Зошто да се читаат книжевни дела?

Животот ни се чини премногу краток за да се занимаваме долго со што било. Нашето време им е склоно на брзината и на леснотијата.

jacqueline-bradley-sculpture4

Ars longa, vita brevis (уметноста е долга, животот е краток) напишал одамна Хипократ на почетокот на делото што преку збир изреки го изложува неговото богато искуство во уметноста на лекувањето. Парадоксот на неговиот афоризам денес го чувствуваме уште посилно: животот ни се чини премногу краток за да се занимаваме долго со што било. Нашето време им е склоно на брзината и на леснотијата, кога бргу и лесно ги следиме приказните на филмовите и на телевизија, кога и животните приказни ни ги скратуваат вестите во весниците, кога дури и за потребите на наставата на располагање ни стојат кратките содржини на книжевните дела, а неретко и прирачниците нè учат за кратките пораки што ни ги упатуваат тие.

Уште повеќе, постои голема и разновидна гранка на книжевноста што можеме бргу и лесно да ја читаме. Таа служи за разонода, притоа пренесува некакви искуства и знаења, а често содржи и некои поуки. Во неа бргу се менуваат сликите и настаните, ликовите се борат со многу несреќи и непријатели, но нивните желби главно се остваруваат на крајот. Нивните животи течат бргу и лесно се гледаме самите себеси во нивните улоги. Притоа, ѝ се препуштаме на фантазијата, се забавуваме, а истовремено можеме и нешто да научиме; да речеме, како може да се совладаат тешкотиите и како може да се дојде до успех. Читајќи ја таа книжевност, нема потреба да застанеме, да размислиме и можеби да се навратиме на веќе прочитаното. Зошто да не биде доволно тоа? Зошто да читаме долго и бавно ако нема ништо побрзо од разиграната фантазија, а сите сакаме на што полесен начин и нешто да научиме?

Сепак, чувството дека сме изгубиле од времето, кое ни е толку важно, неретко се јавува откако бргу и лесно ќе разбереме некоја приказна, па ќе одгатнеме, да речеме, кој е убиецот и ќе сфатиме дека правдата победува на крајот. Се чини дека некако тоа ни било и претходно познато. Нашата фантазија се разиграла, лесно сме се соживеале со ликовите, но што ни останува кога повторно мораме да си се вратиме себеси? Јунаците главно си ги оствариле своите желби, но дали се тоа всушност и наши желби? Знаеме ли всушност што точно посакуваме?

[pullquote align=”left”]Лесната книжевност – да ја наречеме така – претпоставува некаква леснотија во животот во која самите себеси претходно се познаваме[/pullquote] Лесната книжевност – да ја наречеме така – претпоставува некаква леснотија во животот во која самите себеси претходно се познаваме; како сите да го посакуваме истото и да фантазираме за истото. Меѓутоа, не е ли таа леснотија само привидна? Не ја чувствуваме ли, барем понекогаш, тежината на дилемите и на одлуките за тоа кои сме всушност и кон што тежнееме? Не е лесно да се разберат животните рамки во кои се движиме, а тие се зацртани со традицијата. И своите најдлабоки лични желби можеме да ги препознаеме и да ги разбереме единствено ако можеме да ги споредуваме со другите. Можеби ни се чини дека нашите предци живееле и мислеле поразлично, но од каде да знаеме дека ги немале истите дилеми и дека не зборувале за некои животни можности што и денес не ја изгубиле важноста? Што можеме да знаеме за себе ако не ја познаваме традицијата на народот на кој му припаѓаме, а која ни го овозможува искуството на самопознавање со ништо друго како со јазикот на кој зборуваме и на кој мислиме? За да знаеме кои сме како поединци, мора да знаеме што е нашата културна традиција, а за да знаеме кои сме како народ, мора да знаеме што е светската културна традиција. А тоа можеме да го разбереме единствено ако не читаме само за бргу и лесно да прочитаме како некои приказни завршиле генерално среќно. И во читањето, како и во животот, мора понекогаш да се свртиме: мора да забавиме и да застанеме, зашто само така времето нема да биде изгубено; речиси ќе кажевме: тоа може и да запре.

goggles

Така, читајќи, застануваме на некој стих во кој е кажано нешто што го погодува она што сме го мислеле, но можеби не сме ни знаеле дека го мислиме; застануваме на описот што содржи детали од она што би можеле да го видиме, но обично не го гледаме; размислуваме за приказната што не е веднаш јасна и што не мора добро да заврши. Летот на фантазијата не мора секогаш да се движи само во пределите на леснотијата и на удобноста: книжевноста често е вознемирувачка, а понекогаш и ужасувачка. Читањето станува бавно и тешко во оној момент кога читајќи посакуваме и самите себеси да се „прочитаме“.

[pullquote align=”right”]Секако, книжевноста не е единственото, ниту мора да биде единственото средство за самопознавање[/pullquote] Секако, книжевноста не е единственото, ниту мора да биде единственото средство за самопознавање. Таа, гледана од една страна, зафаќа и многу пошироко од тоа, а од друга страна – не може да ги замени ниту филозофијата, ниту науката, ниту религијата. Сепак, во нешто и самата таа е незаменлива: таа не докажува, не пропишува, не наредува, дури и не советува; таа како да нè пушта самите да одлучуваме, самите да си се видиме во другите и да разбереме – ако сакаме – дека постојат широки животни можности и дека светот не е од вчера, ниту е само во нашата околина. Книжевноста од нас не бара ништо освен трпение, зашто како ќе знаеме што сакаме навистина ако во фантазијата не видиме што сè би можело да ни се случи, како да знаеме кои сме навистина ако нема ликови и судбини со кои би можеле да се споредуваме, како да знаеме што е вистински живот за нас ако во фантазијата не можеме да проживееме стотина можни животи?

Се чини дека не е сè баш толку лесно и дека не може бргу да се сфати дека не е непознато само она што е далеку од нас, туку дека е непознато и она во самите нас. Записот од романот на Штефан Цвајг, необјаснивото е во нас, над нас и околу нас, би можел да биде своевидно мото на целокупната книжевност. Ако нè интересира тоа непознато, ќе читаме книжевни дела. Некои искуства не можат дури ни да се замислат ако не се обликувани во книжевните дела: голема е животната разновидност, стварноста за неа е навистина секогаш премала. И ако афоризмот од Хипократ би можеле малку да го приспособиме, па да кажеме читањето е долго, животот е краток,ќе додадеме и дека тоа читање не е надвор од животот на оној што сака да го проживее својот сопствен живот и токму него да го пронајде, споредувајќи го со туѓите искуства и со туѓите животи. Ако е тоа бавно и тешко, бргу и лесно можеме единствено само самите со себе да опстојуваме и како поединци, и како народ.

Илустрации: Жаклин Бредли

Напишано од
More from РЕПЕР
Патувачкиот ѕид од книги
Овој прекрасен проект на Анок Круитхоф е концептуална целина што во својата...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *