Избор поезија од Еуџенио Монтале


Warning: Attempt to read property "post_excerpt" on null in /home/echqdumm/public_html/reper.net.mk/wp-content/themes/simplemag/formats/format-standard.php on line 28
Пренесуваме избор поезија од Еуџенио Монтале во превод на Живко Грозданоски

Non chiederci la parola che squadri da ogni lato…

Не барај го од нас зборот што ќе го стави во фокус
нашиот дух бесформен, и низ слово пламено
ќе го отвори за да блесне како крокус[1]
изгубен сред ледина од штур камен.

Ах, човекот кој со сигурност гази,
пријател е и на други и на самиот себе,
а сенката негова само за жегата од небеса
се грижи, за трагот што го фрла врз сронатиот ѕид.

За формула што ќе ти отвори светови не нè прашувај нас,
туку за понекој чкулав стих, и сув како гранче, вака.
Само тоа можеме да ти го кажеме во овој час:
тоа што не сме, тоа што не го сакаме…

montale eugenio

Meriggiare pallido e assorto…

Чмаејќи под зенитот, увилен и блед,
крај ѕитче в градина усвитено од жед,
се слушаат крај капињето и трнливиот друм,
крици на косови, на лишки шум.

По граорот, или во пукнатините на катот,
се забележуваат црвените мравки во низи
кои де се кинат, де се плетат крај патот
на врвовите од малечките висини.

Се набљудува низ гранки како се дробат
морски бранови од древна доба
додека се крева пискот молежлив
на штурци од зад бреговите голи.

Одејќи под заслепувачката сончевина
се сеќава низ тагата вчудовидена
како сиот живот, и неговата мачнина
е само чекорење долж една ѕидина
која на врв има остри срчи од шишиња.

Portami il girasole che io trapianti…

Донеси ми сончоглед, да го пресадам сакам
на мојата почва штура, прегорена од сол;
по цел ден да му го покажувам на синото небо така
неговиот жолтеникав лик, напнат, во бол.

Се стремат кон светло нештата од темнини,
се прелеваат полека телата во тек
од бои: овие во музики. Значи довек
стишувањето е судбина на сите судбини.

Донеси ми ја ти билката што води
кај што злато никне под капата сина,
а животот во својата суштина броди;
донеси ми сончоглед поулавен од светлина.

montale eugenio2

Forse un mattino andando in un’aria di vetro…

Можеби едно утро, чекорејќи низ воздухот сув,
стаклен, вртејќи се ќе видам како се збиднува чудото:
само Ништо зад мене, само празен простор глув
зад мојот грб, како пијан ужас, како нема лудост.

Потем небаре на платно, в миг ќе се наредат толку
дрвја куќи ридови, и сè во име на лагата знајна.
Но предоцна ќе е; а јас ќе си заминам молкум
низ луѓето што не се вртат, сам со својата тајна.

Крајбрежја

Крајбрежја,
доволни се пар страка остра трева
надвиснати над провалијата
врз виорот на морето;
или две бледи камелии
во напуштените градини,
и еден евкалиптус златен да се нурне
во шумје и летови луди
низ светлината;
и еве в миг
околу мене невидливи конци се обмотуваат,
пеперуга сум во пајажина
од трепет на маслини, од погледи на сончогледи.

Милно заточеништво сте денес, крајбрежја,
за оној што лесно се предава,
чиниш за да оживее една древна игра,
никогаш заборавена.
Го паметам цедилото реско што му го подадовте
на залутаниот младич, о брегови:
во јасните утра се претопуваа
плешките на ридовите и небото; на песокот
крајбрежен се ширеше вител, како што
трепереа животите,
светот го тресеше треска, и секое нешто
чиниш во себе се трошеше.

Ох, тогаш небаре кошкани
како коската од сепија под брановите
се згинуваше малку по малку;
се стануваше
набрчкано дрво или камен
измазнет од морето; нијанса
претопена во боите на залезот; исчезнуваше
плотта за да шикне извор опиен од сонце,
од сонцето растргнат…
Овие беа,
крајбрежја, заветите на едно детенце старо
кое крај една разронета ограда
полека умираше насмевнато.

Колку само, о мориња, овие студени светлини
му зборуваат на оној што увилен бегаше од нив.
Сечила вода што се откриваат низ премини
од кревки ветки; кафени карпи
низ пените; првнувања на ластовици
бездомни…
Ах, можев
да ви верувам еден ден, земји,
посмртни убавини, златести рамки
за агонијата на секое битие.
Денес ви се враќам
посилен, или во заблуда, иако срцето мое
како да се топи во спомени драги – и свирепи.
Тажна душо некогашна,
и ти, пориву нов кој ме повикуваш,
време е можеби да ве спојам
во мирен пристан на мудроста.
А еден ден повторно ќе ја има поканата
на златните гласови, на ласкањата храбри,
душо моја исцелена веќе. Помисли:
елегијата во химна да ја смениме; да се промениме;
да не сопираме веќе.
Да можеме
слично на овие гранки
вчера солупени и голи а денес натежнати
од шепот и сокови,
и ние
да сетиме утре низ мириси и ветрови
распливнати сништа, лудо итање
на гласови кон целта; и во сонцето
што ве заплиснува, крајбрежја,
одново да расцветаме!

Препев: Живко Грозданоски

montale eugenio3

 

НЕ БАРАЈ ГО ОД НАС ЗБОРОТ КОЈ ЌЕ ГО СТАВИ ВО ФОКУС…

„Не барај го од нас зборот кој ќе го стави во фокус…“ е една од најпознатите песни на Еуџенио Монтале, чии последни стихови критичарите често ги протолкувале како очигледен антифашизам. (Важно е да се забележи тоа дека збирката за прв пат излегува преку Пјеро Гобети, издавач-антифашист, но и тоа дека и самиот Монтале се нашол на нишан на тогашниот режим поради тоа што се потпишал под „Манифестот на интелектуалците-антифашисти“ на Бенедето Кроче, откако Џовани Џентиле го објавил “Манифестот на интелектуалците-фашисти“, кој не добил особена поддршка). Во врска со ваквото читање, Монтале изјавува: „нашата литература беше, останува и најверојатно и по фашизмот ќе остане најстатичната и најрамнодушна литература во однос на нашето опкружување, најнедоверчивиот толкувач на времињата во кои се раѓа“.

ЧМАЕЈЌИ ПОД ЗЕНИТОТ, УВИЛЕН И БЛЕД…

Позната и цитирана колку и „Не барај го од нас зборот…“, „Чмаејќи под зенитот…“ е најраната песна од збирката: Монтале ја напишал во 1916 година, на возраст од дваесет години. Пејзажот во Лигурија е достојна метафора за чувството на мачнина, а сонцето и светлината се антагонисти на човековото постоење: сонцето ниту топли, ниту осветлува, туку заслепува и боли. Изнасилените рими од последната строфа придонесуваат за доловување на оваа мачнина.

ДОНЕСИ МИ СОНЧОГЛЕД, ДА ГО ПРЕСАДАМ САКАМ…

„На сончогледот му е доверена сигурната, спокојна светлина, спротивставена на црната светлина на безволноста“, тврди критичарката Тицијана Арвиго, додека критичарот Марко Вилорези укажува на неодминливата врска меѓу оваа песна со циклусот сончогледи на Ван Гог, посебно со едно писмо испратено од сликарот до братот Тео во август 1888: „Сега имаме тука… едно сонце, една светлина, која, во недостиг на подобри зборови, морам да ја наречам просто жолта, жолта како блед сулфур, како бледо златен лимон. Колку е убаво жолтото!“ Според критичарката Анџола Ферарис, пак, важна е и согледбата на Кандински за жолтото: „Жолтото се стреми кон светлото (белото). Впрочем, не постои многу темно жолто. […] Од психолошка гледна точка, може да го отсликува лудилото, не како меланхолија или хипохондрија, туку како напад на гнев, слепа неразумност, делириум“.

МОЖЕБИ ЕДНО УТРО, ЧЕКОРЕЈЌИ НИЗ ВОЗДУХОТ СУВ…

Во преводот на Наум Китановски и Анте Поповски, на местото на буквалниот превод на „низ луѓето кои не се вртат“ стои „меѓу покојните“, што успешно алудира на „замрзнатата толпа мртви“ од песната „Арсениј“ од оваа збирка. Критиката на Монтале наоѓа бројни интертекстуалности во оваа песна (најголем дел од песните на Монтале се натежнати од дикалог со класици; Монтале длабоко ги почитува сфаќањата на Т.С. Елиот за традицијата и индивидуалниот талент), од кои најзначајно се чини откритието на Сангвинети, кој оваа песна ја поврзува со Младоста на Толстој. Во ова дело на рускиот класик запишано е следното: „Но ни една философско учење не ме привлече толку како скептицизмот, кој во еден момент ме доведе до состојба блиска на лудило. Замислував дека надвор од мене не постоеше ништо и никој во цел свет, дека предметите не се предмети, туку слики, кои се појавуваа само кога им укажував внимание, а штом ќе престанев да мислам на нив, сликите веднаш исчезнуваа. Со еден збор, бев согласен со Шлегел за ставот дека не постојат предметите, туку нашата врска со нив. Имаше моменти, кога под влијание на оваа фикс идеја, го допирав лудилото, до таа степен што честопати наеднаш се вртев зад себе, со надеж дека ќе ја затекнам празнината (il néant) онаму кај што не бев.“ И самиот Монтале, во едно подоцнежно интервју, ќе изјави: „Се свртев, и тоа многу пати, но не се случи ништо такво… Се чини дека, за жал, не сум достоен да видам како се остварува ова ужасно чудо.“

КРАЈБРЕЖЈА

Крајбрежја“ е сончева завршница на збирката, со тон кој прилично застранува од постојаното чувство на неумолива безнадежност што владее во книгата. И самиот Монтале, свесен за нескладноста на ваквиот ненадеен оптимизам, за отсечното сменување на „елегијата во химна“, извесно време размислувал на можноста на место со „Крајбрежја“ (која поетот подоцна ја дефинирал како „предвремено оздравување“, а потоа и како „младешка залетаност“) второто издание на збирката да го затвори со „Арсениј“. Освен тоа, „Крајбрежја“ е една од постарите песни од збирката, напишана во 1920 година.

 


[1] Цвет, исто познат како шафран крокус (Crocus sativus) од кој се добива шафранот, еден од најценетите зачини на светот (забел. на прев.).

1
Напишано од
More from РЕПЕР
Армада
Книгата е објавена со поддршка од Министерството за култура на Бразил /...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *