Речник на имагинарните места II

Запознајте се со непостоечката географија, откријте ги градовите и местата за кои можеби не сте слушнале, но кои можеби еден ден ќе успеете да ги посетите...

Dorothy_Road

ЖЕНАТА КОЈА ЧЕКА – планина северно од Хсинхсиен, во Вучанг, Кина, која многу потсетува на жена. Историјата вели дека во древни времиња еден женет војник бил испратен од страна на Царот да се бори далеку од својот дом. Неговата верна жена, водејќи го со себе нивното мало дете, го испратила до подножјето на оваа планина и останала тука да зјапа по него со денови, со месеци и со години, сè додека најпосле не се претворила во камен.

[Анонимен автор, Таи-Пинг географски записи, 981 г.н.е.]

 

ЗАМОК – безимена тврдина која му припаѓа на Грофот од Вествест, некаде во Бохемија. Се состои од многу двокатни куќи и неколку ниски куќички подигнати една до друга. Посетителите на кои нема да им биде укажано дека ова здание е, всушност, замок, ќе претпостават дека станува збор за мало гратче. Замокот има само една кула, тркалезна и речиси безоблична, делумно нежно прекриена со бршлен, и со само неколку прозорци. Ѕидовите на оваа кула изгледаат несигурно, неправилно, протегајќи се кон небото како колеблив цртеж на некое немарно или срамежливо дете.

Замокот се издигнува над едно тмурно село на брегот на река. Никому не е дозволено да престојува или да преноќи во тоа село без дозвола од страна на Грофот. Селските жители имаат чуден телесен изглед: нивните черепи како да се сплескани од удари, а цртите на нивните лица како да одразуваат страдање после овие удари.

Зимата трае долго во овој крај и селото обично е завеано во снег, дури и лете.

Посетителите се предупредуваат оти пристапот до Замокот е тежок, а можеби и невозможен. Дури и доколку се лично поканети од Грофот, може да се случи со денови да не го преминат прагот на Замокот, набљудувајќи како неговите контури го менуваат обликот во замаглената светлина.

[Франц Кафка, Das Schloss, Минхен, 1926]

 

ЗЕЛЕНОТО ПРИСТАНИШТЕ – се наоѓа во близина на Азор, северен Атлантик. Пријатна земја во која младите имаат неограничена слобода. Нејзините жители се здодевни шегаџии, се преправаат дека се добро воспитани и премногу афектираат со својата мода и облека. Тие веруваат дека се духовити и пишуваат песни и поеми кои сакаат јавно да ги рецитираат. За нив животот е шега, и уживаат во курвањето, пиењето и суровите игри. Во престолнината на Зеленото Пристаниште тешко се спие поради заглушувачката врева на тркалата што јурат по калдрмата.

[Френк Керлес, Пловечкиот остров и едно ново откритие кое раскажува за необична авантура за време на неодамнешното патување од Ламбетана до Вила Франка, алијас Рамалија, и до пределите источно од Тера дел Темпло, Лондон, 1673]

 

ЗЕМЈА НА ИГРИТЕ – самовилска земја населена со мали луѓе, каде што малите предмети добиваат поголеми размери. Врвовите на детелината се дрвја, барите дождовница се мориња по кои плови лисје како бродови. Освен неколкуте видови инсекти како што се бумбари, пајаци, болви, мравки и бубамари, Земјата на играта е населена со мали замислени суштества со прекрасни очи, облечени во оклоп со зелена, црна, малинова, златна или сина боја. Некои од овие суштества имаат и крилја, но се чини дека слабо ги користат и ги минуваат деновите во набљудување на патниците (кои мора да се мали) како пловат по морињата од дождовни барички.

До Земјата на игрите се стигнува со затворање на очите и лебдење низ воздухот. Враќањето обично се случува ненадејно, бидејќи контрастот меѓу овој мал свет и поголемиот свет во татковината на патникот ќе делува на него како еден вид шок.

[Роберт Луис Стивенсон, „Мала Земја“, во: Детска градина на стиховите, Лондон, 1885]

 

ЗЕМЈАТА МАНДАИЈА – се наоѓа на Северниот пол. Следејќи ја ѕвездата Северница низ непрегледната област со снег и мраз, патникот ќе наиде на голема врата што е пробиена на падината од една планина која ја чуваат лав, златна скорпија, црвен меч и змија наречена Ур, прекриена со крлушки од метал што е доволно тврд да пробие железо. Доколку пред оваа врата се изговорат вистинските зборови, таа широко ќе се отвори и пред очите на посетителот ќе се покаже огромна провалија во средината на споменатата планина. По долгиот пад, патникот ќе стигне во земјата на голи сини луѓе чиешто тело е прекриено со бело крзно и кои живеат во колиби од бамбус и во шупливи дрвја.

Ова е земјата Мандаија, во која климата е умерена и во која нема штетници и крвожедни животни. Нејзините жители живеат во заедници во кои не постои приватна сопственост, и каде што секој е еднаков на ближниот свој.

[Хирмиз бар Аанхан, Иран, Париз, 1905]

 

ЗЕМЈАТА НОПАНДА – се наоѓа во Соединетите Американски Држави, од онаа страна на Апалачките планини. Областа е заштитена со езера и планини, и претставува дом на народот Нопанда – индијанско племе составено од мирољубиви и гостољубиви луѓе.

Трагите од минатите контакти со Шпанците се огледуваат во престолнината на Нопанда, со нејзините добро трасирани улици и куќи од печена тула. Вреди да се спомене огромната палата од печена тула на поглаварот со своите пријатни градини и многубројни овошки.

Доколку некој смел патник се осмели да ја истражи долината опколена со ѕидини и се пробие низ строго чуваниот ѕид, тој ќе помине низ уште една порта која води до едно оградено место на кое гори вечен оган. Тоа е затворот познат како Пекол, со кој управуваат чуварите познати како Ѓаволи. Овде оние кои се виновни за разни злосторства се спалуваат ноќе, пред очите на целото племе, а патниците радо се повикуваат да присуствуваат на тој спектакл.

[Отец Антоан Франсоа Прево, Le Philosophe anglois, ou Histoire de Monsieour Cleveland, fils natirel de Cromwell, par l”auteur des Memoires d’un Homme de qualite, Утрехт, 1731]

 

ЗЕМЈАТА НА СВЕТЛЕЧКАТА РАМНИЦА – се наоѓа веројатно близу брегот на северна Шкотска. Тоа е кралство на високите планини и стрмните ливади, до кое се стигнува по една тесна патека меѓу гребените која ја чува стражар облечен во виолетова боја, чијашто должност е да им помогне на патниците кои доаѓаат и да ги спречи да заминат. На посетителите им се укажува дека никому не е дозволено да се врати од Земјата на светлечката рамница.

Бидејќи овде по доаѓањето се стекнува бесмртност, оние посетители кои ќе успеат да побегнат стануваат скитачки духови. Иако Земјата на светлечката рамница се нарекува и „Поле на бесмртните“, посетите треба да имаат на ум дека ова име е забрането. За оваа земја треба да се зборува само како за „Земјата на светлечката рамница“ или „Земјата на живите луѓе“.

Кралскиот павилјон, опколен со шуми од своите три страни и украсен со извезено цвеќе, секако треба да биде посетен. Бидејќи овде не го познаваат заморот, поголемиот дел од луѓето патуваат пеш.

[Вилијам Морис, Приказна за Светлечката рамница која се нарекува и Земја на живите луѓе или Поле на бесмртните, Лондон, 1891]

 

ЗЕМЈАТА НА УРНИТЕ – се наоѓа во низините на Вистула, на работ од пустината од онаа страна на еден голем залив и недалеку од една земја, позната по одгледувањето диви коњи. Урните живеат во неколку села направени до дрва и кал. Со нив владее крал чијашто палата е тркалезно здание без прозорци, обложено со камилска кожа. Урните се одлични коњаници и бидејќи мажите се слични на своите непријатели, тие се страшни стрелци и копјаници како и нивните соседи. Тие се и овчари, поморци, волшебници, казанџии и готвачи. Меѓутоа, тие не ја обработуваат земјата.

Целокупната нивна книжевност, и сиот нивен јазик се состои од еден збор, undr, кој значи „чудо“, и понекогаш е претставен со црвен јарбол и диск. Во тој збор, секој што е одовде ќе г препознае своите маки, својата љубов, своите тајни постапки, нештата што ги видел, луѓето што ги запознал – сè.

Адам од Бремен ја опишал Земјата на Урните во XI век, а тој ракопис го нашол во Бодлејанската библиотека во Analecta Germanica и го објавил во Лапенберг, во Лајпциг 1894 г.

[Хорхе Луис Боргес, „Ундр“, во: El libro de arena, Буенос Аирес, 1975]

 

ЗЛАТНОТО ЕЗЕРО – се наоѓа во Андите. Во него се вливаат планинските потоци и реки кои се спојуваат во една широка и преубава река. Диви говеда и овци пасат околу неговите брегови. Златното езеро го добило своето име по оваа река која со себе носи злато од планината и го таложи во него. Златото е толку вообичаено во овој крај што Индијанците му обраќаат малку внимание, и може да се собира во преграб од бреговите на езерото.

[Даниел Дефо, Ново патување околу светот, по курс по кој никогаш претходно не е пловено. Патување на кое тргнаа некои трговци кои подоцна започнаа основање на една источно-индиска компанија во Франдрија, Лондон, 1724]

 

ЗЛАТНАТА ПЛАНИНА – рид во близина на градот Килемба, во Касонго, во сахарската покраина Киву. Таа е позната како место на кое се наоѓа огромна ризница злато кое го насобрал еден арапски султан, господар на овие земји пред доаѓањето на Европејците. Тој султан загинал во борба, а домородците го занемариле златото кое за нив немало никаква вредност. Еден Англичанец, кој ја открил оваа ризница, и бил заробен и фрлен во зандана од страна на жителите на Килемба, успеал да испрати порака за тоа во Занзибар. Неколку експедиции, опседнати од желбата да стигнат до ова богатство, веднаш се упатиле во Килемба, но само една, предводена од Германец и Грк, која долетала со еден од првите дирижабли, успеала да го ослободи Англичанецот и да го однесе богатството.

[Емилио Салгарари, Il trena volante, Милано, 1904]

 

ИКАРИЈА – република, веројатно во Средоземјето, одвоена од земјата Марволз со морски теснец. На ниеден патник кој сака да дојде по каква било работа не му се дозволува влегување во Икарија – туку само на оние кои сакаат да ја посетат оваа земја за да однесат назад во својата татковина некои од начелата на икаријанската мудрост. При влегување мора да се плати мал износ, соодветен на периодот кој сака да се помине таму, а сè останато е бесплатно. Во Икарија нема ни стражари ни царински службеници, бидејќи тие професии се сметаат за срамни.

Главна знаменитост на Икарија е нејзината престолнина, Икара. Икаријанските архитекти внимателно ги проучиле најубавите градови на светот и, инспирирани од најдобрите од нив, ја создале Икара. Ергелите, болниците, пекарниците, фабриките и складиштата се наоѓаат на периферијата од градот, а неговите жители живеат во центарот, каде што улиците се чисти, широки и прави. Куќите, со наредени балкони, никогаш не се повисоки од четири ката. Секоја куќа располага со убава градина, и повластица и должност е на секој граѓанин да ја одржува нивната убавина во интерес на својот град. Власта е комунистичка. Република Икарија е, на пример, надлежна за администрацијата и за јавните служби, но законите ги создаваат самите граѓани во склад со своите потреби и совест.

[Етјен Кабе, Voyage en Icarie, Париз, 1839; Етјен Кабе, Adresse du fondateur d’Icarie, Париз, 1856]

 

ЈУГОЗАПАДНАТА ДИВИНА – област во Кина, позната по своите плантажи со шеќерна трска која расте до височина од осум илјади стапки и има обем од триесет и осум инчи. Сокот од оваа трска дава сила и цврстина, и помага да се утврди бројот на глисти во телото. Еден необичен примерок од животинскиот свет во оваа област е лажливата ѕверка, која делумно личи на зајак со човечко лице и која е во состојба да зборува на човечки јазик. Таа често лаже, велејќи исток кога треба да каже запад, и велејќи лошо кога треба да каже добро. нејзиното месо е исклучително вкусно, но оној што ќе го проба почнува да зборува лаги. Ѕверката е позната и под името гласина.

[Тунг-Фанг Шуо, Книга за божества и за чудеса, I век п.н.е.]

 

КАБАЛУСА – остров во Атлантикот за кој се знае мошне малку. Посетата на Кабалуса е опасна зашто овој остров е населен со диви Индијанки кои наместо дланки и стапала имаат магарешки копита и се познати како човекојадци. Секој патник што ја има таа несреќа да стапне на Кабалуса тие го присилуваат да води љубов со нив, а потоа го опиваат и конечно го изедуваат.

[Лукијан од Самосата, Вистинита историја, II век н.е.]

 

КАДАТ – огромен град низ кој велат дека никогаш не пропатувал ниеден патник. Се наоѓа од онаа страна на висорамнината ЛЕНГ и наводно е преполн со мистерии кои ја надминуваат човечката фантазија. Патниците кои имаат намера да го посетат Кадат мораат да бараат помош од демоните.

Велат дека градот со својот огромен замок од оникс е неосвоивата престолнина на Светот на соништата.

[Хауард Филипс Лавкрафт, „Сновање по непознатиот Кадат“, во: Кушачот Аркхама, Соук Сити, 1948]

 

КАКОПОРАНО – остров, порано дел од архипелагот Баладар, а сега споен со Европа, задржувајќи си го називот остров. Името Какопорано е менувано неколку пати: се викал Безначаен остров, Островот со богатство и Најмалку важен остров. Архипелагот кому му припаѓал изгледа исчезнал – островите Зафрлен, Скокнидонего и Непознат веќе не можат да се пронајдат, и покрај засиленото трагање по нив.

Какопорано е познат по недостигот од градинари, продавачи на парфеми, судии, пекари и поети. Градскиот совет е под надзор на г-дин Зафатен кој го спаси овој остров од заземање од страна на ловците на мисирки, пратени на Какопорано од градот Буб-бум-мисир во Франција.

Посетителите сè уште можат да ги видат урнатините од златниот мост, изграден по златната треска во 50-те години. Дополнителни информации можат да се најдат во следниве списанија: Дрдорко и Бум-бум-папагал.

[Жак Превер, Lettre des iles Baladar, Париз, 1952]

 

КАРТОГРАФСКО ЦАРСТВО – мала земја која веројатно се наоѓа на границата од поранешниот СССР и Монголија. Првпат го опишал шпанскиот патник Суарес Миранда во 1658 г. Негова главна атракција се урнатините во западната пустина – остатоци од огромна мапа која царските картографи ја изградиле за во целост да соодветствува со самото царство. Кон средината на седумнаесеттиот век била речиси целосно уништена поради запуштање од страна на помладите поколенија. Денес низ западните области скитаат глутници диви ѕверови и просјаци.

[Суарес Миранда, Viajes de varones prudentes, Лерида, 1658, во книгата: Хорхе Луси Борхес и Адолфо Бјој Касарес, Cuentos breves y extraordinarios, Буенос Аирес, 1973]

 

КАСЕОСА или ОСТРОВ НА МЛЕКОТО – се наоѓа во Атлантскиот океан, опколен со млечни води. Тој е сосем бел, има облик и густина на тркалезно зрело сирење со обем од дваесет и пет милји. Ненаселен е, но на него е изграден храм посветен на нимфата Галатеја кој вреди да биде посетен. Винова лоза расте на сите страни, а кога се цеди грозјето, од него не се добива вино, туку млеко.

[Лукијан од Самосата, Вистинита историја, II век н.е.]

 

КАФАР САЛАМА – остров во Академско море, во зоната на Антарктикот. Има облик на триаголник, и неговиот обем е отприлика триесет милји. Островот е богат со житарки и пасишта, го наводнуваат реки и потоци, и е преполн со сите видови животни: на некој начин претставува еден вид светот во мало. Познатиот град Кристианаполис се наоѓа на северниот брег на овој остров.

[Јохан Валентин Андреа, IReipublicae Christianapolitanae descriptio, Амстердам, 1619]

 

КЕРН ГЕФАЛ – необичен споменик во областа Буелт, во Велс, кој се состои исклучиво од купишта камења на чиј врв се наоѓа камен со отпечаток од песја шепа. Тој отпечаток го оставил Гефал, песот на кралот Артур од Камелот, за време на ловот на вепарот Трвид. Посетители многу пати се обиделе да го однесат каменот со отпечаток од овој споменик, но никогаш не успеале да го задржат повеќе од едно деноноќие. Следното утро тој секогаш се враќа на своето место на врвот од купот камења.

[Анонимен автор, Историја на Бритоните, Х век н.е.]

 

КРАЛСКОТО КРАЛСТВО – се наоѓа во Индискиот океан и, според мислењето на некои истражувачи, е местото каде е погребан кралот Соломон, синот Давидов, и покрај фактот дека други автори тврдат дека неговиот гроб се наоѓа во САБА. Опишано и од страна на Синдбад Морепловецот, Кралското кралство е познато по своите змии со ужасен изглед. Треба да се споменат и огромните риби кои живеат во оваа област и кои можат да проголтаат цел брод. Синдбад опишал три вакви суштества, за кои се раскажува дека се големи како планини.

[Анонимен автор, Приказни од 1001 ноќ, ХIV-XVI век н.е.]

 

КСАНАДУ – царство на брегот од Азија, каде што Кублај Кан наредил да му се подигне палата со чудесна убавина и која ја опишуваат како „чудо на градителските раце“. Пештерите кои се наоѓаат во палатата што е озарена од сонцето исто така се одликуваат со чудесна убавина. Оваа палата сè уште стои на своето место – или барем оние нејзини делови што се завршени, бидејќи една личност од Форлок спречила таа да се изгради докрај. Таа прекрива десет милји плодно земјиште, опколена е со ѕидини и кули, а нејзините градини блескаат со многубројните поточиња и расцутено разновидно цвеќе.

Токму во блиските и древни шуми, на едно непристапно, маѓепсано и свето место, каде што можат да се слушнат жени што завиваат со своите демонски љубовници, е откриен богат извор на вода која силни блика од подземна пештера, за која подоцна е утврдено дека е изворот на светата река Алф.

Оваа река тече уште некои пет милји низ шуми и долини, а потоа понира во бескрајните пештери кон безживотниот подземен океан. Се раскажува оти низ бучавата на овој водопад можат да се слушнат гласовите на славните предци на Кублај Кан.

[Семјуел Тејлор Колриџ, Кублај Кан, визија во сон, Лондон, 1816]

 

КСТВЕРКСТ – гратче во Полдивија, во Европа, познат по својата школа на Добрите души.

Следејќи ја традицијата започната од страна на една постара мома по име Маришел Борбоје, која го заработила влезот во рајот ставајќи се во оптек како курва на локалниот полк, Кстверкст ги учи своите посетители како да ја подготват својата душа за подобриот свет, прифаќајќи соодветни занимања. Иако пружањето задоволство на  некој друг се смета за исклучителна квалификација за влегување во рајот (според мислењето на жителите на Кстверкст), можат да бидат избрани и други морално воздигнувачки задачи – на пример, избегнувањето плаќање данок за државата да се спречи да стане пребогата и премоќна, или крадењето скапоцени камења од крунисаните глави на Европа поради нивната подоцнежна распределба на послабо ситуираните студенти на универзитетот.

[Марсел Еме, “Légende Poldeve”, во: Le Passe-Muraille, Париз, 1948]

 

Продолжува…

 

Избор и превод: Ѓорѓи Крстевски

Извор:  Градац, списание за книжевност, уметност и култура, број 131-132-133, 1998 година

 

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Зошто јунаците на Дизни носат бели ракавици?
Станува збор, имено, за тоа што сите тие јунаци носеа – бели...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *