„Армада“ е роман на бразилскиот автор Жоао Жилберто Нол, кој нема да ве остави рамнодушни. Романот иако е бразилски (Армада изгледа е синоним за Бразил) од него нема да научите нешто за државата, туку за кризата и падот на современиот човек, и романот припаѓа на оние романи кои имаат тенденција да бидат запишувачи на денешниот човек и време, …
Армада е приказна за лик, кој веќе ја имал напуштено работата непосредно пред да почне раскажувањето на романот, и за кого авторот вели дека бара смиреност и светлина, низ мрачните доживувања, кои ја сочинуваат содржината на овој роман. (Раскажан е во прво лице.) Така поранешниот актер поминува низ низа од необични искуства, доживувајќи го притоа и најголемиот пад, како бездомник во прифатилиште за бездомници.
Тој пред тоа, доживува необични настани и состојби па книгата е полна со хаотични , нејасни, лунатични настани, сеќавања во временска збрка, халуцинации, што понекогаш ја прави збркана како и самиот живот на главниот лик. Главниот лик довикува сеќавања и настани без некоја причина, како самите по себе да се доволни да бидат присетени или доживеани, изнесени од темнината на хаотичното живеење и осветлени од сеќавањето. Книгата е полна и со палета на необични ликови од маргините на живеењето : – детето, куциот, актерите, чуварот на петли за борби и др… како да сакаат да го потврди тоа дека необичниот, необични привлекува.
Впечатливи се пластичните описи на сексуалните искуства, сочни, – талкајќи во еден хотел налетува на две руски шетачки актерки, со кои има сексуални односи, прво поединечно, па со двете, на крај и со уште еден маж, и сите четворица прават рингишпил, како што вели Аманда еден женски лик, со импресивен газ. Има и други необични сексуални искуства или необично доживувања на таквите, впрочем како и претсвата што ја играа актерките. Видливо е славењето на сопственио пол, како да на човекот кој се спуштил толку ниско, не му преостанува друго освен славењето на телесноста, или на машкоста.
Сепак едно време се обидува нешто да работи откако остана без ништо и избега од хотелот во кој што престојуваше без да плати, се вработува за кратко време и се жени со внуката на газдата, кој им помага да го средат животот. Се жени ноншалантно како што живеел, ја видел жената, помислил дека е малку запуштена , но исто така сфатил дека е таа жена, а тој маж, и така стапија во брак( на ист начин како што кон крајот на книгата исто ќе виде женски газ и нејзино одење пред него од кое ќе му се дигне и ќе ја стигне и ќе ја ебе, без збор. Беше исто толку црна колку мене вели кога ја здогледа како оди пред него – како да бојата го повика). Но во краткиот брак додека се обидуваат безуспешно да направат дете, ( анализите кажаа дека е неплоден), газдата умира, значи наместо нов живот, имаме смрт – кои вообичаено за ова книга се преплетуваат, како и други крајности. Жена му уште на денот на погребот на газдата почнала отворено да се пушта на млад дечко кој помагал во носењето на ковчегот, и тој повторно е сам, како ништо да му недостига, како што вели.
Останува сам, се гледа во огледалото „ јас бев човекот во огледалото, бев речиси друг, некој што се уште немав време да го запознаам„ -, зборови кои ја отсликуваат потребата да се осознае низ различни искуства, или да се сфати во целосната своја природа. Таквата потреба се огледува и во следните зборови „ колку работи има што не ги знам, вели и тоа близу„ . – Учење на универзалното преку истражување на локалното, нема илузии дека некаде на друго место е знаењето. Целото знаење е преку осознавањето на себеси, низ прекршувањето во „барите„ , и вировите на непосредната околина, во кои често го гледаме главниот лик, овалан целиот во кал.
Сепак кулминацијата на оваа книга е во вознемирувачките описи на бедата и валканоста на светот, на болестите ,и на бездомниците. Застанувањето на редот за чорба за сиромашни, прикажувањето на умирањето како испарување во засолништето за бездомници и др, се слики кои не прогонуваат и нас во денешното секојдневие, посебно во Скопје.
Главниот лик завршува во засолниште и како поранешен актер секој ден на бездомниците им раскажува приказни, кои не ги подготвува туку ги раѓа во мигот, од животни искуства, импровизации, од сооматски повторувања ноќе, приказните кои им ги раскажува на бездомниците во засолништето како да ги исфрла неговиот организам, се дури на крајот не се изнемошти. – Мора да се признае дека тоа е највисок чин на творештво, за разлика од напорот да се мисли со глава. Тоа сведочи дека може да се биде поголем уметник и кога не си „уметник„ признат, и кога си бездомник – оди до таму што раскажува приказна за сопственото зачнување од родителите, книга на настанокот, од пред наталната темнина.
Спектаклите кои ги приредува во засолништето сведочат за неговата доследност на себеси, да се биде актер, на овој свет и во животот. Тој исто вели дека кога гледа некој бездомник не го сожалува туку вели дека жртвата сама избира да се жртвува, па едвај се воздржува од восклик од радост.
Тој изгледа и на крај се придржува до ова теорија, кога веќе не е бездомник пцуе скитник кој од него бара милостина, но и почнува да го засмејува, просјакот се смее, со сета сила, – како да и покрај гладот, ни една паричка не вреди толку , сите пари на светот не вредат толку- сигурно никој не го направил тоа за него , а и кој би насмеал просјак, и пред просјак би изигрувал кловн. Авторот иако не проповеда човечност – сепак тоа е најголемата човечност, соголеноста како човечност на дело.
Во засолништето стигнува девојче Крис(тина)на 14 години, кое му ја раскажува сопствената приказната како заврши таму, откако мајка и која беше шетачка актерка исчезна, мајка и се викаше Аманда, (- пред 14 години главниот лик во хотел имал односи со две руски шетачки актерки(, прво поединечно, после со двете, па и со уште еден маж правеа круг или ринги шпил како што рече радосно Аманда, со импресивниот задник.) Еден ден после сексуален однос главниот лик го крена од креветот бебето на Аманда кое плачеше, бебето се обиде да цица од голите брадавиците на главниот лик, а Аманда се смееше, оставија, оставија, дали ќе цица, се вика Крис, Кристина, ти се допаѓа, праша Аманда. Денес истото девојче беше во засолништето, дојде истоштена, а почна да се созема, во прекрасна жена, од која тој отако избегаа од прифатлиштето , успеа од неа да направи успешна актерка, и успешни претстави кои тој ги режираше. Се однесуваа како татко и син, Крис по извеснои време, како татко и ќе го претстави пред нејзиното момче.
Успешноста на преставите направи сега да има и пари, иако му беше полесно кога ги немаше, вели.
Армада е книга која сигурно ќе ве потресе и вознемири, патешествието на главниот лик , можеби не личи на „ патот што мора душата да го помине до нејзината крајна станица, за да се прочисти„ ,туку, можеби повеќе потсетува на Блејковиот “пат на лудоста кој води до палатата на мудроста“. Но дали главниот лик на крај стана помудар за да не се навраќа на таквиот живот, не знам, ама тој и самиот во еден момент вели дека ќе мора да научи да се вклучи во околниот свет..
Пс.
Една од причините за таквиот пад на главниот лик е неговиот однос кон вечноста . Во обични гестови, и мигови гледа вечност и универзални и космички вистини: „ Крис е клекната – а тој тоа го толкува, клекнувањето како навреда од незавршените векови, неа како вдовица на човештвото. И чуствува омраза кон вечноста, и тага од трајноста“ . Ова склоност во мигот да се гледа вечноста го прави поподнослив падот а зошто да не и го предизвикува, го допушта затоа што друга станува целта на живеењето а не снаоѓањето во мигот.