Декорот на спознанието

„Моето спознание е тажно“.

Нашите вистини не вредат повеќе од оние на нашите предци. Заменувајќи ги нивните митови и нивните симболи со концепти, ние мислиме дека сме „напредни“; но овие митови и симболи не изразуваат ништо помалку од нашите концепти. Дрвото на Животот, Змијата, Ева и Рајот значат исто толку колку и: Животот, Спознанието, Искушението, Невестата. Конкретните фигури на злото и на доброто во митологијата одат исто толку далеку колку што и Злото и Доброто од етиката. Знаењето – во својата длабочина – никогаш не се менува: само декорот варира. Љубовта продолжува без Венера, војната без Марс и, дури и да не интервенираат боговите во настаните, овие настани не може ниту подобро да се објаснат, ниту помалку да те дезориентираат: системот на формули го заменува само сјајот на старите легенди, без да се променат константите на човечкиот живот бидејќи науката не може да дојде до нив подобро од поетските беседи.

emil1

Модерната вообразеност нема граници: се мислиме попросветени и подлабоки отколку сите минати векови, заборавајќи дека учењето на еден Буда стави илјадници и илјадници суштества пред проблемот на небитието, проблем за кој си замислуваме дека сме го откриле ние, бидејќи сме ги промениле зборовите и во него сме вовеле малку ученост. Но кој мислител од Запад би ја поднел споредбата со еден будистички калуѓер? Се губиме во текстовите и во терминологиите: медитацијата е непознат податок за модерната филозофија. Ако сакаме да ја сочуваме интелектуалната пристојност, ентузијазмот за цивилизацијата треба да го истераме од нас и да се ослободиме од суеверието на Историјата. Што се однесува на големите проблеми, не сме со ништо во подобра состојба од своите предци или од своите скорешни претходници: луѓето секогаш знаеле сѐ, барем што се однесува на Суштественото; модерната филозофија не им додава ништо на кинеската, на индиската или на грчката филозофија. Впрочем, и не можат да постојат нови проблеми, иако нашата наивност или нашата вообразеност сакаат да нѐ убедат во спротивното. Кој му бил рамен некогаш на еден кинески или грчки софист во играта на идеите, кој ја поместил подалеку од него смелоста на апстрактното? Сите крајни дострели на мислењето отсекогаш се постигнати – и во сите цивилизации. Маѓепсани од демонот на Неискажаното, премногу бргу забораваме дека сме епигони на првиот питекантроп што се зафати со мислењето.

emilХегел е најодговорниот за модерниот оптимизам. Како ли не видел дека свеста ги менува само своите форми и модалитети, но никако не напредува? Настанувањето исклучува апсолутно довршување, конечна цел: временската авантура се одвива без некој план надвор од неа и ќе заврши кога ќе завршат и нејзините можности да си го продолжи патот. Степенот на свест варира според епохите, без оваа свест да порасне заедно со нив. Не сме посвесни од грчко-римскиот свет, од Ренесансата или од XVIII век; секоја епоха е совршена самата во себе – и краткотрајна. Постојат привилегирани моменти кога се изострува свеста, но никогаш не постоело толку големо помрачување на луцидноста за човекот да не може да се зафати со суштествените проблеми, бидејќи историјата била само една постојана криза, па дури и еден крах на наивноста. Негативните состојби – точно оние што ја изоструваат свеста – различно се распределуваат, иако се присутни во сите историски периоди: урамнотежени и „среќни“, тие ја познаваат Здодевноста – природниот крај на среќата; неурамнотежени и бучни, тие им се потчинети на Безнадежността и на религиозните кризи што се раѓаат од неа. Идејата за Рајот на земјата е составена од сите елементи неспојливи со Историјата, со просторот на кој расцутуваат негативните состојби.

***

Сите патишта, сите постапки на спознанието се важечки: разум, интуиција, одвратност, ентузијазам, лелекање. Една визија за светот што се потпира врз концепти не е полегитимна од онаа што избликнува од солзи: аргументи или воздишки – модалитети еднакво уверливи и еднакво ништожни. Конструирам еден облик на универзум: верувам во него и тоа е универзумот – кој сепак пропаѓа под јуришот на една друга извесност или на друго сомнение. Последниот меѓу неписмените и Аристотел се еднакво непобитни и еднакво ранливи. Апсолутното и одживеаноста ги карактеризираат делото што зреело со години, како и поемата што расцветала во мигот. Постои ли поголема вистина од Феноменологијата на Духот отколку во Елипсикидион? Секавичната инспирација, како и напорното продлабочување, ни презентираат дефинитивни и смешни резултати. Денес повеќе го сакам овој писател од оној; утре повеќе ќе сакам едно дело што некогаш ми беше одвратно. Креациите на духот и принципите што раководат со нив ја следат судбината на нашето расположение, на нашата возраст, на нашите емоции и на нашите разочарувања. Оспоруваме сѐ што некогаш сме сакале и секогаш имаме или немаме право: зашто сѐ е вредно и ништо нема некое особено значење. Се насмевнувам: се раѓа еден свет; се смуртувам: светот исчезнува и се оцртува друг. Сите мислења, системи, верувања се вистинити и истовремено апсурдни, во зависност од тоа дали ги прифаќаме или ги одбиваме.

Не наоѓаме повеќе строгост во филозофијата отколку во поезијата, ниту во духот повеќе отколку во срцето: строгоста постои само во таа мера во која се идентификуваш со принципот или со предметот на кој му пристапуваш или на кој му се потчинуваш: однадвор е сѐ арбитрарно – аргументи и чувства. Она што го нарекуваме вистина е недоволно доживеана грешка, уште неиспразнета, но која наскоро ќе остари, една нова грешка што чека да си ја компромитира новоста. Спознанието расцветува и се исушува заедно со нашите чувства. И, ако ги разгледуваме сите вистини, тоа е затоа што заедно се исцрпивме и затоа нема повеќе животна сила во нас отколку во нив. Историјата е несфатлива без она што разочарува. И така се уточнува нашата желба сѐ повеќе да ѝ се препуштиме на меланхолијата и да умреме…

***

Вистинското спознание се сведува на бдеењето во ноќта: само по нашите безброј бессоници се разликуваме од животните и од нашите подобија. Која богата или чудна идеја може да биде плод од некој што спие? Спиеш ли добро? Имаш ли мирни сништа? Ќе ја зголемиш толпата на анонимните. Денот е непријателски настроен спрема мислите, сонцето ги помрачува; тие расцветуваат само во ноќта… Заклучокот на ноќното спознание: секој човек што доаѓа до еден успокојувачки заклучок, врз што и да е, ги докажува својата умствена заостанатост или своето лажно милосрдие. Кој нашол кога и да е барем една весела вистина што ќе биде и валидна? Кој ја спасил честа на интелектот со зборови изговорени додека трае денот? Среќен е оној што може да си рече: „Моето спознание е тажно“.

***

emil2Историјата е иронија во движење, подбивно смеење на Духот преку луѓе и преку настани. Денес триумфира една вера; утре, победена, таа ќе биде исмејувана и заменета: тие што веруваа во неа ќе ја следат и во поразот. Доаѓа друга генерација: старата вера е повторно на сила; нејзините урнати споменици се обновени… иако наскоро пак ќе исчезнат. Ниту еден непроменлив принцип не ги контролира наклоноста и строгоста на судбината: нивната последователност е дел од огромната фарса на Духот, кој, во својата игра, ги меша измамниците и оние што страдаат, лукавството и горештиот занес. Погледнете ги полемиките од кој и да е век: не изгледаат ниту мотивирани, ниту потребни. Сепак, тие биле животот на тој век. Калвинизам, киетизам, Пор Ројал, Енциклопедијата, Револуцијата, позитивизмот итн., каква низа апсурдности… кои требало да бидат, какво бесполезно расипништво и сепак фатално! Од екуменските собори до контроверзиите на современата политика, ортодоксиите и ересите на јуриш го освоија љубопитството на човекот со својот незапирлив нонсенс. Под разни маски, секогаш луѓето ќе бидат анти и про, било да станува збор за Небесата било за Борделот. Илјадници луѓе страдале поради деликатностите што се однесуваат на Богородица и на Синот; други илјадници се мачеле поради помалку засновани догми и исто толку неверојатни. Сите вистини сочинуваат секти што ја имаат истата судбина како и Пор Ројал, да бидат прогонувани и уништени; потоа нивните урнатини, драгоцени во очите на сите и украсени со ореолот на претрпената неправда, се претвораат во место за поклонение…

Не е помалку непаметно да им се посвети поголем интерес на дискусиите околу демократијата и нејзините форми отколку на оние што во Средниот век се водеа околу номинализмот и реализмот: секоја епоха се труе со една апсолутност, помала и здодевна, но со единствен изглед; не можеш да побегнеш од тоа да бидеш современик на една вера, на еден систем, на една идеологија, накратко – да му припаѓаш на своето време. За да се ослободиш од ова, би требало да бидеш студен како што е богот на презирот…

***

Да се радуваме дека Историјата нема никаква смисла. Би се мачеле ли ние за среќното решение на настанувањето, за финалниот празник платен само со нашата пот и со нашата несреќа? За идните идиоти што ќе скокаат од радост врз нашите страдања, играјќи си со нашата пепел? Визијата за еден рајски крај ги надминува со својата апсурдност и најлошите фантазирања за надежта. Еден единствен изговор би можел да се даде како извинување на Времето, бидејќи во него среќаваме и покорисни мигови, несреќни случаи без последици во една неподнослива монотонија на зашеметеност. Универзумот почнува и завршува со секој поединец, било да е Шекспир било последниот несреќник; зашто секој поединец живее во апсолутно својата заслуга или во својата ништожност…

На кој начин она што изгледа дека е ја одбегнува контролата на она што не е? Беше потребен само еден миг на невнимание, немоќ во пазувите на Ништото, и ларвите го искористија тоа; била доволна една празнина во неговото бдеење: и еве нѐ! И онака како што животот го замени небитието, и животот беше заменет од историјата: на тој начин, постоењето се ангажира во еден циклус на ереси што ја поткопаа ортодоксноста на небитието.

Превод од француски: Петар Атанасов
Преземено од: Емил Сјоран, Оглед за распаѓањето: Култура, 1996.

Напишано од
More from РЕПЕР
Мексиканска сензација
Бетонските плочи на Давила ѝ пркосат на гравитацијата
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *