В недела – во недела – во неделата

Кога станува збор за временското значење на предлогот в/во, постојат некои правила во однос на тоа кога се употребува едната форма (в), а кога другата форма (во)

Кога станува збор за временското значење на предлогот в/во, постојат некои правила во однос на тоа кога се употребува едната форма (в), а кога другата форма (во). Така, в недела одиме на планина и во недела одиме на планина имаат различно значење.

Кога сакаме да зборуваме за некакво дејство што ќе се случи во иднина, односно следната недела, употребуваме в. Во таа смисла, в недела одиме на планина – би значело дека следната недела ќе одиме на планина.

Доколку, пак, зборуваме за некакво повторливо дејство, кое се случува секогаш во ист ден, го употребуваме во.  Оттаму, во недела одиме на планина – значи дека секоја недела одиме на планина.

Ако зборуваме за минато дејство, односно за нешто што веќе се случило, тогаш ја членуваме именката: во неделата бевме на планина – објаснуваме дека минатата недела сме биле на планина.

Овие правила важат за сите денови во неделата, освен за вторник. Со оглед на тоа што името на овој ден почнува на в, неприродно е да се каже в вторник, па затоа велиме во вторник, без оглед на тоа дали зборуваме за идно или за повторливо дејство (во вторник одиме на планина – следниот вторник или секој вторник). За изразување минато дејство си останува истото правило, односно ја членуваме именката вторник (во вторникот бевме на планина – минатиот вторник).

Ги очекуваме вашите јазични препораки на: mak.katce@gmail.com.

Тагови од објавата
,
Напишано од
More from РЕПЕР
Соба од виножито
Интересно, нели? Ова е (одличната) инсталација на Пјер ле Рич (Pierre Le...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *