де факто ја сочинуваат мојата целокупна работа, а кои, освен проза, опфаќаат и драмско творештво, есеистика, сценаристика, теорија на медиумите. Во овааобласт, сега веќе одамна, ја објавив првата македонска книга од теоријата на филмот, односно на стрипот. Неодамна Кинотеката на Македонија ја одбележи 30-годишнината од излегувањето на мојата книга „Филмот и политичкото“ (1982), прва студија од таков интердисциплинарен вид, додека истата година беше и четвртина век од појавата на мојот теориски труд „Стрип, запис со човечки лик“ (1987), која не само што е првата туку, за жал, е и единствената домашна книга од областа на теоријата на стрипот. Имам десетина реализирани драмски текстови, пет наградени и реализирани сценарија за телевизиски филмови, како и едно реализирано долгометражно филмско сценарио…
Зад себе имам повеќегодишна практика на објавување теориски текстови од областа на сите драмски засновани медиуми, од театарот и филмот до стрипот и телевизијата. Исто така – повеќегодишно објавување критика за театарот и за филмот. Има, значи, доста околу тоа, но ми се чини дека ова е сосем доволно за кратко претставување.
Како дојде до соработката помеѓу Вас и хрватскиот издавач „Сандроф“?
Па, по препорака на македонските критичари, како и издавачи, што соработуваат со „Сандроф“. Имено, откако мојата книга „21-от“, наслов што секако се однесува на векот во кој неодамна стапивме – во Македонија ја освои наградата за роман на годината, а набргу потоа беше номинирана и како национален претставник за меѓународната награда „Балканика“, преку исказите на членовите на жирито на таа критика, книгата го сврте вниманието кон себе. За тоа секако дека придонесе и исходот од гласањето на меѓународното жири на споменатата книжевна награда „Балканика“, кое таа 2011 година се одржуваше во Валона, каде што мојот роман го освои второто место според бројот на гласовите, веднаш зад победникот, истакнатиот албански и европски автор Исмаил Кадаре.
Така, не многу по тој натпревар, белградскиот издавач го побара романот за објавување во Србија, добив уште еден повик, а македонскиот издавач г. Нове Цветановски, сопственик на издавачката куќа „Македонска реч“, му го предложи мојот роман на својот колега, г. Иван Сршен, за објавување во „Сандроф“. Книгата во Загреб се појави во јули 2012 година и беше промовирана на првата книжевна манифестација на именуваниот млад загрепски издавач, „Авантурата на Сандроф“.
Ова, инаку, не е мојата прва објава во Хрватска. Тоа е, всушност, преводот на мојата антивоена драма „Апокалиптична комедија“, кој го направи македонистот проф. д-р Златко Крамариќ уште во далечната 2000 година во „Книжевна ревија“. Претходно, во осумдесеттите, имав интервју во „Око“, за кое беше повод текстот од политичката теорија на филмот во списанието „Прашања“, филмолошкиот прилог во „Филмска култура“…
Можете ли накратко да ја опишете македонската книжевна сцена и каква е Вашата положба во неа? Постојат ли можеби некакви групи писатели (генерациски или според сродноста на ракописите) и чувствувате ли дека сте дел од некоја од нив?
[pullquote align=”left”]Македонската книжевна сцена е сè пожив простор, особено со појавата на новата генерација автори, кои носат современ сензибилитет и кои ги менуваат тематските и наративните стереотипи[/pullquote] Македонската книжевна сцена е сè пожив простор, особено со појавата на новата генерација автори, кои носат современ сензибилитет и кои ги менуваат тематските и наративните стереотипи. Како илустрација за таа тековна живост што владее на македонската книжевна сцена, би сакал да споменам дека, наспроти досегашниот просек од триесетина романи годишно во национална продукција, оваа година за споменатата награда за роман на годината учествуваа дури 46 книги. Тоа, секако, не зборува за тоа какви се тековните книжевни производи, но секако дека ги навестува бројноста и различноста на прозните теми и пристапи.Инаку, мојата авторска положба во неа би рекол дека е – необична. Не им припаѓам на групите што, евентуално, се формираат според сензибилитетот и според адеквациите од различен вид, обично генерациски, но особено не ни на оние со идеолошки карактер. Тоа е обично понепрактичен, но според мене, подоследен статус. Стојам на тоа дека е мое да ги пишувам своите книги, не да делам книжевни интереси. Не треперам кога се делат награди, синекури и финансии од државните институции. Одбивам да бидам соодветен, повеќе сакам да бидам свој и спокоен автор. Можеби и поради тоа, а верувам дека пред сè поради сите книги, имам, меѓутоа, вредна група квалификувани македонски книжевни познајници и читатели зад себе, како и почит од нивна страна. Член сум, инаку, на Друштвото на писателите на Македонија, како и на македонскиот ПЕН центар, каде што повеќепати, еве и сега, бев избран за член на управата.
Во својот роман „21-от“ се занимавате со многу теми, меѓу другото и со односот помеѓу модернитетот и традицијата, и ми се чини дека е Вашиот избор на постмодернистичките раскажувачки стратегии, со оглед токму на таа тематика, многу добра одлука. Кажете ни нешто за тоа.
Тоа е, едноставно, мојот свет на раскажувањето. Ми се чини декае раскажувачката комбинација на модернитетот со традиционалните вредности последица на отворениот видокруг, кој овозможува мултимедијално практикување на наративните застапници, нивна отвореност како фантастични, нивна нагласена фикционалност, така што можеби оттука и споменатиот модернитет може да се гледа како другата страна на филмското структуирање на прозниот дискурс во романот, по пат на паралелизам на дејството засновано на четири главни приказни со учество на поголем број како анонимни така и епонимни карактери, ликови не само од националната македонска туку и од европската универзална историска номенклатура, со монтажа на смената на наративните текови на раскажувањето, потоа со комбинирање подолги со многу кратки поглавја онака како што чувствував дека треба да тече ритамот на дејството итн.
Евентуално, пак, отуѓувањето во некои содржини и прозни слики во романот „21-от“ го доживувам како консеквенција на стриповната нарација, која ја сакам, ја проучувам и на која сум склон. Тие необични, иронично и хумористично замислени и интонирани карактери на мојот прв роман, истовремено и деветнаесетта книга, се последица на поетичкиот пресврт по моите носталгично интонирани прозни книги „Пеперутката на детството“ (1993) и „Виолетни светлини и сенки“, а од драмите мојата наградена книга, јудео-балканските раскази и новели „Светилка за Ханука“ (2008), која тековно, текст по текст, не престанува да ја објавува универзалното сефардско списание „Los Muestros“ со седиште во Брисел; значи, пресвртот кон отуѓеното, кое во себе содржи битни скриени карактеристики, суштина што се однесува на нашата положба во историјата, необичен каламбур, ми се чини дека авторски го најавив со својата прозна книга „Каприча“.
Тоа е поетика на откривањето привидно смешен парадокс, на маргиналните подрачја на ситуациите, на просторот, на времето, и тоа конкретно на самиот премин во векот, но и на животот и на смртта и обратно, велам поетика што сè уште трае во мојата инспирација и работа…
Дејството на романот го сместивте на крстосницата на милениумите, во 2001 година, на самиот праг на влезот во 21 век. Дали таквото лоцирање на дејството беше интенционално за да го искористите фактот на календарската транзиција за во романот да се позанимавате со економската и со политичката, но и со другите видови транзиција?
[pullquote align=”right”]Она што не го бира авторот е текот на приказната, која ја поставува како отуѓен воз на шини за тој да почне да се движи своеволно, понекогаш со неконтролирани сплетови на непознатите шини и на невидените станици[/pullquote] Веројатно. Хронотопите – впечатливи, ми се чини – ги бира авторот. Она што не го бира тој е текот на приказната, која ја поставува како отуѓен воз на шини за тој да почне да се движи своеволно, понекогаш со неконтролирани сплетови на непознатите шини и на невидените станици. Сепак, и хронотопот за кој како автор ќе се одлучите, во суштина, ве бира вас. Имено, сакав да пишувам за ситуацијата на преминот во векот затоа што многу ме импресионира самиот почеток на „новото време“, 21 век, а со него и на новиот милениум, влегувањето во ерата на водолијата итн. Имено, не поради самите нив, туку поради тврдокорната спротивставеност на целокупниот оптимизам што го ветуваа и што го ширеа историските, астролошките и мистичките доктрини – дека конечно, имено по векови војни и распади, конечно и дефинитивно ќе почнеме да живееме во миротворна епоха.Ништо од тоа ниту денес, а особено не на почетокот на 21 век. Пехови на прагот на новата епоха. Наместо тоа, во мојата мала земја, која успеа да го избегне оној голем и трагичен воен распад на заедничката држава, почна меѓунационален конфликт, што изгледаше како крај на нашиот одеднаш многу помалку патриотски свет (термин што не го сакам многу, но го користам за да ја објаснам отуѓената игра на инспирацијата), сè додека таа иста 2001 година, првата година од векот и од милениумот, на 11 септември не се случи нешто незамисливо: напад на САД, што мене ми влијаеше како драматичен планетарен „зум-аут“ каде што, преокупирани со нашето, наеднаш увидовме страшна „голема слика“, геополитички тотал на планетата, но заедно со навестување голема драма, која уште долго толку опасно ќе ја ангажира светската сцена. На тоа се должи „21-от“.
Лично како најинтригантен лик ми се чини професорот Кавај, кој е во емотивен расчекор, во транзиција помеѓу напуштањето на старите илузии и приспособувањето кон новонастанатите општествено-политички околности, па не можејќи да ги разреши тие лични дилеми, тој на некој начин бега во минатото, во мистицизам. Можете ли да ми кажете нешто за тој лик.
Во професорот Кавај егзистира и дел од моето алтер-его. Покрај него и јас верувам дека имавме, односно дека изгубивме некои вредности, па го конципирав како добар и наивен Одисеј, поточно како Енеј, кој се симнува во подземните ходници за одново да ја пронајде само навестената добра страна на нашиот дел од светот. Сепак, во него постои и оној словенски дух склон на вредностите како што се пријателството, гостопримството, човечноста, миротворството (иако во поновото историско јужнословенско искуство покажавме драстична спротивност на сите овие вредности!), кој не може да се изначуди на нивното исчезнување, верувајќи во нивното насушно значење, како чиста вода што наеднаш се повлекла, ненадејно истекла низ подземните коридори, без да се знае каде…
Како ќе ја пронајдете таа исчезната жила? На секој можен начин. Покрај научните претпоставки, кои, инаку, помалку помагаат. Со срцето. Со надежта. Со духовна потрага. Со консултирање стари записи како малку познатата, но одлична книга од Нушиќ од 1892 година насловена „Крај брегот на Охридското Езеро“, со послушување на мудроста на суфи, поконкретно на шеихот и на дервишот од охридската мевлевитска текија, со симнување во ходниците под старите цркви на христијанските храмови со Исусовата идеја за доброта и за миротворство, но и со средбите со духовите од минатото што доаѓаат „од онаа страна“ на времето и на реалноста. За намстарите, главно презаситени со тие драстични идеи, да ни ги расипат новите времиња и вредности.
Ете, тоа се амбиентот и духовниот простор низ кои се движи и се обликува ликот на професорот Кавај. Тој нема да успее во она што го наумил, но битно е дека ќе се обиде да ја пронајде изгубената доброта. Во таа утопија, имено, се крие најголемата вредност. Затоа што сè додека постојат обиди повторно одново да се пронајде, постои и самата идеја за Добротата.
Се согласувате ли со констатацијата дека е транзицијата, поим што во својата суштина претпоставува привременост, за овдешните народи всушност своевидна константа, перманентна состојба? Затоа што и претходно всушност живеевме во транзиција – социјализмот како преоден период помеѓу капитализмот и комунизмот – а жртви сме на транзицијата, ете, сите ние, како Македонија така и другите земји од просторот на поранешната држава, веќе 20 години, без изгледи за скорешно завршување на таквата состојба.
[pullquote align=”left”]А денес? Денес светот брза, барем мене така ми се чини, со нови премини, со невидливи транзиции, односно со промени што – парадоксално – се случуваат за светот да остане ист или за да регресира во претходната состојба на доминација[/pullquote] Секако, но во поширок видокруг транзицијата е судбина на целиот современ свет. Челичните и хибернациски времиња се привидно далеку зад нас, иако по Сталин дојде Челичната Леди, односно – по шеесеттите и по седумдесеттите – светот што привидно динамично се движи и што технолошки напредува де факто (за)останува во најзначајните области. А денес? Денес светот брза, барем мене така ми се чини, со нови премини, со невидливи транзиции, односно со промени што – парадоксално – се случуваат за светот да остане ист или за да регресира во претходната состојба на доминација.Ние сега сме во таква „транзиција на глобализам“, која со логиката на мултинационалните здруженија и корпорации ги брише автентичните вредности. Со тие процеси, на малите и на автентичните им се одзема силата на постоењето. Сите ние сè повеќе мирисаме, јадеме, носиме – бренд.Сè е бренд. И секаде. Брендот е тотален феномен. Тотален феномен е и тоталитаризмот на мултинационалните компании. Гигаконзервативизмот се воспоставува како – транзиција во место. Токму тоа се случува во времето во кое живееме. Нема нови хумани идеи што значително ќе го унапредат ова време.
Ова време предолго стои во забраната наречена постмодернизам, која е естетички адекват на постиндустриското општество. Никако не можам да си одговорам на прашањето: зошто, иако ни се случува во науката, немаме своја информатичка епоха како квантен скок и во уметностите? Тука го имаме вечниот постмодернизам. Ако не сè, тогаш најголемиот дел во уметноста е постмодернизам. И тоа е една транзиција во место. Партикуларизмот што се промовира во сите области на творештвото оневозможува создавање нови општи сензибилитети што би можеле да создадат одреден идентитет на времето, негов нов и енергичен уметнички израз, како уметноста во сјајната епоха на модерната. Ниту новиот „Fin de siècle“ ниту „le commencement du siècle“ за тоа, барем сè уште, не ни придонесуваат.
Европската идеја, толку значајна пред две децении, сега избледува и во нашите доживувања, затворајќи се во прагматичните интереси на европските конзервативни структури и во концепциите на државите-нации. Тоа не значи дека не треба да се стремиме кон концепцијата за Европа како заеднички отворен дом, во што вашата земја успева, што нè радува сите нас, нејзините пријатели. Мислам дека со евроасоцирање и на другите држави во регионот самата класична европска конволуција ќе добие жив и позитивен импулс, кој ќе се пренесе врз бирократизираната и бескрвна Унија. Затоа што нејзината актуелна слика на вредности е, така да кажам, „ладна“, бирократска, а оттаму, според мене, во голема мера и кризна.
Под таа општа и, во суштина, тажна слика на една политичка историја „во шлајфување“, досега барем функционираа нашите партикуларни бескрајни транзиции како подобри и како послободни во услови кога ништо подобро ниту послободно не се случува, имено како со еден граѓански систем на вредности што ќе стане подобар со спроведување на вредностите на социјалната држава и на алтруистичкиот солидаризам. Во што ние, сепак, имаме значајно искуство од претходниот систем, а оттаму и осет, па и критичка реакција кон новата нагласено меркантилна и доста профитерска практика на оваа ладна, а оттаму и туѓа современост…
Исто така, во романот се занимавате и со односот на привидот и вистината, на стварноста и фантазијата, па примерите со мотиви од традиционалната македонска музика и танц ги користите како своевиден начин на трансмисија во друга димензија, во димензија на заборавот, на безвременоста и на очудувањето. Преку тоа, некои луѓе ненадејно се наоѓаат во минато време, во друштво на луѓе од различни временски периоди, како Зса Зса Габор, Бранислав Нушиќ, Сартр, Симон де Бовуар или браќата Миладиновци, што го збогатува романот со референцијалност, но и значително ја разбудува тематиката на односот помеѓу модерноста и традицијата. Можете ли да го објасните токму таквиот избор на личности од минатото, се работи ли за случајност, т.е. зошто на пример токму Зса Зса Габор и Симон де Бовуар, а не некој друг?
Зса Зса Габор, која кај мене е преименувана во Жи Жи Жабор затоа што е таа личност меѓу сите овие карактери единствената што сè уште егзистира, е спој помеѓу Ориентот и Оксидентот. Европската љубовница на Кемал Ататурк, чие име (нејзиното) стои како необичен потсетник на месинганата плочка на влезната врата на една во нивните соби во познатиот истанбулски хотел „Pera Palace“, да речеме, покрај името на Јосип Броз испишано на влезната врата на другата соба во истиот историски, но и будоарски возбудлив хотел. Сакам, притоа, вашите читатели да ги потсетам дека истиот тој Ататурк – страстен, понекогаш и суров промотор на западните вредности во постотоманската Турција, нејзин минатовековен Петар Велики – имал и своја друга љубов од друга вера и од друга националност, битолчанката Елена од богатото влашко трговско семејство Каринти, со која го поврзувала нежна младешка љубовна авантура додека престојувал на Воената школа во Битола…
[pullquote align=”right”]ме интересираат воспоставените релации меѓу припадниците на различен идентитет, а со една иста, односно човечка припадност, прекршувањето на лажните слики од калеидоскопот на животот[/pullquote] Накратко, ме интересираат воспоставените релации меѓу припадниците на различен идентитет, а со една иста, односно човечка припадност, прекршувањето на лажните слики од калеидоскопот на животот, во кој токму шареноликоста и разликите, односно богатството на егзистенцијата на еден простор, доведуваат до недоразбирања, драми, конфликти, како и до трагедии – и покрај воспоставените и функционални врски.Симон де Бовуар заедно со Сартр престојувала во Скопје, па и тој елемент на неочекуваната Другост го вградив во една слика од романот. Македонските национални преродбеници, браќата Миладиновци, на тој начин, во романот накратко се среќаваат и се разминуваат со егзистенцијалистичкиот и еманципаторски француски пар во некое меѓувреме што е можно единствено во фикционалните наративи, односно во тврдењата на новата квантна физика, која, меѓутоа, за разлика од литературата и од уметноста, воопшто не се занимава со судбината на човекот како единка и како род.
Тоа што е континуумот време-простор жестоко разместен, не со „милениумската бубачка“ со чиј хаос нè плашеа на прагот на овој век, може да се разгледува и како политички феномен, односно како една, во овој случај технолошка манипулација со историските процеси, со која се одзема прогресивното движење. Сакав тие размислувања да ги допрам во својот роман, прашално загледан во неизвесната судбина на векот во кој веќе доста згазивме…
Во романот впечатливо го тематизирате јазот помеѓу генерациите. Уверливо прикажувате како кај постарите граѓани, поради војната што беше на повидок тогаш во Македонија, се распрскуваат идеалите за братството и за единството, за гостопримствотои за хуманоста на народите на поранешна Југославија, додека новата реалност носи слики на свирепи убиства предизвикани од меѓуетничка омраза. Помладите генерации (ликовите Маја и Гордан) со тоа немаат проблеми – за нив нестабилноста е природна состојба, а прагот на социјалната солидарност е сè понизок, додека прагот на нивната социјална издржливост, самостојност и борбеност во постојан пораст. Дали е правилно да се заклучи дека романот зборува и за тоа дека изгасените занеси и срушените илузии нужно водат кон бесчувствителност, кон егоизам и кон прагматизам? И дали младите, всушност, се принудени да бидат прагматични и безобѕирни само за да опстанат во денешниот свет на суровиот капитализам? И, ако е така, каква иднина нè очекува?
[pullquote align=”left”]Младите се моделираат според актуелните состојби, додека старите повеќе се водат според романтизмот, според сентиментот, како и според носталгичарската мотивација[/pullquote] Младите се моделираат според актуелните состојби, додека старите повеќе се водат според романтизмот, според сентиментот, како и според носталгичарската мотивација. Што би правеле и ние да сме на местото на Маја и на Гордан, две млади личности што се сакаат како што отсекогаш се сакале сите млади на светот, а пред себе да почувствуваме отпор и неможност за реализација? Дали од патриотски побуди би останале на родната почва или би ги кренале едрата и би се упатиле кон просторите што даваат повеќе шанси за среќа…?Младите имаат целосно право на таква одлука. Со багажот што го носам и како поединец и како творец, јас сум веќе формирана личност – ако може така да се каже – со повеќе класични побуди. Јас, имено, ѝ припаѓам на другата, на постарата групација. Каде би одел јас сега од оваа балканска џунгла по белиот свет? Што барам сега таму? Што ми е сега таму? Особено затоа што се формирав во другиот систем и како автор и како етос. Оттаму, ни јас не го ценам прагматизмот како животно кредо, освен можеби во оперативноста, меѓутоа само кога со него не се повредуваат етичките и конкретните човекови вредности.
Никогаш не сум ја сакал ароганцијата што сега се става како маска што одговара на модата на ова време. Денес сите глумат дека знаат сè. Ајде, луѓе, ние сме само наследници на Сократ, кој убаво зборувал дека токму кога нешто ќе дознае станува свесен колку малку знае / познава. А овие скорашниве ставаат маска и арогантно држење и – јурат низ нашата стварност и низ нашите животи. Не ги сакам машките „yuppi-je“ ниту нивните дрски женски менаџеријални пандани што во својата критичка есеистика ги нарекувам „bitch-kama“. Со тие прашања, меѓу другото, се занимавам во својата студија „Граѓанскиот простор“ („Блесок“, 2011), каде што проблематизирам со дефицитот на етичка вредност на вистинското граѓанско општество, кое никаде во постсоцијализмот сè уште не е суфициентно остварено.
Инаку, секогаш ме трогнува покажаната човечност. Мои вредности се: емпатијата, сочувството, филантропијата, алтруистичката калокагатија… Трагично е што денес ги поимам неможноста за нивна реализација, прагматичкото наместо етичкото општество, либералното наместо граѓанското социјално општество, а уште повеќе тоа што во либерализмот сè се прокламира во име на хуманизмот. Од прометот до религијата. Се работи за хипокризија, која обилно ја лачи идеологијата на сите владејачки институции на оваа испревртена доба, за лагата што во име на човечноста ја загрозува и самата љубов. И христијанската, но и онаа како кај Маја и кај Гордан. Сепак, заокружувајќи ги нивните судбини, се определив за враќање дома, односно не толку за среќен крај колку за принципот на надежта во можноста за вистинска љубов, пред сè.
Неодамна во Македонија излезе и Вашиот нов роман, кој сè уште не е преведен на хрватски јазик. Кажете ни нешто за него.
Романот „Зад аголот“ е уште покомплексна приказна, составена од девет текови на дејството што се простираат на 370 страници; преплетувајќи ги тие текови – се надевам – и доследно ги решава. Романот со голем број ликови поседува наратив што се меша од нежен во ироничен, од историска и карактеролошка реалност во фикција и во духовита, наместа и фуриозна фантастика.
Дејството во романот, преполн со пресврти, се случува во Македонија, на поширокиот Балкан, потоа во Швајцарија, во Америка, во Русија, во сегашноста, како и во минатото – на просторот на Мала Азија и на Голема Грција (Magna Graecia), во древните Тир, Милет, Самос, како и во јужноиталските полиси Кротон и Метапонт од пред дваесет и шест века… Еден од ликовите во оваа книга, во алеаторна игра на судбинското и на случајното, е и Питагора, таткото на учењето за селењето на душата, кое всушност, со многу духовити и иронични перипетија и со референци на актуелната состојба на нештата на крајната граница на минатиот 20 век, значи пред самиот почеток на овој век, јасно ќе се покаже и во романот. За жал, во нови воени времиња во регионот, овојпат во 1999 година.
Просторот на дејството во романот варира: од командната соба на НАТО базата во Авијан, виртуелните сателитски снимки, во „ентериерите“ на душата на различните ликови од професорот по нацртна геометрија од современо Скопје, кој се вика Никола Кокиновски, но во налетот на месијанска инспирација, допрен од Питагоровиот поведувачки дух, ќе се именува со краткото и симетрично, анаграмски пресликано име – Нико Окин. Тука се, значи, тој Окин, кој едвај се спасува од самоубиство на самиот почеток на приказната, и реални ликови од сегашно време, невработени, исфрустрирани од распадите, отпуштени од работа, до оние неколку души што влегле во античката мистика и во филозофот Питагора, па сега шетаат по „внатрешните простори“ на обичните луѓе на Балканот, но и на американските тајкуни и епонимни создавачи на политиката од непристапните елитни клубови од прекуокеанските метрополи. И произведуваат вистински историски и човекови карамболи.
„Зад аголот“ е книга што, полна со пресврти, трага за „геометријата на изненадувањето“ во последната година од минатиот век, токму онаа во која на постоечкиот простор сè уште живо се сеќаваат дека во веќе непостоечката СР Југославија се одвиваше, меѓу другото, и апсурдна и трагична кампања на бомбардирање од невидливи височини… Романот, меѓутоа, не застапува една, туку ги прикажува сите страни во конфликтот: од војниците на таа земја до герилците во униформа на УЧК, на и на НАТО, значи сите човечки жртви на еден, по правило, трагичен конфликт. Сакав „Зад аголот“ – приказна за приказна – да гради и да открива зачудувачка и иронична геометријана секое лице на човековото постоење во универзалниот простор и опфат, третирајќи од патот на разоткриениот апсурд, парадокс и – изненадување. Сите оние зачудувачки ситуации што нè очекуваат тука, во близина, така да кажеме – зад аголот. Ретко за да нè усреќат, обично за да нè треснат до комична, но толку често и до трагична – болка…
Многу би сакал, не само поради својот висок респект кон хрватската книжевна и воопшто културна средина туку особено поради многу позитивната рецепција на мојот роман „21-от“, и романот „Зад аголот“ да биде преведен и претставен на особено квалификуваното хрватско читателство.
Врз основа на она малку што е преведено на хрватски јазик од новите книги на македонските автори (Вашиот роман и романите на Гоце Смилевски, на Емир Лафазановски и на Венко Андоновски), би можело да се заклучи дека постмодернистичката раскажувачка практика преовладува меѓу македонските современи автори. Дали е навистина така и како го објаснувате тоа?
Така е, тие постмодернистички примери се среќаваат и во рецентните објави на македонските автори главно од поновите генерации. Иако, секако, постојат квалитетни објави што се со класичен раскажувачки стил и што покажуваат квалитети како вкусот на старото вино. Би сакал тука да ги споменам нашите книжевни доајени: Оливера Николова, според мене актуелната прва дама на македонската книжевност; Благој Иванов, чие прозно творештво изгледа психолошки рането во ликовите на малите луѓе; како и Ферид Мухиќ со своите богати прозни, поетски, есеистички и филозофски објави…
Кои современи македонски автори и нивни книги би им ги препорачале на хрватските издавачи?
Споменатите тројца автори и уште еден доајен: Илхамиј Емин со неговата најнова книга, романот „Ѕидот што оди“; потоа Лидија Димовска со нејзиниот претходен роман „Скриена камера“; Сашо Кокаланов со романот „Изабела, Ишмаела и јас“, една добросрочена приказна во чија заднина се одвиваше последниот воен конфликт во Македонија; Жарко Кујунџиски со неговата добронапишана прозна книга „Спектатор“; Славчо Ковилоски со краткиот роман „Осамен сум“, кој е кисела, речиси филмски документирана слика на младата генерација; Калина Малеска-Гегај со нејзиниот квалитетен роман „Бруно и боите“, Румена Бужаровска со нејзините приказни…
Каква литература преферира македонската публика, повеќе се продаваат публицистички книги или белетристика?
Најмногу се продаваат странски хит-изданија, авантуристички книги, трилери и љубовни романи. Публицистичките книги едвај се купуваат. За среќа, се чита и уметничката книжевност од домашни автори, пред сè прозната, за жал не и поетската, иако и тука македонската продукција е плодна и во повеќето случаи многу квалитетна. Притоа, најмногу се купуваат романите „потврдени“ со некоја книжевна награда, но и книгите што лично се препорачуваат.
Дали македонските издавачи редовно ги исплаќаат хонорарите на авторите на прозни и на поетски книги или постојат проблеми околу тоа? Колкави се просечните продажни тиражи на прозните книги и на збирките поезија?
[pullquote align=”right”]Инаку, хонорарите што ги добиваат авторите од своите буџетски поддржани наслови се, најблаго кажано, скромни. Овие години дури се и дополнително намалени[/pullquote] Ги исплаќаат, по правило, оние автори чии книги добиле финансиска поддршка во програмата на Министерството за култура. Инаку не. Исклучок би можело да биде тоа што одредени куќи инвестираат во нови книги од реномирани македонски автори, по правило академици, но тука обично не се работи за белетристички, туку за публицистички дела. Меѓутоа, такви случаи има толку малку што не е вредно ни да се споменат. Накратко, издавачите не ги инвестираат своите пари, туку единствено парите од програмите финансирани државно. Постои феномен на објави апсолутно без авторски денар. Само за да се објави делото. Во овие меркантилно первертирани времиња задоволни се сите учесници во процесот на издавање книги, издавачите најмногу, преведувачите исто така, но никако не и самите книжевни автори, чија работа се потценува.Инаку, хонорарите што ги добиваат авторите од своите буџетски поддржани наслови се, најблаго кажано, скромни. Овие години дури се и дополнително намалени. Така, на пример, хонорарот за роман изнесува околу 850 евра, додека цената на преводот на истото дело е двапати поголема, а на пример хонорарот за драмски текст – барем четири до шест пати поголем… Не можам да ја разберам таа политика што основната, најбројната, а воедно и најрезултатната творечка дисциплина како што е книжевноста ја ускратува, наспроти издвојувањата за скапи уметнички „спортови“ како филмот, каде што се издвојуваат големи суми…
Тоа се парадокси што, што се однесува на книжевното творештво, како и на издавачката дејност, опстојуваат затоа што нема кој да ги проблематизира. Имено, голем број автори имаат и некој вид издавачки куќи, се јавуваат на конкурси со својата и со уште понекоја книга, што се чини дека ги задоволува и како автори, а уште повеќе како мали претприемачи.
Во Хрватска сведочиме за тренд на исфрлање културни содржини од дневните весници. Каква е ситуацијата во Македонија во однос на тоа прашање, постојат ли рубрики за книжевна критика во дневните весници?
Во Македонија, за среќа, тоа не е случај. Културните содржини се легитимни и убаво рубрицирани форми на новинарски информации. Она што, меѓутоа, е случај кај нас е тоа што културните содржини се исфрлени од најголемиот број радиодифузни медиуми. Во таа смисла, горд сум што работам во неголема приватна телевизија со национална гледаност што не дозволи да се приклучи на тој тренд. Навистина.
Каква е политиката на македонската влада кон книжевното издаваштво, се исплаќаат ли финансиски стимули за издавање книги проза и поезија и постојат ли можеби стипендии за авторите?
Како што веќе споменав, Министерството за култура еднаш годишно усвојува програма за вкупни финансии во сите области на творештвото. Од издавачите повремено се откупува одредена квота изданија, а се планира и создавање фонд за поттикнување преводи на македонски дела во странските книжевни средини. На англиски јазик се објавени 130 книги од македонски автори, но како домашен проект, а се финансира и голем проект за издавање познати дела до светската книжевност. Стипендии за авторите сè уште не се доделуваат.
Постои ли развиена книжарничка мрежа во Македонија?
[pullquote align=”left”]За жал, не постои развиена книжарничка мрежа во Македонија[/pullquote] За жал, не. Бројот на регистрираните издавачи е во голема дискрепанција со инаку скромната, со години намалувана книжарничка мрежа, така што новите изданија може да се најдат, пред сè, во Скопје, многу тешко и по новите или преживеани книжарници во внатрешноста. Тој дефицит донекаде се компензира по библиотеките, кои обично располагаат и со понови, меѓутоа не и со најнови изданија. Читателите во внатрешноста, на тој начин, се во голема мера хендикепирани, впрочем како и потрошувачката (продажбата) на новите книги.Постои ли организирана програма со која книжарниците се обидуваат да ја подобрат продажбата и прави ли нешто Министерството за култура во тој правец?
За жал, не постои, а засега тоа не го стимулира ниту Министерството за култура.
Кои се најголемите македонски издавачи и имаат ли тие свои книжарници?
Тоа се „Матица македонска“, „Култура“, „Три“, „Икона“ – издавачи што имаат и свои книжарници, односно една или две, и тоа единствено во главниот град, а за жал не и книжарнички мрежи. На нив мора да се почне да се работи.
Дали сте сретнале преводи на македонски јазик на дела од некои хрватски писатели и за кои автори се работи?
Како не: „Македонска реч“ и „Блесок“ предничат во претставувањето различни автори од Хрватска. Споменатата „Икона“ има преведено неколку книги од Миленко Јерговиќ, а издавачот „Сигма“ повеќе книги есеи и романи од Дубравка Угрешиќ, и порано и неодамна се објавени драми од Слободан Шнајдер, „Рио бар“ од Ивана Сајко, агилниот „Блесок“ исто така објави неколку романи од писателката Сибила Петлевска. „Македонска реч“ ги објави „Нашиот човек на теренот“ од Роберт Перишиќ, романот „Добро е, убаво е“ од Ивица Претњач, потоа „Мирна улица, дрворед“ од Нада Гашиќ, како и книгата раскази „Мораме да разговараме“ од Тања Мравак…
Посветуваат ли македонските списанија внимание на авторите од регионот?
Онолку колку што можат. Македонските списанија, всушност, се во голема криза. Со години излегуваат со по еден до два броја, а не се работи за политика, туку за финансиски тегоби. Списанијата, за разлика до порано, за жал повеќе не можат да придонесуваат за запознавање на македонската книжевна јавност со новите остварувања во регионот…
Познавате ли лично некој хрватски автор?
Ги запознав Роберт Перишиќ и прекрасниот поет Марко Погачар во Загреб токму на манифестацијата „Авантурата на Сандорф“, во чии рамки и јас бев претставен, а Миленко Јерговиќ неодамна на првиот „Проза фест“ во Скопје. Комуницирав со Ивица Џикиќ, чиј роман „Циркусот Колумбија“ многу ми се допадна. Со задоволство ја прочитав книжевно-стрипувано конципираната новела „Скела“, односно приказната „Бајка од автоматот за кафе“, на мојот хрватски издавач, но и книжевно култивиран автор, Иван Сршен. Ја запознав младата авторка Теута Бутуќ, која негува автентичен и фантазиски богат современ книжевен свет. Многу добар пријател ми стана проф. Матко Сршен, кој непрекинато создава во областа на т.н. „држикологија“, на театарската драматургија и на книжевноста и чии книги со задоволство во моментов ги исчитувам.
Кои се најзначајните македонски книжевни списанија и постојат ли, освен „Блесок“, кој е добропознат во Хрватска, некои други интернетски портали посветени исклучиво на книжевноста?
Тука, пред сè, ќе ги споменам порталот okno.mk, како и reper.net.mk, кој е обновен неодамна. Постојат, меѓутоа, и многу информативни портали што ја третираат уметноста, а меѓу другите дисциплини и литературата.
Илустрации: Алиреза Дарвиш