За црквата во Горно Лескоец

Почнав да патувам низ спомените. Минаа десетина години откако почина дедо. На погребот чинам беше, првпат кога влегов во црквичката.

559436_10150710258914422_2090756925_n

Се загледав низ прозорот во свежоизмалтарената фасадата на соседната куќа; неколкуте високи и стројни зимзелени дрвја, чинам борови беа веќе ги немаше, така што можев слободно да гледам во бескрајната белина на ѕидот. Десно од мене баба лежеше на креветот покриена со тенок бел чаршаф, со стаклено уморен поглед, но сè уште полн со живот и зборуваше веќе половина час за Горно Лескоец, селото од кое со време се иселиле. Потем за ливадите ми прикажуваше чинам, или за црквата. Да, тогаш го вратив мојот поглед кон баба која продолжи да прикажува.

„…Големо село било напред ќерко, со петнаесет-дваесет куќи на број ама црква немало, уш тогаш  моја мајка кажвеше, во турско било, машко дете, единец на мајка го грабнале еден ден, само било,  волови водело на пасење. Ама видиш големко дете, седум-осум години било кога го грабнале турци и го потурчиле… како ги викале тие, турска вера имале сетне ама наши биле…“

„Јаничари бабо,“ ѝ помогнав малку за да може да продолжи посигурно.

„Е така, и години сетне детето станало турски вазал и со војската поминвеле низ село кога детето, Потур-Петко го викале в село, се сетило на родното си село а сетне и на мајка си. И по толку години поминати во турски аскер видиш се сетило на мајка си. Оти големо било кога го грабнале… и дошло в село и за мајка си опитало. Спасија се викала. И селаните го однеле кај мајка му, Потур-Петка.“

Така зборуваше баба, редеше зборови, без да се почине, ни оддишка да земе. Се чудев, толку изнемоштена и без сила како може така лесно да ѝ излегуваат зборовите од уста.  Баба отсекогаш сакаше да прикажува, и како помлада зборуваше за сѐ што знае и чула, за комшиите, за селото, но најмногу сепак сакаше да прикажува за Горно Лескоец, мерак имаше на тоа место што и ден денес гледам како се издига горе над селото, во планинана. Нема веќе куќи, ни луѓе нема многу, но чешмата останала, а и црквата, онаа најстарата Свети Спас. Уникатна средновековна црква, една од стотиците во Охридско, ќе рече некој, но јас чинам дека не сум видела друга таква црква. Како неоткриено, археолошко богатство скриено во планината. Ниска, речиси вкопана, се сеќавам,  два-три пати сум влегла внатре, треба да се наведне човек, не го збира инаку да се провне низ ниското вратниче и да стапне на уште пониската камена плоча на црквата. Внатре е студено и темно, како со еден чекор да влегуваш во петнаесеттиот век. Сè што гледаш е недопрено, само забот на времето оставил свои траги по сликаните фрески по ѕидовите. Едвај се познаваат лицата на светците јагленосани од некој пожар, исчистени па остарени. Каква црква е тоа, си мислев, сама реликвија…

Баба како да знаеше дека ментално се шетав низ црквичката, почека па потоа продолжи.

„За шо ти кажвев?“ побара да ја потсетам.

„За Потур-Петка бабо, кога ја нашол мајка си.“

„Да.“ Се врати во приказната и продолжи. „ И видиш си ја нашол жива мајка си. Оти по толку време таа не вервела дека ќе ѝ се врати синот и тоа како турски вазал и ќе дојде в село да ја побара. А мајка му, сирота жена сама останала, а тој ја прашал: како живееш мори мајко ти сама? Арно синко, му рекла таа. Се врви некако. Не ми требит мене многу, а селаниве да се живи и здрави ми помагаат. Некој ќе ми дајт дрва, некој малце брашно, и така си живеам синко. А сетне Потур-Петко ѝ рекол на мајка си да му кажит што сака сега тој да направи за неа, оти сега тој има моќ поголема од сите и неговиот збор далеку се слуша. Дали пари сака, дали куќа да ѝ направи… Не синко, му рекла мајката. Мене ништо не ми требит. Сполај му на Горнион во селово имаме сѐ само едно немаме. Црква ако мојш да ни изградиш, голема добрина ќе сториш и за мајка си синко и за селово.  И така Потур-Петко, голем турски вазал наредил да се изгради црква во селото. На Свети Спас храмот го посветил, желбата на мајка си да ја исполни. “

„И така уште години се прикажвело ќерко за Потур-Петка, дете од наше село. Кај се видело турски вазал црква да гради…“ баба малце подзапре, како да подзаборави нешто.

„Ете. Крвта вода не бива бабо,“ реков почекувајќи баба да продолжи.

„И не само тоа. Години сетне турска војска низ село кога врвела, кажвеа стари, простум се стоело, никаков зулум селото не видело. Оти царско село го викале и од Турци останал таков абер.“

Баба тука запре. Веројатно заврши со приказната за Потур-Петко. Погледна кон чашата со вода која стоеше на масата. Станав, ја зедов чашата, ја измив и турив свежа вода.

Баба со мака се исправи. Ја придржав за грбот и ѝ помогнав да се напие од водата.

Почнав да патувам низ спомените. Минаа десетина години откако почина дедо. На погребот чинам беше, првпат кога влегов во црквичката. Мајка ми ме предупреди да внимавам на прагот под кој речиси две педи подолу се слегуваше во црквата. Тогаш сфатив дека никогаш не сум влегла во слична црква. И денес мислам така. Веројатно е и најмалата црква што некогаш сум ја видела. Олтарот е само на чекор или два од самиот влез.  Само црква која  преживеала векови, војни и природни непогоди може да изгледа толку посебно. Тогаш се сетив на фактот сека е изградена во турско време, дека морало да се почитуваат некои стандарди и дека не смеела да се издигнува во височина. Кон излезот, на вратата, забележав насликани два лика, маж и жена кои не личеа на светци. Селаните решиле, како по некоја традиција да ги стават имињата на донаторите на самата црква. Потур-Петко, пишуваше на едниот, онака како што го знаеле селаните. До него беше насликана неговата жена Клара.

Излегов од црквата. Споредено со темнината во камената црквичка, светлината на денот ме натера да подзамижам. Вдишав свеж, студен воздух. Кон самиот влез на црквата гледаше крстот со испишаното име на дедо.

09.09.2014

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Читај, бе братучед, читај! 2017
Кон 3’ Фестивал на европската литература „Букстар“
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *