Наградата „Новите!“ за „Метаморфузија“ на Драган Георгиевски

Наградата „Новите“ која ја доделува издавачката куќа Темплум за најдобар дебитантски прозен ракопис, оваа година му припадна на Драган Георгиевска за неговата збирка куси раскази „Метаморфузија“.

Katapult-Metamorfuzija---KORICA-ZA-PECATНаградата „Новите!“ која ја доделува издавачката куќа Темплум за најдобар дебитантски прозен ракопис, оваа година му припадна на Драган Георгиевска за неговата збирка куси раскази „Метаморфузија“.

Оваа години жирито на наградата „Новите!“ како кандидати кои влегуваат во потесниот круг за најдобар дебитантски прозен ракопис ги издвои следниве пет автори: Мане МанушевЈана ЛозаноскаДраган ГеоргиевскиКоста Бојчески и Љупчо Петрески.

Дел од образложените на жири-комисијата:

„…Книгата на Георгиевски главно е составена од куси-куси раскази, но на места е прошарана и со подолги прозни парчиња. Иако композициски ракописот не е поделен на поглавја, тематски целини или делови, станува збор за компактно дело кое ја постигнува кохерентноста благодарение на стилската доследност…

…Драган Георгиевски е автор кој несомнено е во војна со она што се нарекува реален свет, кој очигледно најчесто заслужува да биде главечки превртен и первертиран во расказите. Така, во „Метаморфузија“, дури и кога раскажаните приказни делуваат уверливо и како да се пресликани од стварноста, авторот успева да го посочи, открие или дополнително да го истакне бизарното, невообичаеното или апсурдното во нив…

…На јазичен план, во „Метаморфузија“ се користи јазикот на улицата и секојдневието, сленгот и говорот што не води многу сметка за стандардните јазични правила, што донекаде се надоврзува на лудистичкиот карактер и користењето на играта како водечки принцип во расказите. На оваа делумна јазична разузданост донекаде се надоврзува и автоиронијата, со која авторот често сака да ни укаже – „не ме сфаќајте многу сериозно, ништо во книгава не е сериозно“; парадоксално, токму таа автоирониска свест прави авторот да биде сфатен „сериозно“.

dragan

Цвет

Купив цвет, за мојата најдрага.
„Најдрага, овој цвет е за тебе“, реков.
„Каква боја е овој цвет?“, ме праша мојата најдрага зашто беше слепа.
„Црвен, најдрага“, реков.
„А како мириса овој цвет?“, ме праша мојата најдрага зашто немаше нос.
„Мириса на… пролет“, реков.
„А што е тоа пролет?“, ме праша мојата најдрага зашто беше глупичка и не знаеше ништо околку годишните времиња.
„Тоа е времето кога природата се растегнува“, реков. Едвај ја смислив реченицава.
„А што е тоа време?“, ме праша мојата најдрага зашто немаше претстава за времето.
„Тоа е она кое континуирано минува додека ти ги објаснувам сите овие работи“, реков.
„Кој работи? Ти работиш?“, ме праша мојата најдрага.
„Па, не работам но барам работа“

Ми раскина.

 

Н како нагоре и назад

Некој магионичар чучнал на сред улица и магионисувал. Имал посебен талент – материјализирал букви. Сите букви од азбуката ги материјализрал, многу вешто, жими сѐ. Материјализирал букви за неписмен народ. Сакал да ги подучи по нешто. Никој не му се доближил, никој не бил заинтересиран, па магионичарот ја материјализирал буквата Н безброј пати, ги споил сите заедно, направил една многу висока скала, се качувал нагоре тринаесет дена, се качил во авион, одлетал назад низ времето и сменил професија.

 

Универзален јазик

Еден копиљ со топка и сладолед во раце случајно помина покрај мене. Го фрли сладоледот на улица, ја тапна топката, силно ја шутна и ме погоди во чело. Додека лежев на тротоар, зашеметен од ударот, детево ми намигна, ми се насмевна и ми рече:

„Ммм, вдиши длабоко. Имај контрола над лутината, набљудувај го и прифати го преминот на нештата. Тоа што го гледаш изгрева со твоите мисли. Ако зборуваш и дејствуваш со чист ум среќата сигурно ќе те следи. Смеењето е универзален јазик. Научи да се смееш. Сочувствувај со сите живи битија. Препушти го срцето во мир, почувствувај го сопственото тело, уникатен си, разбери го тоа. Прифати се себеси, спознај се себеси, промени се себеси, биди себеси. Ништо не е случајно во овој бескраен волшебен космос. Контемплирај љубов. Сега издиши и биди среќен…“

Го фатив и го убив од маање.

 

Наслушување

Заслушав од некого кој заслушал од некого кој заслушал од некого кој заслушал од некого кој заслушал од некого кој заслушал од мене дека јас уствари сум бил доста нејасен човек.

 

Утро

Сабајлево таман мислев да бидам среќен и ми текна на нешто друго.

Утре пак ќе пробам.

Тагови од објавата
,
Напишано од
More from РЕПЕР
Естетика на сенката во делата на Фабрицио Корнели
Уметноста со сенки на италијанскиот уметник Фабрицио Корнели е резултат на внимателно...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *