Раде Силјан – вистионски поет, волшебник на зборот, со раскошна ерудиција на поетската реч! Поет со историска мисија да пишува за неговата и наша Македонија, да пишува и пее за нејзините радости и страданија и во секоја песна да втисне чиста патриотска повеќезначност на длабоките и искрени патриотски чувства! Жеден за живот и опстој на Татковината тој му пркоси на стравот, и од стих во стих, и од песна во песна опоменува за межниците на современите зла од кои зависи судбината на ова парче балканска земја.
Стихозбирката „Отворена книга“ што ја издаде реномираната издавачка куќа „Матица“ од Скопје во 2014 година е пред сѐ молитва за убав ден со слики за злото време и белата чума на неговата родна грутка. Поезија која кореспондира со денешнината кажувајќи ја вистината за совремието во кое живееме, за белата чума која навасала како темен облак над нашето небо, за јазолот на минатото и сегашноста, денешната тешка опстојба, заблудите и погрешните чекори на поединци во креирањето на современата политика, делбите братски и комшиски, поезија мисловна и длабоко, длабоко, длабока…
На поетот јасно му е дека живееме на балканскиот византиско-медитерански архипелаг на несреќите. Затоа и молитви! Молитви како човек – сенка! Моли со молитва на срцето, со длабока исповед на душата:
„Љуби го лицето
На утринското јаве
И со зборови чедни
Моли се за убав ден“
Така му вели часовникот што чука во градите на поетот во антологиската песна во Прологот „Молитва за убав ден“ и продолжува:
„Љуби ја ѕваездата
Што сјае на твоето чело
И пред крст и кандило
Ко додолка од старо време
Моли се за плачно небо“
Така на поетот му вели пилето, но сенката под неговите нозе му зборува за друга љубов – огледалото на ѕидот… Но како ли, со која ли душа да се љуби изгревот на сонцето и да се моли за среќен пат? Тоа ли го доживеавме да ни вели судбината? Во долината на мракот пак ли слегува Црна Арапина? Бела чума?! Селидби?!
И покрај тагата и болката поетот не се предава и „Молитвата за убав ден“ ја завршува со стамена мисла дека родната нива мора да се изора пред белата чума да не земе, мора да се фрли плодно семе а тагата мора да се сомели во воденица стара…
Палатата од соништа и јаве поетот Раде Силјан продолжува стих по стих од златни поетски гранинтни плочи да ја гради и во неговите „Слики“ од оваа стихозбирка, во песните со повеќе пеења: „Плодови“, „Тажна слика“, „Делби“ и „Преселби“. И овде мислата не е сокриена како хранливото својство на плодот, како што некогаш запишал Пол Валери, туку е јасна, како симбиоза на мисла и чувство, со јасна поетска проекција која потикнува на медитирање. И тука ги пронаоѓаме поетовите интересирања за „семката наша која долго ҆рти“ и кога „на минатото време облакот темен стрвна стија“ сака од дрвото на животот цутот да ни го земе…
Ако Томас Ман верувал во минливоста, поетот Раде Силјан верува во минливоста на трагедиите на неговиот народ малку поинаку, дека минливоста прави само празни кругови:
„Во куќа на митови
Тркалото на времето врти
Празни кругови прави“
И темнината на овој век долги прсти има: „Во воздухот лебди зло време“. Да споменеме дека при една ваква поетска констатација не се работи за никакво фаталистичко, мистичко или метафизичко сонување, туку за една дијалектичка вистина за македонската денешнина и опстој кога има внатрешно разјадување, непризнавање на името на државата од други држави, непризнавањето на црквата, јазикот, територијалните и етнички аспирации на соседите:
„Човекот на нашето време
Патува долго
Под облакот темен
И кога ќе стигне
На крајот од светот
Кришум ќе здогледа
Силни орди
Со крилести глави“.
„Нѐ делат и знајни и незнајни и дојденци и староседелци“.. . Поетски мисли кои само возбудуваат и тераат на асоцијации со јасна поука да не останеме зачудени пред појавите што го следат и денешниот македонски опстој. Поетот не буди за да не тонеме во денови на безгрижност и катадневни лаги зашто нѐ делат и крвни браќа, не делат и гладни и жедни:
„При живи
Нѐ пребројуваат
Со зборови лажни
Ситна песок сеат“
Кафезот на македонските современи премрежја е полн со птици грабливки, едно име за мртвите, друго име за живите… Како последен чувар на сонот и еден од последните македонски Дон Кихоти и кога нашите деца со болни мисли по жива песок одат и кога навева крвава бура, поетот Силјан оптимистички пее:
„Боледувај за убавината
Ми вели гласот на Татковината“.
Раде Силјан и во оваа стихозбирка насловена како „Отворена книга“ или книга за македонските фармаци (отрови) се потврди како поет на современиот стамен сензибилитет исправен како гранитна пусија пред татковинската болка со сите нејзини егзистенцијални пулсирања. Читајќи ги прекрасните и неповторливи стихови сигурно пред читателот ќе блесне јавето за кошмарниот сон и повикот за будење без прометејска мегаломанија, туку боготворење на Татковината што ја имаме а не треба да ја загубиме. Сигурно тоа била и носечката порака на авторот која треба да се разбере само како наша „Молитва за убав ден“, наша молитва за поубава иднина.
25.12.2014
Панде Манојлов
Warning: Trying to access array offset on value of type bool in /home/echqdumm/public_html/reper.net.mk/wp-content/themes/simplemag/inc/social-share.php on line 60
Pinterest