често, кога шетам низ градот, внимавам да бидам попристоен, оти има полно луѓе од кои ми е страв од тоа како ќе им се видам. се обидувам моето шетање да изгледа што поприродно, а и местото на шетање оправдано, оти пак не знаете кој сè се вози во многуте автомобили што поминуваат, знам дека е ова смешно и дека и мене некогаш ќе ми изгледа бесмислено, дека никому не му е дојдено до мене , но некакво оправдување наоѓам во тоа што сè уште студирам и не би сакал да оставам лош впечаток кај моите професори. но тука не се само тие, јас познавам многу луѓе, колеги со кои сум работел,случајни познајници, не би сакал со еден потег да го срушам имиџот изграден макотрпно и да се лишам од нивната љубезност. затоа, секогаш треба да се биде на штрек.
можеби вината и причината за сето тоа е во мојот карактер. морам да признаам дека знам да потонувам во мојот свет и дека тогаш излгедам непристојно, без обѕир за сè околу мене. тогаш моите раце и нозе најотворено го одаваат мојот карактер, тогаш и мојата облека како да се сообразува со ужасот што го оддава моето лице. најверојатно изгледам како човек што кренал раце од сè. не знам за што размислувам, најчесто не размислувам, само ми е тешко.
Најкратки раскази
поглед од бутик – откако го забележав, очекував зад фасадата да се препознаам себеси, да бидам како дома; не се најдов таму и таа беше разочарана.
ја поткренав главата додека ми го послужуваше кафето, нашите очи за миг се сретнаа, таа благо се насмевна, исто толку кратко колку што ни траеше мигот на бессјајаната средба на погледите; знаеше дека ми ја зема последната капка енергија и дека сега сум речиси неупотреблив; iимаше во таа насмевка и задоволство и тага.
кога сакаме, никаква утеха не ни е тоа што ќе ни биде подобро без тебе.
има една насмевка што ме засрамува, што дури ме вцрвенува, оти ме открива во својата осаменост и беспомошност – катче, за кое често ме обвинуваат дека сум толку затворен и дека живеам во свој свет; има една насмевка што е поинтимна и од интимни односи.
како поетите излегуваат накрај со неуспешна врска – магично: ќе напишам песна, ќе те сведам на букви и на хартија и ќе те изгорам откако текстот ќе го пратам на портал или на фејсбук.