Томо Смиљаниќ – Брадина како поет за деца (1)

Според согледбите на некои литературни критичари, присуството на звучноста многу често остварува негативно влијание кон уметничко-естетската вредност на песната

bradina

Поаѓајќи од општоприфатената и неспорна согледба дека литературното творештво за деца е еден од најсериозните и најважните сегменти на секоја национална литература во светот, оценуваме дека како проследувачи и оценувачи на македонската книжевност, меѓу другото, должни сме нашето внимание да го насочиме и кон македонската авторска литература за деца што е создадена во текот на првите децении на XX век. Поконкретно, по завршувањето на XIX век, кој за македонската литературна историја е значаен и како период во кој за првпат се појавуваат практични појавни облици и форми на творештво за деца напишано од македонски автори[2], особено по 1913 година, иако под влијание на општествено-политичките состојби на територијата на Македонија, доаѓа до евидентно забавување на развојот на македонската литература, т.е. до прекин на нејзиниот дотогашен подем, сепак постојат македонски автори што имаат создадено и творештво чија примарна читателска публика се најмладите. Неспорно е дека поголемиот дел од овие автори ја делат судбината на дводомноста, која како феномен не е спецификум само на македонската книжевност, и дека некои од нив своите дела ги имаат напишано на други јужнословенски јазици, исто како што е неспорно и дека во тој период во македонската литература не постои обемен книжевен корпус наменет за најмадите читатели. Но, тоа не смее да биде причина поради која ова македонско литературно творештво наменето за мошне важна читателска публика би било маргинализирано и поради која нашиот интерес во целост би требалo да биде фокусиран врз следната етапа на развојот на македонската современа литература за деца, која започнува со објавувањето на првата песна за деца напишана од Славко Јаневски, во шапилографското издание на весникот „Млад борец“ (1944), појавата на песната „Мајка“ од Лазо Каровски, излегувањето од печат на првиот повоен македонски буквар, на кој еден од авторите е Васил Куноски, и публикувањето на стихозбирката „Македонче“ (1946) од Ванчо Николески, бидејќи токму тоа творештво, создадено во неколкудеценискиот период на почетокот на минатиот век, е конкретна потврда за постоењето на своевиден континуитет во историјата на македонската книжевност за деца и млади. Поконкретно, како што има истакнато и Миодраг Друговац: „Немаме право, меѓутоа, да се откажеме од некои обиди, макар и со пројави на српски и бугарски јазик, макар и со пројави од т.н. гранични книжевни видови, затоа што тие се нужни алки на книжевниот континуитет“ (Друговац 1996: 35).  

Во досегашните проследувања на развојот на македонската литература е евидентирано дека во периодот од почетокот на XX век, па сè до почетокот на Втората светска војна, литературни творби за деца имаат напишано: Томо Смиљаниќ – Брадина, Јован Костовски (Костиќ), Никола Киров – Мајски, Радослав Петковски, Христо Попсимов, Никола Јонков Вапцаров, Мите Богоевски, Нада Зекманова и уште десетици други автори. Но, имајќи ја предвид (не)обемноста на опусот од книжевни творби, кои, во прв ред, се наменети за реципиентот-дете, што во тој период го има создадено секој од овие автори одделно[3], неминовно е да забележиме дека според своето значење се издвојуваат Томо Смињаниќ – Брадина и Никола Јонков Вапцаров, чии дела не само што се клучни за појавата и развојот на современа македонска литература за деца туку се одликуваат и со своја уметничко-естетска вредност. Брадина е еден од авторите што, во тие тешки децении за македонската културна опстојба, се однародуваат и прифаќаат туѓ јазичен израз. Но, независно од прифаќањето на српскојазичниот израз и од неговото национално определување, кое остана непроменето и по завршувањето на Втората светска војна, Томо Смиљаниќ е автор што ѝ припаѓа не само на српската туку и на македонската книжевност – писател што со значаен дел од неговото литературно тврештво создадено во текот на своите први творечки фази даде сериозен и нескромен придонес кон создавањето книжевен корпус од творби / дела за деца и млади, напишани од македонските писатели што имаат создавано на други јазици и на македонската авторска литература за деца ѝ го понуди онаа што ѝ беше нужно за да нема прекин во својот развој, чиј почеток датира повеќе од шест децении пред отпочнувањето на литературната и научната дејност на Брадина. Поконкретно, оценуваме дека ако во книжевната оставнина на овој културен деец не постоеше и неговото творештво за најмладите читатели, историјата на македонската книжевност ќе се соочеше со тридецениско целосно стивнување на поривот за создавање литература за деца (1900-1930), бидејќи обидите на другите автори – негови современици, за создавање поезија или проза што е прифатлива за детската рецепција, отпочнуваат да се пројавуваат кон средината на третата деценија на минатиот век. Впрочем, ракописната книга „Смиље и босље“[4] од Томо Смиљаниќ, за која Мито Спасевски оценува дека е „чин повеќе кон подемот на мисијата на македонските творци кон литературното творештво за деца“ (Спасевски 2007: 118), според нашите досегашни согледби, иако, како и многу други значајни објави за македонската книжевност од тој период, не е напишана на македонски јазик, може и треба да биде оценета како прва напишана (но не и објавена) книга за деца во македонскиот книжевен XX век. Токму затоа, имајќи го предвид и податокот дека Брадина дел од својот живот минува во Битола, каде што по желба на неговиот татко ги завршува третото и четвртото одделение од своето основно образование, како и нижата гимназија, овојпат нашето внимание го насочуваме кон неговата поезија за деца.

Песните и расказите од ракописната книга „Смиље и босиље“, чиј поднаслов: „књига за децу“ упатува кон заклучокот дека овој автор свесно ѝ се посветува на самозададената задача да напише книга што ќе биде прифатлива за детската рецепција, согледувајќи го недостигот и  потребата од едно такво, ново дело во македонската средина, во периодот кога тој ја започнува својата творечка, просветна и научна дејност, според Јованка Стојановска-Друговац, “Брадина ги пишувал како учител, односно меѓу 1906 и 1911 (заклучно со 1910 г.) кога учителствувал во селата Тресонче, Галичник и Долно Мелинчани, а по матурирањето во Српската гимназија во Солун 1906 г.“ (Стојановска 1992: 97). Во недостиг на посочување конкретна година во самиот ракопис или во автобиографските белешки на овој автор, оваа претпоставка може да се прифати како издржана, особено ако се инсистира на тоа дека е можно оваа книга да е напишана во период кога овој културен деец веќе бил учител со одредено искуство, но не само поради тоа што на насловната страница, по насловот и поднасловот, пишува: „написао Томо Смиљанић – Брадина –- учитељ“ –единстваниот податок што Стојановска-Друговац го посочува како поткрепа на своето становиште. Потврда за тоа дека првите верзии на песните и расказите за деца од „Смиље и босиље“ се напишани во периодот на учителствувањето на Томо Смиљаниќ постои и во авторовото обраќање до читателите, кое во духот на тогашните традиции е поместено во самата завршница на книгата. Во него, авторот им сугерира на децата-читатели: „сећајте се својег учитеља“. Ваквата порака, која е упатена до читателите и до целокупната емотивна обоеност на последните зборови од овој текст, не само што ја потврдуваат можноста поетските и прозни текстови за деца поместени во ракописната книга на Брадина да се настанати во периодот кога тој е учител туку отвораат и можност за нова претпоставка или теза според која тој подготовката на „Смиље и босиље“ ја започнува тогаш кога веќе знае дека ќе треба да ја заврши својата учителска дејност во западниот дел на Македонија, затоа што треба да замине на студии во Белград (1909/1910 г.).

Истовремено, оценуваме дека дополнителен аргумент што оди во прилог на ова датирање на настанокот на поетските и прозните текстови во книгата за деца на Томо Смиљаниќ – Брадина е и фактот што тие, според експресивноста на изразот, начинот на кој се остваруваат и водат нарацијата и лирската обоеност, или накратко речено – според стилот, иако се препознатливи како негови, не можат да се вклопат во некоја од неговите понатамошни творечки фази. Всушност, и самиот Томо Смиљаниќ, во неговата „Песмарица“, подготвена за печат во Скопје, во 1929 година, песните од книгата „Смиље и босиље“ ги поместува во одделен циклус: „Рана младост“, што јасно укажува дека тие се творби што го претставуваат неговиот творечки порив во периодот пред да замине на студии во Белград или пред да отпочнат подготовките на договорите за идната балканска војна и за поделбата на Македонија, кога тој се приклучува на вооружените чети што Србија ги испраќа на македонска територија како претходница на понатамошниот настап на српските армии[5]. За жал, во публикуваната „Песмарица“ од Брадина – издание на книжарницата на Јован Б. Поповиќ, како осма книга на „Старовремска библиотека“ (до петтата книга нарекувана „Библиотека Маћедонија“), од непознати причини за нас, циклусот со песните за деца не е објавен, иако е присутен во ракописната верзија, па можеби токму затоа, во досегашниот период, македонската литературна наука немаше земено предвид дека самиот Томо Смиљаниќ, со именувањето на овој циклус, дава уште еден податок, кој е клучен за одредување на периодот кога се напишани творбите од „Смиље и босиље“.

При увидот и целосниот прочит на овој оригинален ракопис од оставнината на Томо Смиљаниќ – Брадина, дојдовме до претпоставка дека, иако поетските и прозните текстови од „Смиље и босиље“, според сите досегашни оценки, се напишани во периодот кога тој учителствува заедно со Сотир Ѓорѓевиќ, негов учител од основното училиште, оваа необјавена книга, најверојатно, својата завршна верзија ја доживува по 1910 година. До ваква согледба не доведе сознанието дека покрај бројните интервенции и корекции што Брадина своерачно ги има направено во песните и расказите што се содржани во неговата книга за деца, има направено една клучна корекција и на нејзината насловна страница: во делот на неговиот потпис своерачно го има пречкртано зборот „учитељ“ и, најверојатно, ако „Смиље и босиље“ беше публикувана, тој ќе беше изоставен. Барајќи мотивација за една ваква интервенција на насловната страница, оценивме дека е можно, во периодот кога таа е извршена, Томо Смиљаниќ веќе да не бил учител, т.е. дека е можно оваа книга својата завршна верзија да ја има добиено во периодот кога тој ги отпочнува своите студии по југословенска книжевност со српскохрватски јазик на Филолошкиот факултет во Белград (1911), но не и подоцна, затоа што од 1912 година неговите творечки преокупации се поразлични. Во прилог на ваквата наша согледба е и интервенцијата што Брадина ја има направено во обраќањето до читателите: потписот „Ваши учитељ“ тој своерачно го има пречкртано. Претпочитаме дека ваквата корекција на текстот е во директна врска со онаа од насловната страница и дополнително сугерира дека е можно, во периодот кога Томо Смиљаниќ во целост ја завршува оваа книга, тој веќе да не ја имал улогата на учител. Во контекст на тоа, според нашите размисли, ако оваа ракописна книга за деца била завршена во 1910 година, многу е веројатно дека Барадина имал можност да објави барем еден нејзин дел, како што во текот на таа година, во „Дело“, се објавени неговите „Мијачке приче“, но таква објава не постои и сметаме дека тоа е дополнителна поткрепа на нашата претпоставка.

Нашите претходници не им оддадоа значење на посочените интервенции врз текстот на ракописот и не се обидоа да дадат своја согледба за тоа кога е подготвена завршната верзија на книгата што ја имаме на увид како дел од оставнината на Брадина, но, според нашите согледувања, станува збор за прашање што го заслужува вниманието на проследувачите на македонската литература на XX век, бидејќи, ако последната интервенција во ракописот е направена во 1911 година, може да се претпостави и една од неколкуте можни причини поради кои тој не е објавен во текот на првите години на втората деценија на минатиот век: во 1912 година, кога Брадина постанува четник на српските чети во Македонија, неговиот творечки интерес во целост е насочен кон поинаков вид литература – тој постанува соработник на весниците: „Мали журнал“, „Правда“ и „Балкан“, а војува и во периодот од 1914 до 1916 година, кога има објавено само неколку раскази. Оценуваме дека по неговото враќање од Франција, каде што ги завршува студиите по географија и историја, кога почнува да работи како гимназиски наставник во Тетово (1919-1921), објавувањето на „Смиље и босиље“ за него не било приоритет, не само затоа што веќе бил навлезен во нова творечка фаза и затоа што пред него веќе имал и други творечки предизвици[6] туку и затоа што со нејзиното објавување речиси една деценија откако е создадена не би се остварила една од целите што, по сè изгледа, тој сакал да ги постигне со неа: да биде и сведоштво за неговото учителствување – книга што неговите ученици би ги потсетувала на него како учител, а воедно би била прифатлива и за нивната рецепција како деца – читатели. Но, од друга страна, независно од тоа и од фактот што во овој ракопис е присутна и неговата национална идеологија, ако ја објавеше „Смиље и босиље“ дури и во тој период, со сите нејзини дефектности, кои оценуваме дека во периодот кога го достигнува својот авторски зенит ги увидува и самиот Брадина, тој ќе дадеше уште поголем влог за она што претставува почеток на македонската современа книжевност за деца, бидејќи во нашата книжевна историја ќе беше забележано дека во првите години на XX век е и објавена, а не само напишана, книга за деца, од автор што ѝ припаѓа и на македонската литература. Со тоа, Смиљаниќ докрај би ја остварил својата цел што ја потенцира во обраќањето до читателите кога вели: „Кад сам писао ову књижицу, ја сам мислио на ваше срце. Мислио сам да вам дам књижицу која ће вас занимати и поучити“. Овие негови зборови нè убедуваат дека оваа негова ракописна книга, колку што е резултат на еден спонтан творечки процес, толку е и обид за остварување на конкретна цел што тој си ја има поставено пред себеси. Поконкретно, како што истакнува и Јованка Стојановска-Друговац: „Како и Григор С. Прличев пред него, како и Ванчо Николески и Васил Куноски по него, Брадина, како учител сметал дека е неопходно да проговори за светот на детството и тој негов збор преку стих или реченица да влијае врз формирањето на детската духовност“ (Стојановска 1992: 103). Тој искажува лична, авторска свесност за потребата книжевниот текст да го задржи интересот на децата и во него да има одредена дидактика – два од неколкуте основни критериуми што треба да ги задоволува едно литературно дело за да биде прифатливо за детска рецепција, а кои се и најголем тест за способноста и талентираноста на еден автор што го прифатил предизвикот на творештвото за деца, бидејќи, особено присуството на дидактичното, не смее да и наштети на уметничко-естетската димензија на книжевниот текст.     

Но, според согледбите на нашите претходници и оценките до кои дојдовме и самите при аналитичкиот прочит, во „Смиље и босиље“, Томо Смиљаниќ не се потврдува како добар прозаист за деца, токму поради суровата, тенденциозна и неестетска дидактика со која, меѓу другото, во некои од прозните текстови сака да ги промовира и своите национални идеали на големосрпството[7]. Расказите од оваа книга се каракатеризираат со: отуство на литерарна мотивираност, неуверливост, стереотипност  во приказот на протагонистите и антагонистите и со непедагошка грубост, која може да оствари негативно влијание врз детето-читател, кое е многу веројатно дека може да се поистовети со детето-лик. Поконкретно, се согласуваме со констатацијата на Миодраг Друговац дека дидактиката во расказите за деца на Брадина е „градена врз еден педагошки схетизам, што е колку традиционален толку и актуелен во периодот пред Балканските војни, што е колку надминат толку лекција без која не се може во актуелниот наставно-образовен процес“ (Друговац 1996: 41). Според нашите согледби, Томо Смиљаниќ не е неталентиран раскажувач, но во овој случај потклекнува пред тенденцијата што повеќе и што подиректно да поучува, а така, во име на дидактиката – онаква каква што е сфатена во периодот кога создава, тој ја жртвува уметничката вредност на своите раскази за деца со што придонесува тие да бидат оценети како неспешен обид за создавање проза, која е прифатлива за детската рецепција, бидејќи „само на творбата што со себе носи, и од себе ослободува вистинска литературна уметност која ќе ги понесе детските сетивности, отворен и е патот за воспитна улога“ (Спасевски 2007: 203). Претпоставуваме дека кога веќе имал поголемо творечко искуство, како автор што е препознатлив по својата самокритичност, самиот Брадина ја има оценето естетско-уметничката страна на неговите раскази од „Смиље и босиље“ и нејзината (не)вредност, па затоа ниту еден од нив нема поместено во некој од следните негови ракописи, како што има направено со песните од оваа книга[8]. Впрочем, кога ја напишал оваа ракописна книга за деца, Брадина немал повеќе од дваесет и две години, и можеби некои од пропустите во неа се должат и на неговото дотогашно неискуство како литературен создавач.

Оценуваме дека не е случајно што овој културен деец, своите песни за деца, напишани во текот на раната младост, одлучил да ги помести и во одделен циклус во неговата Песмарица, цели деветнаесет години откако завршила неговата кариера како учител во селата Тресонче, Галичник и Долно Мелинчани, бидејќи за разлика од расказите во „Смиље и босиље“, тие имаат не само историска туку и уметничка вредност. „Школа и кошница“, „Смиље и босиљак (Смиљко и Смиљана)“, „Милев сан“ и „Бројећи у назад“ се поетски текстови што потврдуваат дека кога се говори за Брадина, се говори за вистински поет. Поаѓајќи од фактот дека овие песни за деца не се само едни од првонапишаните во македонскиот книжевен XX век туку едни и од првите (ако не и први) што овој автор ги има напишано во текот на својот животен век, сметаме дека навистина тие заслужуваат пофално критичко вреднување, затоа што го промовираат како поет кој уште кога ги прави своите први чекори во пределите на уметничката литература, знае да ги искористи можностите на поетскиот израз и да напише песна што го исполнува сето она што е естетски критериум за вистински вредна творба во стихови, независно кој е нејзиниот примарен читател, а во која го има и сето она што е спецификум на литературата што е соодветна за возраста на читателот-дете.

Поетските слики и пораки, во овие песни, Томо Смиљаниќ – Брадина ги остварува со едноставен јазик, кој е неопходен за тие да бидат прифатливи за детската рецепција. Но, иако се одликуваат со јазична едноставност, тие не се напишани во еден миг. Многубројните интервенции во ракописната книга Смиље и босиље, кои и Друговац ги одбележува како значајна одлика на овој, но и на другите книжевни трудови на Брадина, сведочат за неколкукратните авторски навраќања кон секоја од поетските творби, особено кон песната „Смиље и босиљак (Смиљко и Смиљана)“. Оценуваме дека евидентното пречрктување и допишување нови стихови е резултат на тенденцијата да се даде авторски максимум во обликувањето на песните и да се задоволат плодотворните и високи критериуми на авторовата самокритичност, што е уште една потврда на констатацијата веќе изнесена дека Брадина е „вешт версификатор и талентиран поет“, и тоа уште во својата најрана творечка фаза, кога, по сè изгледа, тој веќе има јасна претстава за одликите на уметничко-естетски вредната песна. Во контекст на тоа, ако се компарираат песните од „Смиље и босиље“ со нивните верзии од ракописната верзија на „Песмарица“ – нешто што, за жал, не го стори ниту еден од оние што научно се занимаваа со книжевната оставнина на Томо Смиљаниќ[9] пред нас, се забележуваат многубројни разлики до кои е дојдено по многуте стилистички интервенции што ги направил самиот тој. Верзиите на оние песни што се поместени во ракописот што е подготвен во Скопје во 1929 година се одликуваат со постегнати стихови и со поизразена лиричност. Поконкретно, Брадина ги користи можностите што му ги нуди јазикот на кој пишува (во овој случај – српскиот) за да го доусоврши своето поетско писмо за деца. Таквата негова постапка, не само што говори за неговото созревање како автор туку не води и кон констатацијата дека и во речиси дведеценискиот период од создавањето на „Смиље и босиље“ до подготвувањето на неговата „Песмарица“, Брадина се навраќал на сопственото творештво за деца, трудејќи се сето она што е резултат на неговите нови авторски искуства да го инкорпорира во неговите песни: „Школа и кошница“, „Смиље и босиљак (Смиљко и Смиљана)“ и „Бројећи у назад“[10], кои во нивната понова верзија имаат и нови наслови: „У школи“, „Смиље и босиље“ и „Бројање“. За да ги илустрираме овие оценки и согледби, според кои, за Томо Смиљаниќ, како и за секој вистински стихотворец, создавањето на песната за деца, по сè изгледа, претставувало еден долготраен процес, кој завршува дури тогаш кога ќе бидат исцрпени сите можности за усовршување на првобитниот авторски текст[11], посочуваме и конкретен пример. Во ракопсот „Смиље и босиље“, првите две строфи на песната „Школа и кошница“ се: „Зуји, зуји кошничице, / Хајде сложно све пчелице, / Мед ће за нас требати, / Па хајдемо набрати. // Овде мало, онде јоште, / Ту ћеш наћи до милоште; / Ту, на цвету, на дрвету, / На ливади, по свем свету“. Истите овие строфи, од истата песна во која кошницата е метафора за училиште, но со променет наслов, во подоцнежниот ракопис се: „Зуји, зуји кошниице, / Сложно, сложно пчелице! / Меда ће нам требати, / Меда ћемо набрати. // Овде мало, онде јоште, / Набраћемо до милоште, / На том цвету, на дрвету, / На ливади – по свем свету!“ Несомнено, авторовата цел е постигната – со направените промени во стиховите, поновата верзија на песната не се одликува само со поизразена лиричност од онаа во ракописната книга за деца туку и со поголема звучност.

Според согледбите на некои литературни критичари, присуството на звучноста многу често остварува негативно влијание кон уметничко-естетската вредност на песната. Во случајот на поезијата за деца од Томо Смиљаниќ тоа не е така, бидејќи по многубројните навраќања на песните од „Смиље и босиље“, тој доаѓа до краен поетски резултат во кој уметничко-естетското е издигнато на високо рамниште, што е еден од неговите авторски приоритети, а звучноста е присутна онолку колку што е потребно за неговата поетска творба да биде што поприфатлива за детската рецепција, да го привлече вниманието на читателот-дете и да остане врежана во неговата меморија. Понекогаш со звучноста, соодветно на неговиот антиконвенционален аторски пристап кон тематската определба, Брадина остварува и своевидна поетска игра, каква што е лирската игра на бројки во песната „Бројећи у назад“: „Десет, девет, осам, / Јутрос, устао сам. // Седам, шест, пет, / Па погледам свет. // Читири, три, два, / вредна деца сва. // Па зар и ја један, / Да не будем вредан“. Според нашите оценки, звучноста во овие песни за деца, напишани на почетокот на минатиот век, не само што не ѝ противречи туку е и составен дел од нивната уметничко-естетска димензија, бидејќи и во рамки на она што е поетска игра во нив, поетското течение на мислата има непрекинат тек, во чија функција неретко е и самата ритмичност на поетските целини. Додека во други песни за деца со поетската игра се нарушува логичниот тек на зборовите, во песните од Смиље и босиље се создава загатката, а меѓу општоприфатените критериуми што ја определуваат литературата како соодветна за детска рецепција е и потребата текстот, независно дали е поетски или прозен, од читателот да бара разгатнување. Па, така, во песната „Смиље и босиљак (Смиљко и Смиљана)“, реципиентот, заедно со лирскиот јунак Драгиша, треба да ја одгатне загатката кој од двата цвета (симболи за двете спротивни страни на човековото битисување) е поубав и дали треба да бидат заедно во чашата, за да му биде упатена недвосмислена, дидактична порака во самата завршница: „Упамтите, децо драга! / Највећа се људска блага / Добивају лепом слогом, / А губе се на неслогом. / А љубав је свем зачеће: / – Волите се, биће среће“.

Оттаму, во поетските творби од ракописната книга за деца на Брадина, загатката и дидактиката се испреплетени. Разгатнувајќи ја, читателот се движи низ развојните етапи на дидактичното во песната и откривајќи го клучот на текстот, тој спонтано ја открива поучната порака што му е упатена од поетот. Но, дидактиката во песните за деца на овој културен деец е сосема поразлична од онаа во неговите раскази. Таа е многу посуптилна, поненаметлива и поспонтана, во ниту еден момент не е идеолошки обоена и е насочена кон формирањето на позитивни лични карактеристики на детето. Имајќи предвид дека таа не остварува негативен ефект кон естетската вредност на поетските текстови, како во случајот со прозните, и од критичарска гледна точка нејзиното присуство во песните е оправдано, бидејќи, како што истакнува и Мито Спасевски: „Меѓу слоевите на уметничкото и естетското, добрите книжевни творци по правило вешто го ’пласираат’ и воспитниот стих“ (Спасевски 2007: 203). Сепак, оценуваме дека „Смиље и босиљак“, иако е песна со оригинален мотив и иако е „вистинска приказна, не само затоа што е долга ами пред сè што има фабула“ (Стојановска 1992: 97), не е најафирмативниот пример за спојот на дидактичното и естетско-уметничкото во поезијата за деца на Томо Смиљаниќ, како што ја имаат претставено некои од проследувачите и оценувачите на македонската книжевност на XX век што се имаат занимавано со творештвото на овој поет, писател и научник пред нас. Според нашите согледби, во песните „Школа и кошница“ и „Бројећи у назад“, дидактичната порака е пренесена многу поуспешно, бидејќи во нив таа не е претставена директно, туку е оставен простор да ја согледа и протолкува самиот читател. Од едната, преку компарацијата меѓу собирањето мед и посветеноста на книгата, понесен од внатрешните рими, тој треба да ја сфати важноста на учењето како категоријална вредност што е сврзана со самата човекова егзистенција, а во другата, преку поетската игра, автентично е пренесена пораката за важноста на трудољубието како човекова одлика. Во една пригода Миодраг Друговац има истакнато дека „меѓу утопизмот на педагогијата и утопијата на детството- е една од дилемите што мора да ги разреши секој поет за деца и секој писател за деца што мисли да остане во матичната литература и да го надживее своето време“ (Друговац 1975: 18). Со овие две песни, Брадина како поет ја има разрешено оваа дилема што нема успеано да ја разреши како прозаист. Тие не се само обид за создавање поетско творештво за деца туку и неспорен творечки успех и цениме дека заслужуваат да имаат свое место во секоја антологија на македонската поезија за деца што концепциски би го опфаќала целиот книжевен XX век.

Во ракописната книга „Смиље и босиље“, една од малкуте песни е и: „Милев сан“– песна за која во досегашните проследувања на книжевната дејност на Томо Смиљаниќ не е дадена никаква оценка. Сметаме дека оваа песна, според степенот на лиричност, ритмичката култивираност на стихот и фигуративната речитост, не е на исто рамниште со другите три, но независно од тоа, во неа е претставен еден поинаков начин на формално обликување на песната и на пренесување на самата авторска порака. Нераскинливата врска меѓу мајката и породот, како мотивска и тематска определба, во „Милев сан“ е претставена во форма на дијалог меѓу мајка и син, со што овој културен деец повторно ја има избегнато конвенционалноста и се има обидено да создаде уште една поетска творба со која на својот почитуван и драг читател – детето уште еднаш ќе му се обрати на несекојдневен, а уметничко-естетски издржан начин, за да му даде поетска претстава за нешто што е суштествена, неминлива, неменлива и општочовечка вредност и одлика. Оттука, иако не е песна што најрепрезентативно може да ја претстави раната творечка фаза на Томо Смиљаниќ – Брадина, таа е уште една потврда за неговата инвентивност како поет за деца.

 

*

Неспорно е дека ракописната книга „Смиље и босиље“ не е голема според својот обем, но е голема според нејзиното значење за македонската литература за деца, бидејќи, иако не е напишана на македонски јазик и иако не е објавена, независно од она што го имаме како забелешка за неа, таа е резултат на првиот обид за создавање дело што е прифатливо за детска рецепција во македонскиот книжевен XX век и како таква треба да биде вреднувана од книжевните проследувачи и оценувачи. Прифаќајќи ја со сето она што не заслужува позитивна критичарска оценка, цениме дека од неа, како нешто што останува да биде вреднувано не само како историска реминисценција туку и како жива реч чии уметнички и естетски вредноси не може да ги негира ни книжевниот критичар, ни времето што минува, се песните: „Бројећи у назад“, „Школа и кошница“, „Смиље и босиљак (Смиљко и Смиљана)“ и „Милев сан“. Според нашите согледби, тие не се само највредниот и најважен сегмент на творештвото за деца на Томо Смиљаниќ – Брадина, ниту само потврда за неговиот талент, кој е евидентен уште во неговата најрана творечка фаза, туку и највредните поетски творби за деца создадени во нашата литература во првите три децении на минатиот век.

 

КОРИСТЕНА ЛИТЕРАТУРА

 

 1. Брадина – Смиљаниќ, Т. Смиље и босиље (Државен архив на Република Македонија)
2. Брадина – Смиљаниќ, Т. 1929. Песмарица (Државен архив на Република Македонија)
3. Владова, Ј. 2001. Литература за деца. Скопје: Ѓурѓа
4. Друговац, М. 1975. Македонски писатели за деца. Скопје: Македонска книга
5. Друговац, М. 1996. Македонската книжевност за деца и младина. Скопје: Детска радост
6. Мицковиќ, Н. 1985. Детето и литературата за деца. Скопје: Македонска книга
7. Спасевски, М. 2007. Литература за деца. Скопје: НИО Студентски збор
8. Стојановска Ј. 1992. Книжевното и научното дело на Томо Смиљаниќ – Брадина (докторска дисертација) – Универзитет Св. Кирил и Методиј / Филолошки факултет


[1] Овој текст, првично е објавен во „Битола: тема на културно и уметничко наследство на автори од Република Македонија и Република Србија“– зборник на трудови од меѓународниот собир одржан на октомври 2011, во Битола (гл. уредник: Лумбаровски, Ѓ) 2012. Битола: Конзулат на Република Србија во Република Македонија.

[2] Во 1842 година е објавен првиот македонски (авторски) текст што во прв ред им е наменет на децата како целна читателска публика – „Таблица перваја“ од Јордан Хаџи Константинов – Џинот, напишан под влијание на делото „Ижица“ од српскиот просветител Доситеј Обрадовиќ чии просветителски идеи оствариле големо влијание врз заложбите и мислењата на овој македонски просветител и преродбеник, кој во историјата на македонската литературна уметност е забележан и како прв македонски драмски автор за деца, бидејќи неговите дијалошки сценки, создадени за потребите на неговиот училиштен театар во скопското црковно училиште „Св. Богородица“, а дел од нив објавени и во „Цариградски весник“ (1851-1854), се и првите македонски драмски текстови наменети за деца. Во текот на истото столетие, за првпат се појавува и сказната „Силјан Штркот“ за која не можеме со сигурност да тврдиме дали е авторска или авторизирана од страна на Марко Цепенков, како и песните „Шупељка“, „Голапче“ и „Сираче“ од Константин Миладинов, кои според сите досегашни согледби се прифатливи за детската рецепција и имаат свое значење за развојот на македонското поетско писмо за најмладите читатели. Најталентираниот македонски поет во периодот на XIX век – Григор Прличев, во 1872 година ја има подготвено за печат и првата напишана македонска стихозбирка за деца „Воспитание или дванадесет наравствени песни“, за првпат објавена речиси сто години потоа – во 1966 година, а Андреа Димитриев Петковиќ се потврдува како автор на првата македонска песна за деца што има има басновидна структура – песната „Младо дрвце“, објавена во „Цариградски весник“ во 1860 година. Еден од авторите што ѝ припаѓаат и на македонската книжевност и пишуваат литература за деца во текот на XIX столетие е и Евтим Спространов, кој е автор на басната во стихови „Волкот и мачорот Лиско“, но и на мноштво прозни текстови наменети за најмадите од кои некои се објавени и во одделни книги: „Раскази за деца“ – напишана на македонски и на бугарски јазик, објавена во Пловдив, во 1896 година и „Приказни за деца“ – објавена во Софија. Тој бил и редактор на списанието „Детска забава“, како и иницијатор за создавање на Друштво за поддршка на литературата за деца – идеја што, за жал, не е реализирана, а може да биде актуелна и денес.

[3] Имајќи сознание што е она што некои од овие автори го имаат напишано за примарни читатели-деца, дискутабилна е и самата употреба на терминот „опус“. Поконкретно, Костовски е автор на два раскази за деца, Радослав Петковски е автор на четири песни за деца, додека Христо Попсимов (внук од сестра на Григор Прличев) има напишано само една песна што се одликува со таква специфика по однос на читателот за кој е наменета – песната „Весникарче“, објавена во „Наш весник“, во 1937 година. Мите Богоевски е автор на неколку песни за најмладите, за кои се претпоставува дека се напишани во текот на неговите училишни и средношколски денови, а Нада Зекманова има напишано само еден расказ за деца, и тоа на српски јазик, објавен во весникот „Политика“, во 1940 година. И во случаите на Брадина и Вапцаров, ако применуваме еден општоприфатлив и ненационален критички критериум, иако имаат создадено побројно творештво за деца од другите автори – нивни современици, не би можеле да говориме за формиран книжевен опус што го сочинуваат само нивните творби наменети за најмладите читатели, туку за сегмент од нивното севкупно творештво. Но, имајќи ја предвид обемноста на македонската книжевна продукција во периодот меѓу двете светски војни, од 1900 до 1940 година, можеме да констатираме дека со она што го имаат напишано, Брадина и Вапцаров имаат создадено нешто што во македонски, а не и во поширок контекст, претставува нивни личен, своевиден опус од книжевни творби за деца.

[4] Ракописот „Смиље и босиље“ и ракописот „Песмарица“ се чуваат во Државниот архив на Република Македонија. Сите цитати преземени од нив, во овој труд, доследно се пренесени, без никаква наша интервенција.

[5] Поопширно за овој сегмент на биографијата на Томо Смиљаниќ – Брадина во: Ристовски, Б. 1980. Македонскиот стих 1900 – 1944, т. I, Скопје: Мисла – стр. 133.

[6] Претполагаме дека новите творечки предизвици не биле причина Брадина да се откаже од своето творештво за деца. Поконкретно, според согледбите до кои дојдовме при прочитот на ракописот „Песмарица“ од 1929 година, тој повторно се навраќал на своите песни за деца, напишани во периодот на неговата рана младост.

[7] Расказите во кои доминира инистирањето на националните просрпски идеолошки убедувања, какво што е, на пр. „Шта смо ми?“, откриваат уште една цел, која Брадина ја имал при создавањето на книгата „Смиље и босиље“: образување и воспитување на децата од вардарскиот дел на Македонија во духот на големосрпството. Национално-идеолошките тенденции, кои ги има во некои од прозните текстови за деца во оваа ракописна книга, суптилно ги потврдува и самиот Брадина, кога во завршницата на обраќањето до читателите не издржува да не го потенцира својот став врзан со националниот идентитет и вели дека тој како писател и учител на неговите читатели (ученици) им посакува да бидат „добри и ваљана деца, од којих ће постати најбољи људи, одлични грађани, честити Срби“. Но, и покрај ваквата идеолошка и национална обоеност на ракописот, која не заслужува позитивно вреднување, и тоа не само поради тоа што е резултат на пропаганда што има антимакедонски карактер туку и затоа што остварува негативен ефект кон естетското во некои од расказите, ракописот „Смиље и босиље“ треба да се прифати како дело што има историско значење за македонската литература, особено онаа за деца. Ако се има предвид дека во сиот период во кој создава Брадина голем број автори што ѝ припаѓаат (и) на македонската литература имале национални и идеолошки застранувања од таков тип, оваа негативна страна на делото треба да се сфати и да се толкува во контекст на општествено-политичката ситуација во Македонија, која во годините пред и по Балканските војни остварувала влијание врз севкупната македонска култура – онака како што ја толкуваа и оценуваа и некои од историчарите на македонската книжевност.

[8] Оценуваме дека една од можните причини поради кои Томо Смиљаниќ – Брадина го нема објавено овој ракопис, неколку години откако е напишан, кога несомнено имал можност да го стори тоа, е токму неговата евентуална свесност за големите литерарни пропусти во неговите раскази за деца, бидејќи ако тие биле изоставени, во „Смиље и босиље“ не преостанува доволно книжевен материјал за да биде објавена како одделна книга.

[9] Причината поради која не е направена ваквата анализа не е недостапност на ракописната верзија на „Песмарица“ од Томо Смиљаниќ – Брадина, бидејќи во докторската дисертација на Јованка Стојановска-Друговац, посветена на книжевното и научното дело на овој културен деец, во делот во кој пишува за „Смиље и босиље“, една од песните е претставена фототипно според ракописот од 1929 година.

[10] Песната „Милев сан“ не е поместена во циклусот „Рана младост“ во ракописната верзија на Брадиновата „Песмарица“.

[11] Дополнителна потврда за постојаниот порив на Брадина за усовршување на сопствената поезија за деца наоѓаме во фактот што и во текстовите на коригираните верзии на неговите песни за деца (1929), тој има направено дополнителни, своерачни корекции и промени на стиховите. При аналитичкиот прочит на целиот ракопис, увидовме дека само на мал, дури и незначаен дел од песните во „Песмарица“ се извршени дополнителни корекции. Имајќи предвид дека трите песни за деца се меѓу малкуте песни во кои е направена некаква промена, можеме да констатираме дека овој автор, иако нема напишано голем број творби што се наменети за најмладите читатели, на сопственото творештво за деца му има пристапувано мошне сериозно, со голема и долготрајна посветеност.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Во најмалиот етномузеј во светот…
Најмалиот етнолошки музеј во светот, или скратено НЕМС, е музејот во сопственост...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *