Збороредот кај заповедниот начин

Многу често, особено во говорената форма на јазикот, но и во пишуваната, среќаваме реченици од типот: Не ме чекајте! Ваквата употреба на негираниот заповеден начин е погрешна.

tumblr_lv2lmex5gO1qzdtsyo1_500

Многу често, особено во говорената форма на јазикот, но и во пишуваната, среќаваме реченици од типот: Не ме чекајте! Не го правете тоа! Не му кажувај! Не ми го давај тоа! Не му прави така! Ваквата употреба на негираниот заповеден начин е погрешна, односно постои проблем во поглед на збороредот.

Во ваквите случаи, при образување негиран заповеден начин, правилен збороред е следниот: негација – заповеден начин – кратка заменска форма. Значи, наведените примери би требало да изгледаат вака: Не чекајте ме! Не правете го тоа! Не кажувај му! Не давај ми го тоа! Не прави му така!

Уште повеќе треба да се внимава при изговорот затоа што овие негирани заповедни форми се изговараат како акцентски целости со акцент на третиот слог од крајот на зборот: не-чекајте-ме, не-прав’ете-го, не-каж’увај-му, не-дав’ај-ми-го, не-пр’ави-му.

Секако, постои и друг начин да се изрази истата содржина, односно со немој / немојте и да-конструкција. Во овој случај, кратките заменски форми се вметнуваат во да-конструкцијата, односно помеѓу партикулата да и глаголската форма: Немојте да ме чекате! Немојте да го правите тоа! Немој да му кажуваш! Немој да ми го даваш тоа! Немој да му правиш така!

На кој од двата начина ќе му се даде предност зависи од желбата и од намерата на зборувачот / авторот на текстот. Во секој случај, треба да се внимава да не се погреши во однос на збороредот.

На mak.katce@gmail.com ги очекуваме вашите прашања и препораки.

Напишано од
More from РЕПЕР
Емотивна цена на двојниот живот
Предмет на толкување: „Тело“, Ханиф Курејши – постколонијалистички метод
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *