Паркот Ла Вилет


Warning: Attempt to read property "post_excerpt" on null in /home/echqdumm/public_html/reper.net.mk/wp-content/themes/simplemag/formats/format-standard.php on line 28
Секое добро е добро, нема поголемо и помало добро.

костадин-героски

Рикер и Жижек се препираа во паркот. Жижек се искачуваше на една црвена куќичка, а Рикер седеше на клупа. Жижек патем запали цигара, а Рикер се молеше Жижек да падне од куќичката. Жижек беше источноевропски скитник, а Рикер беше ќелав холанѓанец.

– Ах, кога би можеле да ја деконструираме разликата меѓу нас! – извикуваа заедно.

Кога Рикер првпат ја посети малата земја на Жижек беше згрозен од сиромашните лица на луѓето. Кога Жижек пак,  за првпат отиде да работи во Aвстрија како машински инжењер,  го нарекоа „јужна ѕвезда“ и чинам вечно го исмеваа, се’ додека не реши да стане скитник. А црвената куќичка? Ги имаше дури 120. Паркот La Villette, што на француски значеше „гратче“, во тоа пост-пост-капиталистичко време, сеуште личеше на една недовршена деконструктивистичка рушевина во центарот на Париз : прекрасна смрт на уметноста.  А потоа и Рикер почна да се искачува по куќичката.

– Ах, кога би можеле да ја деконструираме разликата меѓу нас! –извикуваа заедно обесени на куќичката.

Рикер не веруваше во Бога, иако Жижек веќе долго време го убедуваше да го направи тоа. Кога еднаш Жижек му ја раскажа приказната за Сотоната, кој на работ од една карпа го искушувал Исуса да го поседува сиот материјален свет, Рикер само се засмеа. Но, и Исус се засмеал. Му рекол на Сотоната дека тој не може да го поседува она што господ-бог веќе одамна го создал. А, тој што создава, тој и поседува. Сепак, и покрај сите обиди на Жижек, Рикер остана материјалист.

– Ах, кога би можеле да ја деконструираме разликата меѓу нас! – повторно извикуваа заедно.

Ноќе ја деконструираа црвената куќичка. Кога ја составуваа назад, повторно не се сложија околу ништо. А потоа скришно ги размонтираа и останатите 119. Откако во една книга на деконструктивистот Жак Дерида прочитаа дека светот е еден голем текст кој се состои од противречности, решија деловите од куќите да ги испишат со букви и зборови. Но, наскоро дојде чуварот на паркот La Villette.

– Речениците ќе ги составуваме со врзани очи, па белким ќе личат една на друга – инсистираа додека ги носеше во притворот.

Во притвор им ги одврзаа очите, се сожалија и им дадоа мали црвени коцкички. Со нив, Рикер се обидуваше да ги конструира  првите храмови за атеисти за конечно да ги помири православието и атеизмот, а Жижек доби друга идеја : на ѕидовите како во некоја катакомба почна да ги исцртува приказните за Богомилите од неговата покојна источноевропска баба. За нив, за богомилите, Господ и Сотоната биле браќа и еднакво владееле со светот. Ах, противречности! Човекот бил создаден од Сотоната, за да му пркоси на Господа. Рикер не се сложуваше и велеше дека противречностите не може така лесно да се искомбинираат, ниту да се помират, а и сеуште во целост му сметаше идејата за Господ. На крајот, не преостана ништо друго освен да побегнат. Жижек од Рикер. Рикер од Жижек.

– Ах, кога само би можеле  да се сложиме како да избегаме! – кукаа и двајцата.

Рикер копаше тунел, а Жижек го уби стражарот и оттогаш доживеа ментално искривување на психата. Кога се сретнаа на влезот, решија да продолжат заедно. Ако можат. Жижек инсистираше да одат во неговата источноевропска земја, а Рикер негодуваше. На крајот, сепак, ги сменија пасошите со некои лажни и кинисаа во земјата на Жижек.

Во новата земја Рикер беше преправен како странски мисионер, а Жижек беше тоа што беше и насреде Европа – зборлест скитник. Не им требаше многу време за да откријат дека земјата на Жижек има повеќе манастири отколку фабрики, и на барање на холанѓанецот тие решија да одат во нивна обиколка. Се качија на првото брдо над градот, влегоа во првиот олтар и видоа една стара византиска фреска во која Богородица го оплакува својот син. Рикер го допре напукнатиот ѕид на местото за да ги дофати нејзините солзи и само за миг посака да верува во богот на Жижек.

– Таа сака да се соедини со својот син, простувајќи му. Вашиот мил Запад вели : деконструкција, но Истокот – тој е конструкција на сите нешта во Бог – тивко почна Жижек.

И би конструкција. Додека седеа во преубавата природа на земјата на Жижек, оти сите третосветски земји имаат повеќе  природа од градови, Жижек му објаснуваше како за еден Византиец сите нешта и се еднакви со Бога, а самиот Бог е конструкција, Едност :

– 1+1 =1 , пријателе. Едност.

– Тоа се глупости – велеше Рикер. Не можеш да едначиш нешта кои не се еднакви.

Понекогаш, уморни, заспиваа во утробата на природата, којашто е Бог, а наутро повторно одеа во црквата. Залудни беа обидите да се убеди еден холанѓанец оти Бог е во сите нешта, оти Бог не е личност, ниту господар, ами само нешто кое провејува низ сите нешта, па така, секое нешто е Бог, и секој камен е вечност, Едност – unus mundus, килим надвор од кој нема ништо, па затоа деконструктивизмот е само бескорисното цепење на тој килим и уживање во големата празнина. Рикер пак, сметаше дека секоја исцепена солза од лицето на Богородица е вредна, посебна и различна.

– Не само што сите нешта се еднакви, – продолжуваше Жижек – туку нивното едначење е нужност – инаку како таа би му простила на синот?

Едначењето меѓу Рикер и Жижек продолжи како отсекогаш да постоело, а наскоро Жижек го научи Рикера и за трите равенства во византиската филозофија :

  1. Секое добро е добро, нема поголемо и помало добро.
  2. Секое зло е зло, нема поголемо и помало зло.
  3. Простување – тоа е кога ги едначиме доброто и злото, за да може животот да тече понатаму. Простете си на себеси, Рикер.

Едначењата продолжуваа и кога се зборуваше за уметноста.

– Убавина и љубов се исто нешто. Убавина е љубов кон нешто.  Љубов и Бог се исто. Убаво ни е она во коешто се пронаоѓаме себеси.  А, ако се е едно и едно е се, тогаш можеме да се пронајдеме себе во сешто, и се’ е убаво, та грдо не постои. Убавото е грдо.

– Та, зарем бог е грд? И ако тој е во се, оти не можам да го видам, ниту да го допрам? – беше скептичен Рикер.

„Едначењето“ некогаш се чинеше само како една нивна взаемна и далечна желба. Ничеански настроениот Рикер не можеше да му прости на Жижека кој велеше дека воопшто, нивната средба е судбина, божја волја, и дека не можело да биде поинаку освен : овака.

– Јас дотука стигнав само со својата волја, не знам за тебе – се фалеше Холанѓанецот.

Ах, како човек истовремено да е Ничеанец и христијанин? Како ли не би можеле да бидат споени волјата  човечка и љубовта божја во едно? Зарем не е потребна волја за да љубиш? И обратно? Христијанството зборува за Едност, но, Ниче зборува за Единственост како примарна цел на човечкото битие: оти Единственост е Оригиналност – највисоката цел. Но, можеш ли да бидеш оригинален ако не си во склад со Господа?, си мислеше Жижек. И зар тоа не значи едно исто? Зар човек што ја исполнил својата волјата не ја исполнил и Божјата? И така, набрзо Рикер и Жижек сфатија дека и двете филозофии се само две страни од  една иста паричка и за момент беа мирни. Паричката ја ставија во една божиќна баница, а Рикер со тешко срце се согласи да слават на православниот датум.

Наскоро дојде Божиќ и сета оваа метафизика се покажа излишна. Жижек ја редеше елката, а Рикер скришно ја деконструираше кога тој не беше дома. Штом мина ова, и конечно ја оставија на мира, на ред дојдоа лампионите. Жижек ги редеше збиени еден до друг, чиниш сакаа да бидат еден голем златест лампион, Едност божја,  а Рикер скришно ги одвојуваше, а некои дури и ги откинуваше.

– Ах, кога би можеле да ја конструираме разликата меѓу нас! – кукаа под божиќното дрво.

А разликата, всушност, беше толку воочлива, што во нивниот мал стан, во екот на божиќната забава како во пештерата во која дошле тројцата мудреци за да го крстат Исуса, кога чашите шампањ се чукаа, Рикер не издржа и пред гостите занесен се качи на една од масите и почна да ги рецитира претсмртните стихови на Рилке, кои големиот поет им ги посветил токму на разликите – на противречностите кои постоеле во него самиот. На Рикер и Жижек.

Розо, о, пречиста противречност,
страста да си ничиј сон,
под клепки еден тон

Оттогаш Рикер и Жижек сметаа дека се едно битие- еден голем Рилке, кој бил неправедно поделен меѓу Истокот и Западот. Уште следното утро тргнаа на пат накај Холандија, оти глетката од божиќната противречност беше неподнослива. Ах, кога би можеле да се сложат барем за една обична глетка?

Во земјата на лалињата не постоеја идоли ниту богови, а луѓето беа преокупирани со своето општество – а не со својата вера. Тоа –  патот до станувањето граѓанин, од гол човек беше созревањето на штотуку вдомениот Жижек, кој повторно се вработи како машински инжењер, а Рикер за прв пат се гордееше со него.

– Жижек…како си го заработил прекарот Жижек? Зарем не е тоа според контроверзниот словенечки филозоф Славој Жижек? – го праша еднаш љубопитно, додека инжењерот си ја местеше вратоврската.

–  Жижек – оти како млад ги жижев луѓето со моите филозофии за Западот, кајшто и отидов. И ете ме. Инаку, се викам Јарослав Икономов.

А, какво беше созревањето на западниот човек? Рикер научи многу нешта во прашливите манастири, но пред се, научи за топлината, за едноста, за емоцијата : зарем не ги сокрива тие нешта секое западно воспитување? Со еден збор, западниот човек беше душевно нецелосен. Како санта мраз неговата душа се стопи пред нештата кои ги поттиснуваше. Еден млак пролетен ден, тој дури сфати дека во својот живот никогаш не  доживеал вистинска љубов, оти сиот живот му го посветил на самувањето. Но, самуваше и Жижек. Работејќи тој ја оживуваше својата осаменичка младост : беше прв меѓу пријателите кој отиде во странство да го одживее својот голем сон наречен Австрија, беше првиот кој сфати оти на Истокот, човекот никогаш нема да биде слободен, но, за жал, беше прв меѓу последните кои сфатија дека новата религија на Западот се вика Капитализам – и дека денес ропството е исто насекаде – и тоа се вика пари – се’ до моментот кога реши да стане европски скитник. А наредниот ден, мислејќи го токму сето ова, Жижек си ја потсече раката на една од машините во фабриката во која работеше. Крвта бликна, но никој од вработените не му помогна. Беа исплашени да не го изгубат работното место и се преправаа дека се’ е во ред. Капитализмот се чинеше беше нешто што не може да биде победено.

– Проклетство! – му рече истиот тој ден на Рикер. Тогаш, ајде да бидеме Дон Кихот и Санчо Панса. Барем во твојата земја постојат вистински ветерници со кои ќе се бориме.

И така коњаниците тргнаа кон север. Жижек јаваше коњ, а Рикер јаваше магаре. Негде блиску до морето капиталистичките ветерници бесно виореа и скришно им се потсмеваа низ жолтенилото на едно житно поле. Дон Кихот беше изненаден од ревноста на Санчо Панса кој во трк со еден меч поита кон нив, а после неколку денови полни со потни обиди, полудениот холанѓанец конечно му објасни и зошто: сиот свој живот тој го поминал работејќи како странски мисионер во земјите од третиот свет, особено во дупката наречена Источна Европа. Уште од младоста, тој сакал да побегне од своите ладнокрвни холандски родители, од тмурната магла на својот роден град, и привлечен од сонцето и топлината на Истокот избрал да биде она што и му преостанува на човека кога конечно е начисто со себеси – странец, мирољубив холандски амбасадор кој се восхитува од новите култури, од малите градови, од сиромашните улици, одвишок во секое искрено друштво, вечен патник без пријатели освен неговиот куфер на тркалца со кого патувал. И многу често, занесен во новите култури на овие третосветски сиромашни земји, Рикер не успеал доволно да ја запознае својата, та оваа средба со ветерниците крај морето била и негова прва средба, оти претходно тој нив ги видел само на слики-разгледници од сопствената татковина.

– Но, зарем може човек во целост да го спознае духот на својата земја и својот народ? – го тешеше Жижек. Целото наше спознание е делимично и не ни припаѓа. И што не’ обврзува тоа да го направиме, господин Рикер? Та секое тело сака да избега од својот природен контекст, секое тело трага по својот личен идентитет надвор од тој сопствен контекст. Вие сте херој.

На Рикер му олесни кога си замисли дека ветерниците ионака никогаш не му припаѓале, иако  удираше уште посилно со мечот. Но, напразно. Здружените сили на Рикер и Жижек работеа една против друга како во некоја хегелијанска дијалектика : теизмот го побиваше атеизмот, идеалното му пречеше на материјалното  и на крајот резултатот од двете беше нула.

1 – 1 = 0

Во нивната опсада на капиталистичките ветерници кои ги сметаа за олицетворение на злото на новиот век кое подеднакво ги заробило и Истокот и Западот, тие повторно размислуваа различно : за Дон Кихот, ветерниците можеа да бидат победени само со божјата сила, и тој силно веруваше дека Бог е на нивната страна : за Санчо Панса, ветерниците беа еден комплекс од детството и обични машини во ветрот. Инсистираше да влезат внатре и оттаму да го сопрат нивното вртење, и веруваше оти така ќе биде спречено ширењето на капитализмот во сиот останат свет. На тоа, Дон Кихот се наперчи и не учествуваше во сопирањето на ветерницата кое Санчо го направи заглавувајќи го својот меч во механизмот, иако му беше мило што барем во оваа животна битка ќе излезат како победници. Прославија внатре во ветерницата каде јадеа живо жито, но нигде не најдоа вода. На третиот ден, кога дојде викендот и тамошните фармери се враќаа од градот, набрзо ги забележаа двајцата онесвестени и дехидрирани. Еден од селаните се сожали на нив и ги нагости во својата куќа.

– Ах, кога би можеле да ги деконструираме сите ветерници! – кукаа и двајцата, a селанецот се чудеше.

Тагови од објавата
1
Напишано од
More from РЕПЕР
Естетика на сенката во делата на Фабрицио Корнели
Уметноста со сенки на италијанскиот уметник Фабрицио Корнели е резултат на внимателно...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *