По нешто повеќе од 20 години од „Разговори со Конески” на Цане Андреевски, објавена во 1991 година, излегува „Рудните слоеви на сеќавањето: разговори со Влада Урошевиќ“ на Људмил Спасов. Сепак, за Спасов вистинската јадица е книгата „Разговори со Гете“ од Јохан Петер Екерман која кон крајот на 70-тите години на минатиот век ја носи во неговиот дом татко му, Александар Спасов. А, вистинската страст за ваков тип литература се разбудува кога пред неколку години до него доаѓа слична книга од Станко Ласиќ. И она, што во Спасов тлее околу четириесеттина години, се разгорува минатата и конечно се реализира во оваа, 2014. Секако, во овој контекст треба да се спомене и едно друго издание кое му претходи на ова, а се работи за книгата „Огледало за загатката – разговори со Влада Урошевиќ“ од Владимир Јанковски од 2006 година. Шармот на оваа книга лежи во генерациската разлика меѓу соговорниците. Прашањата на Јанковски имплицитно содржат афирмација на творештвото на Влада Урошевиќ, кој никогаш не отстапил од својата поетика, дури и во времињата кога тоа било вообичаено и подразбирливо поради околностите. Секој човек е загатка, а Јанковски се обидува да го одгатне Урошевиќ. Така од едната страна на огледалото е писателот Влада Урошевиќ, а од другата е Владимир Јанковски, еден луциден и прониклив соговорник. Но, „Рудните слоеви на сеќавањето: разговори со Влада Урошевиќ” го хранат и појат нашето читателско сеќавање со низа факти, ликови, предели, настани, емотивни бранувања и неоспорни творечки искуства и човечки вистини на еден поинаков начин.
Од разговорите што Људмил Спасов ги води со Влада Урошевиќ, се откриваат сеќавања, се разголуваат мисли, се артикулираат искази за спомени и стојалишта фатени во еден интелектуален, возбудлив и шармантен, не толку строго насочен, говор. И, како што вели и самиот Спасов, оваа интелектуална авантура ја претставува колку онаа на Урошевиќ исто толку и онаа на Спасов индивидуалност.
Разговорите со Влада Урошевиќ се всушност искрени муабетења „за судбината на човекот во едно време и во еден простор, но и за секое време и за секој простор“ (Спасов, 2014: 5) и како такви тие се доволно податливи за човек да научи многу нешта за животот и творештвото, сега и тука, и воопшто. Потребата за разговор токму со Влада Урошевиќ, кај Људмил Спасов е полифонична. Тој посакува вистински пријател и таков препознава токму во Влада, најпрвин како негов сограѓанин, Скопјанец, со скопски интелектуален говор, „со шлиф“, потоа, некаде таму по земјотресот, и како негов сосед, и како драг гостин во домот заради заедничката работа на Влада и неговиот татко Александар врз специјалниот број на списаснието „Разгледи“ посветен на Скопје и земјотресот, како и на антологијата на современата македонска поезија, во издание на Српска книжевна задруга од Белград во 1967 година, и на крај како негов колега од Филолошкиот факултет. И така низ еден лежерен од, низ муабет, започнува да се открива не само поетика на авторот Урошевиќ, не само неговата животна филозофија, туку започнува да се исцртува еден „пресек на македонската култура во едно време и во еден простор, преку многу податоци и заеднички опсервации“ (Спасов, 2014: 7) Влада Урошевиќ во еден свој текст кој датира од далечната 1965 година вели: „Напоредно со градот живее неговиот двојник во зборот, неговата книжевна сенка …“! (означеното е мое) Па така, книжевните топографски карти на Скопје исцртани во творештвото на Славко Јаневски, Гане Тодоровски, Влада Урошевиќ, Данило Коцевски, Александар Прокопиев, Јадранка Владова, се засиливаат и со скопската атмосфера доловена во/преку сеќавањата на Урошевиќ, поттикнати од сеќавањата и љубопитноста на Спасов. На тој начин на плејадата современи книжевни метрополи се приклонува и ова наше/нивно Скопје. И преку посочените книжевни искуства, и особено преку ова, најновото, низ запишаниот книжевен/интелектуален разговор на Спасов со Урошевиќ, тој книжевен град истовремено колку што станува наш, толку станува и туѓ, светски, нечиј и сечиј Град.
Современите системи на комуникација толку отидоа напред (пред сè мислиме на интернетот и мобилните телефони) што создаваат пополека но сигурно (можеби, дури и не така полека) ситуација на тотално исчезнување на класичниот облик на разговор, на кафе-муабетењето, на долгите прошетки покрај кејот на Вардар исполнети со колоритни дијалози, на собирањата во домовите, на дружбите со разговори во отпуштена атмосфера долго во ноќта, на кафанските дрдорења, на средбите во кои зборот ја има главната улога. Во исто време, и покрај сите предности на брзото пренесување пораки и разменување мислења, се соочуваме со фактот дека и многу изгубивме. Ја изгубивме, пред сè убавината на говорот, својствена за разговорот. А Спасов токму тоа сака да ни го каже и покаже, да ни го даде и подаде и притоа, преку овој свој разговор со Влада Урошевиќ, да поттикне интерес кон неговите дела и кон неговата појава во македонската литература и култура, од една страна, но и да поттикне на нов разговор во кој со помош на префинетата, извонредно богата мисла на Урошевиќ ќе може да се доразјаснат нештата во минатото, но и да се разјаснуваат нештата и во нашето секојдневие.
И затоа, во името на разговорот, Спасов успеал да ја зачува во оваа запишана форма целата спонтаност и поливалентност на тие нивни средби. Додека (ги) читате вие како да ги слушате, како да ги гледате, како да ви одѕвонуваат нивните смеења, како да го чувствувате нивното задоволство како свое … Тука се и прашањата и потпрашањата, и одговорите и пододговорите и сè ви се чини толку лесно кажано, ептен јасно и убаво кажано.
Влада Урошевиќ сум го читала внимателно во неколку наврати. Во една помала доза читам и од неговата поезија и од неговата проза секоја година како лектира за курсот Современа македонска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Во поголеми количини го исчитував при менторирањето на две магистерски тези, едната свртена кон „Алдебаран“ и „Париски приказни“, како погодни есеистички искази, а другата кон неговото најново прозно искуство т. е. кон романите „Дива лига“ и „Невестата на змејот“, како и кон збирката кратки раскази „Седмата страна на коцката“ и диптихот „Размена на пораки“, како текстови со исклучително богата амалгамност. И си мислев дека знам доволно за Урошевиќ. Но, по прочитот на „Рудните слоеви на сеќавањето“ сфатив колку малку навистина знам.
Кои моменти ме допреа?
Ме допре сознанието дека Скопје како дел од маршрутата на патот за Србија од попатна станица станува едноставно дом/а за семејството Урошевиќ, дом кој нешто подоцна прераснува во „конгломерат и на нации и на јазици“ со „еден дух на граѓанската класа“, како што вели самиот Урошевиќ.
Ме допре и сликата за големиот и модерен овоштарник на крајот на тогашно Скопје со околу две илјади стебла која оживува во говорењето/сеќавањето на Урошевиќ и во која најсилно одѕвонува мирисот и вкусот на праските.
Ме израдува библиотеката на Влада Поповиќ, дедото на Влада Урошевиќ, зашто е оној простор кој вистински го заразува малиот Влада со страста за читање, но и за буричкање по скриените наслови и катчиња и кој му помага да порасне во големиот Влада.
Ме запрепасти старата Народна и универзитетска библиотека која иако во тоа време била слабо посетено место, за Влада, како што вели тој, има „една посебна атмосфера, да не речам мистична, но имаше нешто многу чудно, свечено, тивко, во сето тоа, една тишина, неверојатна“ (Урошевиќ, 2014: 63) и која му ги открива Растко Петровиќ, Црњански, Бодлер, Милев.
И ме разнежува неговото признание за неверојатната глад за стриповите. И гладта за камењата. Жешката возбуда за студените камења! И ме изненадува признанието: „… мене секогаш ми се чинеше дека во науката, во книгите од науката има некаква поетичност“ (Урошевиќ, 2014: 192)
Ма возбудуваат и откритијата од типот дека сосема е јасно зошто надреализмот е второто „јас“ на Влада. Зашто и неговиот претходник Влада се интересирал за натприродните појави, парапсихолошките феномени, спиритизмот, за некои чудни работи како левитацијата или способноста на одредени луѓе да лебдат во воздухот, или дека оној негов книжевен ноќен пајтон и не е воопшто само книжевен, туку е пајтонот кој дедо му го повикувал по телефон за да оди во град.
Ме привлекува сликата за гостинската соба од неговата семејна куќа во која стоеле чудни работи кои Влада го привлекуваат извонредно, како големи школки, полжави донесени од Солун, оружја, некакви големи ножеви, па рогот од рибата сабјарка, кој дедо ми го добил од Марко Мушевиќ во Крушево. И особено ме разнежува неговото признание: „… сите тие предмети многу ме привлекуваа, се разбира, не смеев ни да ги допрам, одвај ме пуштаа и да ги видам, но целиот тој свет на необични нешта ме опкружуваше од самото детство и влијаеше многу врз мојата фантазија.“ (Урошевиќ, 2014: 47)
Ме растреперуваат неговите сеќавања за јадењата што ги подготвувала баба му, јадења обеани со Македонија, како оној маџун или речел, како оние пржени бамји за вечера.
Ми ги разбуричкуваат емоциите сите негови слики/бои на/за детството, како и признанието дека неговата омилена боја цел живот е жолтата. Можеби, затоа и овие рудни слоеви кои Спасов успева да ги откопа од сеќавањето на Урошевиќ се омеѓени во жолто обоени корици.
Им се радувам на сите моменти кои се врзани со неговите пријателства и духовни врски, па сите тие како дел од неговото сеќавање оживуваат и ми стануваат блиски. Им се радувам и на сите негови препеви и преводи што ги има напревено и се обидувам да ги сфатам сите негови слатки маки при тие препеви и преводи, зашто, како што вели тој: „ако поетот си игра, тогаш и вие треба да направите една игра, не буквално да ги преведувате тие зборови кои тој ги употребил, туку да видите како ја прави играта, да го откриете клучот и да направите сега една своја нова игра.“ (Урошевиќ, 2014: 138)
Особено ме плени разговорот што го водат Спасов и Урошевиќ за епитафот на Пејчиновиќ, како текст кој има упатство за една своја мелодиска структура, но и текст пример за визуелна поезија, како и разговорите за Библијата, за народното творештво, за интимизмот/модернизмот во 50-те и 60-те години во Македонија, за нивните први лектири и омилени автори и наслови, за професорот и пријателот Блаже Конески, за Солев и Џинот, за оние „Темни кажувања“ на Кирил Ќамилов, за Гане Тодоровски, за Андре Жид и неговата книга „Визбите на Ватикан“.
Ме разнежнува дури и оној разговор кој прераснува во вистински натпревар кога се присетуваат на визуелниот ефект што го оставила книгата врз нив, како боја, големина, едиција, формат … како мирис, како допир, како страст!
И во сето тоа, пред сè уживаат. Зашто и Урошевиќ и Спасов го примаат животот преку уживањето во набљудувањето на малите нешта, во вкусовите на храната, во вкусовите на пијалокот, во вкусовите на книгите … Зашто и двајцата посакуваат со помош на другиот да се сетат на некои мигови што ги сметаат за важни и во својот и во туѓиот живот и во животот на својот град и на својата земја, и во оваа размена на мислења за многу суштествени прашања ја потврдуваат и тезата дека културата е секогаш континуитет. Впрочем, „тој континуитет мора да постои, па дури и кога се чини дека го нема, мора да се вложува напор тој да се осветли, да се фиксира, затоа што без тоа нема култура.“ (Урошевиќ, 2014: 168)
Двата говора, двата текста, и оној на Људмил Спасов и оној на Влада Урошевиќ, а кон крајот на овие разговори и третиот, на младиот Иван Антоновски, во своите шевови допираат повеќе видови уметност, како археологија, архитектура, ликовна уметност, музика, литература, филозофија, при што остваруваат интерсемиотички надоврзувања, па така оваа книга промовира еден т.н. креолизиран жанр. Всушност, и овие разговори што ги води Спасов со Урошевиќ или поточно овој облик на книжевно изразување:
* ја прикажува и покажува моќта на пишаниот збор и особено моќта на текстуалната игра која се чита и во досегашното целокупно творештво на Урошевиќ;
* го потврдува и утврдува богатството од интертекстуални и интеркултурални врски;
* овозможува и иницира проширување на гледиштата и ја развива аналитичноста и критичноста кај читателот како важен фактор во декодирачкиот книжевен процес;
* овозможува вистинско и целосно поврзување со културата, историјата, археолгијата, историјата на уметноста, антропологијата, филозофијата и психологијата, сè со цел да се докаже мултидисциплинарноста на овој жанр.
Најголем дел од прозното творештво на Влада Урошевиќ не може да се вклопи во една класична и институционализирана литературна форма, однапред дадена и прецизирана, така што тоа претставува збир „од отворени конструкции, кои, ако не ги уриваат, барем ги видоизменуваат постоечките норми и очекувања“, вели Бановиќ-Марковска во својата книга „Групен портрет“ (Бановиќ-Марковска, 2007: 103). Токму затоа и Људмил Спасов сакајќи да пишува за Влада Урошевиќ се решава тоа да го направи во една ваква форма на дијалог, на пладневен разговор, на пријателски муабет и со тоа промовира токму такви отворени конструкции.