Гласот на писателот

Македонскиот писател молчи. Македонските писатели останаа неми на сите случувања што во изминатиов период беа наше секојдневие.

KeedyPhotography

Македонскиот писател молчи. Македонските писатели останаа неми на сите случувања што во изминатиов период беа наше секојдневие. Ова се оцените и тезите што неретко прострујуваат низ јавноста и што не смееме да ги игнорираме, туку треба да ги прифатиме како дополнителна провокација за аналитички да го проследиме она што го создаваме и суштински да согледаме некои клучни аспекти на нашето културно живеење во денешницата.

Зарем може да се рече дека го премолчува она што се случува во неговото и наше време-невреме поетот што уште во 1990 година – време во кое во нашето македонско општество имаше не помалку турбуленции, превирања, несигурности, дилеми и трилеми отколку денес – во својата песна Лажно време поентираше со стиховите: Сè си имаме / И време за распродажба / И деца за прокуда / И сонце што не заоѓа / Си имаме море несолено / Си имаме многу татковини / Сè си имаме / А утре / Можеби народ ќе немаме (Раде Силјан)? Зарем денес, во 2013 година, не го живееме тоа лажно време што во 1990 за овој поет било утре? Зарем денес не се соочуваме со она што пред 23 години за овој поет било кобна можност за идноста што ја насетувал и што ја најавил во своето творештво? Овие стихови покажуваат дека македонскиот писател за нашево денешно (не)време не само што не молчи туку има пишувано и пред тоа да започне – во време пред времето – овие стихови не се поетско пророштво, ами вчерашна (а најверојатно не помалку и денешна) поетска согледба на она што е наша реалност на денешнинава – стихови во кои е присутен гласот на писателот, кој има и предупредувачка интонација – глас што најверојатно во вчерашното, не толку далечно време, не беше доволно добро слушнат и, еве, тоа што тогаш било поетско предупредување, во ова денешново е наша судбина.

Во воведната песна на стихозбирката Забранета книга, Веле Смилевски пишува: Ниту имало, ниту ќе има / Забранета книга / Но помислата / Да ја исклучиме можноста / За забрана / Ε крик / Или / Идеја за тестамент, / За книга што ќе ја доживее / Слободата за читање. / Потребата / Да ја кажеме оваа вистина / Hè качува на високо. Потребата со поетски јазик да се каже дека ниту имало ниту ќе има забранета книга истовремено е и потреба да се каже оти ниту имало ниту ќе има забранет збор, забранет говор и забранета мисла, оти што е книгата ако не е говор и запишана мисла на авторот? Зарем овој поетски крик, со кој се исклучува можноста за забрана, не го издигнува современиот македонски поет на височина од која со својот авторски глас ги брани слободата на говорот и слободата на мислата и од која е подготвен да ги отвори прашањата што не нè засегаат само нас и нашево време, туку имаат и вонвременска и вонпросторна димензија, како што е прашањето со кое завршува Забранета книга од Смилевски:  Кој ќе ја препознае слободата?

Во оваа пригода би ја издвоил и песната Блаже Конески се пробива кон плоштадот Македонија во Скопје од Ристо Лазаров. Во оваа песна, Лазаров пее: катаден / на плоштадот македонија во скопје / нашинците од туѓини од јабани / се препрашуваат дали добро / ги запаметиле уроците / за теоријата на хаосот / што ги учеле во туѓина во јабана / и се мачат да одгатнат / дали ако некому му влезе / пеперутка в глава / може да влијае и на текот / на историското време / дали баш на сите ни е судено / да се препелкаме / во калта на историјата / и да немаме каде да одиме / згора и да си се мавтосуваме / дека сме го нашле она што се вика сè / а всушност сме зацапале / во една голема безглавост. Зарем овие стихови ни допуштаат да кажеме дека македонскиот писател молчи? Зарем овие стихови не се потврда дека македонскиот писател умее преку своето творештво да го крене својот глас тогаш кога мисли дека е потребно и како силна индивидуа да се потврди и како критичар на својата – негова и наша – денешна стварност, и како противник на она што го доживува и што го оценува како темна страна на нашето денешно секојдневие. Меѓутоа, не како критичар и како противник со готови булеварски фрази, туку како критичар што својот став го искажува онака како што му доликува на вистинскиот писател – онака како што единствено и умее: со симбол, со метафора, со иронија и со иронизирачки деминутиви, со кованици, со хиперболи, со оксиморони – со пораки што имаат уметничка вредност.

[pullquote align=”left”]Неретко, во јавноста, но и во одредени потесни писателски кругови, постои мислење дека помладите автори не се доволно критични и строги кон својата стварност[/pullquote] Неретко, во јавноста, но и во одредени потесни писателски кругови, постои мислење дека помладите автори не се доволно критични и строги кон својата стварност – мислење дека помладите македонски автори постојано молчат. Меѓутоа, зарем може да се рече дека еден од најистакнатите македонски автори родени во седумдесеттите години на минатиот век, Јовица Тасевски-Етернијан, молчи кога во песната Глас од својата најнова поетска книга Исход вели: Зловолие ви се вие / како сплет од змии / во крутите жили? Зарем може да се каже дека молчи македонскиот писател што во своето творештво го осудува она што нè разнебитува како луѓе? Зарем може да се каже дека молчи и најмладата генерација автори на која ѝ припаѓам и јас, кога веќе најголемиот дел од најмладите македонски автори во своите дела водат полемика со своите претходници и кога еден од најталентираните автори со кои генерациски сум близок – авторката Марта Маркоска – како што е посочено и во насловот на нејзината најнова стихозбирка, со својот авторски глас се залага за стрмоглаво упатување кон височините како резултат на егзистенцијалната потреба да му се пркоси на нашево невреме? Ако е потребно да кажам нешто и во лична одбрана, ќе се запрашам: дали молчам кога со Крикови од неископан гроб порачувам: Не правете од мене метафора?

Овој илустративен колаж од современата македонска поезија уште еднаш го потврдува она што сите ние го знаевме и претходно – гласот на писателот се наоѓа во неговото дело. Оваа констатација не е новост, оти претходно ја имаат потврдено и историјата на светската и историјата на македонската книжевност, преку бројни светли примери што сум сигурен дека ни се добропознати на сите. Истовремено, овој поетски колаж покажува и дека македонскиот писател не молчи – тој умее да го крене својот глас во своето време и да биде и негов критичар што умее и да предупреди, и да се спротивстави, и да триумфира. Впрочем, не е новост оти во творештвото на еден автор се збрани и неговиот бунт, и неговите крикови, и неговиот револт, и неговите стравови, и неговите аманети, и неговите лични револуции…

KeedyPhotography5

Сепак, мораме да бидеме реални и да прифатиме – тоа самото по себе не го менува фактот дека еден дел од нашата јавност има впечаток оти место гласот на писателот слуша молк – фактот дека во македонската културна средина постои ѕид што не дозволува гласот на македонскиот писател, а тоа значи и гласот на македонското дело, доволно гласно да допре до еден голем дел од македонската јавност, до еден голем дел од широкиот читателски аудиториум. Најлесно е да постапиме елитистички и да речеме оти она што го создаваме со својата естетска вредност е елитна уметност и оти затоа не е доволно привлечно за пошироката публика или да тврдиме дека за создавањето на тој ѕид придонеле други – некнижевни фактори – и да се повлечеме од него. Она што овој пат треба да го направиме е обидот да си одговориме на прашањето: колку македонскиот писател учествува во изградбата и во одржувањето на тој ѕид?

Поради краткиот простор, ќе наведам само некои клучни прашања на кои мора да го изнајдеме точниот одговор за да дојдеме до вистинско сознание зошто гласот на македонскиот писател, денес, не допира до пошироката јавност:

– Дали со проблематични критериуми создадовме услови за хорско стихијно испуштање авторски гласови во нашиот културен простор, па и најгласните авторски гласови се пригушени од пелтечењата и од вресокот на мнозинството?

– Дали вистинскиот глас на вистинскиот автор не може да се слушне, оти е пригушен и од гласноста на аплаузите што едни на други, некритички, за сенешто, секојдневно си ги упатуваме – аплаузите што ни станаа погубна традиција?

– Дали станавме задоволни со тоа што самите си го слушаме авторскиот глас? Дали станавме самодоволни и не ни е толку важно колку нашиот авторски глас допрел подалеку од нас и од нашиот потесен круг?

– Дали ни е полесно да живееме со помислата дека она што го создаваме подобро ќе биде разбрано во некое друго идно време и не се оптоваруваме со прашањето колку сме слушнати и разбрани денес?        

– Дали сè повеќе се задоволуваме со формалностите на културното живеење и со ордените што самите си ги доделуваме, па запоставуваме нешто што е многу посуштинско?

– Колку навистина направивме и самите ние, сами или во содејство со издавачите, за да го изнајдеме вистинскиот пат на делото до читателот на новото време – колку направивме за да ги искористиме ресурсите на новата ера за вистинските нови книжевни вредности на современата македонска книжевност да допрат до аудиториумот?

По одговарањето на овие прашања, можеби ќе заклучиме дека македонскиот писател во изградбата и во одржувањето на тој ѕид придонел само со едно камче. Меѓутоа, ако започнеме од себеси и од својата вина и ако успееме тоа камче да го извадиме од ѕидот, тој ѕид ќе се сруши или во најмала рака ќе биде нестабилен и гласот на македонскиот писател, односно гласот на македонското книжевно дело, ќе допре до јавноста.

Текстот беше дел од дискусијата на Годишното собрание на ДПM, одржана на 3 јуни 2013 година на темата „Гласот на делото, глас на писателот“.

Фотографии: Џон Вилијам Кеди

Напишано од
More from РЕПЕР
„ОДАЈА НА РАДОСТА“ И „100 х 100“
Повод: Саемот на книга 2017
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *