Фрагменти за Борхес

„А, од каде Вие го знаете тоа, господине?!“

Првите дела на културата и на книжевноста – светите книги, индиските, скандинавските и грчките епови – се дела на анонимни писатели; нив (тие дела) на посветените им ги диктирале богови, светци, пустиножители, мудреци, музи. Со тоа бил решен проблемот за авторитарноста на говорот и на сезнаечкиот раскажувач. Она што читателот или слушателот не би му поверувал на обичниот смртник – неговата божествена сеприсутност и сезнаење – со тоа била оправдана, не било потребно со ништо да се докажува. Приказната може да почне.

11

***

Од сите модерни книжевни конвенции, најстара и најпостојана (дали веднаш да кажам: и најлоша) без сомнение е онаа што – изникната еднакво од суета и од немоќ – му дава на писателот божествени атрибути на таканаречен сезнаечки раскажувач. Писателот, како Господ Бог, сè знае за своите ликови, не само што прават и што зборуваат во најголемата тајност на спалната, туку и нивните најсуптилни мисли.

***

10Борхес е само aboutissement на една друга потрага на онаа наративна форма што ќе постигне највисок степен на илузија на стварноста, една заборавена традиција што романтичарското претерување, како и романот-фељтон од деветнаесеттиот век (од кој како од плевел никна целокупната традиција на модерното раскажување), ја претворија во апсолутна анархија на таканареченото портретирање и на сезнаечкиот раскажувач.

Aboutissement е почетокот на една нова широка традиција, која е, барем во однос на публиката, уште далеку од победата на својот принцип. Публиката, со столетија навикнувана на романот-фељтон („помисли тој“ – „помисли таа“), уште му верува, за среќа, на писателот на зборот и уште не го поставува прашањето: од каде знае авторот што мисли неговиот јунак во мигот кога легнал да спие (тој, јунакот) или во часот кога умира? Мојата мајка престанала да чита кога имала дваесет години, во часот кога си го поставила себеси (и не знаејќи) тоа круцијално прашање на модерната поетика: „А, од каде Вие го знаете тоа, господине?!“ Борхесовската мистификација не е ништо друго освен потреба да се увериме, со какви било средства, со сите средства, дека својата тема не сме ја исцицале од малиот прст, туку дека сето тоа (за што пишуваме) така било (или така некако), зашто, ете, ние поседуваме документи, книги и исповеди, книги староставни, кои треба на нашите опсесии и на нашите фантазми да им дадат легитимитет на уверливост(1).

15

И сите негови мистификации (лажни извори, измислени писатели на измислени книги или измислени книги на постоечки автори, непостоечки автори или приватни пријатели како писатели, лажни атрибуции на насловите и на делата, лажни датирања на постоечки книги итн.) не служат, значи, за да им се подметнат на несреќните професори што буричкаат по книгите на класиците, држејќи се главно до приземјето на фуснотите, туку служат, ако не да го уверат читателот, тогаш да му создадат илузија дека приказните што му ги раскажуваат се темелат на факти што ги изнеле сведоци и очевидци, луѓе достојни да им се верува; и со тоа да ја задоволат онаа најосновна љубопитност врз која се засновува секој чин од лектирата: дали писателот го измислил тоа или сето тоа така било? Прашање на кое не му одолеваат ни оние најдобри читатели.

***

Борхесовиот лавиринт и огледалата, тие негови два најпостојани мита, не се ништо друго туку книжевна метафора, метафора на борхесовската книжевност: во борхесовската литература човек се губи во лавиринтот: еден извор нè доведува до лажен ходник што се завршува во слепо, а слепиот ходник нè води по некој спореден крак во лажна сала итн. До Минотаурот – кој е господар на подземјето на книжевноста – никој не доаѓа или не доаѓа неказнето. Минотаурот е тука да ги чува делото и неговите извори од глупаците и од неразбирањето. Како што и борхесовските огледала се метафора: световите се огледуваат еден во друг како и книгите и тој mise en abîme, тие понори што произлегуваат од понорите на смислата од кои се тоне во уште подлабоки понори се само вечни варијации на тема пишување и читање, на тоа големо огледување во најголемиот од сите лавиринти: во библиотеката, таа гробница на илузијата.

12Од таа една архимедовска точка – илузија на стварноста – потекнуваат и сите други, не само строго книжевни Борхесови митови: неговиот агностицизам(2), неговиот космополитизам, неговите политички определувања. Отфрлајќи ги миметичката книжевност и психолошкиот механизам на раскажувањето, Борхес се најде пред чудото на создавањето, кое не е ништо друго освен библиски „вербален чин“; писателот, тој двојник на Демијургот, поаѓа од истиот принцип: „На почетокот беше словото“, тука за миметизмот нема место. А национализмот, а локализмот се првите и најелементарните од миметизмот: ограничување на местото и на времето, кога е веќе ограничен јазично. Гледано од таква перспектива, сите теми, сите народи и сите митови имаат еднакво значење.

Борхес, како што вели Адолфо Биој Казарес, се има приближено до еден немиметички идеал на раскажувањето, „идеал на инвенцијата, на строгоста, на елеганцијата (во миметичкото значење на зборот) во конструирањето на интригата“. И покрај таа строгост на формата, борхесовскиот расказ е (Казарес) игра на духот и на фантазијата, Борхес создава еден нов жанр на интелектуална фикција (кој во своите романи безуспешно се обидуваше да го постигне Владимир Набоков). Картата на светот што во еден од своите раскази ја простре пред читателот, во нејзината тукуречи природна големина, не дозволуваше да се впушти во локализми и во фолклор…

Во август 1981 година аргентинското десничарско списание Cabilado тврди и тоа го пренесува целиот светски печат, па и нашиот, дека е Борхес всушност личност создадена од симбиозата на тројца постоечки писатели (Леополдо Марешал, Адолфо Биој Казарес, Мануел Мухика Лаинес), а го инкарнира еден третокласен италијански актер по име Акилес Скатамахија. Овој борхесовски пресврт, вели Жерар де Кортанз, би можел да биде забавен кога сето тоа не би се случувало во земјата за која станува збор, а со цел да се извалка на најгнасен начин еден писател што одбива да чекори во строј…

14

Таа година во Белград излегува Час по анатомија.

Ако им поверуваме на речените вести, погребот на Х. Л. Борхес исто така е фиктивен; во ковчегот лежело, значи, телото на еден друг актер, а на женевските гробишта почиваат коските на еден комедијант што својата улога ја одиграл доследно и до крај. Прекрасна бесмртност.

Превод од српски: Ѓоко Здравески

______________________
ФУСНОТИ:

[1] Она што од Сервантес наваму се знае, то ест дека е романот хибриден жанр, тоа, таа хибридност на жанрот, Борхес ја има применето на расказот.

[2] Оти што друго може да биде ако не агностик писателот што сака „на непостоечкиот Бог да му покаже дека смртниците се во состојба да создадат еден свет?“ (Борхес зборувајќи за Беркли).

Напишано од
More from РЕПЕР
Додека ја распакувам мојата библиотека
Ја распакувам мојата библиотека. Да. Книгите сè уште не се на полиците,...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *