Западот не ја сфаќа Русија, па се обидува да ја објасни

Интервју на Виктор Ерофеев, еден од најконтроверзните современи руски писатели, за германското списание Шпигел во кое зборува за Русија, за својот живот и дело, за руските жени...

Виктор Владимирович Ерофеев (1947, Москва) израсна меѓу сталинизмот и Западот. Неговиот татко му беше преведувач на Сталин, а подоцна стана советски културен аташе во Париз. Во 1979 г. Ерофеев стана еден од соосновачите на самиздатскиот книжевен алманах Метропол, по што беше исклучен од Сојузот на писатели на СССР и што доведе до забрана за неговата писателска дејност. Автор е на бројни романи (Руска убавица, Добриот Сталин, Мажи, Страшниот суд, Раскош, Акимуди итн.) а на македонски јазик досега е преведен контроверзниот роман Енциклопедија на руската душа во издание на Антолог од Скопје. Важи за автор „без влакна на јазикот“, кој отворено ги критикува руското општество и руските власти, а често го нарекуваат „еден од најнепредвидливите претставници на руската интелигенција“. Неговиот последен роман Акимуди претставува литературна сатира за Русија.

Шпигел: Виктор Владимирович, за својата татковина напишавте луда книга. Според вас, за Русија може да се пишува само така?

Ерофеев: Потребни се разни книги за да се објасни Русија. А лудите книги воопшто не се излишни во тој процес.

Шпигел: Дури и самиот жанр што го избравте е необичен: вие го спојувате историскиот роман со научната фантастика.

Ерофеев: Секој писател мечтае да создаде нов жанр. Писателството е како рударство – речиси сите копаат на истото место, сакаат да пишуваат класични романи и потоа во еден миг извикуваат: „Романот е мртов!“ Но постојат и други места каде што може да се копа. А јас открив едно такво.

viktor_erofeev

Шпигел: Вие разработувате интересно сиже: во Русија оживуваат мртовците кои се дограбуваат до власта и кои се сметаат себеси не само за спасители на државата туку и на светот. Што сакате да кажете со таа метафора? Дека минатото на Русија владее со неа?

Ерофеев: Мојата нова книга е роман за човечката душа и природа. За секој човек може да се каже дека на одреден начин го одржуваат како мртовец кому не му дозволуваат да зачекори во иднината. Јас таа приказна само ја распространувам низ целата земја.

Шпигел: Зошто?

Ерофеев: За да покажам дека Русија е земја на мртовци. По болшевичката револуција во 1917 година речиси и да не постоеја нормални гробишта. За време на граѓанската војна многу мртви трупови се распаѓаа на полињата. А по селата не останаа мажи што би можеле да ги погребаат телата на мртвите. Се спроведуваа масовни стрелања и се вршеа масовни закопувања. Луѓето беа убивани зашто некој сакаше да им ги одземе кариерите, становите или жените. Кај нас секој мртовец е навреден. Мртвите живеат во кавга со нас.

Шпигел: Вашата приказна може да послужи како илустрација од учебник по психоанализа. Човекот што не се занимава со сопственото минато подоцна се соочува со катастрофа.

Ерофеев: Токму така. За да се сфати минатото потребни се анализа и расудување. Таквите способности во мојата земја не се широко распространети. Делумно проблемот лежи во интелигенцијата, чиишто многубројни претставници по цел ден веруваат во Жан Жак Русо и во неговиот натуралист. Во романот на Тургењев Татковци и деца, главниот лик Базаров вели: „Човекот е добар, околностите се лоши“. Ние секогаш размислуваме за околностите, а никогаш за самиот човек. Сакавме да го смениме царизмот со социјализам, па социјализмот со капитализам. А денес сакаме да го смениме путинизмот со нешто подобро.

Шпигел: Зошто останавте во Русија? Во детството живеевте четири години во Париз, а вашите книги постигнуваат огромен успех во странство.

Ерофеев: Руските проблеми се богатство за писателите. Кога животот овде би станал подобар, јас би ја изгубил почвата за творење. Кога не би бил писател, би сакал да живеам во Берлин или во Париз. Писателите наликуваат на стари радиоприемници што стојат во орманите на нашите дедовци и баби. Кога ќе ги вклучиш, на почетокот се слуша само шушкање, а потоа далечни гласови. Задачата на писателот е да го слуша тој звучен бран. А доколку лошо се вслушуваш во себеси и во светот што те опкружува, следното утро се срамиш од тоа што си го напишал – сфаќаш дека сè си измислувал. Ако се вслушаш како што треба, ќе ја најдеш својата тема. Мојата тема е смртта.

Шпигел: Мртовците од вашата книга ја освојуваат власта, а некои од нив за тоа се користат со сталинистички методи. И, воопшто, кај вас често се среќава темата за Сталин и неговата ера. Зошто?

Ерофеев: Сталин е во нашите гени. И цело време тој се обидува да воскресне. Не заборавајте дека по Октомвриската револуција ги убија најдобрите: најдобрата аристократија, најдобрата буржоазија, најдобрите офицери, најдобрите селани, па дури и најдобрите работници. Во таа смисла, ние денес сме потомци на најлошите. Народот со такви гени е подложен на сталинистичката зараза. И во моите гени Сталин не помина без да остави трага.

viktor_erofeev (1)

Шпигел: Вие мошне рано преминавте во советската опозиција. Како се случи тоа?

Ерофеев: Првите години од мојот живот се совпаднаа со последните години на Сталин. Имав среќно детство. За условите во Москва во 1950-те години ние живеевме одвратно добро, по што се преселивме во Париз, а кога на 12 години се вративме во Москва, сфатив дека она што се случува во Русија е катастрофа. Во центарот на Москва имаше луѓе што живееја во подруми со стаорци и без греење. Ја увидов измамата.

Шпигел: Во 1979 г. вие истапивте против советската власт во самиздатскиот алманах Метропол. Вашиот татко беше казнет поради тоа со лишување од должноста на постојан претставник на СССР при меѓународните организации во Виена. Дали ви се лутеше поради тоа?

Ерофеев: Никогаш не ме прекори за тоа. Почина пред две години, на 90-годишна возраст, и во своето последно интервју изјави: „Виктор беше пред своето време“. Знаете, моите родители самите си го ископаа гробот кога во Париз ми дозволија да ги читам Де Сад, Хајдегер и Јасперс. Потоа веќе не можев да станам советски граѓанин.

Шпигел: Вие сте „западнизиран“ Русин што верува во демократијата. Во вашата книга раскажувачот вели дека на Русите треба да им се наложи демократијата еднакво жестоко како што своевремено Екатерина Велика на селаните им наложила да го одгледуваат тогаш непопуларното растение – компирот.

Ерофеев: Сметам дека така треба да се постапи. Мислам дека Путин е полиберален од 80% од граѓаните на Русија. Еве, мнозинството граѓани ја поддржуваат пожестоката политика и однос кон странците и бараат возобновување на смртната казна. И затоа е потребна силна политичка волја за да ја зацврстите демократијата. Александар Пушкин на почетокот на 19-от век рекол дека власта е единствениот Европеец во Русија. Тоа важи и ден-денес. За жал.

Шпигел: Односно, проблемот не е во Путин туку во народот?

Ерофеев: Ако Западот се однесува кон Путин како кон диктатор или кон полудиктатор, а тој е полиберален од 80% од населението, тогаш имаме очајна ситуација. Од друга страна, ние гледаме навестувања на враќањето на западните вредности кај нас – луѓето подобро ги сфаќаат западните книги и филмови, многумина протестираат поради неправилностите на изборите, луѓето сакаат да учествуваат во решенијата на проблемите.

Шпигел: Се чини дека низ целата илјадагодишна руска историја, од почетокот па сè до денес се провлекува копнежот по силниот цар. Во тоа својство се најде и Сталин. А што се однесува до Путин, тој е добар или лош цар?

Ерофеев: Путин не е цар. Тој е човек со слаба самосвест.

Viktor Erofeev

Шпигел: Дваесет години по падот на СССР, Русија и Западот повторно се оддалечуваат еден од друг. Зошто?

Ерофеев: Европа со задоволство би го испратила Путин во пензија. Нејзе ѝ се симпатични оние што пред половина година, за време на масовните протести, извикуваа: „Путин зад решетки!“ Путин има добар слух, и сфаќа дека тоа не беше шега. И зошто да ја води својата држава кон Европа, ако истата таа Европа сака да го отстрани од власт? Путин не е диктатор како што беше Сталин. Тој е принуден да оди на компромиси. А Русија не е само Путин.

Шпигел: Тогаш, што е Русија?

Ерофеев: Постојат многу Русии: националистичка Русија, комунистичка Русија, религиозна Русија. Меѓу другото, за најголема опасност јас не го сметам враќањето кон комунизмот или фашизмот, туку засилувањето на православната црква. Ветерот во Русија дува во различни правци. Путин нè оддалечува од Европа, други фактори работат на зближување – на пример, опозицијата.

Шпигел: Русија – тоа е Европа?

Ерофеев: Русите не изгледаат како Кинези, и затоа на Германците им се чини дека наликуваме на Европејци. Ама не е така. Кај вас царува теророт на безбедноста: насекаде забрани, бриселските бирократи се сметаат за спасители на човештвото, ви наредуваат да не јадете премногу шеќер, да не пушите во рестораните, да користите кондоми. Нашиот руски хаос ни остава повеќе простор за творење.

Шпигел: Како треба Западот да се однесува кон Русија?

Ерофеев: Треба внимателно да набљудува. Најголемата грешка што Западот може да ја направи е да ја изолира Русија. Не заборавајте дека денес спокојно давам интервју за Шпигел без да се плашам дека утре ќе ме одведат во КГБ и ќе ме испрашуваат зошто Шпигел бара интервју од мене, а не од министерот за надворешни работи. И не заборавајте дека ние денес можеме слободно да патуваме низ светот.

Шпигел: Жените во вашите романи не ги уважуваат многу мажите.

Ерофеев: Русинките се изморени од нашите мажи. Многу од нив стануваат лезбејки. Москва е лезбејската престолнина на Европа. И затоа е смешно кога Кремљ донесува нов закон и им објавува војна на хомосексуалците.

Шпигел: Сакате да кажете дека Русинките стапуваат во лезбејски врски поради тоа што Русите не ги бива за ништо?

Ерофеев: Токму така. А што друго им останува? Нашите советски мажи на работа крадеа многу, а дома многу пиеја. Затоа кај нас жените станаа посилниот пол. И затоа современите жени кај нас често за свој партнер бираат друга жена. Ако некој нашол слобода во Русија, тогаш се тие.

Шпигел: И вие во нив го гледате спасот на Русија?

Ерофеев: Спасот на Русија не лежи само во нив туку во сите Русинки. Постои уште еден пат – треба да слушаме што зборуваат мртвите за нас. Тоа не важи само за Русите, ами за сите.

Извор: profile.ru

Избор и превод од руски јазик: Ѓорѓи Крстевски

Напишано од
More from РЕПЕР
В недела – во недела – во неделата
Кога станува збор за временското значење на предлогот в/во, постојат некои правила...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *