Страшливиот поет

Страшливиот поет не е штурец и не свири во мракот, не е светулка и не дава светлина, не е дури ниту пчела што собира нектар од бодликавите цвеќиња.

rumen_leonidov2

Страшливиот поет умира двапати. Еднаш како страшливец што целиот живот ја слави сопствената тага на исплашено човече. И вториот пат кога во покојот на безвременоста, толпата му врти грб и го заборава.

Понекогаш страшливиот поет умира и за третпат, заедно со неговите сакани обожавателки што ги собираат неговите исплашени стихови во лексикони.

Страшливиот поет е само потстанар на литературните празни муабети за метафорични гуми за џвакање со засладувачи, за локумите од слики, за сладникавите солзи и за утешителните ситуации на стихот.

Страшливиот поет го репродуцира фалшивиот мир и фасадната слобода со која го даруваат оние од кои тој трепери од страв. Во некролозите на времето страшливецот е отсутен.

Страшливиот поет не е штурец и не свири во мракот, не е светулка и не дава светлина, не е дури ниту пчела што собира нектар од бодликавите цвеќиња.

prd-44937Што е страшливиот поет? Тој претпочита да биде сончоглед и со наведната глава да гледа како над него се движи кралот Сонце. Во питата на таквите сончогледи нема прашалници, туку само грст сончогледови зрна за глупакот што зјапа во телевизорот и ги преместува зрната меѓу забите за да ги исплука како зборовен отпадок.

Страшливиот поет уште од раѓање е убиен од своите стравови. Тој раѓа страв затоа што и самиот тој е рожба на стравот. Тој не е виновен што е страшлив, туку за тоа дека пишува страшливо. За тоа дека проповеда потчинетост.

Страшливиот поет е поданик на молкот и роб на премолченото. Страшливиот поет не е поет, туку словослагач на власта. А секоја власт има потреба од страшливи поети. Затоа, кога ќе умре страшливиот поет, неговиот страв не умира со него, туку продолжува да работи за оние што сеат во ближниот свој страв и почит: стравопочит.

Страшливиот поет умира два пати. Дури и, барем еднаш, да му прости поезијата дека бил навреда за поетите.

Превод од бугарски: Душко Крстевски

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Солзи, фантазии и детски стравови
Нѐ учеле дека плачењето е знак на немоќ, слабост и одбивање да...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *