Tања Бакиќ е родена на 14.09.1981 година. Дипломирала на катедрата по англистика при Филозофскиот факултет во Никшиќ на кој го одбранила трудот „Влијанието на поезијата на Вилијам Блејк на рок музиката на Џим Морисон“. На истиот факултет го одбранила и трудот под наслов „Во потрага по оностраното во поезијата на Вилијам Блејк“ и се стекнала со степенот магистер на книжевните науки. Пишува поезија, есеи, студии за музика и преведува од англиски јазик. Како автор, преведувач и приредувач, има потпишано седумнаесет книги (од кои пет се поезија).
Надир
I.
Во магла сонцето облечено
Спие под езерото.
Ти доаѓаш и молчиш –
Со дождот врнеш,
Се држиш за гранките.
Со сенка во сенката,
Со крило во крилото
Земјата
Во тебе оди.
Небото кога пее, ти плачеш.
Дур’ зората на небото руди
И се прелева црвената свила,
Се кршат белите твои крила
И се испива мракот на зората.
Тогаш во крвта димот ти влегува
И плива по крвта ти твоја,
И тивко ти плете по нозете,
и тивко по небото плете.
И тогаш ти плачеш и сонуваш
Зашто не знаеш ни за есента,
Ни за пролетта
Ни за зимата
Своја не знаеш.
И молчиш тогаш и сонуваш
Зошто го знаеш само стравот.
II.
Светлина во дупчињата мрак –
Очите мои овде беа,
Рацете мои беа овде –
Пред десет години.
После дојдоа сенките мои.
Стравот мој се симна од ридовите,
На стапалата мои падна
Тогаш кога посакав
Да бидам песна,
Тогаш кога посакав
Да бидам гранка.
Десет години веќе
Откога падна првиот снег,
Откога пустината
Остана без сонце,
Откако ни небото ни морето
Не знаат каде
Се раѓаат новите утра.
Ветар во ветрот.
Сон во сонот.
Бојата на небото ја сонува морето
И ја прислушкува тревата.
На тоа го научи
Шепотот на лисјето.
III.
Во мене спие
Преправено во пепел
Твоето лисје.
Ти ветив
Ќе бидам твој бран
Твое море
Твој глас.
Изгоре нашето сонце.
Изгореа ѕвездите.
Гледам и врескам.
Oд небото
Задоцнет дожд врне.
А мојата птица
Сонува.
По коските никне трева.
Море исушено
Како да те облечам
Назад во зората?
IV.
Веќе е пролет.
Столчено во песокот,
Морето молчи –
Би сакало
Да е река,
Утро.
Пладне.
Под мене вода.
Под водата тело.
Под телото мрак.
Јас бев утро.
Чувствувам, молчам.
Во мене бран.
Пст! Гранките лисјата ги дои.
Нé слушне ли, ќе се расплаче.
Зенит
I.
Со пената на вечното море
Го мијам градот.
Ни снег овде не паѓа веќе.
Овде ни месечина веќе нема.
На небото изгоре
Последната ѕвезда.
Повторно градот го гледам.
Врз него дождот од ориз врне.
Небото ме жули.
земјата ме жули.
Сакам да сум брег.
Те нема да ме учиш да сонувам.
Те нема да ме учиш да одам.
Те нема, десет години веќе те нема.
II.
Стихови истураш врз сонцето
И го садиш во тишината.
Со бојата од зрелиот портокал
Го шаркаш исусушениот облак.
Заедно росата ја чекаме.
Дали уште ѕвездите ги читаш,
И птиците ги нижеш во круг
Онака како пред десет години?
Во пупките цути ветрот –
Пролетта доаѓа
Во твојот град.
Земи ме за рака,
Посади ме во телото.
Сакам да бидам
Твојот мал замок
А околу мене
Да се гради твојот мал град.
III.
Тревата е полна со дупки –
Снегот повеќе го нема.
Студи под мракот.
Ме плашат мразот и виното
Што не сум го пиела.
Веќе не сакам да ја гушкам пустината.
Веќе не сакам да ја љубам тревата.
Веќе не сакам да сум вода.
На туѓа земја стојам
Над која влажна гранка сонува.
Ја заспивам месечината
Во пазувата што ми пее:
Од никнувањето до зенитот
Семето ’рти од пустата земја.
Препев од црногорски:
Славе Ѓорѓо Димоски
Издавач:
ПНВ ПУБЛИКАЦИИ Скопје