Во практиката често се греши при пишувањето на имињата на жителите на населените места и на другите географски имиња. Од една страна, проблем претставуваат паронимите (Словенец – Словен, словенечки – словенски), а од друга страна, пак, често се греши и при нивното образување, при што се среќаваат различни комбинации (кумановец – кумановчанец, дебранец – дебарец – дебарчанец, кочанец – кочанчанец). Поради тоа, овде ќе се задржиме на неколку основни правила во врска со овие имиња.
Во Практикумот по правопис со правоговор од Искра Пановска-Димкова е даден преглед на десетте зборообразувачки модели според кои се образуваат имињата на жители во македонскиот стандарден јазик. Шемата оди според следниот редослед: машки род – женски род – множина.
1. -ец / -ка / -ци (Словенец / Словенка / Словенци);
2. -(ј)анец / -(ј)анка / -(ј)ани (белграѓанец / белграѓанка / белграѓани);
3. -анец / -анка / -анци (Италијанец / Италијанка / Италијанци);
4. -чанец / -чанка / -чани (Англичанец / Англичанка / Англичани);
5. -ин /-инка / -и (Русин / Русинка / Руси);
6. -ин / -ка / -и (Бугарин / Бугарка / Бугари);
7. – / -инка / -и (Чех / Чехинка / Чеси);
8. – / -ка / -и (Хрват / Хрватка / Хрвати);
9. -јанин / -јанка / -јани (римјанин / римјанка / римјани);
10. -лија / -ли(ј)ка / -лии (нишлија / нишлијка / нишлии).
Благодарение на ваквото богатство од суфикси, лесно е да се избегне паронимијата кај одредени географски имиња со ист суфикс. На тој начин, општото име за племето Словени се образува според еден модел (Словен, Словенка, Словени), а името на жителите на Словенија според друг модел (Словенец, Словенка, Словенци). Ваквото образување доведува и до разликување на односните придавки, па од Словен се добива словенски, а од Словенец – словенечки. Хомонимијата се задржува единствено кај именките од женски род, со оглед на тоа што во двата случаја има Словенка. Различни модели се користат и при образувањето на имињата на жителите на Индија (Индиец, Индијка, Индијци) и на староседелците на Америка (Индијанец, Индијанка, Индијанци). Оттука и односните придавки: Индиец – индиски, а Индијанец – индијански.
Сепак, широката палета со суфикси доведува и до неправилни образувања. На пример, употребата на суфиксот -(ј)анин за машки род е ограничена само на имињата на жителите на три града (Москва – московјанин, Рим – римјанин и Солун – солуњанин), при што за Москва и за Солун има и дублетни форми рамноправни во однос на нормата (московјанец, солунец). Наспроти тоа, овој суфикс денес сè почесто се употребува во примерот Европјанин наместо стандардното Европеец.
Кај женскиот род, пак, често се среќаваат нестандардните суфикси -иња (Чехиња) и -ица (Хрватица) наместо стандардните -инка (Чехинка) и -ка (Хрватка).
Важно е да се има предвид дека при образувањето на овие имиња често доаѓа до одредени гласовни промени карактеристични за македонскиот јазик. Станува збор за тоа што некои гласови пред -ј се смекнуваат, па од н, д, т, з, с се добиваат њ, ѓ, ќ, ж, ш (Атина – атињанец, Охрид – охриѓанец, Египет – Египќанец, Париз – парижанец, Велес – велешанец). Во други случаи, пак, доаѓа до редување на к, г, х, ц со ж, ч, ш, ч по соодветниот редослед (Струга – стружанец, Риека – риечанец, Цирих – циришанец, Струмица – струмичанец). Освен тоа, основата од која се изведува името не мора секогаш да ѝ соодветствува на основата на името на државата. На пример, при образувањето на имиња на жителите на Шкотска, се поаѓа од проширената основа Шкотланд: Шкотланѓанец (се прифаќа и Шкот), Шкотланѓанка, Шкотланѓани.
Од правописна гледна точка, важно е да се напомене дека имињата на жителите на градови и на села се пишуваат со мала почетна буква (скопјанец, парижанец), а имињата на жителите на држави, континенти, географски области, племиња, националности, етнички заедници и сл. се пишуваат со голема почетна буква (Македонец, Европеец, Балканец, Словен).
Со оглед на големиот број зборообразувачки модели и правила во однос на овие имиња, добро е секогаш да се консултира Правописот на македонскиот литературен јазик, каде што е даден список на имињата на држави, народи, градови (посебно во Македонија), на нивните жители и на односните придавки изведени од нив. Единствен проблем претставува тоа што имињата поместени во тој список во мал број случаи не соодветствуваат со оние во Правописниот речник на македонскиот литературен јазик. Па, така, според Правописот, името на жител на Дебар е само дебранец, додека според Правописниот речник, се дозволени и двете форми – дебранец и дебарчанец.
Ги очекуваме вашите јазични препораки и коментари на: mak.katce@gmail.com.
Литература:
Димитровски, Т. (ред.) 2007: Правопис на македонскиот литературен јазик. Скопје: „Просветно дело АД“.
Конески, К. 1999: Правописен речник на македонскиот литературен јазик. Скопје: „Просветно дело“.
Пановска-Димкова, И. 2010: Практикум по правопис со правоговор на македонскиот литературен јазик. Скопје.