Поетесата Аница Блажевска е дел од поетскиот квартет „Русалки“ составен од четири современи поетеси, секоја со сопствен стил и својствен поетски светоглед. Блажевска не е ниту најромантичната, ниту најбезобразно отворената, ниту најженската, ниту најполово неутралната меѓу четирите, но убедливо не скренува внимание ништо помалку од останатите.
Впрочем, Аница Блажевска е силно интуитивна и емотивно наострена поетеса. Во својата поезија говори со многу јаки емоции лишени од секаква патетика и претеризам на крајностите, заблудите и лудилото од обземањето и поматувањето на битието со ирационалност на чувствата, затоа што истовремено таа е и свесна, не само за својата поетска состојба, туку и за поезијата што истекува од нејзиното поетско перо.
Многу од нејзините песни се сведоци на размисли за поезијата и поетското воопшто. Тие претставуваат метапесни на самите себе, што воопшто не е парадоксално, туку хармонично сврзано во целината како единечно ткиво на организмот што се нарекува авторска поезија.
Лесно воочлива и силно истакната е прозаичноста на поетскиот исказ на Блажевска[1]. И самата свесна за тоа, како и за замаглената граница меѓу прозата и поезијата на постмодерната, во песната „Шест писма за R.R.“, песна трета, пишува:
Би требало да научам да ставам точки,
наместо да стискам „ентер“.
Тоа според мене е најголемата разлика
меѓу денешната проза и поезија.
Навистина, стиховите на песните од книгата „Жега“ претставуваат граматички правилно и точно структурирани реченици, прекршени на пола, или на делови. Но не е само јазичната структура на песната што ја чини прозаична. Впрочем, поетесата повеќе раскажува, одошто пее. Нејзината поетска желба искажана во шестата песна од „Шест писма за R.R.“ гласи:
…да ти раскажам приказна.
Можеби бајка.
Басна би требало да има некоја поука.
„[И] раскажувам./ Мали безначајни ситници“ („Тој ги сака моите валаманови стапови“) од секојдневниот живот на поетското Јас, затоа што „приказните поубаво звучат кога/ главните ликови сами ги прераскажуваат“ („Сега кога имам нешто повеќе години“). Поетски „прераскажаните“ животни случки претставуваат дневнички и епистоларни „[з]апис[и] на постоењето на сосема обичен граѓанин“.
Пред да навлеземе во светот на „обичниот граѓанин“ талентиран за поезија, да додадеме дека поетесата намерно избегнува строги и класични поетски форми, со нејзини зборови, „[ј]а игнорираше наконтената поезија,/ безвредна интерпункциска бижутерија“ („Сè уште од нејзините очи капат црни маслинки“). Како неколеблив противник на правилата наспроти креативноста, нејзиниот став е дека „симетријата ја убива креативноста/ и ги потенцира грешките“ („Шест писма за R.R.“, песна шеста). Во „Сосема поинаква песна во понеделник вечер“, песна за пишувањето песни, го опишува творечкиот процес како освојувачка игра во која победата е однапред предодредена за „посилниот“:
Поретко пишувам.
Зборовите си поигруваат со мене.
Се јавуваат само наутро
со глас кој несомнено многу потсетува
на гласот на баба ми.
Онаа од татковата страна.
Ако не сум вообичаено мамурна
како последниве седум дена од неделата
внимателно ги слушам
иако ми е страв да ги запишам.
Надоаѓаат на јазик на кој ако ги запишам
ќе бидам прогласена за предавник,
уметничи манипулатор…
Откога победникот ќе го завладее и надвладее „послабиот“, во овој случај поетесата, бидејќи поетот е, нели, секогаш во служба на уметноста, тогаш, тој/таа, се чувствува како медиум на сопствената уметност која всушност живее со/во него/неа во полезна симбиоза:
Се чувствувам како натрапник
во нечија туѓа поезија.
Не ни читам повеќе.
Многу често користам к наместо ќ.
Како да сакам да ѝ се извинам на оваа
мојава поезија
која ја учев на школо.
Како што Езра Паунд експериментира со поетскиот јазик, така Блажевска ги порива правописните правила на мајчиниот јазик: напати не користи големи букви, интерпункцијата ја минимализира, а најсимптоматична е замената на буквата ќ со буквата к, промена на која таа самата алудира во своите стихови, во нашиот текст веќе цитирани. (Можеби во иднина Блажевска ќе постане македонскиот е. е. камингс и ќе си го пишува и името со мали букви!)
Таа исто така се одрекува и од совршенството на возвишената поезија: „[м]рзлива сум некако да ги барам/ вистинските зборови“, ставајќи акцент на приказната фокализирана од аспект на поетовото Јас, без интерес дали ќе звучи поетски умешно или не. Всушност, на нашата поетеса ѝ е важно само да си ја каже приказната, затоа што смета дека „животот ми е перверзен“ („Сега кога имам нешто повеќе години“), што е синонимен исказ на добро познатиот „судбината е курва“, и остава на читателите да ги вчитаат нејзините животни приказни стилски како поезија.
Песните-приказни на Аница Блажевска се „[н]едоличн[и] песн[и]“ со наслови во кои „не ја збира мислата“; тоа се истовремено и песни-исповеди и песни-казни, и песни-писма[2] и песни-дневнички записи; песни во кои авторката си е „[с]ам[а] себе судија./ Сам[а] себе џелат“, како што вели во „Кога во ниеден наслов не ја збира мислата“, а мислата е збрана, не во наслов, но во нишките на светот на „обичниот граѓанин“, исткајани од животот, искуството, обидите за љубов, бесценото секојдневие, исполнетото со тривијалности, современието, баналноста… без заморни романтичарски медитации над природата, концентрирана на суштинските општествени не/промени и комплексноста на меѓучовечките односи. Поетскиот свет на нашата поетеса е исполнет со апсурдност. Низ песните насекаде се чита апсурдот на егзистенцијата: апсурдни места, ситуации, односи… Воопшто, поетскиот свет во оваа книга е како насловот – пустина исполнета со жега за насмевка, наместо иронија од судбината… А поетското Јас талка босо по вжештените иситнети до песок од тежината на времето карпи и камења, гази и се гори, дури и со газењето на до болка иситнетите веќе сторени песок карпи од своите стапки допринесува за сопствениот апсурд на животот.
И љубовта во светот на поезијата на нашата поетеса е апсурдна и и самата жртва на апсурдот; и љубовта е жега, мозаик составен од докрај нереализирани емотивни врски и љубовни желби и страсти. Љубовната врска со саканиот е кружница во која авторката е круг, а саканиот права линија („Јас не се плашам од смртта, само малку од себе“); кружница исцртана од навиката на ритамот на апсурдниот ритуал:
Заминуваш, се враќаш
заминуваш, се враќаш
и никогаш ништо
не се менува.
Контрастот помеѓу кругот и правата линија не е само јаз меѓу половите, станува збор за сосема различни персонални светови кои при допирање предизвикуваат распукување. И двајцата како протагонисти на два различни филма, се спојуваат само на црвениот тепих при премиерата на своите филмови во некој синеплекс, како сцена од последните два стиха на првата песна од циклусот „Шест писма за R.R.“: „јас Audrey Tautou со леопардови гумени чизми,/ ти Chris Rock со шубара“.
Но љубовта не е нешто што човекот може да го контролира, најчесто е обратно, љуовта е таа што ги контролира луѓето, па така, поетесата не потклекнува пред пречките за нереализирана љубов, напротив, свесна за нив, таа ја чува љубовта кон саканиот во себе и за себе и сосема отворено, фројдо-тераписки разголувачки ја открива во својата поезија, која станува мевлем за мазохистичката рана нанесена од верувањето дека „[н]екои луѓе полесно се сакаат на далечина и на збор“ („Шест писма за R.R.“, песна шеста). Заплеткана во равенката на кругот и правата линија, таа е исфрлена надвор од концентирчните кружници што се мултиплицираат во парови. Како единка сама за себе, сама наспротив светот, поетовото Јас е позиционирано контра сè што оди во пар, јасно изразено низ стиховите на горенаведената песна:
зимата не донесе снег годинава
што од една страна ми одговара,
нема стапалки во парови.
Но токму во границите на разликите, машкиот и женскиот субјект се претопуваат еден во друг. Љубовта е посилна од сè, па силно гравитациски ги привлекува и најголемите неспојливости. Во „Ти оставив збор лево под перницата“, поетесата признава дека „лежам до тебе/ на границата да станам ти“. А на тоа претопувачко спојување на идентитетите претходела сосема обична средба, започната со пар лафа, опеана во „Епилог за изостаната буква“:
А сè почна таму,
на шанк.
Како и сите големи љубови,
нешто после четири наутро…
Како што идентитетите се единствени, па фрагментирани, така и приказните во поезијата на „Жега“ се фрагментирани, па слеани во единство, т.е. една приказна е раскажана во неколку песни, а и повеќе приказни се втопени во една генерална, универзална приказна, па на читателите им преостанува да одлучат дали станува збор за повеќе љубови со повторувачки исходи или на една иста љубов што просто ритуално се врти во круг. Следствено, втората песна на „Шест писма за R.R.“ може да се чита како фрагмент од истата приказна прикажана во песната „Епилог за изостаната буква“, како разговорно продолжение на визуелната сцена од средбата на шанкот во ситните часови, причина заради која ја прилепив оваа песна како пост скриптум на циклусот. А она што се случува понатаму е навистина филмски, и тоа не само поради силната сликовитост на поетскиот израз на Блажевска:
Се обидуваш да ме вовлечеш во разговор.
Тоа не е во ред.
Добивам напади на зборување.
Почнувам да звучам потентно.
Би требало да се смирам некаде, знам,
но тогаш би требало да ти дојдам дома.
Таму би врнело како што секогаш бидува.
Јас не би можела да ги испијам сите тие дождови,
би почнала да цртам сонца по станот.
Уште при првата средба, љубовта на повидок е осудена на разидување – контрастите се преголеми за да се приближат. Љубовта во поезијата на поетесата Блажевска е невротично заболена од непријатните состојби познати на современата психологија. Во „Подножјето на мојот неспокој“, Блажевска ја опишува љубовната состојба како збудален рој пчели, смртоносен и за пчелата и за каснатиот, која треба да се смири за да може да се реализира: „[с]кроти го ројот пчели во тебе/ Не боцкај. Не се боцкај“. А кога се случува љубовта, објектот за неа секагаш дознава последен. Во таа неверувачки, но зачудувачки реална љубовна приказна, тој објект стапнува затекнат, in medias res, за чиј крај секогаш се виновни апсурдните околности, како во „Епилог за изостната буква“:
Обично влетувам во приказната некаде
од средина.
Збунета.
Тука беше важен почетокот.
Почетокот кој се престори во крај.
Крај поради два пасоша.
Едниот кој патуваше без виза
и на другиот кој му истекуваше визата.
Зезнато…
Љубовта, или љубовите кои се запишани во „Жега“ варираат од еротика до романтика. Еротиката на Блажевска е суптилна, некогаш безобразно порнографска, а романтиката ѝ е нежна и наивна до солзи. Најубавата еротска песна во книгата, „Моите наслови не значат ништо“ е сведок на еротска љубов болна од раздвоените идентитети, но истовремено и опиена од слатката заблуда на привидно-привременото спојување:
Додека твоите раце примија облик на моите гради,
а мојот стомак се вовлече во твојот
сосема заборавајќи дека јас и ти
не сме папочно поврзани
само моите нозе околу твојот струк.
Оставајќи ја еротиката на страна, Блажевска создава простор и за неизбежната романтика – нежна, ненаметлива, посакувана и смирувачки тажничка, најдобро доловена во „Сега кога имам нешто повеќе години“:
се трудеше да го успие мракот во мене
и да ми ги оттргне мислите
потпрашувајќи ме прашања за моите
претходни животи
четири ги одживеав
петтиот сакав да го премолчам
во неговата прегратка.
И покрај тоа што темата за љубовта кај оваа поетеса е полово необоена, женската тема не е заобиколена во нејзината книга. Женската душа е болно, но и естетски разголена, а во неа не наоѓаме ниту еротика, ниту порнографија, туку само состојба на крик, ист онаков како оној на Едвард Мунк. Исто така, како и секоја современа млада жена, таа е феминистички освестена и заинтересирана за својата телесна женскост и женските стеротипи општествено конструирани и зацврстени. Особено е уникатна и иронична и саркастична до апсурд во поетските коментари за сопствената женска телесност, неизбежно доживеана како гротескна аномалија и предмет на (само)исмејување, како последица на типичната модерна состојба на духот – алиенацијата. Наместо, преку животното искуство и женското освестување што водат кон осознавање на себеси како личност, да се приближува кон себеси, а преку себеси и да се поврзе со другите и со светот, поетесата, како секоја модерна индивидуа, се отуѓува, од сè и секого, а најмногу од сопствениот (телесен) идентитет. „Дома сум и врне“ е сведоштво на сопственото незадоволство од телото, кошмар на секоја современа жена бомбардирана со стереотипите за идеална, совршена убавина:
Стапалата ми пораснале.
Забележав утрово во вц-то на бензинската станица.
Гледав во нив од птичја перспектива
додека се трудев да центрирам прецизно
во нечистиот чучник…
кој знае што не ќе чуев за сметка на
тежината, тенот, косата
стапалата немаше да ги забележат.
Луѓето обично забележуваат кога се шириш,
но не и кога растеш.
За да биде апсурдот поголем, несовршеноста на апсурдниот избор на орган од телото е забележана на исто така апсурдна локација, сосема обична и неспектакуларна како и самиот дел од телото. За да ја постигне (или зачува) совршеноста на својата женска телесност, таа секојдневно ѝ пее молитва, а тоа е молитвата од песната „Молитва на телото“. Овој чин е многу силен, затоа што девојката и покрај својата несовршеност, ја возвишува својата телесност како нешто свето. Сепак, апсурдот е и овде присутен, па тие молитви се искажани со иронични зборови, повторно заради непостигнатата совршеност:
Секој ден во исто време, нешто пред полноќ
им пеам молитва на моите стапала…
Рацете ми се есен, глуви гранки развеани,
нема молитва кои ќе ги натера да заземат
облик на цвет
кога на вестите вечерта прогнозираа снег,
а јас во огледалото го видов моето прво
бело влакно
Амин!
Понатаму, современата освестена девојка е растргната и меѓу „женските“ и „машки“ улоги и очекувања. Во песната „Бог знае да те почеша онаму до каде рацете не стигаат!!!“ се запрашува дали донесувањето животни одлуки е „женски “ или „машки“ чин, односно дали на животот му се пристапува заведувачки и повикувачки или борбено, во јуриш:
Никогаш не научив дали е подобро да носиш
патики или штикли
кога тргаш во потрага по делот од душата
кој ти недостасува.
Колку што е несовршена, толку оваа жена може да биде и скршена. Оддадена на современ живот, ги живее и последиците од истиот, и секогаш „[п]ремолчува за да не [ја] изедат!“ („Премолчувам за да не ме изедат!“):
Не можам да оздравам
од сите оние забави на кои се препелкам
ноктите ми се скршени 4 од 10
платата однапред потрошена
одморот одложен за Нова година
судбината однапред уплатена.
А таа знае да биде и сосема обична, стереотипна. Па сепак мора да преживее, а за да преживее мора од себе да го даде тоа што се очекува од неа, да биде просечна и исто слична како сите останати жени. Така, таа е оддадена на конзумеризам:
јас во црниот капут од „Бенетон“
оној од 70 евра
што тогаш не можев да си го дозволам,
а сега сосема ми е непотребен
„Шест писма за R.R.“, песна прва
и пред светот се покажува како вредна и верна домаќинка:
додека би стоела пред контејнерот,
како вистинска балканска жена
во твоја маица и влечки за по дома
„Шест писма за R.R.“, песна втора
Истовремено, нејзината вистинска природа е бунтовна. Нејзината бунтовност е некогаш оправдана, некогаш постои само колку да постои. Во ненасловената песна во проза вели: „одбивам да заземам форма на стих“, самонегирајќи си ја сопствената поезија фокализирана од сопственото поетско Јас, а во „Сè уште од нејзините очи капат црни маслинки“, [о]дбиваше да биде јас,/ со полно име и презиме“ затоа што е именувана со идентитет кој неа не ѝ прилега.
Поетската книга на Аница Блажевска, со полно име и презиме, е вистински пијалок за гасење жед, но и меч со две острици, затоа што по конзиумирањето, остава жега по уште.
[1] Во книгата објавена е и ненасловена песна напишана без стихови, без реченици, без интерпункција, само мисли кои течат и се слеваат една во друга.
[2] Песни-писма претставува циклусот: „Шест писма за R.R.“ составен од шест песни кои поетесата самата ги категоризира како писма и една последователна песна која може да се чита како пост скриптум, песната „Епилог за изостната буква“.