Сте помислиле ли некогаш каков е животот внатре во инструментите? Дали постои живот? Дали можеби тие привидни празнини што го создаваат најубавото нешто во животот – музиката, наликуваат на нешто?
Овој фотопроект покажува и зборува токму за тоа!
Во темните шуплини на инструментите постои живот. Постои простор што наликува на извонредна архитектура, на совршена геометриска површина во која можеби некој од нас би сакал да живее. Дали би сакале да бидете дел од просторијата во која се создава звукот? Да поставите кревет и да уживате?
Овие прекрасни фотографии што ги презентираат инструментите како огромни пространи соби се дело на Миерсва Клуска (Mierswa Kluska); овде можеме да видиме еден друг, нов свет, свет за кој можеби некој од нас помислил додека гледал низ дупчињата на инструментите. Ова е серија што доловува магична светлина, агли и дрвени ѕидови, кои би можеле да прераснат во инспирација за следните архитектонски движења и стилови на градење. Изработени се како дел од кампања за Берлинската филхармонија, а овие перспективи го доловуваат амбиентот во акустичните инструменти.
Внатрешниот дизајн создава пејзажи што асоцираат на архитектурата на модерните згради, а доколку се задржиме подолго време во истражување на сите елементи, ќе доживееме креирање нови простори што прават паралела со животот од приказните.
Ова е брилијантен концепт, не верувам дека има некој што не би се согласил дека со оваа кампања луѓето од Берлинската филхармонија навистина ја доближиле убавината на музиката однадвор и однатре до својата публика. Ако некогаш сте се запрашале како би можела да изгледа внатрешноста на гитара, на труба или на виолина, сега веќе знаете. Со оваа кампања, на следбениците на класичната музика им е полесно да почувствуваат целосно музичко доживување.
Амбиентот внатре во инструментите е пријатен, топол, удобен. Како случајно да му вели „добре дојде“ на секое залутано око. Бјоерн Еварс (Bjoern Ewers) е уметничкиот директор што направил оваа идеја на Миерсва да биде прекрасна фотографска реалност. Проектот е од минатата година, но сè уште изгледа атрактивно и уникатно.