Е. Е.

Ерна Елцнер е петнаесетгодишно девојче во едно многудетно германско-полско семејство што живее во Вроцлав на преминот од 19 во 20 век. Животот на Ерна не е лесен, бидејќи таа не се истакнува, повлечена е и срамежлива, па никој не ѝ обрнува особено внимание. Сѐ додека еден ден, за време на ручекот, не здогледа дух...

„Е. Е.“ е меѓу првите романи на Олга Токарчук, објавен во 1995 г. Тоа е приказна на созревањето и на тајните на човековата личност, како и на барањето на смислата на животот и на светот. Ерна Елцнер е петнаесетгодишно девојче во едно многудетно германско-полско семејство што живее во Вроцлав на преминот од 19 во 20 век. Животот на Ерна не е лесен, бидејќи таа не се истакнува, повлечена е и срамежлива, па никој не ѝ обрнува особено внимание. Сѐ додека еден ден, за време на ручекот, не здогледа дух…

„Ерна дотогаш немаше сопствено постоење. Беше децата, ’девојчињата‘ чии светли фустанчиња трепнуваа во ходникот, беше расцврцорени гласчиња, кои требаше да се стишуваат од страна на слугинката. Беше несовршен човек, без право да престојува во салонот со возрасните, да излегува сама од дома, да зборува без да ја прашаат. Кога Фромер разговараше за неа со госпоѓа Елцнер, се преправаше дека знае за кого станува збор. Сега стана свесен дека таа за него никогаш не постоела како личност. Мораше да ја погледне одново“.

Пројавувањето на таинствените способности го привлекува вниманието на повеќе луѓе блиски на семејството, од лекари, психијатри, психолози, до скептици, окултисти, аматерски трагачи на загубени души. Преовладува атмосферата на мистичност, напнатост, возбуда и на страв од непознатото за време на сеансите што се одржуваат во домот на Елцнерови. Привлечени од аурата на мистериозноста, на Ерна ѝ помагаат двете помали сестри-близначки. На крајот, нивната измама излегува на виделина, но останува прашањето за чудните способности на Ерна и за нивната веродостојност. Ерна станува девојка, а луѓето околу неа продолжуваат, секој по својот пат.

Езотеричниот превез е само надворешна декорација на овој роман на Олга Токарчук. Интересна е структурата на романот. Токарчук има вешт стил на нарација, која тече непрекинато и лесно, поделена во посебни поглавја во кои се воведуваат новите личности, а со нив и нивните животни приказни, ставовите за егзистенцијалните животни прашања и нивната перспектива на феноменот што е во центарот на вниманието. Притоа се судруваат различни погледи, различни карактери, старото и новото, духовното и материјалното, чувствителноста и разумот. Со тоа, и секое поглавје и секој лик се развиваат во посебна приказна, која секогаш не е довршена и доразјаснета. Приказната на Ерна е несомнено приказна за созревањето на едно дете во возрасна личност. Во текот на тоа созревање, таа ненадејно добива парапсихолошки способности, кои исто така ненадејно се губат со добивањето на првиот циклус. Нејзината сензибилност и сообразност со природниот свет ја изградуваат во еден поетичен лик со исклучителни романтичарски чувства, мечти и страдања.

„Протрча покрај рибниците, зад урнатиот ѕид. Забави дури во шумата, но таа ѝ се виде премногу светла, премногу проѕирна за да може во неа да се скрие. Па, така, потрча уште понатаму, сѐ до густежот од бозел, на ’ртот опкружен со застоена вода. Мораше да се наведне за да влезе во лавиринтот. Кружеше меѓу островчињата од грмушки и на крајот седна на ретката трева покриена со лисја. Забрзано дишеше, изморена од трчањето, заслабена. Нејзиниот здив ја нарушуваше тишината, која беше владетелка на ова место. На Ерна ѝ се чинеше дека не е тоа таа, туку дека тишината дише како големо животно што се трие од нејзиното тело. Го слушаше тој ритмичен здив, свој и несвој, и неговиот ритам ја снеможуваше. Легна на грб. Го виде над себе темнозелениот свод од лисја. Беше веднаш над неа и одеднаш посака да падне врз неа со својата влажна тежина, да ја задуши, да ѝ го одземе здивот“.

Од друга страна, преку нејзиниот феномен созреваат, на свој начин, и личностите чие внимание го привлекува таа: нејзината мајка, госпоѓата Елцнер, сопруга на богат текстилен трговец, која уморна од секојдневниот живот и од здодевната семејна атмосфера, сконцентрирана на својот внатрешен свет, сфаќа дека надворешниот свет што го гледаме и што го создаваме со своите мисли и навики можеби и не е вистинскиот; стариот доктор Леве, кој пред смртта сфаќа дека спојот на човекот, на телото и на душата предизвикува хаос, а човекот тежнее кон мир и кон непостоење; трагачот по духовното, Фромер, напуштен од мајка си во раното детство, доаѓа до поразително сознание дека е жената центарот на духовниот свет; дегенерираната Тереза, која во текот на последната сеанса открива дека е нереален нејзиниот свет, а реален е оној во кој таа е најважната за лицето што бдее над сите и над сѐ; младиот студент по медицина, Шацман, кој од детството е самоуверен во убедувањето дека ќе стане славен и дека е над сите други, а потоа станува скромен психијатар чиј успех ќе биде попречен од претстојната војна…

Интелектуализмот на прозата на Олга Токарчук, нејзината вештина да проникне во филозофските длабочини, поврзувањето на имагинарното со реалното – ја подведуваат нејзината литература во доменот на магичниот реализам. Специфична за целата нејзина генерација полски писатели родени во шеесеттите години на минатиот век е промената на општествениот поглед на светот – веќе не се трага по националниот идентитет, туку по суштината на човечкиот живот. Тоа и се одразува во романот „Е.Е.“ на Олга Токарчук. Навраќањето на еден магичен свет на процутот на капитализмот, претставено во овој роман, претставува фузија на еден научен, физички опис на реалноста и на психолошката човечка реалност. Како и сите магично-реалистични текстови, и „Е.Е.“ содржи: определена средина со релативно специфичен контекст – полскиот град Вроцлав пред Првата светска војна, кој како богат регион ѝ припаѓал на Германија; реалност претставена како човечко спознавање на светот – промените што ги носи новиот век, развојот на технологијата и на науката; и фрагменти што не може рационално да се дообјаснат – медиумските способности на една млада девојка.

„Новото време“ во „Е.Е.“ го одбележуваат, меѓу другото, настанот со автомобилот на господинот Елцнер во селото, каде што семејството престојува лете, белешките на Артур Шацман за случајот на Е.Е., во кои тој научно го прикажува несвесното, како и особениот акцент врз психоанализата како нов, но недокажан метод во проучувањето на човековата психа, кој во тоа време претставува револуционерно откритие во психологијата. Се разбира, не изостануваат и феминистичките елементи во романот: со самото споменување на актуелните феминистички движења во Америка, како и со ликот на Гертруда, сестрата на господинот Елцнер, со нејзините долги цигари и стил на живот, кои во нејзината средина се сметаат за каприциозни, во најмала рака.

Во овој роман, Олга Токарчук за првпат ја применува метафикцијата како книжевен зафат на вметнување фикција во рамките на историските факти. Сите цитирани библиографски единици се вистински, како и личностите што се занимавале со проучување на „непознатото“, кои се споменуваат во романот. Така, на пример, се зборува за Хелена Блаватска, која навистина била познат окултист во тоа време и која во 1875 г. со уште неколку сродни души го основала Теозофското друштво во Њујорк – во романот се појавува при откривањето на приказната на Валтер и на Тереза Фромер, како покровителка и како менторка на нивната мајка, фиктивна личност во романот. Исто така, како споредба во едно поглавје се земаат спиритистот сер Крукс и медиумот Флоренс Кук, кои се реални личности што навистина биле популарни во тоа време. Фасцинантна е и приказната што ја раскажува професорот Фогел, фиктивна личност, за посетата на Зигмунд Фројд во Вроцлав и за неговото наводно раскажување за детството:

„Фројд тогаш ни кажа дека, кога бил мал, можеби на пет-шест години, патувал со мајка си, со браќата и со сестрите со воз од Виена до Берлин. Ноќта возот застанал на станицата во Вроцлав; ја менувале локомотивата. Малиот Фројд гледал низ прозорецот и бил фасциниран од тоа огромно движење, од железничкиот свет во кој секогаш си само на поминување. Луѓето, возовите како големи животни, газиените ламби што се ’преправале‘ дека се сонца и челичниот свод што се ’преправал‘ дека е небо. Мајка му почнала да ги легнува децата. Најпрвин ги постилала кушетите, потоа ги пресоблекувала неговите сестри и на крајот го легнала и него, ама тој не можел да заспие, навикнат на монотоното тракотење на тркалата. Тогаш за првпат ја видел мајка си гола. Нејзините полни гради сигурно разбудиле немир кај детето. Ги посакувал и истовремено се плашел од нив. Одеднаш телото на мајката се сторило јазолот на кој бил заврзан светот – Фогел за момент замолча. – Тоа покажува колку се необични корените на секоја идеја; тие се создаваат од оние настани што се навидум случајни, површни, од играта на светлината, на звуците… Може да се заклучи дека овде, на главната станица во Вроцлав, настанало претчувството што подоцна се претворило во теоријата на Фројд. Тука се родила психоанализата“.

Факт е дека семејството на Фројд, кога тој бил дете, патувало низ Полска и возот несомнено поминувал низ Вроцлав, како и тоа дека Фројд можел да учествува на некој симпозиум во тогашен Бреслау, подоцна како возрасен човек, но другото е фикцијата на Олга Токарчук.

Многу од темите зачнати во романот „Е.Е.“ навестуваат поинаков расплет и може уште повеќе да се развиваат, па затоа и овој кус роман на Токарчук изгледа како недовршено дело на писателката. Загадочноста и недоразјаснетите мотиви го прават делото и мистериозно и привлечно. Голем дел од тие мотиви, сепак, таа ги доработува во своите натамошни дела и ги доведува до перфекција. Па, така, ова дело може да се чита и како предвесник на писателскиот талент во кој израсна Олга Токарчук.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Пишување на броевите во македонскиот јазик
Кога се работи за едноцифрените броеви, препорачливо е тие да се пишуваат...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *