УДОЛФОВИОТ ЗАМОК – се наоѓа длабоко во Апенините. Славен е по тоа што бил модел за голем број слични градби кои никнувале низ Европа во текот на деветнаесеттиот век. Овој замок е изграден од темносив камен на работ на една провалија, и е утврден со кули, ѕидини и канали. Целото здание е опкружено со густа шума, составена главно од зимзеленото дрво тиса.
Две тркалезни кули, поврзани со бедеми со пушкарници под кои се наоѓа подвижна решеткаста врата, го штитат пристапот до замокот. Од портата, два двора водат до готски трем од кој се отвора извонреден поглед кон долга низа сводови и столбови. Мермерни скали оттаму водат нагоре и откриваат богато украсен покрив. Еден прозорец во мозаикот се протега од подот до таванот, обложен со црно тисово дрво. Бројни тајни премини се протегаат зад дебелите ѕидови. Иако деловите на овој замок се во урнатини, вклучувајќи ја и капелата во близина на неговото источно крило, неговиот главен дел е погоден за живеење и од него се пружа панорамски поглед на околната шума, на стрмните гребени, на долините и на една бучна широка река.
Посетителите никако не смеат да пропуштат да видат една мала одаја во која зад црн свилен превез се крие восочна човечка фигура, изедена од црви. Таа служела како предмет на длабоко мисловно вникнување на еден од претходните маркизи од Удолф кој морал на неа да ги искажува своите навреди кон Црквата, а сегашното семејство ја чува под заканата дека во спротивно ќе изгуби дел од својот имот.
Неколку убиства и други насилни дела се одиграле под покривот на замоков, но наводно такви работи веќе не се случуваат.
[Ен Редклиф, Тајните на Удолф, Даблин, 1794]
УРСИНА И ВУЛПИНА – два острова во северен Атлантик. Урсина е познат по својот амфитеатар, каде што сите животни од зодијакот прикажуваат разни вештини пред многубројната публика. Вулпина (која се нарекува и Вила Франка, Лупанија или Рамалија – од холандскиот збор Ramykins) е познат по својата моќна флота. Во неговата престолнина се наоѓаат неколку споменици од огромна старост, од кои се истакнува необичното здание со облик на овен.
[Френк Керлес, Пловечкиот остров или новото откритие поврзано со чудесната авантура за време на последното патување од Ламбетана до Вила Франка, алијас Рамалија, источно од Тера дел Темпло, Лондон, 1673]
ФАКРЕДИНОВАТА ДОЛИНА – преубава долина со која владее емирот Факредин, и се наоѓа помеѓу Самара и разурнатата палата во Иштакар. Дното на оваа долина е обрабено со расцветани грмушки, и делумно обраснато со палми, во чијашто ладовина стои преубава палата крунисана со воздушни куполи. На секоја од деветте врати на оваа палата стои натписот: „Ова е засолниште за аџии, прибежиште за патници и складиште за тајни од сите страни на светот“.
Во нејзината внатрешност гостите се дочекуваат под огромен конкавен таван, осветлен од ламби од природен кристал. Тука шербетот се служи во садови од ист материјал, по што следат разни јадења, од ориз варен во бадемово млеко до супа од шафран. Тенок вел од свила со боја на каранфил ги затскрива вратите кои водат до овалните бањи од порфир и до харемот.
Оваа долина е место за средба на скитачките светци од сите страни на Средниот исток, па дури и од далечната Индија. Сакатите и луѓето што страдаат од сите можни болести исто така доаѓаат овде, сигурни дека емирот и неговите следбеници ќе им ги олеснат страдањата.
Опкружена од гола пустина, Факрединовата долина е како смарагд вграден во олово. Таа е, всушност, толку пријатна што дури се раскажува дека облаците на запад се куполите на Шаудкијан и Амберабад, живеалиштата на нежните периси, на благородните вили кои се како суштества кои ги упатуваат оние со чист ум во правец кон небесата.
[Вилијам Бекфорд, Ватек, Луцерн, 1787]
ФАНАТИЈА – остров кој му припаѓа на архипелагот Риаларо во југоисточниот Тихи океан, близу островот Спектралија. Населен е со чудаци кои, убедени дека одредена храна, пијалак, облека и движења негативно влијаат на здравјето, ја сосредоточуваат сета своја енергија на целосно прогонување на овие пороци, борејќи се околу своите ставови како скорпии во шише.
[Годфри Свивен, Риаларо, архипелагот на прогонетите, Њујорк и Лондон, 1901; Годфри Свивен, Лиманора, Остров на напредокот, Њујорк и Лондон, 1903]
ФЕРГУС – замокот на грофот Фергус се наоѓа на еден мал остров на реката Кем која го штити како природен канал. Со оглед на длабочината на водата нема потреба за високи одбранбени ѕидини или тешки утврдувања, а самиот замок е лесен и воздушест. Подвижниот мост преку каналот го штити двојна висечка решетка.
Замокот и областа околу него порано живееле под заканата на еден џин кој се викал Таулурд, кој во одреден степен бил глупаво и детинесто суштество. Земјиштето останувало необработено, Таулурд ги јадел коњите кои се користење за влечење на плуговите, а патниците го избегнувале замокот. За време на својот живот Таулурд стекнал богатство кое го сметал за исклучително, но неговата моќ за расудување била толку слаба што подеднакво собирал парчиња од земјени садови, како ми злато, сребро и скапоцени камења. Бил убиен од сер Мархалт, еден од витезите на Камелот, кого во замокот Фергус го довела некоја дама што ја сретнал во шумата Арој. Сер Мархалт бил до некаде несклон да го убие џинот, но не му останало многу избор кога Таулурд го нападнал него. Оттогаш веќе ниеден џин не живеел во овој крај, и замокот сега е безбеден и претставува интересно место за посета.
[Џон Штајнбек, Делата на кралот Артур и неговите благородни витези од винчестерските ракописи на Сер Томас Малори и други извори, 1976]
ФУТУРА – кралство за кое не се знае каде точно се наоѓа. На патниците им се советува да го посетат храмот на кралските ќерки, изграден на една висока карпа над морето. Патот до него е мошне долг, и напредувањето може да биде бавно. Кога ќе стигне до таа карпа, патникот мора да помине низ седум врати, од кои секоја е направена од друг метал, и одговараат со една од седумте планети. Осмата врата, направена од злато, е резервирана само за кралот, и таа не смее да се отвора. Оваа врата ја бранат змејови, распламтен оган, џинови, крилести змии, сирени и еден феникс.
Името на ова кралство доаѓа од интересирањето на неговите жители за проблемите на иднината. Нивните разгледувања по тоа прашање ги доведуваат до бескрајни расправии, и покрај нивната очигледна желба за мир.
[Мари Ан де Румије Робер, Les Ondins, Париз и Лондон, 1768]
ХЕРМАФРОДИТСКИОТ ОСТРОВ – скитачко парче земја кое обично се наоѓа во близина на лисабонското пристаниште, во Португалија. Неговите жители се полумажи, полужени и зборуваат латински. Хермафродитската република најверојатно ја основал сиро-феничанскиот бог на сонцето Елагабалус, или Хелиогабалус, а чудни претстави во негова чест се одигруваат и ден-денес во бројните палати на овој остров. Посетителот би можел да си помисли дека се наоѓа во земја на театри под отворено небо – низ целата година, во целата земја, како дел од своите верски обреди, Хермафродитите изведуваат сцени од класичните драми. Архитектурата е хеленистичка, а преубавите зданија од мермер, јаспис, порфир, злато и емајл го красат островот. Вдолж улиците има долги низи од столбови, од кои секој претставува тело на жена со глава на брадест маж. Во самиот центар на островот Хермафродитите му подигнале споменик на Хелиогабалус, во чиешто подножје стои книга изрезбарена во камен, а која ги содржи законите на оваа земја.
Мотото на Хермафродитската република е A tous accords (Одговарам на сите). Начелата на кои се засновани сите закони е дека убавината е од сеопшто значење, и дека сензуалноста е еднаква на светост. Еден закон вели: „Ние ги игнорираме целиот свет, искупувањето, оправданоста и осудата“, а друг: „Ние ги игнорираме Времето и Вечноста и не се обѕрнуваме на крајот на денот“.
Омилени автори на Хермафродитите се Овидиј, Катул, Тибул и Проперциј. Месецот мај се прославува секој месец.
[Томас Артус, Déscription de L’isle des Hermaphrodites nouvellement découverte, contenant les Moeurs, les Coutumes et les ordonnances des Habitants de cette isle, comme aussi le Discours de de Jacophile a Linne, avec quelques autres pieces curieuses. Pour server de Supplémentaau Journal de Henri II, Келн, 1724]
ХИПЕРБОРЕЈА – пријатен и плоден остров, веројатно северно од Шкотска. Високи карпи, со облик на женски тела, го порабуваат влезот во теснецот кој води во Хиперборејското море. На посетителите им се советува да не доаѓаат ноќе во Хипербореја, бидејќи тогаш овие карпи оживуваат и го уништуваат секој брод што ќе помине покрај нив.
Сонцето таму се раѓа само еднаш годишно, среде лето, и заоѓа само еднаш, среде зима. Мештаните сеат наутро, жнеат напладне, берат плодови од дрвјата во приквечерината и се повлекуваат во своите пештери кога ќе падне ноќта. Првите плодови се оставаат на олтарот посветен на Аполон.
Во Хипербореја луѓето не знаат за тага. Тие сами го бираат часот на својата смрт, која ја прославуваат гостејќи се и радувајќи се, по што си го одземаат животот, скокајќи во морето од една одредена карпа за тоа.
Небото над планините на Хипербореја е преполно со облаци од разновидни инсекти, посебно пеперутки, кои се произведуваат во необични работилници кои ги покриваат падините на тие планини. Четирите главни реки кои течат низ бујните пасишта на Хипербореја се преполни со риби, а нивните брегови врват од жаби, кои мештаните ги сметаат за мошне вкусни, посебно оние двоглавите, за кои се верува дека ги зголемуваат среќата и плодноста. Во шумите на Хипербореја, меѓу древните стебла кои имаат облици на чудовишта и луѓе, живеат стада еднорози и еднороги птици.
[Плиниј Постариот, Naturalis Historia, I век од н.е.; Плиниј постариот, Inventorum Natura, I век од н.е.]
ХРАМОТ ЧИАОХУ – западна Кина, каде што посетителите можат да ѝ се восхитуваат на една прекрасна перница од жад со мал отвор во себе. Доколку некој машки посетител посака да има добар брак, свештеникот ќе му каже да влезе во таа перница. Ползејќи низ отворот, тој ќе види црвени павилјони и величествени палати. Еден офицер од висок чин ќе му ја даде својата ќерка за жена, и таа ќе му роди шест деца, а сите негови синови ќе станат Царски Секретари. Тој посетител ќе остане таму дванаесет години, не помислувајќи на враќање. Еден ден, без никакво предупредување, како да се разбудил од сон, тој одново ќе се најде покрај таа перница. И потоа долго ќе жали.
[Непознат автор, Таи-Пинг географски записи, 981 година од н.е.]
ХСУАН – континент во Северно кинеско море. Покрива 7.200 квадратни милји, и може да се пофали со многубројни градови со кои владеат светци и вили. Златните растенија и лековитите треви од жад се вообичаени примероци на локалната флора.
Патниците можат да посакаат да знаат дека во третата година од периодот Ченг Хо (90 година п.н.е.), кога царот Ву Ти дошол во Хсуан, народот му дал на подарок четири унци темјан со големина на ластовичко јајце, темен како дудинка. Две години подоцна жителите на градот Шангај биле погодени од чума. Царот го изгорел сиот овој темјан, и сите оние кои биле мртви помалку од три месеци се вратиле во живот. Мирисот на темјан се ширел со недели, и за време на тој период никој не умрел.
Доколку некој посетител најде џбун од овој темјан, му се советува да биде внимателен, бидејќи враќањето на луѓето до мртвите (освен неколку древни случаи) досега најчесто доведувало до мошне немили трагедии.
[Тунг-Фанг Шуо, Приказни за десетте континенти, I век п.н.е.]
ЦАВАТИНИЈА – селце (некои го нарекуваат сиромашна четврт) во предградието на големиот град Бамбе во капиталистичка Европа. Тоа се состои од голем број трошни куќарки кои се нижат вдолж уредените патишта кои носат поучни имиња како што е „1+1=2“, или носат имиња на обични работници или невработени луѓе. На централниот плоштад, жителите на Цаватинија поставиле една статуа-калап кој оживува преку ноќ.
Посетителите се покануваат да присуствуваат, за цена од неколку лири, на спектаклот од зајдисонцето: од еден број дрвени седишта, поставени на западниот крај на Цаватинија, тие можат непречено да уживаат во глетката на сонцето што заоѓа.
Мештаните живеат од питачењето во Бамбе, и покрај непријателството на Мобиите, едни бесчувствителни суштества во бунди кои го населуваат овој град. Со Цаватинија владее еден младич кој се вика Тото, роден во зелка, кој за политичките прашања се советува со гулабот кој неговата мајка му го подарила на смртна постела.
[Чезаре Цаватини, Toto il Buono, 1943]
ЦРНСТАП – земја меѓу Пафлагонија и Крим Тартарија со која владее вилата Црнстап која го добила името по својот црн прат. Вилата Црнстап е позната по тоа што ги посетува сите значајни крштевања во светот, подарувајќи му на секое дете по еден прстен или роза. Оние кои ќе го примат прстенот ќе имаат среќен брак и ќе водат трезвен, стабилен живот. Тие кои ќе ја примат розата ќе израснат проголтани од пламена страст и ќе го завршат животот во безнадежна и огнена љубовна врска.
[М.А. Титмарс (Вилијам Мејкпис Текери), „Роза и прстен“, во: Божиќни книги, Лондон, 1857]
ЧАНА – остров во близина на брегот на Индија, во Индискиот океан, кој порано можел да се пофали со големо пристаниште, а сега е преплавен од морето. Се зборува дека кралот на Чана порано бил толку моќен што дури водел војна против Александар Македонски. Денес Чана вреди да се спомене поради огромниот распон на верски убедувања. Чанијците го обожаваат првото нешто што ќе во видат наутро, што доведува до голема збрка како последица на наглите менувања на религијата на островот, а бидејќи тие им подигаат идоли на предметите што ги обожуваат, секојдневно се појавуваат бројни нови идоли. Тие се полни со предрасуди. На пример, се смета дека е кобно да се здогледа зајак, свиња или гавран рано наутро. Соколот кој го фаќа својот плен пред многу луѓе е добар знак кој ретко може да се види.
Во Чана живеат голем број лавови и стаорци големи како кучиња кои ловат рамо до рамо со мастифите. Покојниците не се погребуваат, туку ги оставаат да им се распадне телото на големата жештина.
[Сер Џон Мандевил, Voyage de Sir John Maundeville, Париз, 1357]
ЧУДЕСНА РЕКА – притока на Нил која извира во ридовите на етиопската висорамнина. Патниците кои пловат по нејзините матни води на едно одредено место ќе наидат на пречка од џиновски ѕид на кој сè уште никој не успеал да се качи. Меѓутоа, пред да се стигне таму, патникот првин ќе мора да помине низ една безимена, но одушевувачка земја. Од удобноста на својот број ќе види лавови, тигри, змии и еднорози како заедно во слога пијат вода на речниот брег. Чудесно обоените домородци, кои фрлаат мрежи од своите мали рибарски чамци, можат да се видат како истоваруваат ѓумбир, рабарбар, сандалово дрво и цимет, додека нивните убави жени ги поставуваат на плажите своите ќупови од бела глина. Од необјасниви причини водата во овие ќупови на сонцето станува ладна, како да е изворска.
И покрај овие атракции, колку што е познато, таму сè уште не се истоварил некој патник.
[Сер Жан де Жонвил, Histoire de Saint Louis, Париз, 1809(?)]
ЏУНДАПУР – мала индиска држава со која владее еден раџа, на начин кој потсетува на владејачката власт на англиско село. Неговата палата е здание од осумнаесеттиот век, подигнато од вулкански камења во паладијански стил. Таа се издигнува во еден парк, но ѕидовите кои ја опкружуваат се трошни, и веќе не можат да ја спречат стоката да навлезе внатре. Зад палатата се наоѓа едно езеро со мал и шумовит остров на средината. На тој остров стои еден шестоаголен кафез со бакарна купола во облик на главица кромид и со ѕидови составени од железни решетки. Во тој кафез се сместени растенијата кои првобитно се донесени од Нова Гвинеја, како и полнети рајски птици, наместени да изгледаат како да летаат меѓу нив, а кои се собрани од страна на дедото на последниот махараџа.
Според легендата, порано ќерката на тој махараџа се заљубила во еден чамџија, не знаејќи дека тој, всушност, бил богот Кришна. Една ноќ таа побегнала и отрчала до брегот, фрлајќи му се в прегратки. Нејзиниот брат ја изненадил и ја повикал назад, но се слушнал само викот на чапја, бидејќи целото езеро било под магиите на Кришна. Откако го здогледал својот неканет гостин, Кришна го открил вистинскиот идентитет, по што братот изгубил свест, а неговата сестра умрела од страв. Според друга легенда, братот и сестрата се претвориле во чапји, чиишто крици сè уште можат да се слушнат кога месечината ќе се крене на небото после полноќ.
Самиот град Џуданпур е неугледен и се состои од многу тесни улички и отворени пазари.
[Пол Скот, Рајски птици, Лондон, 1962]
ШУМА МЕЃУ СВЕТОВИ – тивко, сонливо место на кое не се слуша никаков звук и на кое нема никакво движење, и на кое нема ни птици ни животни. Сè што може да се слушне е звукот на дрвјата што растат. Оваа шума е толку густа што сè во неа изгледа како да се капе во топла зелена светлина, небаре секогаш е утро.
На секои неколку јарди меѓу дрвјата има езерца низ кои се влегува во безбројни други светови. Водата во овие езерца има чудна особина да не ја намокрува кожата на оние што ќе се нурнат или ќе испливаат од неа. Овие езерца мораат да се разликуваат од обичните бари во шумата кои содржат обична вода.
Патниците можат да влезат во оваа шума, користејќи одредени волшебни прстени, направени од земјена прашина која потекнува од самата шума. Жолтите прстени, или „прстените кои враќаат дома“, ќе ги доведат патниците во оваа шума, а зелените или „прстените кои одведуваат од шумата“ ќе ги одведат во други светови. Овие прстени мораат да бидат во непосреден контакт со кожата на патникот – ако тој носи ракавици, тие нема да дејствуваат. Оние кои поседуваат еден ваков прстен мораат да водат сметка за тоа да не допрат никој друг додека го носат, бидејќи во тој случај ќе дејствуваат како магнет и ќе го повлечат другиот со себе во световите од онаа страна.
Мошне тешко е да се разликуваат езерцата и голема е веројатноста да се стигне во погрешен свет. Затоа им се советува на патниците да бидат крајно внимателни. За да се врати во оваа шума, патникот мора да го стави жолтиот прстен на раката и одново за нурне во соодветното езерце.
Патниците кои веќе ја посетиле Шумата меѓу светови велат дека во неа е мошне живо, и покрај сеприсутната тишина, и дека таа е „богата како штрудла со сливи“. Исто така велат дека откако ќе стигнеле во шумата, никако не можеле да се сетат како дошле таму, и дека се чувствувале како веќе да биле таму и како нивниот претходен живот да бил само сон кој сè повеќе избледнувал. Се чини Данте Габриел Розети ја посетил оваа шума и потоа напишал една кратка песна за неа.
[Данте Габриел Розети, „Ненадејна светлина“, во: Песни, Лондон, 1870; К.С. Луис, Внукот на волшебникот, Лондон, 1955]
(крај)
Избор и превод: Ѓорѓи Крстевски
Извор: Градац, списание за книжевност, уметност и култура, број 131-132-133, 1998 година