Најдобриот музичар што го познавам

Признавам дека звучи необично кога ќе кажеш дека некој компонира електронска музика, изгледа дека повеќе одговара да кажеш дека „прави“ или „микса“.

www.360z.net-711

М. отсекогаш ми оставаше одличен впечаток, но можам искрено да кажам дека никогаш, пред да ја слушнам приказната што следи, не сум размислувал за најдобриот музичар што го познавам. Тој е пејач на една поранешна и на една сегашна група. Првата е повеќе традиционална, а втората – повеќе експериментална. И обете се многу добро прифатени. Компонира и електронска музика. Признавам дека звучи необично кога ќе кажеш дека некој компонира електронска музика, изгледа дека повеќе одговара да кажеш дека „прави“ или „микса“. Само што тој компонира, а другите прават и миксаат колку што сакаат.

М. работи како графички дизајнер и, како и безброј други музичари, за живот заработува со нешто друго. Во слободно време сака да патува. Најчесто заминува на една-две недели. Бил во Индија, Непал, Тајланд, Кина. Отсекогаш сакаше да оди во Латинска Америка, и кога еден пријател го повика на гости во Венецуела, веднаш се согласи.

Романтичната претстава за таа држава веднаш беше разбиена од реалноста. Централните улици беа заградени со високи огради и бодликава жица. Луѓето масовно поседуваа оружје и воопшто не се мислеа да го употребат. Пред многу години Чавез во гетата подели неколку милиони пиштоли за револуцијата да се одржи во живот. М. не можеше да потврди дали револуцијата е жива или не, ама забележа дека многумина од нив умираа не поради неа, туку едноставно онака.

Ако некој посакаше да ти го украде мобилниот телефон, само ќе те застрелаше и ќе ти го земеше. Уште првиот ден мораа да се засолнат зад една стара кола бидејќи некои тинејџери пукаа едни на други. А еднаш, додека одеше сам бидејќи не се плашеше да го прави тоа – па, Источноевропеец сум, си мислеше, кој би ме нападнал – две момчиња на околу дваесетина години, кои по ништо не се разликуваа од останатите дечишта што ги среќаваше на улиците, го одлвекоа во една слепа и мрачна улица и вперија пиштол во него. На англиски му рекоа да ги соблече патиките, да им го даде ранецот и да ги испразни џебовите. Меѓутоа, М. не сакаше да се раздели од ранецот – таа вечер беше повикан на забава и во него ги носеше миксетата и лаптопот. А ги сакаше и своите патики. Но овие му беа впериле пиштол во главата. Требаше да реагира. Дали намерно или спонтано – ни самиот не може да каже – М. почна да битбоксува, постигна некаков див фристајл, почна да игра. Можете ли да си замислите? Тие му впериле пиштол, а тој пее и игра. Заборави каде се наоѓа. Заборави каде се наоѓа. Светот беше песна и игра, и сето она што не беше песна и игра исчезна, престана да постои, се стопи во ритамот и мелодијата. По една или по петнаесетина минути – тоа никој не го знае – неговиот настап заврши. Тие се беа здрвиле на своите места, го гледаа запрепастено. Пиштолот и понатаму беше вперен во неговата глава, во секој миг можеше да истрела и крај – телото би паднало на земја и песната и играта кои го контролираа до тој миг би одлетале некаде заедно со дел од неговиот мозок. Во таквите мигови, велат, животот ти минува пред очи како на лента, ама нему ништо не му минуваше пред очите. По настапот се чувствуваше празно. Неговиот страв од смртта молчеше. И пиштолот молчеше, а момчињата почнаа да ракоплескаат. Плескаа, викаа, се радуваа. Го вратија пиштолот назад, му рекоа дека е многу добар и си заминаа.

Ете, затоа М. е најдобриот музичар што го познавам.

 

Иван Димитров (1983), завршил бугарска филологија. Автор е на збирката раскази „Локални странци“ и на романот „Животот како исчезната лажица“. Со драмата „На одредиштето од авторовата интерпретација“ ја освојува првата награда на фестивалот „Друмеви празници“ во 2011 година. Во 2012 г. со англискиот превод на оваа драма влегува меѓу 400-те драми кои учествуваат на њујоршкиот фестивал HotInk at the LARK.

Напишано од
More from РЕПЕР
Консумирање на новата женственост
Дека човековиот ум мисли и спознава во бинарни опозиции веќе не е...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *