1. Чувари на општото добро е втор твој роман, преведен на македонски. Според тебе, колку се твоите романи преводливи на други култури? На што му даваш предност при преведувањето – на јазикот, стилот, контекстот?
Со ова „други култури“ мислиш превод на македонски, не? Македонија е дел од Европа, којашто е изградена врз христијанска основа, оттука сметам дека постои извесно предразбирање на овој текст – мислам дека тука традицијата не претставува препрека, бидејќи е во многу нешто слична. Преводот на кинески би претставувал, се разбира, сосема друг предизвик. Во секој случај, со оглед на заедничките искуства со комунизмот и со неговата промена во „разорен“ капитализам, верувам дека мојот текст комуницира. Сѐ друго зависи од тоа, колку е вешт преведувачот. Верувам, дека си. Важно е да се долови тонот на книгата, кој што произлегува директно од наравта на нараторката, од нејзината стилизација.
2. Првите преводи од твојата проза на македонски се појавија во рамките на проектот Околу Европа, кога ти, меѓу другото, престојуваше еден месец во Скопје. Какви впечатоци ти остави македонскиот главен град, колку е оваа средина инспиративна за тебе?
Скопје многу ми се допадна. Особено старата чаршија. Добро го паметам тој месец. Бев дојдена со децата, па беше многу интензивен. Ќерка ми имаше една година, а син ми три. Претпладне пишував, а децата ми ги чуваше Јасминка Митковска, која што живееше недалеку, и со нив имаше полни раце работа. Попладне со малите одевме во Зоолошка, а син ми се заљуби во соседниот Природонаучен музеј. Преубава беше и средбата со Владимир Мартиновски, ко што нè однесе кај него на ручек. Отидов и на промоција на неговата книга. Во животот – ни пред тоа ни после тоа – не сум видела толку народ да дојде на промоција на поетска книга, како што му дојдоа на Владимир Мартиновски во Скопје. За мене ова беше доживување. Имав чувство, дека Скопје живее интензивен културен живот. Доживување беше и моето литературно читање во книжевното кафуле Магор. И средбата со ликовните уметници. Местото на средбата го паметам, друштвото беше одлично, само сум слаба со имиња, на ниедно не се сеќавам. Не ми се свиде само актуелната антиквизаторска архитектура. Можеби се работи баш за онаа културна разлика, што ја начнавме на почетокот. Не можев никако да ја сфатам. Инаку Скопје беше навистина инспиративно, во него има живост, енергија и полнокрвност, какви што нема во западноевропските метрополи. Интензивно мириса.
3. Да се вратиме на тематиката во Чуварите. Ставот на протагонистката по однос на социјалистичката ера е уникатен – истовремено е критична и носталгична, критична е и кон современоста. А, авторката? На кое време припаѓаш како писателка – на современово или на минатото?
Бездруго на современово – кога падна комунизмот, имав десет години. Кога ми излезе книгата, мојот став кон комунизмот беше дискутиран надолго и нашироко. Дали сум била комунистка, зошто била протагонистката толку критична кон современоста, и слично. Комунистка не сум. Но, не сакам ниту воопштени призми – авторот е тука, за да проблематизира, да комплицира, да фрла свеж поглед на работите, на читателот да му биде на извесен начин непријатен.
4. За книжевностите на земјите од поранешниот Источен блок во 90тите години е, разбирливо, карактеристичен еден бран т.н. рекапитулациски, антикомунистички романи. Колку е оваа тема според тебе пригодна за книжевноста на 21. век – доцна ли е за рекапитулација, или не? Како реагираат на Чуварите младите читатели, кои што не го „фатиле“ комунизмот?
Рекапитулациски, антикомунистички романи, кај нас се пишуваа на големо. Во деведесеттите секој сакаше да покаже, дека бил и уште е на вистинската страна, дека е „политички подобен“. Во таа смисла, Чуварите на општото добро се директна реакција на тој книжевен бран, којшто многу ме иритираше. Затоа и ја напишав книгава. А сакав и да создадам еден поинаков тип на женски протагонист. Во книжевниот текст женските ликови обично имаат функција на мајка или на љубовница. Во книгите функционираат или како љубовен/сексуален објект, или како претставнички на „семејството“. Нараторката во Чуварите на општото добро е асексуална, и живее главно според своите принципи, си има сопствена идеологија. Ваков, „самостоен“ живот, обично водат машките протагонисти. И ова ме иритира.
5. Улогата и местото на писателот во чешкото општество после Кадифената револуција се променија радикално – некогашната субверзивна, донекаде и „еретичка“ функција на писателите, во контекст на современиов книжевен пазар како да е изгубена. Како го оценуваш местото на современиот чешки автор во општеството?
„Еретичката“ улога е битна, и мислам дека сè уште е присутна кај многу чешки автори. Попроблематично е самото „писателство“ како професија. Неодамна во Чешка ја основавме Асоцијацијата на писатели¸ која што би требало да ги застапува нашите интереси. Бидејќи писателите се пикнати во еден вид вакуум, како најслаба алка во книжевниот синџир, послаба дури од издавачите, дистрибутерите, печатарите, и други. А не се работи само за парите. Сакаме во Прага да основаме Книжевен дом – институција, која е вообичаена во европските земји, и која што би остварувала гостувања на чешки и на странски автори и преведувачи, би организирала книжевни случувања, и слично. На крајот од минатата година Прага ја доби престижната европска титула „креативна престолнина на книжевноста“, па иницијативава со тоа станува и политички поизводлива, пологична. Авторот во својата суштина припаѓа на маргините, на периферијата, тој е аутсајдер, и таков треба да остане. Проблем е кога ова ќе стане аргумент на државата. Дека уметникот треба по дефиниција да трпи и да живурка, дека тоа е дел од неговата професија, па затоа книжевноста не треба да се потпомага. Романтичниот мит за уметниците во тој случај се свртува против самите уметници. За малите земји јазикот е основа на идентитетот, ова важи како за нас така и за Македонија, а книжевниците се токму оние, кои што треба да го култивираат јазикот, да го напрегнат, да му ги испробаат можностите. Се работи за суштински важна „професија“, која не смее да не се унапредува. Не за некакво хоби, на кое авторите можат да се посветат само навечер, после секојдневните, „вистински“ обврски…
6. Членка си на Партијата на зелените, двапати излегуваше на избори како нивна кандидатка. Планираш и натаму да се занимаваш со политика?
Во моментов сум членка во хибернација. Сепак, со Зелените сум редовно во контакт, следам, што се случува кај нив, и им држам палци.
7. Пред неколку години редовно пишуваше за списанието Респект. Според тебе колку е битно, писателот да зема активно учество во јавните дебати, дали денес воопшто му резонира гласот?
Мислам, дека е битно, иако ангажманот е индивидуална работа. Кога со Асоцијацијата на писатели испративме повик до сите автори, да ни се приклучат, еден чешки поет, кој што неизмерно го ценам, ни одговори, дека на авторот не му е местото во јавност, и затоа не сака да се ангажира. Одлуката му ја почитувам и ја разбирам, но сепак во рамките на книжевниот живот чувствувам потреба од ангажман во „народните работи“. Што се однесува до колумните во Респект – пред извесно време редакцијата одлучи да ги прекине. Преку Асоцијацијата апелиравме до Респект, да размисли, па иако на крајот ги прекина, благодарение на нашиот активизам, се јавија други списанија, и ги презедоа. Примеров е банален, но да не се огласевме, колумниве ќе згаснеа во тишина, а просторот за книжевност во медиумите уште повеќе ќе се стеснеше. Со еден збор, треба да се реагира. Да се потсетува на важноста на книжевноста, колку и да ни се чини бесцелно. Нема фајде од мрчење, од чмаење на лигавите маргини, и од чекање, некому да му текне, дека книжевноста е битна. Е, не им текнува. Треба да им се рече.
8. За крај сакам да те прашам, кои ти се творечките планови. Твоите осум романи меѓу себе се разликуваат во многу аспекти, таков е и случајот со Мацоха, којшто излезе во 2014 година. Работиш на нешто ново во моментов? Во кој правец би се движело твоето идно творештво? Остануваш на жанрот роман, или можеме да очекуваме прошетка по други форми – расказ, драма?
Како и повеќето автори, и јас сум воздржана по однос на творечките планови. Во моментов имам два фрагмента од нешто, но немам поим, што ќе излезе од нив. На моменти се депримирам, дека пишувањето ми е за нигде, дека не ме бидува, па секој пат наново се опоравувам. Само, и без тоа не се може.
Разговорот го водел и превел: Диме Митревски