Емотивна цена на двојниот живот

Предмет на толкување: „Тело“, Ханиф Курејши – постколонијалистички метод

telo

Романот „Тело“ на Ханиф Курејши во секој читател побудува порив и желба за толкување. Бидејќи толкувањето, по дефиниција, е чин што не е чисто субјективен, туку интерсубјективен. Толкувањето се појавува како последователен чин на општочовечката потреба да се разбере светот, светот на Другиот и сопствениот свет. Потребата од толкување е неопходна во моменти кога човекот, како единка, се соочува со некој двосмислен исказ и чувствува нескротлива потреба да го разбере тој двосмислен исказ. Исказ што може да означува повеќе нешта едновремено, исказ што понекогаш означува и меѓусебно спротивставени нешта, кои побудуваат зачуденост, збунетост, фасцинираност, сомневање, страв, нешта што се доживуваат во меѓучовечката и во општествената комуникација како индикатори на некои прикриени или намерно јасно неизговорени ставови, одлуки, закони, мислења, намери…

Потребата од толкување е цивилизациска константа, секогаш исторична и секогаш трансисторична. Но, пак, од друга страна, нема толкување ако нема разбирање, а разбирањето само по себе подразбира објаснување што води до толкување. Во толкувањето се бара текст зад текстот, ние како читатели бараме текст зад текстот на Курејши, а како субјект ќе се потрудам да го разберам, да го сфатам и да го толкувам/ да го преточам во друг текст: метатекст.

„Пишувањето е толкување, а пак читањето е толкување на толкувањето“, забележува акад. Ќулавкова.

Кристално јасно е дека секоја уметност е вид јазик, а толкувањето е вид уметност, во таа смисла е својство на човековото битие. А пак творечкиот чин е толкувачки чин, творечкиот облик е облик на толкување. И именувањето е еден вид толкување. Херменевтиката е теорија на толкувањето или на интерпретацијата на текстови и на дискурси со книжевно, филозофско, теолошко, политичко, правно, историско и со културно потекло. Таа (херменевтиката) е метаинтерпретативна дисциплина чиј предмет на проучување се самото толкување во сите негови варијанти, етапи, нијанси, како и методите на толкувањето. Но теоријата не е нужна за да постои уметноста, туку е потребна за нејзината еволуција – уметноста е нужна за да постои теоријата. Каде што постои теорија, таму постои книжевноста! Каде што постои развиена книжевна теорија, ќе постојат и развиена книжевна методологија, и критика, и есеистика и херменевтика. Теоријата е умствено и духовно гледање, набљудување и посматрање.

Да заклучиме: Уметноста го прави светот едно поубаво место за живеење, гради нови и можни универзуми. На уметноста потребна и е теоријата за нејзино усовршување/еволуирање. Каде што живее теоријата, расте книжевноста. Од плодната почва се раѓа книжевната теорија, под истото сонце си го мијат лицето книжевната методологија, критика, есеистика и херменевтика.

Затоа, тие ни се потребни за одгатнување на енигматичните/атопичните места во романот „Тело“ за одврзување на јазлите во текстот. Возможно е да се искористат повеќе методи врз овој текст, но вниманието би го задржала на постколонијалистичкиот метод бидејќи овој автор опфаќа прашања што се доминантни за нашата епоха. Кои живеат во сите нас. Прашања од типот: идентитет (доминантна тема во романот), страв, време, вистински вредности, култура, постоењето воопшто.

Фабулата на романот „Тело“ навидум изгледа јасна и читлива, но е спротивното на тоа. Таа е доста херметична, постмодернистичка, специфична, на некој начин како да станува збор за ангажирана уметност. Најголемиот дел од дејството се протега во Лондон (дел и луѓе од градот што му е добропознат на главниот лик Адам во кругот на неговото живеалиште – неговата Домовина) и Грција (Центарот, место каде што планира да го помине другиот дел од животот како новотелец меѓу група жени со кои со текот на времето оформува доста добар однос. Ова е еден вид на Домовина на новиот Адам или Лео или пак Адам-Лео). Ликот како Адам-Лео патува доста, па според тоа се појавуваат приказни од различни простори/градови, како што се: Амстердам, Берлин, Виена.

Романот започнува со дијалог помеѓу докторот и Адам, кои разговараат за состојбата на главниот лик. Преку тој разговор, се прикажуваат болеста на Адам, која се должи на неговата старост и истрошеност на телото, и како да се најде начин тоа да се промени.

hanif

Адам е етаблиран познат автор што во помладите години одржувал работилница за креативно пишување. Според другите, тој е намќор, а тоа тој го објаснува со тоа што ѝ го препишува на староста. Тој е доста повлечен, истовремено избувлив маж, со многу болки во ’рбетот. На една забава, во делот од градот (Лондон) што веќе му е добропознат на Адам, кај своја долгогодишна пријателка, добива понуда од еден младич со име Ралф, која ќе му го промени животот. Да го замени старото тело со ново, во кое ќе биде вграден неговиот мозок (стар) и ќе се избришат сеќавањата од староседелецот. Оваа чудна понуда Ралф ја објаснува како нормална работа што во иднина ќе постане движечка сила и преку која ќе биде возможно да се дофати бесмртноста. Без многу размислување и двоумење, Адам ја прифаќа оваа понуда и повторно се вивнува во плодовите на младоста. Настануваат неколку компликации, кои во Адам-Лео побудуваат страв, изгубеност и желба за враќање кон сепството. Сеќавањата исто така му ја зголемуваат таа желба, особено сеќавањата за жена си и на синот, за љубовта и за хармонијата овозможени од бидувањето во себе. Пред време, дури и присилено на некој начин, се обидува да „влезе“ повторно во себе за да се ослободи од товарот да се биде Другиот, странецот, но тој влез е потежок од излезот.

На стилски план добиваме еден зрел раскошен роман, со чести промени на стилските регистри, промени во фокализацијата, што повлекува како последица и промена на субјективноста на дискурсот. Главно, нараторот се прилепува до психата на ликот Адам, но има ситуации кога мислите на нараторот се пренесени преку гласот на некој/а од ликовите.

Добиваме еден богат прозен ракопис со убаво развиена рамковна приказна и со извајани ликови. Сето тоа е на ниво на писателско мајсторство. Она што е раскажано, како и начинот на кој приказната треба да се вклопи во целинатам е најпогодно да се преточи во роман. Од друга страна, авторот си поигрува со некои концепти на оваа книжевна форма и на романескните постмодернистички техники. Такви се: приказна во приказна или една рамковна приказна што го следи животот на главниот лик или, поточно кажано, неговите авантури и сфаќања за вистинските вредности.

Кога романот ќе стапи во контакт со својот читател, може да се насетат и да се препознаат многу филозофии за идентитетот, за културата, за постоењето воопшто. Исто така, преку текстот ја гледаме начитаноста на самиот автор, сфаќаме дека тој се користи со многу, многу теорија на постколонијализмот и на книжевноста. Не само овие влијанија, присутни се и многу стилови, особено од американскиот поет Д. Швалц (Delmore Schwartz), и многу приказни, како на пример „Илјада и една ноќ“ и сл.

Херменевтичкиот круг како алатка при толкувањето на текстот

Ќе се обидам да го толкувам текстот на Курејши, т.е. романот „Тело“, користејќи го херменевтичкиот круг како база/основа и како нужен за кое било толкување.

Херменевтичкиот круг, кој е интерпретативна постапка, го воведува Фридрих Шлаермахер. Овој круг се состои од три фази: интуитивна фаза, конкретна анализа/појаснување и читање на текстот како целина.

Интуитивната фаза што го сочинува херменевтичкиот круг, при толкувањето на романот „Тело“, настапува кога се насетува или кога имаме толкувачко очекување, некое предјазично откривање на празните места што треба да се пополнат. Како да сме во атмосфера на разбирање и на интенцијата на авторот, што може да се случи уште при самото читање.

Таков воздух кружи уште на самиот почеток на текстот, во првите неколку реченици:

„Тој рече: ’Значи, велите дека не слушате добро и дека Ве боли грбот. Телото постојано Ве потсетува на Вашето болно постоење. Би сакале ли да направите нешто во врска со тоа?‘
’Со овој полумртов стар труп?‘ реков. ’Сигурно. Што?‘
’На пример, да го замените и да добиете нешто ново?’“

Насетување на интенцијата дека е можен еден излез од себе и влез во нешто туѓо, Друго, како соодветен избор за намалување на болките, како да имаме разнишан идентитет поради несигурноста и одбивноста од себе.

Конкретната анализа, или објаснувањето, ќе ја приложам со помош на неколку неодминливи прашања штоби требало да се постават при толкувањето на еден книжевен текст.

1. Кое место во текстот може да се препознае како најенигматично место во текстот и кое, со таквата своја природа, има моќ да го навести алузивното одгатнување на загатката?

„Се вљубував во себеси. Не дека убавината, или самиот живот значат многу ако си сам. Рајот се другите луѓе (…) Во тоалетот, го допрев мојот нов пенис и станав обземен од него како да имам четири години. Го измерив и проучив. Ги кренав рацете и завртев со колковите; без сомнеж, и се испрчив. Елвис, се разбира, беше едно од моите најрани влијанија, заедно со Сократ. Кога мочав, млазот беше полн, бистар и морам да го опишам како ’одлучен‘. Враќајќи го пенисот назад, уште еднаш го стиснав. Кој не би сакал да го види ова! О, колку чекам со нетрпение! Мојот апетит – сите мои апетити, претпоставував – добија друга димензија (…) Имаме уште еден успех пред нас. Сè е готово сега. Умот и нервниот систем се во совршена координација. Го имате стариот ум во ново тело. Нов живот е создаден“.

Ова е еден од повеќето делови во текстот што може да се наречат јазли, атопични места, кои во себе го содржат и клучот за одгатнување на загатката.

hanifS1_645865S1

Адам веќе ги воспримаше убавините по светот на задоволствата како здрав, згоден, убав младич. Благодарение на своето ново земско тело, преземено од некој млад, прерано починат и фалусно надарен манекен, Адам го доживува својот мозок како „чудовиште“ што го измачува и посакува помалку време да поминува во умот. Умот за него претставува „отворена рана“ што не му дозволува да припаѓа онаму каде што му налага телото. Тој сака да припаѓа некаде, па макар тоа било еден Центар во Грција во кој живеат само жени, а тој е единстениот маж, кого го гледаат како секс во движење, како еден предмет, но има чувство дека е посакуван иако не е потребен, доволно е понекогаш и само да си посакуван. Тој сака да им се восхитуваат на неговата убавина и надареност, сака да му се потчинуваат без тоа директно да го побара. Старото скапано тело му носеше само болка, ништо друго, ова тело му ги носи сите задоволства, дури и оние на кои не им го знаел постоењето. Лео Рафаел Адамс е новотелецот, кој речиси се откажа од своето сепство за да постане Другиот и ги задоволи своите апетити зашто неговото старо тело не ја поседуваше таа сила, оти, нели, рајот е во другите луѓе?! Се обиде засолниште да пронајде, да припаѓа во Другиот, но како половичен човек дали тоа е возможно?

„Твојот човек имал нешто како клиничка депресија. Очигледно многу млади луѓе патат од неа. Не можат да ја добијат помошта која им е потребна. И по долго време сè е исто. Антидепресиви, терапија, сето тоа никогаш не помага. Тие никогаш нема да прават и да добијат нешто, како нас човече. Подобро да се отарасиме од сите нив и да ги пуштиме здравите да живеат.

Мислиш да живеат во телата на отфрлените? Запоставените, пропаднатите?
Точно“.

Курејши посега по најинтимните, личните, индивидуалните теми. Особено по дилемите што засегаат во секојпат осетливата потрага и неизвесност на идентитетот. Како овие аспекти суштински да ги вградува и да ги преиспитува во својата проза.

2.Кои други места се одликуваат со исклучителна херметичност, атопичност, ентропичност, деликатност и многузначност, така што станува неопходно да се разбере и да се дефинира нивниот идентитет?

Најпрво, самиот наслов може да се гледа како многузначен, атопично херметично место што во себе го содржи предметот на предметот или метапредметот. Деликатноста да се дефинира сопствениот идентитет само преку општите елементи како: националност, јазик, боја на кожа, класа и сл., тоа е содржано и во зборот „тело“ и во романот „Тело“. Телото е еден вид определба и сепство, но е доволно за удобносѕ, за целосно припаѓање, оти е одделено од душата. Во случајот „Тело“ на Курејши, тоа на почетокот се утврдува како возможно, но подоцна се увидува спротивното. На двојството што е присутно во и надвор од нас, поради кое живееме и поради кое умираме. Умот и телото мора да бидат во складност, мора да растат заедно и да умрат заедно ако се трага кон хармонизација, која подразбира припаѓање некаде.  Секое тело не му припаѓа на секој ум и секој ум не може да живее во сечие тело. Адам си ја „продава“ душата за да ги задоволи апетитите и си купува ново тело за на крајот да ја сфати таа двојност и телото да му постане сопствениот најголем затвор.

Телото е еден вид униформа. Униформа на душата, таа ја добива комплетната слобода кога ќе го напушти, но нема да се насели во друго тело, ќе лебди како пердув. Душата во туѓо тело е како птица во кафез, телото со туѓа душа е вол во шума.

Зборот „тело“ или „вody“ (англ.) означува:

*во физиката означува материја што исполнува определен дел од материјален предмет;
*дел од просторот ограничен од сите страни со рамнини;
*како организам на човек или на животно во неговите надворешни форми и пројави и е спротивно од душа, дух;
*снага, труп;
*труп, мртовец;
*основен дел на нешто, корпус на нешто;
*орган, состав од луѓе.

Друго атопично место во текстот што постанува неопходно да се разбере и што може да помогне при одгатнувањето е доделено на апетитите на Адам или на Адам-Лео или пак човекот воопшто.

„Луѓето размислуваат за телата, иако оние поразумните знаат, дека тие никогаш не можат да им го пружат бараното задоволување, зашто она што ги мачи не е телото, ами апетитот“.

Тука се поентира суровата диктатура на желбата и сексуалната похота како актуелна на потрошувачкото општество. Адам ја добива можноста за родово неограничена и оптимална консумација на различни тела. Тој станува идеален потрошувач на својата и на туѓата, со ништо нелимитирана сексуалност.

„Може да предложам нешто? рече Ралф.
Би можеле, за промена, да бидете млада жена.
Реков: Промената е добра како и одморот, како што велеше мајка ми.
Некои мажи сакаат да раѓаат. Или сакаат да имаат секс како жени. Вие имате машки лик кој вели дека во своите сексуални фантазии тој е секогаш жена.
Да… сфаќам на што мислите.
Или би можеле да одберете црно тело“.

Приказната на Адам е, покрај другото, и своевидна метатеза на гладот: во неможност правовремено да се задоволи конкретниот и суштествени глад по интимен допир, кај Адам се развива синџир од заменски варијанти, меѓу кои тој самиот ги вбројува недвижниностите, децата, работата, копањето на бавчата – „што го држеше под контрола бесот на неуспехот“. Така, на сцената доаѓа хистеричниот култ на телото, идеалот на вечната младост и потентност.

3. На кои места се случува семантичкиот деликт во текстот? Каде се менува во обратна и индикативна насока редот на нештата? Каде се одвива конверзијата – на рамниште на дискурс и приказна, на рамниште на раскажувач и фокализатор, на рамниште на лик, на рамниште на време и простор, во однос на гледната точка во прикажувањето на светот и промената на историската перспектива? Во кој контекст, се поставува прашањето – каде го генерира приказната дискурсот и скршнува од насоката во која претходно е раскажувана во некоја друга , неочекувана?

Семантичкиот деликт во текстот е во зборовите:

„Себноста е здрава, доколку умее да биде и болна – и тоа уште да го сфати како елемент на своето здравје“.

Она што постојано ќе нè опседнува сите, како човечки битија, меѓутоа, не е помалку означено и присутно во морето на болката, на болеста и на староста, кое токму визијата за сеестетското и семладолико тело грчевито сака да ја отстрани од својот плашлив хоризонт. Како се старее на убав и достоен начин, умеењето да се старее, се токму оние прашања што се раѓаат од овие зборови и, се разбира, текстот е оставен на читателите да го допишат и да одговорат на овие прашања.

Редот на нештата се менува во обратна и индикативна насока токму меѓу овие зборови (погоренаведените) и стравот на Адам-Лео од препознавање како Марк (старотелецот), што тој бил, што правел, кој всушност бил неговиот идентитет. Го опфаќа паника дека би можеле да го гонат и тој да плати за некое злодело за кое не е виновен, злодело на претходниот сопственик на телото. И тука се раѓа желбата за враќање кон сепството и ускладување на душата и на телото. Исто така, и стравот од смртта. Телото може да му биде одземено на најсвиреп начин, преку убиство, возможно е да не го добие старото тело назад, а со него и својот живот, вклучувајќи ги и жена си и сина си.

Како што погоре споменав дури зборував за стилот, како за речиси сите рамништа на конверзијата така и за контекстот на промената на приказната веќе споменав дека тоа се случува при промената на просторот на дејството Лондон – Грција, која е во контекст на промена на Домовината воопшто. Домовината постанува туѓина за туѓината да постане домовина, сè со цел да се припаѓа некаде без разлика дали со туѓо тело и со туѓа домовина ја бараме својата. Што ќе ни е клучот на Домовината кога ја немаме, кога Домовината не ми е одовде ни отаде, кога никогаш и не била?

4. Кои места во текстот може да се изделат како потенцијален клуч во толкувањето на енигмата? Постојат ли други текстови од истиот или од друг автор што може да го поткрепат и да го свртат толкувањето во насока на можниот одговор?

„Бев странец на земјата, никој и ништо, кој никаде не припаѓа, само тело, осудено да почне повторно во кошмарот на вечниот живот“.

Тоа се последните зборови од романот „Тело“ на Курејши, така сосема неочекувано завршува овој роман, остава простор на читателот да допише. Последиците од репродукција на субјектот само до или на голо тело се повеќе од јасни и не помалку поразителни. Настапува потребата од надминување на димнезиите на телото.

Во овие зборови се распознаваат и контурите на еден впечатлив интертекст, повторно од областа на англиската литература, „Портретот на Доријан Греј“, роман на Оскар Вајлд во кој младешката стилизација на изгледот се претвора во демонски фатален императив на главниот лик. Современиот човек се храни од сопствениот воајерски апетит. Исто така, може да повлечеме паралела и со фотографијата како уметност. Сузан Сонтаг открива дека публиката подеднакво ја фасцинираат глетките на голи тела што уживаат, како и на распарчени, страдалнички посебно, мртви тела.

Како заклучок, кога текстот се гледа во целина, би издвоила дека романот „Тело“ на Ханиф Курејши на суштествен начин ги засега проблематиката на идентитетот и на вдоменоста, прашањето за припадноста и за фундаменталното бескуќништво на современиот човек. Непријатноста во себе и од себе е неодминлива равенка на современиот идентитет. Адам „си недостасува самиот себеси“, тој смета дека „ништо не може да го излекува од него, самиот“, дека само „четвртина од него е жива“.

Ние сме она што не сме. Ние сме во она и онаму каде што се наоѓаме.

Библиографија:

1. Курејши, Ханиф. 2006. Тело. Скопје: Табернакул.
2. Ќулавкова, Катица. 2006. Херменевтика на идентитети. Куманово: Македонска ризница.
3. Ќулавкова, Катица. 2009. Демонот на толкувањето. Скопје: Македонска Академија на Науките и Уметностите.
4. Ќулавкова, Катица. 2003. Херменевтика и поетика . Скопје: Култура.
5. Шелева, Елизабета. 2008. Домот на писмото. Скопје: Магор.
6. Шелева, Елизабета. 2001. Дом/Идентитет . Скопје: Магор.
7. Србиновска, Славица. 2000. Подвижниот посматрач во романот. Скопје: Сигмапрес.

Интернет:
1. www.amazon.com/The-Body-Novel-Hanif-Kureishi/
2. www.theguardian.com/books/2002/nov/03/fiction.hanifkureisi
3. books.google.mk/books/about/The_Body.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Обични приказни (За „Ге-дур“ на Тамара Јолевска-Попов)
Литературата создава светови. Тоа ѝ е работа. И секогаш две работи се...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *