„Писмата до еден германски пријател“


Warning: Attempt to read property "post_excerpt" on null in /home/echqdumm/public_html/reper.net.mk/wp-content/themes/simplemag/formats/format-standard.php on line 28
Секој читател што ќе ги чита „Писмата до еден германски пријател“, од оваа перспектива, односно гледајќи ги како документ што произлегува од борбата против насилството, ќе види дека и после сè не одрекувам ниту еден овде напишан збор.

Предговор кон италијанското издание

„Писмата до еден германски пријател“ се објавени во Франција по ослободувањето во мал број примероци и никогаш повторно не се отпечатени. Секогаш бев против нивното објавување во странство поради причините што ќе ви ги кажам.

Ова е нивно прво објавување надвор од француската територија и на таква одлука ме наведе желбата да придонесам, онолку колку што можам, еден ден да ја снема глупавата граница што ги разделува нашите две земји.

Но јас не можам да дозволам овие страници да се отпечатат без да кажам што всушност се тие. Беа напишани и објавени илегално за време на окупацијата. Тие имаа цел донекаде да ја разјаснат слепата борба што ја водевме и со тоа да ја направат поефикасна. Тие се дело на одредени околности и поради тоа се чинат неправедни. Доколку требаше да се пишува за победената Германија, тогаш би требало да се примени малку поинаков начин на изразување. Но јас би сакал само да го спречам недоразбирањето. Кога авторот на овие писма вели „вие“, тој не сака да каже „вие, другите Германци“, туку „вие, другите нацисти“. Кога тој вели „ние“, тоа не значи секогаш „ние, другите Французи“, туку „ние, другите слободни Европејци“. Јас спротивставувам два става, а не две нации, дури и кога во еден историски момент тие може да бидат олицетворение на два меѓусебно непријателски става. Ќе употребам зборови што не се мои: премногу ја сакам својата земја за да бидам националист. И знам дека ни Франција ни Италија не би изгубиле ништо, напротив, да се отворат кон едно пошироко општество. Но сè уште сме далеку од тоа и Европа и понатаму ќе остане растргната. Затоа, би ми било срам денес да дозволам да се верува дека еден француски писател може да биде непријател на некоја одредена нација. Јас ги мразам само егзекуторите. Секој читател што ќе ги чита „Писмата до еден германски пријател“ од оваа перспектива, односно гледајќи ги како документ што произлегува од борбата против насилството, ќе види дека, и по сè, не одрекувам ниту еден збор напишан овде.

ПРВО ПИСМО
13 јули 1943

Ми рековте: „Големината на мојата земја нема цена. Сè што ќе придонесе за нејзино остварување е добро. Во светот, во којшто ништо повеќе нема значење, оние како нас, млади Германци, имаат среќа да ја пронајдат смислата во судбината на својата нација и во тоа име да жртвуваат сè. И Ве сакав, но токму тогаш се раздвоивме“. Не, Ви реков, не можам да верувам дека сè треба да ѝ се потчини на целта што си ја поставуваме. Има средства што не може да се оправдаат. Би сакал да ја сакам својата земја, а истовремено да ја сакам и правдата. Но не сакам каква било големина што се темели на крвопролевање и на лага. Би сакал да ја направам голема давајќи свој придонес за правдата. Тогаш ми рековте: „Па, Вие не ја сакате својата земја“.

Оттогаш поминаа пет години. Бевме раздвоени, но можам да кажам дека во тој долг период (а толку краток, секавично брз за Вас) немаше ден да не помислам на Вашите зборови: „Вие не ја сакате својата земја!“ И денес, кога ќе помислам на нив, нешто ме стега во грлото. Не, не ја сакав, ако да не сакаш значи да се одречеш од сè што е праведно во тоа што го сакаш, ако да не сакаш значи да бараш оној што го љубиш да се поистоветува со најубавата слика што ја имаш за него. Во текот на тие пет години, во Франција многу луѓе размислуваа како мене. Меѓутоа, некои од нив веќе се најдоа пред многу ситни црни очи на германската судбина. Тие луѓе, кои според Вас не ја сакаа својата земја, направиле многу повеќе за неа отколку што некогаш Вие би направиле за својата, дури и кога стопати би го дале својот живот за неа. Бидејќи тие морале прво да се победат себеси и токму во тоа се состои нивното јунаштво. Но овде зборувам за два вида големина и за една противречност, којашто ќе морам да Ви ја разјаснам.

Ако биде возможно, наскоро пак ќе се видиме. Но тогаш нашето пријателство ќе биде завршено. Ќе бидете обземени со сопствениот пораз и нема да се срамите од својата некогашна победа; напротив, ќе ја жалите со сета своја скршена моќ. Денес сè уште сум Ви духовно близок – Ваш непријател, точно, но и понатаму по малку Ваш пријател, затоа што тука Ви ги доверувам своите мисли. Утре тоа ќе биде веќе завршено. Тоа што нема да успее да го зачне во Вас Вашата победа, ќе го заврши Вашиот пораз. Но пред да завладее рамнодушноста меѓу нас, би сакал барем да Ви го разјаснам она што ниту во мир ниту во војна не успеавте да го сфатите за судбината на мојата земја.

Веднаш би сакал да Ви кажам кон каква големина тежнееме. Тоа значи да Ви кажам каква храброст цениме, а и дека тоа не е вашата. Не значи многу да бидеш во состојба да јуришаш кон непријателскиот оган кога за тоа си се подготвувал отсекогаш и кога таквиот јуриш ти е поприроден од размислувањето. Напротив, голема работа е да им одиш во пресрет на измачувањето и на смртта знаејќи сосема сигурно дека омразата и насилството се бесмислени сами по себе. Голем подвиг е да се бориш презирајќи ја војната, да прифатиш да изгубиш сè за да ја сочуваш смислата за среќа, да тргнеш во уништување со идеја за подобро општество. Тоа е она што нас нè прави поголеми, бидејќи мораме да преземеме одговорност. Вие не сте морале ништо да совладате во своето срце ниту во својот ум. Пред себе имавме двајца непријатели и не беше доволно да се извојува победа над оружјето, како што ви беше вам, коишто не сте морале ништо да надвладеете во самите себе.

Ние моравме да надвладееме многу нешта, можеби пред сè постојаното искушение да бидеме слични на вас. Бидејќи секогаш нешто во нас му се препушта на инстинктот, поради ефикасноста, презирајќи го разумот. На крајот, нашите големи доблести почнуваат да нѐ заморуваат. Разумот нѐ засрамува и понекогаш си замислуваме некое среќно примитивно варварство каде што вистината лесно би преовладувала. Но за тоа постои ефикасен лек: вие сте тука да ни покажете каде би нѐ одвело ваквото мечтаење. Кога би верувал во постоењето на извесен фатализам во историјата, би помислил дека сте тука со нас, како робови на разумот, за да нè вратите на вистинскиот пат. Така духовно се преродуваме и се чувствуваме попријатно.

Но сè уште би требало да го надвладееме сомнежот во поглед на својот став кон јунаштвото. Знам, Вие верувате дека нам јунаштвото ни е непознато. Се лажете. Едноставно, ние јунаштвото го покажуваме и истовремено се вардиме од него. Го покажуваме затоа што десет векови разум ни влеаја сознание за сè што е благородно. Се вардиме од него затоа што десет векови разум нè научија на вештина и на корист од едноставноста. За да ви го попречиме патот, би морале да се вратиме од голема далечина. Затоа и доцниме зад цела Европа, којашто поита да потоне во лага штом тоа се покажа практична, додека ние се оддадовме во потрага по вистината. Затоа, започнавме со пораз, бидејќи, додека сите нè напаѓаа, ние бевме обземени од желбата да одредиме во своите срца дали правото е на нашата страна.

Моравме да ги надвладееме своето сфаќање за човекот, сопствената слика за мирољубивата судбина, своето длабоко убедување дека ниедна победа не се исплатува, дека никакво човечко осакатување не може да се исправи. Требало истовремено да се откажеме од своите сознанија и од својата надеж, со образложение дека ја сакаме и омразата кон секоја војна. Со еден збор кажано, моравме да ја потиснеме својата желба за пријателство, а тоа претпоставувам ќе го разберете бидејќи доаѓа од мене, чијашто рака сакавте да ја стиснете.

Сега е тоа завршено. Ни беше потребно за тоа да поминеме долг пат и многу доцниме. Тоа е патот по кој оди разумот обѕирајќи се на вистината, а срцето пак на пријателството. Благодарение на него, правдата е зачувана, вистината е ставена на страната на оние што се преиспитуваа. А цената на тоа, несомнено, беше мошне висока. Плативме со понижување и со молчење, со огорченост, затвори, утрински стрелања, напуштања, разделби, со секојдневно гладување, со изгладнети деца и пред сè со присилно покајание. Но тоа не беше залудно. Ни беше потребно тоа време за да можеме да согледаме дали имаме право да убиваме луѓе, дали ни е дозволено да ја зголемиме ужасната беда на овој свет. И токму тоа изгубено и пронајдено време, тој прифатен и надминат пораз, таа совесност платена со крв – ни даваат сега право нам, на Французите, да мислиме дека влеговме во оваа војна со чисти раце, со невиноста на жртвите и на луѓето со цврсти убедувања и дека од неа ќе излеземе со чисти раце, но овој пат со чистотата на големата победа над неправдата и над самите нас. Бидејќи ние ќе бидеме победници, во тоа немојте да се сомневате. Но ќе победиме токму благодарение токму на тој пораз, на тој долг пат на којшто ги пронајдовме своите причини, на страдањето чијашто неправда ја почувствувавме и од која извлековме поука. Спротивно на она што некогаш го мислевме, научивме дека духот не му може ништо на мечот, но соединет со него – претставува вечен победник над мечот што е цел сам по себе. Ете зошто сега одбравме меч откако се уверивме дека духот е на нашата страна. За тоа беше потребно да гледаме како умираат луѓето и самите да се изложиме на таков ризик, да гледаме како наутро, по затворските ходници, францускиот работник оди на гилотина и од врата на врата ги бодри своите другари да бидат храбри. Најпосле, за да можеме да го освоиме духот, беше потребно нашите тела да бидат изложени на измачување. Човек навистина го поседува само она што го платил. Секоја цена што ја плативме е висока и сè уште ќе ја плаќаме. Но имаме свои убедувања, сопствени причини и правда: вашиот пораз.

Тагови од објавата
,
Напишано од
More from РЕПЕР
Маркетинг кампањата што го окупира интернет просторот
Потребно е да се пронајдат начини како одредени зборови да се „помакедончат“.
Повеќе
0 replies on “„Писмата до еден германски пријател“”