На Блаже Конески
Прекрстив скелет од колци вкопани в земја,
соѕидав ѕидишта, нафрлав кал,
и секој ѕид му се оѕиваше на сонцето.
Направив убаво огниште: со синџир, со полица,
со чингели, со тланик,
дигнав висок оџак и утринум гледав
со чадот нагоре
како шетаат и моето тело
и моето дивно име:
ниско под земјата – високо над ѕвездите.
Во мислите го видов јас својот дом
– колку за својот костур,
меѓу еден манастир и едно езеро.
И имаше само една врата мојот дом
– колку да влезам во него;
и една постела покрај огништето
– колку да легнам во неа:
сам со својата смрт,
како со невеста – во ноќ на затруднување.