На едно место, англискиот драматург Едвард Бонд пишува: „Старите религиозни категории на вината и свеста мене ми се чинат одлишни тука. Во одреден смисол сите злобни дејствиа се знаци на лудило и нивните сторители не треба да бидат казнети за нив. Сметам дека ако моралот не е религиозна ствар која го интигрира Бога, тогаш е политичка ствар. Истовремено и правдата станува политичка ствар – нема апстракна правда (…) Постојат ситуации каде луѓето треба да бидат одговорни за она што го сториле како индивидуи, зашто некои работи мора да бидат демонстрирани во социјален контекст. Но, навистина концептот на вината е примитивен и се чини никогаш не помогнал на жртвата. Вистинскиот проблем лежи во еманципацијата на општеството“.
А што мислиме под еманципација? Ништо друго освен една либерација или едно ослободување од правни, социјални и политички нормативи. Во таа мера, ликот на јужноафриканскиот автор Џон Куци, Мајкл К, е субверзивен по воспоставениот општествен поредок. За него, категоријата вина може да ја проследиме како минорен фактор што го одредува.
И постулатите на новиот историцизам ни се апликативни тука. Преку читањето на овој мал, но драгоцен роман за втората половина на 20 век, ние сме сведоци на една децентрализирана вистина, каде што гласот е ставен на еден маргинален лик во општеството. Мајкл К се движи токму по работ на официјалното општество; тој живее на неговите маргини и рапидно низ страниците расте како неговата ПОТСВЕСТ. Консеквентно, дискурсите се децентрализираат. Ја следиме приказната на Другиот. Другоста како концепт станува апликативна за Мајкл К и лесно како читатели запаѓаме во замки и во амбигвитети од значења.
Треба да имаме предвид дека кај Куци има една заложба и еден стремеж да се афирмира биолошката хибридност на Јужна Африка. Тој е првиот сведок на случувањата во Јужна Африка во рамките на триаголникот автор-лик-читател. Тој е првиот посредувач.
Теориските промисли на Лукач се фокусираат на еден момент кон тоа дека самиот роман е фузија помеѓу (1) откровенијата на главниот лик и (2) разбирањата за историската динамичност, каде што навистина јавното и интимното се едначат; и едното не е покорно на другото, туку комплементарно. Наместо тоа едначење, Лукач вели дека е нужна една интеракција на дијалектизам помеѓу реонот на јавното и на интимното. Тие треба да општат меѓу себе. Тоа се достигнува, вели Лукач, низ типификација на ликот. Дали Мајкл К е индивидуа или е типологизиран? Во еден лик како него, детерминантните фактори на една одредена историска фаза може да бидат лоцирани. Оваа формула за вмрежување и за концентрирање на историографските сили се чини доста ефикасна и, во етичка смисла, како прескрипција на фиктивните снимки или кон тоа да се просведочат Јужна Африка и животот во неа. Гледиштата на јужноафриканската авторка и политичка активистка Надин Гордимер упатуваат кон тоа дека Мајкл К доживува една извесна трансгресија како лик, со тоа што тој одбива да биде дел од колективот. Лукач претпочита еден органицизам, односно дека постои фузија меѓу интимната и јавната страна, изместен кај Куци; како Куци да стои спроти претпочитаниот модел на фузија на интимното и јавното. Куци самиот коментира дека романот се има придвижено во меѓувреме над таквата формула. Романот сега трага по нешто поголемо.
Романот на Куци нараснува; таквиот роман трага по нешто што не е баш реално, кое и самото себе не си е секогаш лојално. Во „Животот и времињата на Мајкл К“ доминира омнисцентниот раскажувач во трето лице. Таквиот наратор е една од конвенциите на фикцијата на реализмот и таквиот наратор допира и ги ослободува мислите на Мајкл К. Еден од оние екстраординарни аспекти на фикцијата на Куци е, се разбира, тој капацитет, на пример во Мајкл К, делото да задржи една нитка на реалистичка илузија/илузионизам што е во тандем со кристална свест, која е способна да ги разруши истите илузии. Такви се романите на Куци всушност; нивниот стремеж оди кон тоа самиот критичар да изнајде една нова историја. Кон смислата се алудира некаде сосем имплицитно во романот, а по неа најверојатно треба да талкаме во самата реалност, во историските контексти или, како што и претходно напоменавме, да се бара од критичарот да побара една нова историја. Истовремено пред нас се изјаснува уште едно прашање: дали историјата ги запишува книжевните ликови или книжевните ликови ја пишуваат историјата; или е тој однос реципрочен, заемен?
Во еден разговор со Куци на темата „Романот денес“, во 1987 година, Куци дискутира и вели: „Во доба на интензивен идеолошки притисок, каква што е сегашноста, во просторот каде што историјата и романот заедно коегзистираат како различен добиток на исто пасиште, секое по своето наум; каде што сите се притиснати во апсолутно ништивило, романот се чини има две опции тогаш: суплементарност (или би го сфатиле како состојба на прифаќање со таа реалност, додавање парче кон неа) или ривалитет, каде што романот стои како точка опозит на таа реалност“. Овие реплики се во контекст на доцнежната фаза на Јужноафриканскиот апархејд (1986-1990), период на една стравотна криза што ја опфаќа земјата во тој период.
Под суплементација во овој контекст се подразбира потврдувањето на веќе етаблираната историја; додека другите – романите на ривалитетот, се спротиставуваат на таа историја. Таквиот роман ќе биде роман што ќе оперира низ свои функции и формули и таквиот роман ќе носи заклучоци што се различни од оние „принудни“ заклучоци што би се согласувале или би биле суплементарни на заклучоците од веќе воспоставените историски сценарија. Ривалитетот оди кон веќе воспоставената дијалектика и таквиот роман разбирливо ќе еволуира со своите парадигми и митови. Со други зборови, Куци се залага за позиција што има своја блискост со поширокиот опсег и за ревизија на историјата што ја врши постколонијалната ревизија на историјата.
Дали ликот ќе ја напише историјата или историјата ќе го стимулира ликот, чинам, е избор на самиот автор, кој треба да биде доволно добар познавач на реалноста за да пишува за неа, за да формира и да креира ликови (а не да произведува!). Авторот се натпреварува со историчарот во извесна мера. Романот и историјата се дискурси што се натпреваруваат. Задачата што се јавува пред Куци, како романсиер, како што и тој самиот кажува, е да им се спротивстави докрај на премисите поставени априори од историјата. Но зар тоа не е истовремено опозитно на постколонијалната ревизија? Додека неприкажаната историја излегува на површина во таквата доба на деколонизација, Куци во истите тие моменти како исконски да ја предизвикува самата идеја за историја, како фундаментално да ја поткопува. Клучна опсервација тука ќе ни биде, како што вели Куци, дека „Историја може да биде процес на претставување, но мене лично ми се чини повеќе како сила на претставување… и во тој смисол ништо не може да биде претставено“.
Дотука овој текст, кој е воедно компилација од внимателено одбрани параграфи, теориски промисли и лични мнениа, нафрлува доста теми што може да бидат врзани за македонскиот културолошки код. Македонскиот културолошки код интегрира во себе повеќе проблематични и конфузни места, вклучувајќи ги, разбирливо, македонската историја и македонскиот идентитет.
Она што можеби современите македонски автори може да го научат од Џон М. Куци е токму талкањето и трагањето по тоа да се етаблира / да се запише / да се понуди просторот за една поинква историја; на пример, за една историја што силно ќе го артикулира гласот на оние маргинализирани ликови од македонскиот социјален контекст . Тоа што особено можеби им треба на новите генерации што се во својот зародиш / генерации во инцепција на една репресивна доба – е токму увидот во потенцијалните алтернативни решенија за сопствената историја, решенија што може да ги достави само фикцијата преку ликови што ќе бидат субверзивни со воспоставениот општествен код и политика.
„Од мене бараат повеќе, затоа што подолго сум бил на овој свет. Сакаат да си го отворам срцето и да им ја кажам приказната за животот поминат по кафези“ – Мајкл К.
_____________
Овој текст е составен и ревидиран од извадоци од дипломскиот труд на авторот „Теорија на ликот низ призма на романот Животот и времињата на Мајкл К од Џон М. Куци“ под менторство на проф д-р Славица Србиновска на Катедрата за општа и компаративна книжевност, Филолошки Факултет „Блаже Конески“ (декември, 2013).
Референтна литература:
Куци Џ., Животот и времињата на Мајкл К. Скопје: Или или, 2006
превод од англиски: Румена Бужаровска
Boehmer E. (ed), Eaglestone R. (ed), Iddiols K. (ed). J.M. Coetzee in Context and Theory. 2009. UK: Continuum International Publishing Group
Irele A. (ed). Cambridge Studies in African and Caribbean Literature. 1997. Cambridge: Cambridge University Press
Bond E. Lear. 1990. London: Methuen London Ltd
Warning: Trying to access array offset on value of type bool in /home/echqdumm/public_html/reper.net.mk/wp-content/themes/simplemag/inc/social-share.php on line 60
Pinterest