Речник на имагинарните места IV

Во овој избор од неверојатниот речник читајте за невообичаените острови, за волшебните палати, за чудните паркови, за чудесните планини и за пловечките градови кои најверојатно никогаш нема да ги посетите.

imaginarni-wea00003

ОСТРОВОТ НА ОРЕВИТЕ – се наоѓа во Атлантскиот океан, близу Морето на Зеленчукот, кое така се нарекува зашто одредени дрвја што растат овде раѓаат огромни ореви долги преку петнаесет стапки. Неговите жители, наречени Оревонаути, ги користат како бродови.

 

[Лукијан од Самосат, Вистинска историја, II век од н.е.]

 

ОСТРОВОТ НА ПОДВИЖНИТЕ ДРВЈА – се наоѓа во северен Атлантик. Голем остров, прекриен со бујна вегетација. Името го добил како последица на грешката која ја направиле извесни морепловци кои стигнале таму на почетокот на седумнаесеттиот век. Впловувајќи во уште една река, тие виделе група дрвја како прескокнуваат од еден брег на друг. Преплашени, решиле да се вратат назад. Некои неодамнешни патници откриле дека „подвижните дрвја“ се, всушност, товарните чамци на околните рибари, украсени со дебели гранки кои се обраснати со разнобојно лисје.

 

[Мидел де Сервантес Сааведра, Los trabajos de Persiles y Sigismunda, Мадрид, 1617]

 

ОСТРОВОТ ПТИКС – единствен камен блок кој не може да се најде да ниедно друго место на светот и затоа претставува скапоцена материја. Каменот Птикс има јасна проѕирност на бел сафир, и додека другите камења се студени на допир, тој е топол како површина на чајник. Тешко е да се опише овој остров: потсетува и на „беспрекорна течност, стабилизирана во склад со вечниот закон“ и на „непроѕирен дијамант“.

Не е тешко да се истовариш на Птикс, бидејќи природни скали водат до врвот на овој остров. На самиот врв, посетителот нема да види небитни настани од овој свет, туку суштината на самата вселена.

Господарот на островот, кој седи на еден лебдечки стол за нишање, ги поздравува со добредојде сите посетители. Додека тој се приближува, движењето на неговиот стол за нишање се чини како гест на добредојде. Бидејќи е страстен пушач на луле, господарот на Птикс редовно носи пушачки плашт од тартан и на посетителите им нуди шарени јајца.

Фауната на островот опфаќа фауни и нимфи со светлорозева боја на кожата, кои се чини како да лебдат во воздухот, опиени со дремежот што ги нарушува мелодичните зрачења на каменот Птикс.

 

[Алфред Жари, Gestes et Opinion du Docteur Faustroll, Pataphysicien. Roman Néo-Scientifique, Париз, 1911]

 

ОСТРОВОТ РОКА ИЛИ РУКХА – голем ненаселен остров некаде во Кинеско море кој им се препорачува на сите гурмани. Оддалеку островот личи на џиновска, бела и блескава купола, долга над стотина јарди. Меѓутоа, кога ќе му се приближат на овој остров, патниците ќе видат дека оваа купола е, всушност, видливиот дел од едно огромно јајце кое овде го снесла птицата рок или rukh. Оние кои сакаат да го вкусат месото на младенчето на оваа птица мораат да ја скршат лушпата на јајцето. Најдобро е да се однесе дел од птицата на палубата од бродот, и потоа да се изеде со сласт на некој друг остров. Инаку, може да се случи патниците и бродот да бидат нападнати од неговата мајка, за која се знае дека испушта огромни карпи на неканетите гости. Возрасниот рок е три-четири пати поголем до слон, и затоа е подобро да не му се спротивставуваш.

Месото од рокот треба да се испржи и да се јаде со малку лимон и сол, но може да се употреби во разни јадења наместо мисиркино или зајачко месо. Тоа има дополнителна предност да ги подмладува мажите и жените, враќајќи ѝ ја природната боја на седата коса кај старите лица.

 

[Анонимен автор, Приказни од 1001 ноќ, XIV-XVI век од н.е.]

 

ОСТРОВОТ НА ТОПЛОМЕРИТЕ – се наоѓа некаде во Атлантскиот океан, а така се нарекува зашто законот на оваа земја им дозволува на двојките да спијат заедно само доколку половите органи на мажот и жената, измерени со специјални топломери, ја достигнале истата температура. Половите органи на мажите имаат необични облици – паралелопипеди, пирамиди, цилиндари – и точно одговараат со половите органи на жените. Кралицата на овој остров се избира меѓу оние жени кои се најбрзи во мерењето температура на сопствениот и на партнеровиот полов орган. Оваа вештина високо се цени на островот.

Жителите на овој остров се раѓаат со видлив знак на својата професија: па така, секој го работи она што треба. Оние кои се предодредени да се занимаваат со геометрија се раѓаат со прсти во облик на шестар; оние што ќе бидат астрономи се раѓаат со глава со облик на глобус; музичарите се раѓаат со уши со облик на дувачки рогови; хидротехничарските инженери се раѓаат со мадиња што личат на пумпи за вода, и тие се во состојба од раната младост да мочаат во долги млазови. Одредени жители кои се раѓаат со неколку од овие карактеристики истовремено, подоцна не ги бива за ништо, како по правило.

Посетителите ќе ги заинтересира еден чуден инструмент кој може да се најде само на овој остров – претходникот на клавирот кој наместо звук произведува бои, а го користат дамите за да најдат хармонични бои за своите фустани.

 

[Дени Дидро, Les Bijoux indiscrets, Париз, 1748]

 

ОСТРОВОТ НА ФИЛОЗОФИТЕ – еден од неколкуте високи острови во близина на Огнена Земја. Архитектурата на овој остров е исклучителна. Филозофите креваат огромни зданија (наречени „системи“), почнувајќи со ’рбетот на покривот, кој обично има крајно сложени конструкции. Меѓутоа, додека тие чекаат темелите да бидат положени, зградата обично се урива, убивајќи го архитектот.

Филозофите го поминуваат времето, занимавајќи се со чудни работи: мерејќи воздух, споредувајќи две капки вода и обидувајќи се одредат поими – то ест, обидувајќи се да заменат еден збор со неколку други кои имаат исто значење.

Овој остров секогаш е прекриен со снег, патиштата му се тешко проодни, и лесно е човек да залута.

 

[Отец Пјер Франсоа Гијо Дефонтен, Le Nouveau Gulliver, ou Voyage De Jean Gulliver, Fils Du Capitaine Gulliver. Traduit d’un Manuscript Anglois. Par Monsieur L.D.F., Париз, 1730]

 

ОСТРОВОТ НА ФИЛОЗОФИЈАТА – лежи во близина на брегот на Соединетите Држави, недалеку од Островот на Среќата. Неговата престолнина и седиште на најславната академија на светот е Риспа.

На овој остров не постои никаква влада, бидејќи таму луѓето не можат да се договорат кој систем е најмалку угнетувачки и истовремено најмногу просветлен. Не постои ни вероисповед, иако постојат неколку теолози. Религијата постепено е дискредитирана преку една кампања на подбивање, а авторите на различните подбивни дела добиле академски титули.

Од големо значење се школите во кои сопернички настроените филозофи се подучуваат на различни системи на мислење. Системите опфаќаат поголем дел од системите на познатата европска филозофија, како и бројни објаснувања за настанокот на космосот. Претставници на сите школи – Робине, Волтер, Дидро – можат да се видат овде, бидејќи конечно ја нашле земјата во која не мораат да губат време во разговори со прости и интелектуално слаби личности.

Кога планираат посета на Островот на Филозофијата, на патниците им се советува претходно добро да се запознаат со голем број филозофски доктрини, бидејќи ќе се најдат во непријатна ситуација во земја во која филозофската расправа е буквално единствената дејност, а разговорот се состои главно од цитати и контра-цитати.

 

[Отец Балтазар, L’Isle Des Philosophes Et Plusieurs Autres, Nouvellement découvertes & remarquables par leur rapports avec la France actuelle, Шартр, 1790]

 

ПАЛАТА НА ПРАВДАТА – голема зграда со неодреден облик, во еден неименуван град, во која луѓето се повикувани со ненаведени обвиненија. Секој оној што ќе влезе во Палатата на правдата од забрзани луѓе со чанти под пазувите добива упатства да оди сè подлабоко во оваа зграда. Неброените врати се врамени во нејзините ѕидови, украсени со бронзени плакети чиишто натписи ги избришало времето. Оние кои ќе стигнат до една од последните сали мораат да чекаат таму по неколку дена на една дрвена клупа. По неколку недели чекање, тие од досада ќе ги прашаат службениците кои работат во таа просторија дали можат да бидат од некаква помош. Оваа помош набрзо ќе стане работа со полно работно време и конечно, еден ден, еден судија ќе го унапреди стрпливиот помошник во секретар. Многу години подоцна, назначениот секретар ќе забележи дека службениците му се обраќаат со „Ваше височество“. И ќе бараат од него да потпишува документи. Меѓу тие документи ќе има и една пресуда за вина in absentia. Сега веќе сенилниот судија ќе изгледа како да се сеќава на името на обвинетиот, но – во неможноста да ја сопре востановената рутинска процедура – ќе го потпише своето име на тоа парче хартија.

 

[Марко Деневи, “¿El primer cuento de Kafka?”, во: Falsificaciones, Буенос Аирес, 1966]

imaginarni-wea00001

ПАРКОТ НА ЧУДОВИШТАТА – еден вид Дизниленд, подигнат на плажа во Александрија, Египет, а денес од него се останати само урнатини. Тој се состои од низа огромни статуи од морски чудовишта, премногу страшни за да ги опише човек, поставени вдолж брегот за да го штитат градот.

Кога Александар Македонски почнал да ја гради Александрија, една група морски чудовишта почнала да се појавува секоја ноќ од морето, целосно разорувајќи ги темелите на новиот град. Кралот наредил да се направи еден стаклен кафез, да се стави еден уметник во него и целата направа да се спушти во длабочината на морето каде уметникот би ги нацртал тие погубни чудовишта. Потоа кралот наредил да се подигнат џиновски статуи, засновани на цртежите на уметникот, и ги поставил свртени кон морето. Кога тие морски суштества одново се појавиле на плажата и ги здогледале своите двојници, замавнале со своите перки и исчезнале засекогаш.

Издигнувајќи се среде пријатна палмова шума, овие урнатини денес претставуваат безбедно игралиште за децата.

 

[Марија Сави-Лопес, Leggende del mare, Торино, 1920]

 

ПАЈАК – огромно место на кое живее еден пајак, голем колку човек. Посетителите што ќе се најдат овде го поминуваат остатокот од својот живот, набљудувајќи го со ужас.

 

[Фјодор Михаилович Достоевски, Зли дуси, Москва, 1871-72]

 

ПИРАЛИС – вулкански остров населен со мали крилести суштества кои се нарекуваат pyrallis или pyrotocones, а кои можат да се најдат и во леарниците за бакар на Крит. Тие имаат одредени сличности со змејовите што имаат крилја на инсекти, а се хранат со оган, единствениот елемент во кој можат да преживеат.

 

[Плиниј Постариот, Inventorum Natura, I век н.е.]

 

ПИРАНДРИЈА – остров во близина на Антарктикот, кој може да се види од огромна далечина благодарение на својата заслепувачка светлост. Пирандрија е земја на Огнените луѓе. Нивната кожа е од оган, и тие живеат сè додека имаат нешто со што би ги одржувале своите пламени. Кога не можат да најдат никакво гориво, тие се претвораат во искри, одлетуваат во воздух и се гледаат во многу земји како див оган, Ignis fatuus. Огнените луѓе се држат настрана од другите луѓе. Единствени други жители на Пирандрија се Саламандрите.

 

[Жан Жакобе де Фремон Дабланкур, Supplement de l’Histoire Veritable de Lucien, Париз, 1654]

 

ПЛАНИНАТА КУНЛУН – планина во Кина, земска престолнина на на Небесниот цар. Неа ја чува Лу Ву, суштество со тело на тигар, девет опаши, човечко лице и тигарски канџи.

Планината Кунлун е висока стотина илјади стапки и покрива над осумстотини квадратни стапки. На нејзиниот врв расте едно дрво, високо четирисетина стапки, кои едвај можат да го опфатат и петмина, држејќи се за рацете. Таму живее Кралицата мајка на Западот, чудовиште со опашка на леопард, со заби на тигар, со пискав глас, со темна коса и со зачудувачка дијадема.

 

[Анонимен автор, Книга за планините и морињата, IV век п.н.е.]

 

ПЛУТА – пловечки град во Атлантскиот океан (не треба да се меша со Корк во Република Ирска). Неговите жители по својата градба и по својот изглед личат на Европејци, со исклучок на стапалата кои им се од плута – оттаму доаѓа и нивното име, Стапала од плута. Тие не можат да потонат во вода и, благодарение на материјалот од кој се создадени нивните стапала, во состојба се да одат по морето подеднакво лесно како и по копно. Самиот град Плута е подигнат на едно огромно и пловечко парче цврста плута.

 

[Лукијан од Самосат, Вистинска историја, II век н.е.]

 

ПЛУТОНИЈА – огромно царство сместено длабоко во Земјината утроба. Влезот во него се наоѓа во Бофортското море во правец 81° северна географска широчина, од онаа страна на планинскиот венец Руски, во Фридтјоф Нансеновата земја. Плутонија е откриена на 17 јуни 1914 година од страна на една руска експедиција под команда на професорот Николај Инокентијевич Труканов, застапник на идејата за шуплива земја.

Таа експедиција, сакајќи да помине низ Нансеновата земја, ненадејно се нашла во навидум бескрајно длабока геолошка депресија на некои девет илјади метри под морското ниво. Продолжувајќи да се спушта, експедицијата влегла во подземен регион, сличен на сибирската тундра, осветлен со црвено сонце. Тие откриле дека всушност се наоѓаат длабоко во Земјата и дека тоа црвено сонце претставува ново небесно тело кое тие го нарекле Плутон, а самата земја – Плутонија.

Овие истражувачи откриле дека голем број праисториски суштества и понатаму ја населуваат Плутонија: мамути, џиновски мечки, разни видови диносауруси. Во центарот на Плутонија лежи т.н. Црна Пустина, огромно пространство од црно камење кое опкружува еден вулкан. На падините од тој вулкан расте праисториска прашума, населена со џиновски мравки кои градат мравјалници што потсетуваат на облакодери.

Остатокот од Плутонија е голем конгломерат од џунгли, мочуришта, реки и езера кои не се доволно истражени. Меѓутоа, оваа експедиција таму открила и едно племе човечки суштества, составено претежно од жени. Тие живеат во колиби прекриени со кожи, се движат голи, не знаат за оган и јадат живо месо. И мажите и жените одат во лов; мажите се слаби и се влечкаат на крајот, додека жените се крупни и силни, и го предводат ловот со продорни крици. Општоприфатено е мислењето дека децата таму имаат само една мајка и по неколку татковци. Телото на овие домородци е обраснато со меки влакна, и тие повеќе личат на човеколики мајмуни одошто на луѓе. Јазикот што го зборуваат составен е од едносложни и двосложни зборови, и нема деклинации, глаголи, прилози или предлози; сите зборови се проследени со движења на рацете. Можат да избројат до дваесет, користејќи ги прстите на нозете и на рацете.

 

[Владимир Обручев, Плутонија, Москва, 1924]

 

ПОЈАНГ – планина со која владее едно плашливо божество. За безбедно да се искачат на Појанг, посетителите мораат да му жртвуваат на ова божество добро сварено кучешко месо. Доколку се случи месото да е недоволно сварено, посетителот ќе биде казнет така што ќе мора сам да го изеде тоа месо, по што некоја невидлива рака ќе префрли тигарска кожа преку него и посетителот ќе се претвори во крволочен тигар-човекојадец. Фауната на Појанг е богата со такви ѕверови.

 

[Лиу Чинг-Шу, Градина на чудата, V век од н.е.]

 

ПОКАПАЉА – мало селце во Пиемонт, Италија, кое се наоѓа на врвот од еден рид чиишто страни се толку стрмни и карпести што неговите жители закачуваат вреќички под крилјата на своите кокошки за да не ги изгубат штотуку снесените јајца кои, инаку, би се стркалале долу во шумата.

 

[Итало Калвино (уредник), Fiabe italiane, Торино, 1956]

imaginarni-wea00002

ПОЛИАРКОПОЛИС – главен град на Кралството 90, во подземната земја Протокозмо. Ѕидините на овој град имаат деведесет и шест порти, а надвор од нив се наоѓаат 4.800 подземни населби кои владата на оваа земја им ги дава на сиромашните жители. Една широка и убава авенија го обиколува овој град, служејќи истовремено како кеј вдолж каналот кој има облик на совршен полигон со дваесет и четири агли, преку кој поминуваат камени мостови со еден свод. Од левата страна на оваа авенија има тротоари за шетање, а од десната, малку подолу, меѓу тротоарот и кејот, има пат за сите возила.

Секоја од деведесет и шесте улици кои ги разделуваат многубројните блокови на Полиаркополис имаат должина од отприлика илјада и двесте стапки и завршуваат во центарот на градот, претворајќи се во пат обрабен со дрвја.

 

[Џакомо Џироламо Казанова де Сангал, Jcosameron Ou Histoire D’Edouard, Et D’Elisabeth, Прага, 1788]

 

ПОЛИГЛОТ – остров во Црвено море, на кој живее една сезнајна раса луѓе познати како Полиглоти. Овие луѓе, кои ги зборуваат сите јазици на светот, толку ги збунуваат странците кои случајно ќе наидат на нив, што тоа го злоупотребуваат и ги фаќаат и ги јадат живи. (Спротивно на распространетото мислење, ова никогаш не се случува во Париз, Франција.)

Исто така на островот Полиглот, но и на спротивниот брег, живеат луѓе со височина од петнаесет стапки, со тело бело како мермер и уши како на лилјак. Ноќе тие ги користат своите уши наместо постела и прекривка. Штом овие луѓе ќе здогледаат некое друго човечко суштество, ги креваат своите уши и забрзано бегаат кон пустината во внатрешноста на островот.

 

[Анонимен автор, Liber monstrorum de diversis generibus, IX век од н.е.]

 

ПРАЗНИ ШАПКИ – град во кој владее една достоинствена кралица. Неговите единствени жители се празните шапки. Дебели стаорци, дебели мачки и дебели лилјаци понекогаш можат да бидат видени по улиците, но и тие не се сметаат за ништо друго освен празни шапки. Неколку патници кои го посетиле овој град го опишуваат како застрашувачко место, бидејќи човек таму брзо почнува да воочува дека не е ништо друго освен празна шапка. Кралицата на Празните шапки непрестајно си мрмори под носот: „Некаде нешто не е како што треба, нешто е гнило во државава“. Никој не знае што значат тие нејзини загадочни забелешки.

 

[Карл Сандберг, Приказни од Рутабаге, Њујорк, 1922]

 

ПУРПУРНИОТ ОСТРОВ – се наоѓа во Пацификот на 45° географска широчина. Населен е со Црвени Етиопјани, племе со непознато потекло, кои така се нарекуваат поради бојата на својата кожа.

Се чини дека островот е откриен од германски поморци, а потоа го презеле Французите. Па сепак, откривањето на овој остров, всушност, може да му се припише на лордот Гленарван, кој го нарекол Етиопски остров, но тоа име никогаш не е прифатено. Лордот Гленарван го поставил британското знаме на самиот врв од највисоката планина на овој остров, но домородците, кои не умееле да зборуваат ниеден друг јазик освен сопствениот, го симнале тоа знаме и го употребиле да си направат задници на панталоните, што ги разбеснело Британците. Склопен е еден трговски договор, но неговите добри резултати ги нарушила вулканската ерупција во која настрадал кралот на островот. После неговата смрт, високиот свештеник започнал општествена револуција. Политичката моќ паднала во рацете на една банда пирати, но за време на крвавата граѓанска војна тие се протерани, и Црвените Етиопјани станале свои господари. Сите обиди да се воспостави претходниот поредок завршиле со неуспех, и покрај напорите на странските сили.

 

[Михаил Булгаков, Пурпурен остров, Москва, 1928]

 

Избор и превод:  Ѓорѓи Крстевски

Извор:  Градац, списание за книжевност, уметност и култура, број 131-132-133, 1998 година

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Обелив или обелев? Обелил или обелел?
Како би кажале вие: обелив со текот на годините или обелев со...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *